МАКЕДОНЦИ И БОГОВИ НА НАТПИСИ ОД АНТИЧКИОТ КУЛТНО-РЕЛИГИСКИ ЦЕНТАР КОЛОБАИСА – ЛОКАЛИТЕТ „ТРЕСКАВЕЦ“, ПРИЛЕПСКО

Култниот Златоврв на планината бабуна кај Прилеп отсекогаш бил објект со врвна привлечна сила и имал централна улога во животот на човекот во просторот на Пелагонија и соседните области. Затоа, тој со неговата блиска околина и денес крие разновидни остатоци од културата од различни периоди. На тој простор се среќаваат орудија од камен, фрагменти од керамички садови и други предмети уште од праисторијата, а околу него се распоредени и неколку помали и поголеми некрополи на покојници од раната антика, римскиот период, доцната антика и средниот век. На големото плато од јужната и југозападната страна на врвот се развила поголема населба уште во раната антика, односно, македонскиот период, а во нејзиниот центар биле храмови посветени на актуелните божества во тоа време. Остатоците од античкиот храм се потврдени и со археолошко истражување и анализа на пронајдениот материјал, а натписите, кои потекнуваат од локалитетот упатуват на тоа дека овде егзистирал храм на богот на светлината, на мудроста, знаењето и пророштвото, Аполон, како и на неговата сестра, божицата на ловот, заштитничка на девиците и родилките, Артемида.1 Нивните имиња ги среќаваме на неколку споменици со натписи, а на два споменици го среќаваме и името на населбата, Колобаиса (или Коловеси?). Едниот од спомениците со името Колобаиса е регистриран на највисокиот дел од покривот на црквата во манастирот, како основа за крстот,2 а другиот споменик е пронајден во селото Мажучиште, Прилепско.3 Населбата била утврдена со силен ѕид од камен и малтер и заградувала околу 7 ha површина, што упатува на значајна населба во античкиот период, која била култно-религиски центар за поширокиот простор и била посетувана од жителите на бројните населби од околината, но и од подалечните места на Блаканот. Фактот што е зачувано и нејзиното име го потврдува нејзиното значење. Колку за споредба, голем број стари населби од поблиската и подалечната околина, иако со зaмашно културно наследство зад себе, до денес, не успеале да го „откријат“ своето име. Со оглед на фактот што светилиштата на Аполон често биле и своевидни пророчишта, не е исклучено дека во Колобаиса егзистирало и светилиште со пророчиште, кое ѝ давало дополнително значење на населбата и кое било посетувано и од највисоки достоинственици во тие периоди. Таквиот однос кон ова место продолжил и во следните периоди, па царското присуство е потврдено со голем број документи поврзани со постоечкиот манастир,4 кој е само продолжение на длабокиот култен и културен континуитет на ова место.

Култниот врв во зеленило

            Освен божествата, на натписите од неколку споменици се документирани и повеќе имиња на лица, посетители на храмовите или лица кои што престојувале во населбата со храмовите. Со оглед на фактот што спомениците со натписи потекнуваат од првите векови на новата ера, односно вториот век – римски период, интересно е што меѓу имињата има и такви, кои се прилагодени на римската ономастика, но и голем број имиња, кои потекнуваат од традиционалната, домашна ономастика, односно, од медитеранската и македонската традиција за поставување лични имиња. Некои од имињата на спомениците од Колобаиса ги среќаваме и на споменици со натписи од други локалитети. Нам ни се достапни 6 натписи со потекло од Колобаиса (античката населба од локалитетот „Трескавец“) познати од литературата, но и еден, кој е откриен со археолошките ископувања во последниве две децении и немаме информација дека е објавен.     

