ИМИЊА НА ГРАЃАНИ НА ГРАДСКАТА НАСЕЛБА КАЈ СЕЛОТО ОРЕОВЕЦ, ПРИЛЕПСКО, КОЈА ЕГЗИСТИРАЛА ПРЕД ОКОЛУ 2000 ГОДИНИ

Околината на селото Ореовец е големо наоѓалиште на археолошки локалитети со остатоци на материјална култура од различни периоди, особено од римскиот период. Од овој период потекнуваат нагласен број епиграфски споменици (споменици со натпис), кои говорат за присуство на значајна населба во близина. Познати се, дури, 6 епиграфски споменици од антиката со натпис по потекло од Ореовец.1 Повеќето од нив се наоѓаат по музеите во Скопје освен една мермерна стела со натпис, која до пред околу дваесетипет години се наоѓаше непосредно над селото поставена во хоризонтална положба на неколку помали камени блокови. Се работи, главно, за надгробни споменици и неколку мермерни ари на кои се среќаваат натписи со имиња на жители на населба, која се наоѓала во близина на денешното село Ореовец.

Локалитетот „Трла“ со врвот „Ќаве“
Локалитетот „Трла“ со врвот „Ќаве“

            Во атарот на селото се регистрирани неколку локалитетит со остатоци од населби, а опстојувале и две утврдувања на ридот од северната страна на селото. На овој рид во географската карта се среќаваат два локалитети – врвови со име „Градиште“, кои на своите платоа располагаат со остатоци од старо утврдување. Понискиот врв е познат како „Манастириште“, кој на својата горна површина располага со убаво оформено плато, кое било обѕидано со правоаголен ѕид.2 Меѓу локалното население живее предание дека на тоа место имало манастир, според некои, со црква „Св. Петка“.

Тврдина „Манастириште“ – ѕид од јужната страна

            Повисокиот врв од овој рид се вика „Ќаве“, висок 1202 m над морето, со стрмен и остар раб од страната на селото, односно на јужната страна, а од северната располага со неколку долги тераси кои биле утврдени со ѕид од камен. Од источната страна, врвот има поблага падина и на таа страна се среќаваат остатоци од темелите од утврдувањето, додека од јужната пристапот е природно невозможен поради високи и стрмни карпи. На овој локалитет се констатирани остатоци од римскиот период и доцната антика, меѓу кои и неколку монети од 3-4 век на нашата ера.

„Ќаве“ – остатоци од ѕидот на тврдината

            Од југоисточната страна на споменатиот рид, во широката долина, која благо паѓа кон Ореовечка Река се среќаваат разновидни културни остатоци, меѓу кои, остатоци од темели од градби, грамади од градежен камен, тегули, имбрекси, фрагменти од керамички садови, питоси, метални предмети, монети, предмети од украсен карактер, рачни мелници, тегови од керамика, како и елементи од архитектура, меѓу кои и мермерна пластика, како и разновидни споменици од мермер. Тоа е локалитетот познат како „Леково“, на кој се наоѓа стрелиште изградено пред повеќе од половина век. Поширокиот локалитет е познат како Роман кој, според предание, бил град во римскиот период. Во негови рамки се наоѓаат и неколку помали локалитети со интересни топоними, како „Лекујна Вода“, „Сретсело“, „Трла“, „Бањиште“, „Лозја“,3 „Црквиште – Бачкова Нива“4 и други, кои располагаат со интересни наоди од материјална култура. Токму големиот простор, кој располага со културни остатоци од римскиот период, упатува на остатоци од поголема населба на овој простор во тој период. Се разбира, и спомениците со натпис, кои ги споменавме погоре потекнуваат од овој простор. Во поширокиот простор на „Роман“, на крајниот југозападен дел се наоѓа и локлитетот „Пештерица“, кој располага со остатоци од населба од неолитот, но и со остатоци од поновите периоди. Оттаму потекнува и една надгробна плоча со натпис од мермер, како и други споменици од мермер од римскиот период – делови од мермерна пластика, остатоци од антички градба, како и каптажа од водовод.5

