УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ (РЕК – БИТОЛА), ОПШТИНА НОВАЦИ
Културното наследство на Македонија, многу често, е жртва на разновидни стопански и градежни активности. Притоа, засекогаш, се уништуваат значајни остатоци од материјалната култура од различни културни периоди. Штетата е, најчесто, ненадоместлива и губиме непојмливо богатство од културното наследство. Може да се каже дека тоа е состојба, која важи за целата територија на Македонија. Всушност, личи на состојба на неспособност за владеење со сопственото културно наследство.
На ваков почеток на овој материјал не наведе посетата на местото на уништеното село Суводол, општина Новаци, Битолско и проследувањето на литературата поврзна со материјалната култура од неговиот атар, кое се наоѓаше на просторот, кој денес е зафатен со ископите на јаглен во рудникот од РЕК-Битола. При формирањето на парцелите за ископ на јаглен бил зафатен поголем дел од атарот на споменатото село, заедно со локалитетите со остатоци од стари населби, а со тоа се уништени добар дел од археолошките локалитети, кои се регистрирани во Археолошката карта на Република Македонија. Освен тоа, некои од локалитетите со археолошки наоди биле оштетни или сосема уништени и со други слични зафати, како експлоатација на земја – глина, изградба на патишта и сл., а некои од нив биле нападнати уште за време на Првата светска војна со изградба на воени фортифиациски објекти – бункери, ровови, тунели, магацински простори за воен материјал или засолништа и сл.
Информациите од поранешните жители на селото, како и оние од археолозите, кои во минатото вршеле ископувања на некои од локалитетите од атарот на Суводол, упатуваат на ексклузивни наоди, но и на остатоци од голема античка населба на тој простор. Во археолошката литература, многу често, среќаваме информации за археолошки локалитети и за археолошки наоди од атарот на Суводол, а некои од нив се своевиден компаративен материјал, кој се користи при анализата, определувањето и презентирањето на археолошки локалитети и материјали од други места. Ова, особено, се однесува на локалитетот Шуплевец, кој се наоѓа на 2,5 km северно од селото. Овој локалитет, сондажно, е истражуван во периодот од 1958 до 1971 година и, притоа, е откриен завиден материјал, особено, керамички и е утврдено дека се работи за населба од периодот, енеолит.1 При анализата на пронајдениот археолошки материјал, археолозите воочиле сличности, односно, блиски културни особини со материјалот пронајден на локалитетот Бакарно Гумно кај селото Чепигово, Прилепско. Оттогаш, во археолошката литература „заживеа“ посебна група, со специфични културни белези – симболика, форми, квалитет и други карактеристики на археолошките предмети, наречена Шуплевец – Бакарно Гумно.2
ПРЕДМЕТИ, КОИ ГОВОРАТ ЗА ВИСОКО, ОДНОСНО, КРАЛСКО ДОСТОИНСТВО ВО ПРАИСТОРИЈАТА
Шуплевец е, само, уште еден пример на уништување на културно наследство. Имено, овој локалитет, кој претставува повисок рид со карпест врв и стрмни падини, бил нападнат со експлоатација на камен, па биле преземени археолошки истражувања. Најпрво, во 1959 година истражувале археолозите Петар Мачкиќ и Драгица Симоска од Народниот музеј во Битола, а во 1971 година биле преземени истражувачки активности од страна на претходноспоменатата, Д. Симоска и Милутин Гарашанин од Белград. Како што истакнуваат и самите археолози, локалитетот во најголем дел бил уништен од каменоломот, а зачуван бил само мал дел од него на самиот срт, од источната страна, каде што се вршеле и ископувањата. Голем број археолошки предмети биле собрани од самиот каменолом, кој располагал со „изобилство“ од таков материјал.3
Како посебен предмет, кој потекнува од овој локалитет, се издвојува една стилизирана коњска глава со издолжена форма, која се претставува како своевиден кралски симбол, односно, скиптар. Тој бил изработен од сиенит и е единствен скиптар изработен од таков материјал пронајден во Македонија.4 Овој експонат е еден од дваесет археолошки предмети, кои се дел од изложбата под наслов „Првите кралеви на Европа“, која е отворена во музејот во Чикаго, во април 2023 година, потоа во музејот во Њујорк, како и во други музеи во САД и Канада.5
Следниот археолошки локалитет, кој бил сондажно истражуван, покажал уште постара култура. Тоа е локалитетот Ѓорев Рид, кој се наоѓал 2,5 km јужно од селото, во близина на РЕК – Битола. Притоа биле пронајдени остатоци од еднослојна неолитска населба, со бројни фрагменти од керамички садови, како и една градба од камен и кал со поплочен под на кој биле пронајдени фрагменти од керамички садови, како и ќерамиди од покривот.6 Од керамичките садови, одовде потекнува еден исклучителен примерок на жртвеник во форма на куќа,7 со антропоморфен горен дел, кој претставува жена, односно, Големата Мајка или Мајката Божица. Жртвениците со ваква форма во Пелагонија се главна особеност на локалитетите со населби од неолитот, а такви жртвеници се среќаваат и на други археолошки локалитети од тој период во Македонија.