Споменик од Трескавец со името на Аполон Громовникот
  1. – έτους

            Φλαουία Νείκη . Νείκάν-

            δρου  Άπόλ-

            λωνι Έτευδ-

            ανισκω εύχήν5 

година Флавија Нике. Никандро на Аполон Етуданиско со желба

            На натписот под број 1 среќаваме жртвен дар посветен на богот Аполон Етеуданиско (според некои, Громобиецот). Дарот претставува жртвеник (ара) од мермер на кој бил врежан натпис на дарителот и на споменатиот бог. Освен името на богот, на споменикот ги среќаваме имињата Флавија Нике и Никандро. Притоа забележуваме дека првото име, Флавија, е латинско, додека другите две се со домашно потекло, и двете изведени од името на божицата на победата, Нике. На тој начин, на натписот среќаваме име на бог и две имиња со божествено потекло. Самиот факт на подарување вакви споменици на ова место, речиси, недвосмислено нè наведува на фактот дека тука, во антиката, егзистирал храм на споменатиот бог. Остатоци од него наоѓаме на повеќе места во самиот манастир, како столбови, разновидни основи, големи камени блокови, архитрави и слични архитектонски елементи од мермер, кои упатуваат на градба со нагласена архитектура и естетика. Натписот е датиран попрецизно, во 112/3 година на нашата ера.6

 

 

  1. – Άπόλλωνι Ό-

            τευδανω

            Τίτος  . Φλαούιος

            Άντιγόνου υ-

            ιός Άπολλό-

            δωρος εύξάμε-

            νος7   

На Аполон Отеудан Тит. Флавиј Антигон, син на Аполодор …..

            На вториот споменик, датиран во II век нан.е., повторно го среќаваме името на Аполон со сличен епитет, но скратена форма, Отеудан. И овој споменик претставува своевиден дар на богот од страна на Тит Флавиј Антигон, синот на Аполодор и претставува ара (жртвеник) од мермер со приложениот натпис. Дарителот е со три форми во името, две со латинско потекло – Тит Флавиј и едно домашно – Антигон. Антигон е традиционално македонско име во антиката, често применувано и го среќаваме на голем број споменици со натписи. Антигон е име, кое го носат и неколку македонски кралеви во античкиот македонски период а, според ова име, наречена е и цела лоза кралеви на Македонија – Антагониди, која владеела од 294 до 168 година. Дури тројца кралеви од оваа династија го носат името Антигон, а првиот е Антигон I Едноокиот (382 – 301 п.н.е.), кој е еден од генералите во војската на Александар Македонски и кој ја воспоставил оваа династија во 306 година п.н.е., кога се прогласил за крал. Следниот Антигон е неговиот внук, Антигон II Гонат, кој владеел од 277 до 274 и од 272 до 239 година п.н.е., а третиот е Антигон III Досон (229 – 221 г. п.н.е.). Последниот крал од оваа династија е Персеј (179 – 168 г.п.н.е.).8

            При крајот на натписот го среќаваме името Аполодор, кое исто така, е име со домашно потекло, односно, име со потекло од Медитеранот, а го среќаваме и на други натписи од античкиот период во Македонија.

Фрагмент од мермерен споменик со натпис со името на Аполон Етеуданиско
  1. – Άπόλλω-

            νι Ότε-

            υδανικω

            δωρον

            Γάϊος . Πούμμι-

            ος Άγρύπ-

            ας . καί Άν-

            να καί Κρα-

            τεύας καί

            Άδυμος9

На Аполон Отеуданико му даруваа Гај. Пумиј Агрипа. и Ана и Кратева и Адимос

            Следниот споменик, кој е датиран, исто така, во II век н.е., претставува помал мермерен блок со неправилна форма, е третиот „документ“ посветен на богот Аполон и повторно е определен со сличен епитет, Громобиец, но во малку поинаква форма од двата претходни, односно, во овој натпис Аполон е наречен Отеуданико. Можеме да констатираме дека се употребувале повеќе форми на истиот атрибут на Аполон, можеби зависно и од дарителите или подготвувачите на натписот и нивното образовно и писмено ниво. Основата на оваа определба и особина на богот, веројатно е пократката форма, Отеудан, додека Отеуданиско и Отеуданико биле продолжени именски форми, со кои се имало намера таа да се нагласи или да се изрази поблизок однос со божеството, како своевиден деминутив или слична форма. Се разбира, и трите споменици се обраќање кон богот со цел да му се искаже почит и да се побара неговата милост.

