СЛЕДБЕНИЦИ НА МАЈКАТА НА БОГОВИТЕ И НА АСКЛЕПИЈ ОД СЕЛОТО ДАБНИЦА, ПРИЛЕПСКО

Селото Дабница, Прилепско, е сместено во исклучително интересен природен амбиент, вгнездено во полите на планината Бабуна, меѓу два високи врвови, Липа и Единак, со уште повисокиот и култен врв, Златоврв, малку подалеку југозападно, заградено со еден крак од планината од североисток, кој завршува со еден, исто така, култен врв познат како Баба-Кукул. Тоа се покрупните природни објекти, кои му даваат волшебен изглед на целиот простор, а во него се сместени уште голем број помали, но живописни карпести форми, кои целиот простор го прават уште попривлечен за љубопитникот. Тука се Самовилец, Гарван, превојот Света Петка, полн со разновидни карпести форми од вулканксо потекло, култната карпа Св. Архангел и други локалитети кои, освен природните вредности, кријат и непроценливо културно наследство.

Единак (Градиште) од источната страна
Единак (Градиште) од источната страна      

Иако во Археолошката карта на Република Македонија е заведен само еден локалитет на кој се констатирани остатоци на материјалната култура, во атарот на селото Дабница можат да се набројат, најмалку, десетина локалитети со значајни остатоци на старата култура од различни периоди, почнувајќи од одлабоката праисторија. Таков локалитет е и споменатиот врв, Единак, на кој среќаваме силно утврдување од римскиот период и доцната антика, кое зафаќа површина од, околу, 0,5 ha.1 Овој локалитет поседува ретка атрактивност, која е резултат на искуклената и остра форма на самиот врв, кој е дел од просторот на тврдината, а која продолжува преку едно седло источно од него и завршува на следниот врв, кој располага со поголемо плато обѕидано со дебел ѕид од камен. Културни остатоци среќаваме и на понискиот карпест рид, југоисточно од Единак, познат како Самовилец, кој располага со своевидна култност, поврзана со извесно верување за престој на божествени сили. Во понискиот дел, се соочуваме со атрактивната карпа „Св. Архангел“, од југозападната страна на селото, околу која среќаваме стара некропола од гробови цисти и гробови издлабени во карпа, а самата карпа е своевиден менхир, кој го обележувал местото со старите гробишта, во извесен период, на својот источен профил, „добила“ живопис со претстава на Архангел Михаил, а активниот однос на жителите на селото кон неа опстанал, речиси, и денес.2

Св. Архангел Михаил

          Остатоци на стара култура среќаваме и на јужната страна на селото, лево и десно од патот за Прилеп, како оформени делови од карпите, фрагменти од керамички предмети, камени винарници издлабени на повеќе ниски карпи и сл.3 Посебен локалитет, на кој среќаваме археолошки остатоци од праисторијата, но и од средниот век е локалитетот „Падарница“, кој претставува понизок рид со карпест врв на околу 2 km јужно од селото, на левата страна од патот Прилеп – Дабница.4 Во продолжение на истиот локалитет, се надоврзува уште еден интересен локалитет, покрај потокот, кој се спушта од правецот на манастирот „Св. Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ и е познат како Манастирски Поток. Тука, најпрво се соочуваме со остатоци од помала населба од римскиот период,5 а погоре, од двете страни на неговото течение се среќаваат, најмалку, 6 камени винарници,6 кои претставуваат особена атракција како културни објекти и нè упатуваат на развиеното лозјарство на тој простор во подлабокото минато. Локалитетот „Баба“, кој се наоѓа на, околу, 3 km југоисточно од Дабница е посебна атракција и заслужува посебен опис и анализа, а во неговата околина има бројни помали локалитети со разновидни културни содржини – некрополи со гробови издлабени во карпа, камени винарници и сл.7

          Единствениот локалитет, кој е познат во археолошката наука е „Караташ“, а на него се констатирани остатоци од неколку гробови8 цисти (градени со камени плочи), но и една гробница од македонски тип од III–II век п.н.е.9 која, на свој начин, укажува на постоењето населби во неговата околина од времето на Македонската империја во антиката. Посебно е нагласено дека тука се пронајдени и неколку надгробни споменици од мермер со натписи.10