„Леково“ со врвот „Ќаве“
„Леково“ со врвот „Ќаве“

МАРКО ЦЕПЕНКОВ ЗА ЛОКАЛИТЕТОТ РОМАН

            Дека на просторот на „Роман“ постоела значајна населба – град укажува и познатиот собирач на народни умотворби, Марко Цепенко, кој има потекло од селото Ореовец. Имено, тој пишува за неколку случајни наоди од страна на жители на Ореовец уште од негово време. Меѓу другото, тој запишал: „Во тоа место има нивје, села; во тие нивје се нашле многу маази, се от ќавѓир, со сводои од големи тули; од тие тули што и корнат селаните, си имаат праени фурните што си печат леб; во копањето тие тули, мнозина нашле антики: бакарни и стребрени, ама не една и две, ами едночудо; нашле и од злато антики. За тој град се прикажуа оти је запустен од чумата. За тој град водата била што се вика лекоита вода. Таа лекоита вода извира и кај што извира и што извира тамо малце потамо па загинуа.6

            Марко Цепенко споменува и тоа дека на многу места во Роман, кој се викал и Римљан, имало „црквишта израсипани, само темелишта. Една се вика Св. Недела, друга Неделиште ….,има и една црква што ја викаат руско црквиште.“ Исто така, тој тврди дека „лекоитата вода што течи и гини, таа вода извира долу и од тој извор мелат прилепските воденици“, како и тоа дека „во Роман се нашле и антики од злато: на едната страна овчар со стапо в рака и од другата страна со една маторица и со дваесет прасци.7

Лекујна Вода

            Цепенков запишал и други настани поврзани со наоди на споменици или богатство од страна на жители на Ореовец, а таквите наоди упатуваат на богатството на населбата, односно, градот од римскиот период. Еден интересен настан опишува со Глигор Тасев од селото, кој при копачење пењушки „пред десетина години и наишол под корењето на дрвото два ќупа и до ќупоите два клопотарци и еден срмен колан за опашуање. Нашол и едно куче од мермеро плетварски.8 Потоа следи и наод на богатство, исто така од жител на селото: „Над местото Лекоо има една круша горница (местото се вика Горниче). Од таа круша имаше еден корен спружен на пато кај што врвеле магарињата со дрва. Идејќи од дрва еден оровчанец со магарињата и бидејќи му биле слаби магарињата, му се сопинале магарињата од тој корен и се налутил еднаш, та го искорнал со казмата и наместо корен тоа било стребро, колку два-триесе ока и од тој себеп сиромаио беше се обогатил.9

АРХЕОЛОШКИ СОЗНАНИЈА И СПОМЕНИЦИ ОД МЕРМЕР СО НАГЛАСЕНА ЕСТЕТИКА

            Интересно е што се забележува дека Цепенко за овие случувања пишува како современик, односно, како човек, кој лично ги знае местата и настаните поврзани со локалитетот „Роман“, а интересни се и неговите описи на конкретни предмети, кои биле пронајдени на тие места. На ова ќе ги додадеме и досегашните скромни археолошки сознанија кои, исто така, споменуваат интересни наоди на споменици од овој голем локалитет, кој денес во голема мерка е раскопан со разновидни дејности и интервенции и многу од остатоците се уништени. Така, во Археолошката карта на Република Македонија се споменува едно депо од римски монети, кое било пронајдено на локалитетот „Леково“10, потоа некропола и надгробна стела од мермер со претстава на воин од локалитетот „Лозја“,11делови од архитектонски елементи (бази, столбови и архи­травни греди од мермер)“, како „и еден јонски капител со волути“ на локалитетот „Ореовечка Река“.12 На овие наоди, само ќе додадеме уште неколку интересни споменици со потекло од Ореовец, кои упатуваат на повиско културно ниво на анселбата, која егзистирала тука. Во Археолошкиот музеј на Македонија се наоѓа и еден детски саркофаг без капак, кој е разделен на два дела со преграда. Една од неговите подолги страни е украсена со интересен релјеф. на неа се претставени три сада, а еден од нив, кој претставува амфора, повторно е украсен со релјеф – лисја и грозје.13

Мермерен елемент од градба - локалитет „Трла“ 2
Мермерен елемент од градба – локалитет „Трла“ 2