            Во овој натпис, имињата на дарителите се три од латинско потекло – Гај Пумиј Агрипа, а Кратеус, Ана и Адимос се од домашно потекло. Адимос и Кратеус (Кратер) се сметаат за македонски имиња,10 а Ана е име од бригиско потекло.11 Кога сме кај овој споменик, односно, натписот врежан на него, интересен е фактот што можеме да констатираме потекло на дарителите и почитувачите на богот Аполон и неговиот храм во Колобаиса. Имено,три од имињата од натписот на овој споменик ги среќаваме и на натпис со потекло од селто Прилепец, Прилепско, односно, од античката населба со непознато име, која егзистирала во негова близина во ист период со Колобаиса. Тоа се имињата, Кратев, Агрипа и Ана, кои ги среќаваме на мермерен споменик – стела од Прилепец.12 На тој начин се соочуваме со извесно патешествие на граѓани од градот, кој бил лоциран во близина на денешното село Прилепец до храмовите на Аполон и Артемида во Колобаиса кои, притоа, оставиле дар на кој ги врежале и своите имиња. И двата споменика се датирани во II век на нашата ера. Споредувајќи ги двата натписа, можат да се извлечат и други интересни сознанија и заклучоци. Имено, додека на споменикот од Трескавец, покрај споменатите три имиња, застапени и на споменикот од Прилепец, среќаваме други имиња, како што среќаваме и неколку други имиња и на споменикот од Прилепец.

            ——-Άμαρ-

            αίων διατήκη οί Μενίπ-

            που κληρονόμοι Κρατεύα-

            ς Μενίππου, φύση δέ Άγρ-

            ίππα καί Άννας καί Παρμ-

            ενιδης Μενίππου, φύσει

            δέ Φιλοξένου, Άμαραίος13     

Амарај, наследници на Менип Кратев Менип, роднина на Агрипа и Ана и Парменид Менип, роднини на Филоксен, Амарај

Споменик од Трескавец со името на Артемида Ефеска и Колобаиса
  1. – —-

            ——

            Άρτεμίδι Κιναγω

            ένωχλημένη ύπό

            Άρτέμιδος Έφεσιας τής

            έν Κολοβαιση παιδισκεν

            όνόματι Έλένην καί

            παιδίον αύτής Περι-

            στεράν καί τάς τούτων

            έπιγονάς, ών καί τήν ωνήν

            ύπογραψαμένη έθεκεν

            πρός τά έτερα γράμματα

            τής θεού, καί ένεχαράχθη

            τά προγεγραμμένα είς

            τό γράμμα μνήμης

            χάριν έγένετο έν Κολο-

            βαϊση τού εμ καί τ έτους

            εύτυχώς14           

            На Артемида Ловџиката, во чест на Артемида од Ефес, за роденото дете по име Елена, ќерката Перистера и нејзините потомци ги посвети овие божји букви, за да го има благословот од овде запишаната божица и да се исполнат запишаните зборови за вечност овде во Колобаиса за нас и за среќна година15

            Споменикот што следи е со, особено, интересен натпис посветен на божицата Артемида, која овде е наречена со нејзината основна особина, како божица на ловот, но од неа се бара благослов, милост и плодородност во врска со новороденото дете, зашто таа е и заштитничка на девиците и родилките.16 Исто така, ценејќи дека најголемиот храм на Артемида бил во градот Ефес во Мала Азија, молбата за милост и благослов е упатена до Артемида Ефеска, која во Македонија ја среќаваме на бројни натписи од античкиот период. Освен на Трескавец, кај нас е документирана во селото Кокре, Прилепско и на многу други места.17

            На натписот го среќаваме и името Елена, едно од најстарите имиња во Медитеранот, кое го среќаваме во делата на најстариот автор во овој простор, Хомер. Имено, во неговиот еп, Илијада, Елена е спартанската кралица, позната како Елена Спартанска, жена на спартанскиот крал, Менелај, која ја грабнал принцот од Троја, Парис – Александар.18

