БОГАТСТВОТО ОД СОНОТ
Мртви пророци
Низ туѓи усти пророкуваат,
Знаци и сништа, настани,
Минати и идни, толкуваат.
Светлината го пронижува ридот,
Минува низ карпите,
Низ ѕидиштата.
Продира како меч
Низ кревко месо
На јунак, штотуку роден,
Го убива мракот во катакомбите
Скриени во монолитност
На вулкански зданија
Измешани со човечки коски
И лажно богатство за немир,
Чувано од чудовишта,
Митски суштества
Со немерлива сила,
Притаени во мртва тишина,
Чекаат наивни жртви
Испратени од сон.
Копаат очајници,
Го бараат сонот,
Влезот, во подземјето,
Ринкаат во земјата,
Со страст и со страв,
Поместуваат грамадни карпи,
Во заблудата и лудилото,
Го предизвикуваат ѕверот
Скриен длабоко, во утробата,
Зад тајни челични порти,
Опкружен од грозни змиишта,
Влекачи од подземјето,
Верни придружници
На заборавените божества
И чувари на богатствата на сонот.
Околу,
Гроб, на гроб,
Па срушени домови
И, пак, гробови,
Крај растурени храмови
Со столбови, бели како светлина,
Делкани од робови
Во далечно време
на јунаци со немерлива сила
И девојки, жени и бабишта,
Со чудотворни вештини.