            Од Ореовец потекнува и една интересна претстава, „Наречници“, која во римскиот период ги нарекувале Парки.14 Всушност, тоа се наречниците, кои на овој простор, односно, Медитеранот, се познати како Мојри – Клота, Лахеса и Атропа,15 а Римјаните, кои имале, само една наречничка, Парка,16 примерот со три наречнички го зеле од митологијата на Балканот, откако ја освоиле Македонија, што значи дека Римјаните биле подложни на културата на која наишле. Во тој контекст, интересно е тоа дека во Македонија верувањето во трите наречници опстанало, речиси, до денес. Од Ореовец потекнува и еден споменик со претстава на богот на здравјето, односно, на медицината и лекувањето, Асклепиј со суровица околу која се извива змија.17 Присуството на Асклепиј на овие простори е, исклучително, често во разновидни споменици, а името, како Есклепиј и Асклепиодор, исто така. Ова, особено, важи за прилепскиот крај, каде споменици со овој антички бог и со лични имиња изведени од неговото име се среќаваат на разни места. Големото присуство на разновидни споменици од римскиот период во Ореовец, односно, на археолошките локалитети од неговиот атар, секако, се потврда за присуството на значајна населба од тоа време на некој од споменатите локалитети. Всушност, според нас, тоа е локалитетот, „Роман“, во кој се лоцирани неколку помали локалитети, кои се само дел од значајната населба за која станува збор. Имајќи ги предвид топонимите, како „Леково“, „Лекујна Вода“, „Бањиште“, може да се претпостави дека оваа стара населба била прочуена како место во кое може да се подобри здравјето на луѓето, односно, место во кое може да се најде лек за болестите. Присуството на богот на медицината, Асклепијад, упатува на постоење на своевидно лекувалиште за примена на медицинско знаење во споменатата населба.

Семејство од старата населба кај селото Ореовец

            На една плоча од мермер, која е зачувана само во горниот дел, среќаваме убаво изработени портрети на шестчлено семејство од населбата кај Ореовец. Споменикот е датиран II-III век на нашата ера, а на него среќаваме 6 убаво изработени ликови на македонско семејство од римскиот период.18 Веројатно е дека во долниот дел на плочата, кој е откршен и го немаме на увид, имало и натпис со имињата на портретираните ликови. Највисокиот дел на споменикот има фронтон во кого е изработен небесен симбол во средината, а под фронтонот, во плитка ниша се изработени ликовите во два реда во форма на биста. Првиот ред содржи четири ликови на постари членови на семејството, веројатно, две генерации, а во вториот ред се портретите на две деца, односно, трета генерација. Според претставените ликови, фризурите и општиот изглед, веројатно е дека на споменикот се претставени автентични ликови на извесно семејство од населбата, односно, градот кој егзистирал кај селото Ореовец, Прилепско. Уметникот успеал да пренесе ликови со различен израз на соодветните ликови, како од физички, така и од психолошки аспект, пренесувајќи го и нивниот стил на облекување, уредување на косата и сл. Може да се каже дека на сликата гледаме семејство со добро уредена надворешност, кое упатува на високо културно ниво и повисок статус во заедницата. Споменикот заслужува посеопфатна анализа, како и културен, антрополошки и уметнички аспект, така и од аспект на вештината на изработка на споменици во мермер од тоа време. Со оглед на фактот што населбата се наоѓала во опкружување од изобилство од наслаги од мермер и традицијата на експлоатација на оваа минерална суровина во тој простор, можеме да бидеме сигурни дека таа располагала со повеќе работилници за обработка на мермер и изработка на вакви и слични споменици, во кои работеле вешти мајстори од овој занает, па и вистински уметници.

Наречничките од Ореовец

РАЃАНИ НА ГРАДОТ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „РОМАН“

            Дека се работи за значајна населба од римскиот период на локалитетот „Роман“ упатуваат и шесте споменици со натпис, кои потекнуваат од Ореовец и на кои се споменуваат повеќе имиња на граѓани кои, веројатно, биле жители на градот од Роман. На нив ќе додадеме и еден споменик со натпис од локалитетот „Пештерица“, кој се наоѓа на југозападната периферија на „Роман“, во непосредна близина на локалитетот „Леково“.