            Овде се соочуваме и со едно име, кое поретко го среќаваме, Перистера. Тоа име, исто така, е име од божествено потекло, односно, име на нимфа, Перистера. Оваа нимфа била преобразена во гулаб, кој е света птица и симбол на божицата Афодита, која е божица на љубовта. Еве кратко предание за неа:Еден ден Афродита и нејзиниот син Ерос пристигнаа на светла ливада и, за забава, одржаа натпревар во собирање цвеќиња. Ерос, со брзи крилја, лесно ја надмина својата мајка, додека Перистера не влезе и ѝ ги предаде цвеќињата што таа самата ги набра на Афродита, давајќи ѝ ја и победата на божицата. Ерос, во лутина поради тоа што победата му била грабната од рацете и ја претворил Перистера во птица што го носи нејзиното име, гулаб. Оттогаш, гулабот станал света птица и симбол на Афродита и бил под нејзина заштита.19 

Диоскурите со божицата Артемида - плоча пронајдена кај Демир Капија
Диоскурите со божицата Артемида – плоча пронајдена кај Демир Капија

         

            Овој натпис дава можност за посеопфатна анализа, поврзана со фактот дека, покрај храмот на Аполон, во Колобаиса постоел и храм на неговата сестра, Артемида. Се разбира, во двата храма, веројатно е дека имало свештеници и свештенички, дека се вршеле соодветни служби, како и тоа дека доаѓале голем број нивни поклоници и верници, кои носеле разновидни заветни дарови и принесувале жртви, соодветни на божествата, кои се славеле. Секако, во чест на боговите, биле приредувани и велелепни чествувања и свечености чиј изглед и свеченост во специфичниот природен амбиент, под светиот Златоврв, можеме само да го замислуваме. До нив, на своевиден начин, нè доближуваат денешните празнувања на празниците посветени на Божјата мајка, на која е посветен храмот во денешниот манастир. Мораме да претпоставиме и тоа дека во храмовите биле принесувани и многу вредни и скапи дарови, за кои не знаеме, речиси, ништо. Тоа не доближува до севкупниот амбиент на ова место, односно, на населбата (градот?), Колобаиса во времето на нејзиното егзистирање во полна форма.

Централната култна карпа на Гумење од сверозапад
Централната култна карпа на Гумење од сверозапад

            Овде презентираните споменици се, само, скромна потврда за погореизнесеното, кои останале до денес, главно, поради нивната природа и форма. Кога сме кај градбите на храмовите, нешто за нив среќаваме и кај археолозите, кои истражувале и вршеле ископувања на овој локалитет. Информациите за нив се, исто така, скудни и површни, но нè доближуваат до амбиентот на времето во кое опстојувала населбата, Колобаиса под Златоврв, на просторот на кој денес го имаме стариот манастир со црквата, „Св. Успение на Пресвета Богородица“. Археолозите потврдуваат дека на овој локалитет постоеле храмови на Аполон и Артемида,20 а ваквиот заклучок следи по откривањето на два споменика со посвета на овие божества. Уште поблиску до тоа е информацијата за откривањето на остатоци од монументални згради на локалитетот со ископувањето, кое било направено. „Со помали археолошки зафати што ги изведе Народниот музеј во Прилеп во 1959 година се откриени остатоци од монументални антички згради, како и една голема нектропола на локалитетот „Гумење“ во која се вршело закопување, речиси, осумстотини години во периодот од IV – III век пред новата ера до IV – V век од новата ера.“21 При ваквите ископувања се констатирани и остатоци од „бедемски ѕидови што ги опкружувале храмовите со населбата“.22

Споменик од Трескавец со имињата Мема (Мемиа) и Александро

           

  1. – χαίρετε παροδίται

            μη βαρύ σοι

            δόξη παρι-

            όντ άνεπέσ-

            χιν ov κατέ-

            θηκεν πατήρ

            {πατηρ} Παρά-

            μονος κέ Μεμ-

            μία μήτηρ  Άλέ-

            ξανδρον Ι ι Ι έ-

            των φένγος

            αιωνείειον,

            τούτου μνή-

            μην έποινσεν

            εύσεβιεσ καί στορ-

            γής ένεκων.23   

            Радувај се, да не ти биде тешко, славата нека им биде, на таткото на Парамон и Мемија, мајката на Александар, нека живее вечно споменот за нив, со побожност и милосрдие.

