ТЕА ПАСИКРАТА, РОБОВИТЕ И БОГОВИТЕ ОД АНТИЧКИОТ ГРАД КАЈ СУВОДОЛ

УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ (РЕК – БИТОЛА), ОПШТИНА НОВАЦИ 2

Фанце Месеснел, во текот на ископувањето на ранохристијанската базилика кај Суводол, наведува уште неколку интересни споменици од постариот антички период. За нив, археологот констатира дека се елементи од извесни градби од постариот период, односно од времето на населбата пред нејзината христијанизација и изградбата на базиликата. Веројатно е дека на ова место во постариот период се наоѓал извесен храм посветен на некој од античките богови, чии имиња ги среќаваме на повеќе споменици од Суводол. Слична констатација среќаваме и кај споменатиот истражувач. Еве како се произнесол тој: „По пронајдените сполии јасно е дека на ова место или во близина, пред базиликата постоела античка градба, а можеби и храм.21

            Следејќи го објавениот материјал, меѓу другото, Месеснел наведува дека два постари споменици, обработени камења, стоеле на северниот и јужниот раб на делот од градбата, кој ја претставувал апсидата (делот со олтарот). Едниот од нив содржел натпис, а истражувачот успеал да прочита дел од него: ΕΥΕΜΠΈΤΘΙ. – ΕΛ / ΩΗΔ ΑΛΟΧ.. / ΤΟΙΜΩ. Притоа, забележал дека крајот на редовите од натписот биле отсечени и констатирал дека „каменот некогаш имал друга намена, а овде е употребен како градежен материјал“.22 На еден од пиластрите (столбови изградени во ѕид и малку издадени) бил пронајден и еден фрагмент од плоча од мермер во форма на триаголник и на него стоел натпис, а биле пронајдени и други антички споменици од постарите периоди.23 Еден таков споменик, односно, фрагмент од него, претставувал триаголна форма во кој била извајана косо поставена човечка нога, веројатно, основа од извесна античка скулптура.24

            Голем број фрагменти од столбови, како и други форми од камен и мермер биле пронајдени и на други места во градбата на базиликата, како и околу неа. Меѓу нив и столбови и други форми споменици со натписи.25 Сето тоа говори за значењето, културното ниво и големината на античката населба, која егзистирала на местото на поранешното село Суводол. Таа, веројатно, има и многу подлабоки корени, дури и праисториски, но посебно значење добила во македонскиот и римскиот период а, како таква, опстанала и следните векови. Во раното христијанство, жителите на оваа населба го прифатиле христијанството и изградиле значајна христијанска градба – базилика, која се наоѓала на периферијата на населбата.26

БОГОВИ И БОЖИЦИ ОД НАСЕЛБАТА КАЈ СУВОДОЛ

            За религијата, божествата и култовите на жителите на големата античка населба од Суводол постојат, значаен број документи, особено, споменици со натписи и релјефи со претстави на божества. Преку нив, можеме да добиеме извесна слика за начинот на живот и верувањата на жителите, како и за нивната класна структура и меѓусебниот однос. За раната антика, односно, македонскиот период, карактеристични се неколку божества, кои ги среќаваме како изработени фигури, релјефи или, во разни форми, на спомениците со натписи. На прво место би ја ставиле божицата на љубовта, љубовната страст, па и родноста и плодноста, Афродита, која е присутна преку една пронајдена допојасна скулптура од керамика во гробница од македонски тип на локалитетот Дибек, од северната страна на некогашното село, Суводол.27 Божицата е облечена во широк фустан со деколте, со појас под градите и набори. На главата има дијадема украсена со цветови во форма  на чашка и со пупки во средината. Ликот и е со правилни црти и со сериозен израз. Бистата е висока 0,39 m, а широка 0,30 m.28 Имајќи предвид дека е пронајдена во гробница од македонски тип, која е датирана во II век пред н.е., јасно е дека божицата Афродита била почитувана како култ во населбата кај Суводол уште во македонскиот период. Останува само прашањето дали била почитувана под истото име, Афродита или била нарекувана со некое автохтоно име, карактеристично за Македонците.