ИМИЊА НА НЕКОЛКУ ЖИТЕЛИ НА АНТИЧКА НАСЕЛБА ОД ОКОЛИНАТА НА СЕЛОТО ДАБНИЦА

          На споменатите надгробни споменици со натписи среќаваме интересни претстави во релјеф на покојници и членови на нивните семејства, но и натписи со интересни имиња, карактеристични за Медитеранот, а посебно за Македонија и Македонците во античкиот период. Некои од нив не упатуваат на античката религија и култовите, кои биле активно почитувани во овој простор. Едно од имињата, кое се среќава и на други споменици со натписи низ Македонија воспоставува врска со едно од најважните божества – Големата мајка или Мајката на боговите, Амиа (Амија), кое се смета за Фригијско,11 односно, Бригијско име, а познато е дека Бригијците се едно од племињата, кои се сметаат за македонски. Освен тоа, на спомениците од Дабница ги среќаваме името, Асклепијад и Асклепијадор, кое е име изведено од името на богот на медицината, Асклепиј, како и уште некое име со постаро или поново потекло, а четирите споменици со натписи се датираат во II и III на нашата ера.12 Првите два натписа содржат имиња на исто семејство.

Споменикот на Амија
  1. Άμμία τη συνβίω

                        Άσκληπιάδης τό-

                        δε σήμα / δύσμο-

                        ρος ώκυμόρο τεύ-

                        ξεν μνήμης χάριν

                        αύτής έπτά  κέ τριάκον-

                        τα έτών μίτον έξανύ-

                        σάσή13

            На Амија, сопругот Асклепијад,/ …. за вечен спомен / таа имаше триесет и седум години …..

            Овој споменик е датиран во II век на нашата ера, а на него се среќава погореспоменатото име Амија, заедно со името Асклепијад. Притоа, од натписот се дознава дека Асклепијад подига споменик за својата прерано почината сопруга Амија. Амија, всушност е име со кое Бригијците – Фригијците ја нарекувале Мајката на боговите или Божицата мајка.14 Тоа упатува на присуството на бригиската култура во Македонија, односно, на тоа дека бригиската ономастика е дел од македонската. Уште повеќе, овој факт е потврден и на голем број други споменици со натписи низ Македонија, на кои среќаваме многу честа примена на имиња од бригиско потекло. Ова нè упатува на фактот дека и двете имиња, кои ги среќаваме на натписот се со божествено потекло. Додека Амија е име, кое се користело како име за Мајката на боговите, второто име, односно, името на сопругот, Асклепијад, е од името на богот на медицината, Асклепиј. Овде, само, ќе споменеме дека од тн. род на Асклепијадите, потекнувал и Аристотел, чиј татко, Никомах, бил лекар во македонската кралска куќа.15

            Споменикот со натпис претставува стела со димензии 1х0,51х0,11 m, со фронтон (триаголно поле во рамка) со изработен небесен симбол, кој ја претставува вселената со централен соларен симбол, а под него обработен правоаголен дел со претстава на Амија, сопругата на Асклепијад и натпис во долниот дел. Фигурата на Амија, иако со оштетувања и избледена, се чини, мошне вешто изработена, со сразмерни пропорции, добро изразена фризура, како и облека.16

Споменикот на Асклепијадор
      1. τόν νέον έμ μοίρη

                        δεδμημένον όξέί νούσω /

                        Άσκληπιάδωρον ά πατήρ

                        τήκεν Άσκληπιάδης, /

                        είκοσι κέ δύο έτέων

                        μιτον έξανύσσντί17

            Во сеќавање на младиот човек …. / Асклепијадор од таткото Асклепијад, / дваесет и две години

            Вториот споменик, потекнува од истото семејство од кое потекнува и првиот и е поставен од ист член на семејството, Асклепијад, кој овде се појавува како татко на покојниот, кој умрел многу млад, односно, на дваестидве години. На тој начин дознаваме дека Асклепијад ги изгубил млади својата сопруга и својот уште помлад син, Асклепиодор.18 Интересно е дека и таткото и синот носат име изведено од име на божество, односно, од името на богот на медицината, Асклепиј. Тоа упатува на фактот што во тоа смејство, овој бог, бил многу почитуван а, веројатно е дека тој бил сметан за заштиник на семејството.

            Споменикот, кој се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје, претставува мермерна стела, чиј горен дел е откршен, со три човечки фигури во облека во горниот дел, изработени во убаво оформена ниша. Во неа е претставено смејството на Асклепијад, кој е на левата страна на нишата, неговата сопруга Амиа, која е на десната страна, а во средината младиот син, претставен во форма на дете. Изработката на фигурите оддава впечаток на, релативно, нагласено мајсторство со познавање на пропорциите на човечкото тело и успешност во ликовното изразување. Асклепијад е облечен во традиционална облека за тој период – тога, Амиа со долг фустан, кој ги покрива, дури, и стапалата, а синот Асклепиодор, во хитон, долг до натколениците.19

            Во посебно оформена рамка, во долниот дел на стелата се наоѓа натписот изработен во 6 реда.   