            На натписот што следува, на поетски начин им се оддав почит на покојниците, таткото Парамон и мајката Мемија од синот Александар. Овде среќаваме традиционални имиња. Парамон е многу често име во антиката, особено, во прилепскиот крај,24 а Мемија или Мема е име со старо бригиско потекло, кое упатува на блискоста на Бригијците со Македонците, односно, на нивната блиска култура, зашто Бригијците се сродни со македонско племе и се дел од македонската генетика. За Александар, името на синот и поставувачот на споменикот, можеме да пренесеме само тоа дека ова име е едно од најприменуваните на македонско тло уште од најстарите периоди.

Надгробен споменик од мермер, кој долго време стоеше во рамките на некрополата на Гумење
Надгробен споменик на Јулиј Сиверот, кој долго време стоеше во рамките на некрополата на Гумење
  1. – Ίουλίαν Συβέρωτος οί κλη-

            ρονόμοι καί Νίκη έαυτήν

            καί Ίερατικήν τήν θυγατέρα

            καί Ήρακλέωνα τόν αδελφόν

            καί Άντίοχον μνήμης

            χάριν25       

            Јулијан Сиверот наследниците и Нике и ќерката Иератика и братот Хераклеон и Антиох заради спомен

            На овој споменик од мермер, кој е пронајден на еден локалитет во подножјето на Златоврв, од неговата јужна страна, со име „Градиште“, на натпис од 6 реда се споменуваат, дури, 6 имиња. Според натписот, на Јулијан Сиверот, наследниците му подигнале споменик. Имињата на неговите наследници се од домашно, македонско потекло. Најпрво се споменува Нике, име на божицата на победата, потоа Иератика, па Хереклеон – име изведено од познатиот бог и јунак, Херакле а, на крајот, Антиох, кое е типично македонско име за античкиот период, име на еден крал, син на еде од блиските соработници и генерали на Александар Македонски на неговиот поход до Индија, Селевк а, кое го носеле и неколку македонски кралеви, кои владееле по смртта на Александар со дел од Македонската империја создадена со споменатиот поход.

  1. Споменикот со необјавен натпис 3

Седмиот споменик со потекло од локалитетот „Трескавец“, односно од античката населба со храмови, Колобаиса, не е објавен до денес, а со тоа и неговиот натпис не е идентификуван. Тој претставува своевиден постамент со добра обработка, при што едната од страните му е проширена и обработена во форма на маса, на чија површина во подоцнежен период, односно, во периодот на христијанството бил изработен добро оформен и украсен крст. Споменикот долго стоеше пред црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот, закопан со делот од натписот, па тој беше откриен при едно од археолошките ископувања од поново време. Натписот во голема мерка е оштетен, па е тешко да се идентификува. Може да се забележат само делови од зборови, кои е тешко да се идентификуваат. Сепак, може да се идентификуваат делови од врежаните зборови, како „поли“, кое укажува на споменување на град, и слично

Арата (жртвеникот) од Мажучиште - денес бо лапидариумот на Завод и Музеј од Прилеп
Арата (жртвеникот) од Мажучиште на Филип од Колобаиса – денес во лапидариумот на Завод и Музеј од Прилеп
  1. – Αίλιος

            Φίλιππος Κολοβάι-

            σαίος παλεστρατι-

            ώτης ανέθεκεν26

            Ајлиј Филип Колобаисанецот дослужен војник …

            На крајот пренесуваме натпис од еден исклучителен споменик, кој е пронајден во селото Мажучиште, Прилепско, кое се наоѓа на 5-6 km јужно од Златоврв со манастирот Трескавец. Се работи за ара од мермер со посвета на богот Хермес, гласник на боговите и заштитник на трговците и патниците, од страна на еден дослуженик во римската војска, кој добил имот со земја и граѓанство по дослужувањето. Неговото име е Ајлиј, од латинско потекло, но неговото второ име или презиме е типично македонско име, Филип.