Споменикот на Местриј
  1. …. τη έαντού συμβίω Μεστριώ Μεστριανω τω υίώ έρωσι . και έαντω ζώσ . Μάρκος Μέστριος Ίουλιανός έποίει19

… овој споменик е посветен на Местриј Местријан, кој живееше како херој. Постави Марко Местриј Јулијан (Преводот е сосема слободен и, секако, не е прецизен)

            На еден од спомениците од Ореовец, кој е пронајден на локалитетот „Бачкоска Нива“, го среќаваме името Местриј Местријан, како и Марко Местриј Јулијан, кој, веројатно е синот, кој му подигнал споменик на својот татко. Додека таткото, Местриј Местријан, носи име со старо потекло од својата татковина, неговиот син, веројатно, поради потребата да се вклопи во системот на римската администрација и да може да ги користи привилегиите, кои одат со тоа, примил латинско име, Марко Јулијан, но го зачувал и татковото име, Местриј. Според научните сознанија, Местриј, како име, има потекло од овие простори, односно, се смета дека е Бригиско име.20 Овде нема да се впуштаме во посебно објаснување, но ќе напомнеме дека Бригијците и Македонците биле блиски по јазик, култура и културни белези, односно, дека Бригијците се сметале за македонско племе.21

                Споменикот, кој е датиран во II век наша ера, претставува добро обработен мермерен блок со правилни правоаголни форми, а натписот е врежан во убаво оформена троделна рамка на една од вертикалните страни.22 

Споменикот на Диоскурид
  1. Ίουλιανός Διοσκουρίδων τόν πατέρα Διοσκουρίδην κέ αύτόν ζώτα κέ τήν μητέρα Ίολίαν περιούσαν ανέτεκεν μνήμης χάριν23

            На Јулијан Диоскуридон(в), таткото Диоскурид за време на животот и мајка му Јулија, му подигнаа споменик за вечен спомен

            Споменикот под број 2, содржи сличен пример, со имиња од домашно потекло и имиња прифатени поради потребата за вклопување во римскиот систем. На него среќаваме латинско име Јулијан, но и име од домашно потекло, Диоскурид, како и презиме, Дисокуридов, а притоа Јлијан Дисокуридов е синот, додека Диоскурид е таткото. Латинско име, Јулија, носи и мајката. Името Диоскурид е со божествено потекло, кое е изведено од познатите антички божества – близнаци, синови на врховниот бог, Ѕевс и спартанската кралица леда, браќа на познатата од Хомер, Елена Спартанска, Диоскурите Кастор и Полидевк,24 а кое го среќаваме на многу места во Прилепско, како и, пошироко, во Македонија. Двата споменика со натписи упатуваат на желбата и намерата на жителите на споменатата населба кај селото Ореовец да ја сочуваат старата традиција на именување, односно, да го зачуваат споменот на своето потекло. 

            Споменикот е датиран во II – III век и претставува стела изработена од мермер, скршена на два дела, со три човечки фигури – лево и десно мажи, а во средината жена, во горниот дел и натпис во троделна рамка во средниот дел.25

Украдениот споменик на Еуфросина
  1. Εύφρόσυνος – – – κέ Νίκην τούς γονείς κέ Λυσίμάχην τήν σύμβιων κέ Ναναν έτηκέ μνήμης χάριν26

            Еуфросинa – – – на Нике родителите и Лисимах заедно со Нана за вечно сеќавање

            Следниот споменик со натпис потекнува од локалитетот, „Далов Гроб“, кој е поврзан и со предание. За жал, тоа е споменикот, кој беше украден пред неполни три децнии.27 На него среќаваме неколку интересни имиња од домашно потекло. Натписот започнува со името Еуфросина, кое има старо домашно потекло, односно, име со потекло од Медитеранот, често употребувано кај Македонците и може да се преведе како Радосна. По него следи името Нике, кое има божествено потекло, односно, тоа е име и на божицата на победата, Нике или Ника. Потоа го среќаваме името Лисимах, кое е многу често име на просторот во Македонија, а така се вика и еден од блиските другари и команданти на Александар Македонски, кој по смртта на Александар станал крал на Тракија и во Мала Азија.28

Стелата од „Далов Гроб“
Стелата од „Далов Гроб“

            На натписот е врежано уште едно старо име од домашно потекло, Нана, кое се поврзува со традицијата на поставување лични имиња кај Бригијците.29

            Споменикот од „Далов Гроб“ претставува стела од мермер висока 1,45 m, широка 0,57 и дебела 0,15 m и беше ставен над мало ѕитче од неколку блока на периферијата на селото, од источната страна, веднаш крај самиот пат, кој води кон црквата и гробиштата. Највисокиот дел на стелата – фронтонот содржи соларен знак со два релјефни правилни форми на кругови и топчеста форма на јадро во центарот.