Споменикот на Маркија Парто
      1. Μαρκία Πάρτο τω

                        έκγόνο μνείας χάριν20 

            Маркија Парто на синот за вечен спомен

            Третиот споменик од Дабница е со краток натпис во 2 реда, а го поставува извесна Маркија Парто на својот покоен син и е датиран II – III век на нашата ера. Името на мајката, како и нејзиното презиме, упатува на прифаќање на латинизирано семејство.

            Споменикот претставува стела од мермер со оштетен горен дел со димензии, 0,77х0,46х0,14 m,21 претставите на синот и мајката и натписот се изработени во една рамка во долниот дел. Најпрво, од левата страна е изработена фигурата на синот, кој е претставен сосема гол, со птица на градите, која ја држи со левата рака и грозд во десната. На десната страна во рамката е претставена Маркија Парто облечена во долг хитон (пократок фустан) и химатион (долга облека, која со десната рака се држи во пределот на градите, а другиот дел паѓа надолу со набори и го покрива телото). Квалитетот на изработката е сличен како и кај претходните два споменика.

Споменикот на Никесон
  1. Νεικήσον έκ τών

                        ίδιων έποιησεν

                        τοίς τρεψάντε-

                        σι μνήμες χάριν22 

            Никесон за оние кои што ме одгледаа за вечен спомен

          Четвртиот споменик од Дабница, според науката, е типичен за „надгробната уметност во Македонија“.23 Се работи за стела со димензии, 1,44х064х015 m на која се претставени повеќе членови на семејството.24 Во највисокиот дел, стелата располага со фронтон со претстава на вселената со централен дел во форма на розета, односно, претстава на рајската градина. Под фронтонот, една под друга се изработени рамки во погруба форма, а во секоја од рамките по 4 човечки фигури. Во првата рамка најпрво, од лево кон десно, е претставен маж, потоа жена во седечка положба, потпрена на десната рака, а потоа следат фигура на жена и маж во исправена положба, сите облечени во вообичаена облека за тој период, односно, III век на нашата ера.

          Во долната рамка, сите ликови се претставени во исправена положба, од лево кон десно, маж, па жена и уште двајца мажи, исто така, во вообичаена облека за тоа време. Натписот е изработен на најдолниот дел на стелата, без рамка, на добро израмнета површина. Името Никесон, кое го среќаваме е од домашно, односно, медитеранско потекло и е изведено од божествено име – од името на божицата на победата, Нике. на тој начин, се добива впечаток дека во античкиот период во Македонија, практиката на поставување лични имиња изведени од божествени имиња била многу честа.

          На крајот, мораме да напоменеме дека селото Дабница со својот атар, од источната страна, се граничи со атарот на селото Ореовец и е на растојание од 3-4 km од локалитетот Роман, кој беше предмет на нашето истражување во претходниот матаеријал а, со тоа, неминовна е констатацијата за заемноста и меѓусебните односи на жителите од двата простора. Слична е констатацијата и за врската на просторот на Дабница и оние кои живееле во него со локалитетот, „Трескавец“, под култниот Златоврв во чие подножје, во античкиот период, егзистирал култно-религиски и општествен центар, со познато име Колобаиса, која била населба со силно утврдување. Имајќи предвид дека во оваа населба егзистирал храм на Аполон и Артемида25 можеме само да претпоставуваме за заемноста на жителите на просторот на денешното село Дабница и оние од просторот на „Трескавец“, односно, жителите на античката населба Колобаиса.   