Афродита од локалитетот Дибек

            Освен Афродита, во Суводол се пронајдени и претстави на други божества, меѓу кои скулптури на Деметра и Артемида. Деметра е претставена во скулптура, седната на престол, а во рацете држи овошје.29 Прашањето е каде стоела скулптурата. Веројатно е дека таа била дел од поголем уреден простор посветен на божицата на земјоделството, односно, на растенијата, особено, на житните растенија, кои се основа за прехранување и опстанок на човекот. Поверојатно е дека таа била само дел од поголема градба, односно, храм посветен на божицата во рамките на старата населба. Фактот што населбата кај Суводол се наоѓала на самиот раб на Пелагонија, која е најголема житница во поширок простор, секако, треба да се има предвид. 

            Претставата на Артемида е статуетка од мермер,30 односно, торзо на кое божицата е претставена во облека -хитон, таа е во движечка положба, слично како и претствите од селото Штавица и Беловодица, Прилепско, каде божицата е изработена во положба на движење при вадење на стрела од тулецот на нејзиното рамо, со десната рака, за да ја постави на лакот за стрелање, кој го држи во нејзината лева рака. За Артемида се познати повеќе претстави и имиња, кои ги среќаваме на разновидни натписи од Македонија. Таа е нарекувана Артемида Енодија, како Мајка на боговите, Артемида Ефеска, според нејзиниот голем храм во градот Ефес, Мала Азија и сл.31

Афродита од локалитетот Дибек 2

            Освен овие божества, веќе споменавме дека во ѕидот на една од куќите во Суводол бил забележан помал блок од мермер со претстава на богот Бах, односно, Дионис.32 На извесен начин, богот Дионис е присутен, односно, споменуван и во асоцијативна форма, преку неколку имиња на граѓани на населбата, кои ги среќаваме на големиот број споменици со натписи со потекло од Суводол.33 Како асоцијација го среќаваме и името на божицата на победата, Нике, односно, како име на извесна жителка на населбата, на надгробен споменик со натпис.34

            Доколку ни е допуштено, можеме да претпоставиме дека скулптурите и претставите, како и присуството на имињата на божества на спомениците со натпис значи дека тие биле дел од пантеонот на божества, кои се почитувале во населбата, односно во поширокиот простор на Пелагонија. Уште повеќе, држи и претпоставката дека нивното почитување и славење било изведувано во посебни храмови изградени за нив, а скулптурите и релјефите со нивна претстава биле само дел од вкупната иконографија на религиските градби. Постоењето, пак, на повеќе такви храмови во населбата создава слика за изгледот на населбата од архитектонско-градежен аспект.

БОЖИЦАТА ПАСИКРАТА И РОБОВИТЕ

            Кога се работи за боговите во кои верувале античките жители на овој простор, за Суводол е присутна и една божица, која поретко ја среќаваме на други места. Тоа е божицата со име Теа Пасикрата, која ја среќаваме на три натписи на една ара (жртвеник) од ова село,35 различно датирани во периодот од III до првата деценија на IV век на нашата ера. Во секој од натписите се работи за посвета на робови на божицата од страна на нивните сопственици, кои живееле во населбата. Божицата Пасикрата, чие име се преведува како „Семоќна“,36 изгледа била особено почитувана божица во тој простор а, според археолозите, ова е едно од имињата на Мајката на боговите, односно, Божицата Мајка или тројната богиња. Натписите на арата говорат за ослободување на робови со тоа што тие ѝ биле посветувани на божицата Пасикрата која, веројатно, имала и свој храм во античката населба кај Суводол. на еден од натписите, покрај посветата на робинка на божицата, се наведува и парична казна за оној, кој ќе се осмели да ја грабне робинката, а средствата од казната да бидат во корист на светата благајна,37 што упатува на постоење храм и свештенство, односно, институција поврзана со култот кон оваа божица. Што се однесува до подарувањето робови на боговите, односно, ослободувањето на робови во тој период, познавачите упатуваат на тоа дека, тогаш, таквата практика била „широко распространет обичај во Македонија“,38 а покрај споменатиот случај од Суводол, односно, подарувањето робови на божицата Теа Пасикрата, познат е и случајот од селото Вашарејца, Битолско, каде на еден споменик со натпис е докуметирано подарување робови на божицата Артемида.39

Жртвеникот со натписите посветени на Пасикрата 2

            Божицата Мајка ја среќаваме во различни претстави, како и под различни имиња. Таа може да се сретне како Кибела (која е бригиска форма за оваа божица), Деметра, Артемида, Енодиа40 и други имиња. На споменикот од Суводол, на сите три натписи, ја среќаваме формата Теа Пасикрата,41 односно, Божицата Пасикрата.