            Во две засебно издлабени ниши, среќаваме 5 човечки фигури во релјеф. Три лика се изработени во нишата веднаш под фронтонот, од кои лево маж во седечка положба, десно жена, исто така, во седечка положба, а во средината маж во тога, во стоечка положба. Во следната ниша, под првата, изработени се два човечки лика – лево маж во тога, а десно жена во долг фустан.30 Меѓу двете фигури има слободен простор во кој, веројатно, имало изработено нешто како жртвеник, но тешко е да се препознае поради оштетувањето. Изработката на споменикот, според претставите на ликовите и целокупната форма, оддава впечаток на изразено мајсторство со нагласена естетика. Можеби, токму, тоа ги привлекло непознатите лица, кои го подигнале споменикот од местото и го однеле во непознат правец.

Споменикот на Офелион и Дометија
  1. Ωφελίων Εύσιπλοκος έαυτού ζώτος κέ συνβιωυ Δομητίας υίού Φροντίνου ζώτον, έποινσεν μνήμης χάριν31

            Самиот Офелион Ефсиплок кој жвее со Дометија со синот Фронтин, поставен за вечен спомен

            На еден споменик од надгробен карактер среќаваме претстава на семесјтво на задушница. Тука се претставени со масичка за јадење заедно со две домашни животни – магаре и куче. Целата претстава има изглед на топла семејна атмосфера и упатува на обичаите во населбата во II-III век на нашата ера. Во преден план, во средината, во легната положба на масичката е Офелион Евсиплок, од неговата десна страна, седната во фотелја е неговата сопруга, Дометија, а лево од него, исто како и Дометија, седнат во фотелја, неговиот син, Фронтин. Магарето и кучето, во несразмерно мала форма се претставени под масичката.

Споменикот Евпор
  1. Νίκη Εύπόρω και έαυτή ζώσα μνείας χάριν32

            Нике на Евпор која е жива за спомен

            Споменикот со бр. 5 претставува добро сочувана стела изработена од мермер. Во горниот дел на плочата е добро изразен фронтон – триаголна рамка со динамичен небесен симбол во централниот дел, со краци, кои прикажуваат движење кон лево, односно, обратно од стрелките на часовникот. Веднаш под фронтонот, во плитко изработена, речиси, квадратна ниша се претставени Нике и нејзиниот роб, Евпор. Надгробниот споменик го поставува, токму, Нике во чест на нејзиниот роб, кој живеел и служел во семесјтвото. Овде, овторно го среќаваме името Нике, кое е божествено име, односно, име на божицата на победата, Нике, или Ника. Тоа нè упатува на размисла дека, во II-III век на нашата ера, оваа божица била, особено, почитувана во населбата кај Ореовец. Јасно изразените фигури, со добро изразени црти на ликовите и облеката упатуваат на изработка од мајстор со нагласена вештина и истанчен вкус за естетика.

  1. Εύφημος κατά χρηματισμόν τού θεού ανέθεκεν33

            Еуфем, според божјата промисла, обезбедил

            На последниот, нам познат, споменик со натпис од селото Ореовец, кој претставува мермерна ара (жртвеник) среќаваме извесен граѓанин на градот кај селото Ореовец, Еуфем, кој се појавува како дарител на некое од божествата, односно, на изградба на извесно светилиште или негов дарител. Овој натпис нè упатува на постоењето религиски градби во населбата, односно, храмови посветени на божествата, кои биле почитувани. Што се однесува до името, повторно, среќаваме име со потекло од овие простори, односно, од Медитеранот.