Културата на просторот на селото Суводол, односно, во неговиот атар има континуитет, речиси во сите периоди. На локалитетот Тумба, кој се наоѓал на околу 800 m, југоисточно од селото, крај потокот Сињевир, се среќаваат фрагменти од керамички садови, како и орудија од камен и кремен.8 Железното време го среќаваме на локалитетот, Арбасиновец,9 во атарот на соседното село Билјаник, кое е плански раселено во Горно Оризари, Битола, поради ширењето на рудникот за јаглен на РЕК – Битола.
ЗНАЧАЈНА НАСЕЛБА ВО МАКЕДОНСКИОТ, РИМСКИОТ И ДОЦНОАНТИЧКИОТ ПЕРИОД
Истражувањата, кои биле направени на археолошките локалитети во атарот на селото Суводол, како и нему соседното Билјаник, главно, се од помал обем, сондажни, контролни или заштитни, поретко систематски и не завршиле со поцелосна реализација, па наодите и информациите се нецелосни. Особено, не се целосни за обемот и значењето на една населба која, според видливите културни остатоци од неа, веројатно, имала посебен статус во раноантичкиот, односно, македонскиот период и продолжила да живее, на тој начин, најмалку до доцната антика, односно, раното христијанство. Дури, може да се постави и прашањето за непостоењето амбиција кај археолозите (или подобро, кај институциите од областа на археологијата) за да ги насочат своите истражувања за добивање соодветни информации поврзани со значењето, обемот, идентитетот и сеопштите културни, општествени и политичко-административни вредности на оваа населба. Иако, некои од археолозите, врз основа на постигнатите археолошки откритија и сознанија, упатуваат на можниот обем, идентитет и организациска улога на населбата кај селото Суводол. Според познатата авторка, Фанула Папазоглу, „населбата кај Суводол која, судејќи според остатоците, морала да биде мошне голема, се чини дека била коме на Хераклеја.“10 На ваков заклучок, Папазоглу е поведена од постоењето на еден споменик со натпис од доцната антика, на кој се споменува и населба – коме, без да се идентификува со нејзиниото име.11 Коме, пак, значи дека населбата била посебна управна, односно, самоуправна единица во рамките на империјата, а со тоа, нејзиното значење станува многу појасно.
Како можна идентификација на оваа наслеба од познатите имиња на населби и градови, кај Фанула Папазоглу среќаваме информација за еден споменик со натпис, односно, фрагмент од царско писмо, кое потекнува од Хераклеја и на кое, дури двапати, се споменува име на населба, Антаниа.12 (198, 199) Натписот се однесува на извесна наредба или инструкција упатена до градот Хераклеја во врска со изградба на патишта. Во него, на двапати, се споменуват Антаните, кои требало да понесат дел од товарот за изградба на пат: “… κάί Άντανούς συντελείν ύμείν είς τά άνάλώματα”, “ή δέ συνεδφορά γενέστω άπό τών έν Μακεδονία όντων Αντανων”.13 Иако научниците наоѓаат и извесни слабости поврзани со името на градот Антаниа и етникумот Антани, многумина се сложуваат дека овој град треба да се бара на територијата, која во антиката била позната под името Линкестида, односно, во просторот меѓу античките градови, Хераклеја и Стоби.14 За жал, според она што може денес да се види на терен, просторот на кој била расположена населбата, всушност, просторот на селото Суводол со неговата околина, е комплетно раскопан со активностите за експлоатација на јаглен во постоечкиот рудник, а далеку сме од, каква било, сеопфатна археолошка акција за откривање на неговите остатоци и за негова соодветна идентификација. Сепак, информациите, кои ги добиваме од постоечките истражувања и рекогносцирања на теренот, упатуваат на завидно културно наследство со потекло од овој простор, кое може да биде, само, наследство на значајна античка населба, односно, град. Дали се работи за Антаниа, кој се среќава во списокот на градови кај познатиот автор Хиерокле или град со друго име, тоа е друга работа.