            Фактот што овој споменик се наоѓал на просторот на денешното село Мажучиште упатува на своевидна врска помеѓу двете места, односно, на своевиден однос меѓу жители на населбата од Трескавец со жители од населба кај селото Мажучиште. Ако правилно го читаме натписот, произлегува дека спомнатиот Филип од Мажучиште, всушност, е жител на Колобаиса, која егзистирала на просторот под Златоврв и кој, по дослужувањето во римската војска, добил граѓанство и имот во населба со непознато име од просторот на селото Мажучиште.

Споменикот со необјавен натпис

            На тој начин, преку презентираните споменици со натписи (епиграфски споменици), добиваме извесна жива слика за населбата Колобаиса, за нејзини жители и посетители, дарители во храмовите и верници на псоочените божества, за нивниот однос кон овој култно-религиски центар, кон храмовите и нивните патрони. Ова, особено, се однесува за перидот на првиот и вториот век на нашата ера, од кој потекнуваат овие споменици. Веројатно е  дека со појавата на христијанството, особено, со неговото ширење и зацврстување како религиј по познатиот едикт од Милано од 313 година, издаден од царот Константин, кога оваа вера станува оофицијална вера во Империјата, посебно со едиктот на Теодосиј I (379 – 392) од 381 година, кога е прогласена за едниствена вера во Цраството, светилиштето под Златоврв добило сосема нов лик, со христијанска симболика и христијанска служба. Иако немаме доволно документи за да го следиме животот на населбата во секој век посебно, спомениците од различни периоди во кругот на денешниот манастир, како камената пластика со соодветна симболика, така и живописот и натписите во негови рамки во црквата и придружните објекти на манастирот, недвосмислено говорат за своевиден култен и културен континуитет на ова место.

 

1 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Споменици за средновековната и оновата историја на Македонија, Том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Прилеп 1981, 37.

2 Исто, 38.

3 Костадин Кепески, Ара од Мажучиште, Macedonica Akta Arheologica, бр. 15, 195 – 201. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ-Прилеп, Прилеп 2000, 193 – 196.

4 Сашо Цветковски, Од историјата на манастирот Трескавец во доцниот среден век – ктиторски композиции и записи, Balkanoslavica 47, Институт за истражување на старословенска култура, Прилеп 2018, 327 – 337. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 102 – 104.

5 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 108 – 109 и Tabula XXXII – 230.

6 Исто, 108.

7 Исто, 109 и Tabula XXXII – 231.

8 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 1994, 81 – 111.

9 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 109 и Tabula XXXII – 232.

10 Кратер е име на еден македонски генерал на Александар Македонски, а Адимос е име, кое често се среќава на македонскиот простор во античкиот период, па и научниците го сметаат за македонско име (Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 109).

11 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, Скопје 1996, 181.

12 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 90. Виктор Лилчиќ, македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, Том 1, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 2001, 393, 394.

13 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 90.

14 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 110 и Tabula XXXII – 233.

15 Преводот е, релативно, слободен.

16 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 69.

17 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 91 и Tabula XXV – 188. Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 202, 168 – 170.

18 Хомер, Илијада.

19 Ватиканските Митографи, Роналд Е. Пепин.

20 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец …, 37, 38. Виктор Лилчиќ, македонскиот камен за боговите,…, 393, 394.

21 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец …, 37, 38.

22 Исто.

23 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 111 и Tabula XXII – 234.

24 На натписите од стариот град Прилеп, од денешниот Варош, ова име се среќава на неколку места (Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 103 – 106)

25 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones …, 111, 112 и Tabula XXII – 235.

26 Костадин Кепески, Ара од Мажучиште, 195 – 201. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 193 – 196.