АМИЈА И АСКЛЕПИЈ

          Едно од божествените имиња, кое го среќаваме на натпис одселото Дабница, е истоветно со името на Мајката на боговите кај македонското племе Бригијци, кое по преминувањето на полуостровот Мала Азија е познато како Фригијци. Од женските божества кај нив, како и кај Македонците, позната е и  Бендида, која е идентификувана со Големата мајка, Кибела, со Персефона, Селена, Хеката а, особено, со Артемида26 и други, но како едно од имињата за мајката божица е и Амија.27 Имиња, кои се изведени од ова име на божицата, односно, кои се исти со нејзиното име се среќаваат на многу места во Македонија. Овде ќе посведочиме дека формата Амија, освен на споменик во селото Дабница, Прилепско, со едно или со две М е застапена во стариот Лихнид (Охрид),28во Хераклеја кај Битола,29во Прилеп,30во селото Секирци, општина Долнени31 и на други места, а среќаваме и форма Амионон на споменик во Битола,32 како и Амионис на споменик во Стибера, античкиот град кај селото чепигово, Прилепско.33 

Божицата Кибела

          При ваквиот пристап, препорачливо е да се запрашаме дали и популарното име Аминта, кое е име и на неколку македонски кралеви од античкото кралство, Македонија, не е во извесна етимолошка врска со името на мајката на боговите Амија, со оглед на факто што неговата основа упатува на тоа.

          Што се однесува до Асклепиј, богот на медицината тој е, особено, застапен во разни форми на просторот на Македонија, а може да се каже дека и неговата етимологија е поврзана со Бригијците, кои се македонско племе. Имено, според митолошките преданија, Асклепијад е син на Ѕевс и Коронида и, според некои од преданијата, се родил во градот Епидаур, каде се наоѓа и неговиот најголем храм. Откако го породила во Епидаур, неговата мајка, Коронида, веднаш го испратила во планината Титион, која тогаш била прочуена по лековитите растенија.34 Таму го доеле наизменично една кучка и една коза и растел со лековитите треви, па ја изучил вештината на лекувањето. Станал толку вешт што почнал да лекува, не само болни, туку и мртви враќал во живот. Поради тоа, богот на подземјето, Ад, се пожалил кај врховниот бог, Ѕевс, а овој го спржил Асклепиј со молња поради тоа. Подоцна, повторно, го вратил во живот и му дал бесмртност. Како синови на Асклепиј се сметаат и двајца лекари, Подалириј и Махаон, кои ги лечеле ранетите од војската на Агамемнон, која го опсадувала градот Троја.35 Токму на еден од нив, односно, на Махаон се смета за потомок Никомах, татко му на Никомах, таткото на Аристотел.36

Асклепиј од Епидаур

          Главното светилиште на Асклепиј во Епидаур е интересно поради преданието дека тој град го основал Епидаур, кој Елидјаните го сметале за син на Пелоп,37 односно, бил Бригиец, како и неговиот татко.

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 147 – 149.

2 Исто, 150 – 153.

3 Исто, 147 – 153.

4 Тренчо Димитриоски, Култна карпа на локалитетот „Падарница“, кај селото Дабница, Прилепско, со симболи кои упатуваат на Големата Мајка (https://www.pelagon.mk/2019/01/23/)

5 Исто.

6 Исто.

7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 138 – 145.

8 Тренчо Димитриоски, Локалитетот Караташ кај Прилеп со остатоци од култура од македонско-римскиот период и присуство на богот на медицината Асклепијад (https://www.pelagon.mk/2019/06/07/)

9 Исто.

10 Археолошка карта на Република Македонија том 1 и том 2, МАНУ, Музеј на Македонија – Археолошки оддел, Скопје 1994, 294.

11 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqva macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 174. Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, Скопје 1996, 182, белешка 27.

12 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 122 – 124 и Tabula XXXVI – 260, 261, 262 и 263.

13 Исто, 122, Tabula XXXVI – 260.

14 Наде Проева, Студии за античките Македонци, …, 174.

15 Диоген Лаертиј, Пета книга, 1. Аристотел.

16 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Tabula XXXVI – 260.

17 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae,…, 123, Tabula XXXVI – 261.

18 Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1961, 32 – 34.

19 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Tabula XXXVI – 261.

20 Исто, 123. Tabula XXXVI – 262.

21 Исто.

22 Исто, 123, 124, Tabula XXXVI – 263.

23 Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум,…, 34.

24 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Tabula XXXVI – 263.

25 Б. Бабиќ, Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК – Прилеп, Прилеп 1981. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 89 – 93.

26 Наде Проева, Студии за античките Македонци, 179, 180.

27 Исто, 174

28 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, 199.

29 Исто, 51.

30 Исто, 100.

31 Исто, 129.

32 Исто, 66.

33 Исто, 154.

34 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Бегорад 1999, 141, 142..

35 Исто, 142. Хомер, Илијада, 37, стих: 730, 731 и 732.

36 Диоген Лаертиј, Пета книга, 1. Аристотел.

37 Паусанија, Водич по Хелади, Логос, Сплит 1989, 123.