НАСЕЛБА СО МНОГУ ГОЛЕМ РАЗМЕР
Остатоци од голема населба констатира и словенскиот археолог, Франце Месеснел. Тој, во близина на селото, на локалитетот, Сланец, ископувал една поголема ранохристијанска базилика и, притоа, наведува голем број наоди од постарите периоди, остатоци од стара населба. Уште при првото доаѓање на локалитетот со базиликата, во 1931 година, „на источниот крај на селото, на левиот брег на потокот Синевир, на местото викано Сланец“, каде дошле заедно со управникот на тогашниот Музеј на Јужна Србија во Скопје, Радомир М. Груиќ, освен остатоците на раскопаната базилика, забележале и голем број разновидни споменици од античката населба. Месеснел, набројува: фрагмент од столб со капител, делови од плочи со орнаменти, една стела со три човечки фигури, средниот дел од една машка скулптура и една нога, заедно со драперијата. Исто така, кај блиската чешма бил забележан и еден споменик со натпис, како и еден надгробен споменик, исто така, со натпис, кој се наоѓал кај селската црква, а бил донесен од едно лозје, западно од локалитетот Дибек, кој се наоѓа во близина на местото на некогашното село. На овој споменик, Месеснел успела да прочита и дел од натписот: ΑΔΥΜΟΣ/ΠΌΝΤΙΟΥ/ΗΡΩΣ / ΧΑΙΡΕ.15
Месеснел изнесува и голем број други податоци од материјалната култура на просторот на селото Суводол, меѓу кои и со посебен ексклузивитет. „Околниот терен е полн со урнатини и гробови. На антички и подоцнежни гробови, селаните наишле под карпите на врвот Градиште, во источните ниви крај самото село Суводол, во лозјата под Дибек, кај Сланец и понатаму, на југ, се до селото Паралово. Во нивата на Насе Петорвиќ селаните подигнале плоча од гроб и пронашле златни пари, за кои се мисли дека биле на Александар Велики. Парите се продадени во Битола за 2 наполеони.“16 Понатаму изнесува и податоци за гроб од посебен карактер, пониско од локалитетот Дибек, кој бил со исправен (вертикален зм.) влез и „издлабен во камен“.17
Споменици и остатоци од старата населба, Франце Месеснел, среќавал и во самото село, а споменува дека на неколку места се откопани канали со „четвртест“ пресек, кои потекнуваат од некогашната населба, додека во куќата на еден жител на селото, Марко Најдовиќ, бил заѕидан и еден помал споменик со претстава на младиот Бах (Дионис), кој го датира во римскиот период.18 Подолу од селската црква, кај потокот Синевир, како и на локалитетот, кој се викал Грамаѓе, имало широк простор покриен со „урнатини, градежен материјал, цигли, камен, и керамиди.“ Слични остатоци, стари урнатини и гробишта, Месеснел, забележал и на просторот и по падините кон селата Паралово и Долно Ореово.19
Соочувајќи се со завидно богатство од материјална култура, Франце Месеснел „си дозволува“ заклучок „дека на овој терен се наоѓаат остатоци од една стара населба со многу големи размери, која според пронајдените остатоци води потекло од римското време, а дека се допушта и можност за праисториска населба.“20
1 Археолошка карта на Република Македонија. Милутин Гарашанин – Драгица Симоска, Контролни ископувања на Шуплевец и некои проблеми на групата Шуплевец-Бакарно Гумно, Macedonia Acta Arheologica, бр. 2 (1976), 9-41.
2 Археолошка карта…
3 Исто. Милутин Гарашанин – Драгица Симоска, Контролни ископувања …, 9.
4 Јасмина Гулевска, Зооморфен скиптар од локалитетот Шуплевец, Битолско, 1-4.
5 (https://kultura.gov.mk/големата-археолошка-изложба-првите/)
6 Археолошка карта на Република Македонија.
7 Музеј – Битола, (muzejbitola.mk, модел на куќа, Среден неолит / 5800 – 5200 пред н.е.)
8 Археолошка карта на Република Македонија.
9 Исто.
10 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, Књига I, Скопје 1957, 197.
11 Исто.
12 Исто, 198, 199.
13 Исто, 198.
14 Исто.
15 Франце Месеснел, Ископавања у мариовском Суводолу, Гласник скопског научног друштва, књига XI, Скопје 1931, 202, 203.
16 Исто, 203.
17 Исто.
18 Исто.
19 Исто.
20 Исто, 204.