Споменикот на Парамон од Пештерица
  1. Παράμονος τεθνόσιν έποίνσεν μνήμης χάριν34

            Парамон ……. за вечен спомен

            На една мермерна стела од некогашното село, Пештерица, во близина на Ореовец, среќаваме сцена, слична како и на споменикот под бр. 4 од селото Ореовец. Стелата содржи и натпис во 5 реда, но нечитлив на почетокот, па може да се идентификува извесно име, Парамон. На врвот на стелата среќаваме фронтон со небесен симбол во релјеф, а под фронтонот во, речиси, квадратно подготвено поле среќаваме мало семејство на задушница. На мала масичка, во централниот дел, во легната положба е Парамон, а лево и десно од него две женски фигури во седечка положба, веројатно, неговата сопруга и неговата ќерка. Натписот е во посебно натписно поле со правоаголна форма на најдолниот дел на стелата. Името Парамон, го среќаваме и на неколку споменици од Варош, кај Прилеп, односно, како име на граѓанин на стариот град Прилеп.

            Претставувајќи ги локалитетот „Роман“ кај селото Ореовец, Прилепско, заедно со помалите локалитети, кои се наоѓаат во негови рамки и содржат разновидни културни остатоци од римскиот период, особено спомениците од мермер и спомениците со натпис од селото Ореовец, се обидуваме да создадеме претстава за значењето на населбата, чии остатоци се кријат на тој простор. Нашата намера е да презентираме дел од богатото културно наследство од атарот на ова село кое, со нагласениот број епиграфски споменици со имиња на жители на населба, која егзистирала во тој простор, со голем број на други споменици од мермер, со нагласената естетика на некои од спомениците и слични особини упатуваат на високо културно ниво на таа населба, како и на населба со нагласени димензии. За жал, на просторот на кој била расположена населбата, со децении се случуваат разновидни деструктивни активности, а со тоа се уништуваат значајни културни слоеви од старата култура на тој простор и исчезнуваат разновидни културни остатоци од неа. Исто така, на просторот на кој била расположена, до денес, не е извршено ниту едно археолошко истражување, па нашите сознанија за неа се резултат, единствено на случајните наоди и обичното набљудување, забележување и согледување на теренот. Нашите информации упатуваат на тоа дека културни остатоци од населување има, не само на десниот брег на Ореовечка Река, туку и на левиот, односно, на северозападните падини под селото Ореовец. На нивниот простор, исто така, се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули, питоси и сличен археолошки материјал, а има и наоди на архитектонски елементи од мермер и грамади градежен камен.        

1 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 119 – 122 и Tabula XXXIV – 253 – 258.

2 Тренчо Димитриоски, Две антички тврдини на еден рид кај селото Ореовец, Прилепско, (https://www.pelagon.mk/2020/02/25/)

3 Археолошка карта на Република Македонија том 1 и том 2, МАНУ, Музеј на Македонија – Археолошки оддел, Скопје 1994, 306.

4 Исто.

5 Исто, 306, 307.

6 Марко К. Цепенков, Македонски народни приказни, Книга 5, Македонска книга, Скопје 1989, 133, 134.

7 Исто, 136.

8 Исто.

9 Исто.

10 Археолошка карта …, 306.

11 Исто.

  1. 12. Исто.
  2. 13. Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1961, 37.

14 Исто, 61, 62.

15 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Бегорад 1999, 42.

16 Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, 61.

17 Исто, 64.

18 Исто, 34, 35, Табела V, сл. 1.

19 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 120, Tabula XXXV, 254.

20 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, Скопје 1996, 182.

21 Исто, 208 – 214.

22 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, Tabula XXXV, 254.

23 Исто, 120, Tabula XXXV, 255.

24 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Бегорад 1999, 197-202.

25 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, Tabula XXXV, 255.

26 Исто, 120, 121, Tabula XXXV, 256.

27 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 167 – 170.

28 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 28-30. Никола Шелдаров, Витор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје 1994, 89, 90.

29 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, Скопје 1996, 184.

30 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 167 – 170.

31 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, Tabula XXXV, 257. Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, 34.

32 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 121, 122, Tabula XXXV, 258. Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, 51.

33 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 119.

34 Исто, 122, Tabula XXXV, 259.