СУДБИНАТА НА МАКЕДОНСКАТА СИВКА ОД ПЛЕТВАР Е НАША СУДБИНА

Јасно е: последниот проект на штотуку заминатата влада на Македонија, односно, на гарнитури од нејзиниот состав, недвосмислено нè упатува на постапување врз основа на закон, но без закон. Зошто? Сосема е очигледно, со измена на извесни членови од определен закон, на фирмата „Бехтел и Енка“ ѝ беше дадена апсолутна слобода. Да поднесе обично барање, веројатно, може и на салфетка, додека нивните служби пијат кафе во ресторан, а веднаш потоа да започне со инвазија на избраните делови од земјата – да заградува простори со плодна земја, да започне ископување на природни ресурси без никаква документација, да отвора патишта без, кого било, да праша и слично.     Фактот дека на тој простор живеат луѓе, цели населби, живеат разновидни земни суштества, меѓу кои и загрозени видови од ендемско потекло, виреат разновидни растенија, на кои им е доведен во прашање опстанокот не е нивна грижа, зашто е спротивен со нивниот интерес. Нивниот одговор на еден „куп“ вакви проблеми е едноставен, но и суров, бескрупулозен, вознемирувачки и опасен за нас „обичните“: „кој има проблем со нас има право на жалба, па и на суд!“

            Толку! Приказната со проектот Коридор 8 и 10 продолжува сурово, бескрупулозно, како во своевидна окупација во која има окупатори, кои си ги присвоиле сите права и окупирани – без никакви права. Случајот во селото Ореовец, Прилепско, е само еден од големиот број слични низ Македонија, кои се резултат на правото врз основа на закон, но без закон. Всушност, на начин, кој е неразбирлив за елементарната логика, зашто е тешко да се разбере состојбата кога има закон, а се постапува без да се почитува тој закон, зашто некое тело во државата изгласало измени во закони, според кои, извесен субјект, фактички е ослободен од почитување на определени закони. Според таквите измени фирмата, извршител на проектот, може да уништува шуми, природни ресурси и природни вредности, да загрозува извори на вода за пиење, да загрозува ендемски и ретки видови растенија и животни, да загрозува опстанок на населби во кои живеат луѓе, да зафаќа простори со квалитетно земјоделско земјиште од кое зависи опстанокот на нивните сопственици и уште многу други слични вредности. Вие, „обичните“, заедно со другите суштества од вашата околина, имате право да се жалите!!?

            Овде, намерно, нема да се занимаваме со подлабока анализа и објаснување на законските основи за таквото постапување на „Бехтел и Енка“, (зашто тие се објавени во голем број медиуми во земјата), туку само ќе ги наброиме измените во законите направени специјално за нив, односно, за посочениот проект. Тоа се: Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Македонија, сите по скратена постапка.

            Освен посочените законски измени, посочената фирма има уште еден „куп“ привилегии поврзани со даноците, со набавката на технолошки средства и материјали и сл.

            Со специјалните измени во посочените закони, фирмата „Бехтел и Енка“ нема обврска да чека одобренија, согласности и други документи, туку со самото барање, може да започне експлоатација, изградба на објекти, зафаќање на простори за бази, паркинзи за нивните возила и технологија, или бази за материјалите потребни за градба на патот. Сите, кои ќе се најдат на нивниот пат можат само да „аминуваат“, независно дали е нападнат нивниот имот, загрозени се нивните основни услови за живот, загрозени се природни вредности, загрозени се извори на вода за пиење и слично. Сите законски измени се направени со европско знаменце, набрзина и без посебна анализа и консултација на стручни лица, во името на „националниот интерес“ и „напредната иднина“.  

            Каде е, со ваквите законски измени,  законската основа на постапките на споменатата фирма, во услови на нивно, фактичко, ослободување од почитување на голем број законски правила? Каде сме ние, „обичните луѓе“ и другите „обични“ суштества во контекст на ваквата постапка со законите? Ние можеме само да се пожалиме, и тоа, кај институциите, кои овозможија ваква законска положба. Еве, на примерот со селото Ореовец, „Бехтел и Енка“ отвори коп само со обично барање на концесија, во близина на селото, започна минирање, ги вознемири жителите на селото, всушност, сериозно ги исплаши дека нивниот живот е загрозен, раскопа дел од планината, отвори неколку патишта, речиси, без да праша, кого било, зафати приватен, доведе во опасност извори за вода, кои се значајни и за градот Прилеп, а за тоа никој од институциите, речиси, не мрдна со прст. А, и како да мрдне, кога им се врзани рацете со „герила“ законска регулатива?

            Сериозно исплашени дека нивниот живот во селото станува невозможен, излегоа само жителите на Ореовец, како и некои освестени прилепчани, кои во ваквата постапка со концесиите и експлоатацијата на минерални суровини околу градот сметаат дека е загрозена иднината и на самиот град. И, еве, веќе трет месец, овие „обични луѓе“, кои се жртви на „стратешки интерес“, во најжешкиот период од годината, се приморани секојдневно да излегуваат на протести и блокади и, за толку време, не се најде надлежна институција во државата Македонија да го разбере и да го реши нивниот проблем, иако беа изнесени разновидни вистински аргументи за загрозување на нивното елементарно право поврзано со нивниот имот и нивниот опстанок, како што не се најде надлежна институција, ниту за изворите со водата за пиење, кои се изложени на загадување и нарушување на нивниот водотек, за загрозениот ендемски вид пеперутка, Македонска Сивка (Чингова Окатка) и другите вредности, кои се загрозени со ваквата постапка.

            Всушност, и луѓето и споменатат пеперутка, која е на црвена листа на загрозени видови во светот, се доведени пред иста судбина. Нивниот опстанок зависи од „милоста“ на креаторите на „националниот и стратешки интерес“. Каде се тука нивните законски права? Правото на живот, на здрава животна средина, на безбедно живеење, правото на владеење со сопствениот имот, правото на лични права и слободи, кои се згарантирани со закон? Дали донесувањето на вакви измени на законите во државата под закрилата на европското знаме не значи своевиден начин на окупаторски однос, при кој окупаторот сам си ги одредува правилата на постапување со окупираните? Значи ли тоа дека Европа се сложува со таквата постапка и ја подржува како „напредна“ и како чин на демократија и чин на слобода и слободен живот, односно, како европска вредност и придобивка? Ние, само ќе констатираме дека незаштитувањето на Македонската Сивка, која го користи истиот природен ростор со нас, ја користи храната од него, го дише истиот воздух и ја пие истата вода, како и ние, значи дека нејзината судбина е и наша судбина. Па, сега, видете кој, кому и каква капа му крои.