„СКВЕРНАВЕЊЕТО“ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК СТАНУВА ПРАКТИКА – РБЕТЕН СТОЛБ, РБЕТ, А НЕ КИЧМА
Жално е што „сквернавењето“ на јазикот е многу честа појава. Место зборови од македонскиот јазик, се употребуваат зборови од странските јазици, од јазиците во соседството или други зборови, кои не се од литературниот јазик или се употребуваат со неправилна граматика. Употребата на некои зборови, кои не потекнуваат од литературниот македонски јазик е, особено, честа. Еден таков збор е „кичма“, кој го среќаваме, речиси на секој чекор, односно, станува редовна практика во текстовите од јавен карактер, како што се електронските и печатените медиуми, но и во документите, кои се издваат од страна на институциите. Освен тоа што, веројатно, текстовите не се лекторирани, иако тоа е обврска според Законот за употребата на македонскиот јазик, изгледа дека не се парви, ниту обична консултација со македонскиот литературен јазик, односно, со речникот на македонски јазик и неговата граматика. Па, така, место рбетен столб или скратено, рбет, употребата на неговата српска замена, кичма, речиси е редовна. Ваквата лоша практика, особено, паѓа во очи, кога ја среќаваме кај авторитетни судски институции, авторитетни медиуми и авторитетни новинари.
Ценејќи дека нивниот авторитет има влијание кај поширок круг на консументи на нивните материјали, можеме да претпоставиме каква и колкава штета се прави со ваквата постапка на македонскиот јазик кој, според законот, е „духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката“. А таквата практика е и вистинска контраверза во однос на фактот дека истите авторитети пропагираат правда, правилно однесување, законитост, хуманост, одговорност и слични вредности, во исто време правејќи своевидно „сквернавење“, односно, неправда, неправилно употребувајќи го македонскиот јазик.
На крајот, само ќе посочиме на член 7 од соодветниот закон:
„Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 од овој закон што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик“.
Се надеваме дека ваквата лоша практика, во иднина ќе се отфрла или, барем, ќе се намали.