Жртвеникот со натписите посветени на Пасикрата

            Овде, малку можеме да кажеме за потеклото на името Пасикрата, односно, дали се работи за автохтоно, локално име и локален култ или име со друго потекло. Интересно е дека еден крал од островот Кипар го носел името Пасикрат, кого го споменуваат двајца антички автори, Аријан и Плутарх. Него го среќаваме во текстот на Плутарх поврзан со времето по битката кај Ис. Тогаш, на Александар Македонски му се придружиле и Кипраните, односно, по победата на Александар против Персијците и нивниот крал Дариј во битката кај Ис, кај него „веднаш дошле кралевите од Кипар сами да му го предадат островот“.42 Името на Пасикрат, кај Плутарх, го среќаваме во описот на една свеченост во чест на боговите со жртвување и организирање литии, настап на музички хорови, игри и изведби на трагедии, кои биле организирани по враќањето на Александар од Египет во Феникија. На овие свечености имало и натпревари меѓу различните музички и уметнички групи, особено меѓу групите од Кипар и од Атина. Додека од Атина, хорези, односно, водачи на уметничките групи биле посебно определени лица, хорези од Кипар биле самите кралеви. Од страната на Кипар тоа бил и Пасикрат од градот Сол, а за Атина извесен Никокреонт. На двете страни со фрлање коцка им биле доделени најславните глумци, па Никокреонт го добил Тесал, а Пасикрат Атенодор. Во натпреварот меѓу двајцата глумци победил глумецот на Пасикрат, Атенодор.43

            Аријан, исто така, не информира дека по битката кај Ис, на Александар му пришле „кнезовите на Кипар кај градот Сидон со околу стодваесет бродови“.44 Аријан, името на Пасикрат го споменува во поинаков контекст од Плутарх, односно, во поинаква улога, при описот на еден момент од опсадата на градот Тир, кога Тиренците успеваат да уништат неколку бродови на Македонците, а меѓу нив и бродови на „Пасикрат Куријанинот“.45 Споредувајќи ги овие инфромации кај двајцата автори, забележливо е дека Плутарх говори за Пасикрат од градот Сол, а Аријан за Пасикрат од градот Куриј, но нејасно е дали се работи за двајца кипарски кралеви со исто име или за различната информираност на двајцата автори.

Артемида – оштетена скулптура од Суводол
Деметра во престол од Суводол

            Поврзувајќи ги имињата на кралевите на Кипар со име Пасикрат со споменатата божица Теа Пасикрата од Суводол, можеме само да констатираме дека се работи за вистинско ономастичко совпаѓање и да претпоставиме дека се работи и за своевидно потекло на ова име од Кипар, зашто немаме информации за негова примена во поширокиот простор. Во секој случај, неговото појавување во Суводол, говори и за можната локална форма на име на божество, Големата Мајка, од овој простор.

21 Исто, 212.

22 Исто, 205.

23 Исто, 210.

24 Исто, 210, 211.

25 Исто.

26 Исто, 204.

27 Томе Јанакиевски, Три доцнохеленистички гробници во стена од лок. „Дибек“, с. Суводол – Битола, Macedoniae acta arheolgica, бр. 13 (1993), 151, 152.  

28 Исто, 152.

29 Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, Археолошки музеј -Скопје, Скопје 1961, 60.

30 Исто, 58.

31 Како Артемида Енодија се среќава во Прилеп, Градиште кај селото Дебреште, општина Долнени и на други места. Со епитетот Ефеска, Артемида ја среќаваме на локалитетот, „Трескавец“ кај Прилеп, во селото Кокре, Прилепско и на други места.

32 Франце Месеснел, Ископавања у мариовском Суводолу, 203.

33 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 11 – 13.

34 Исто, 14.

35 Исто, 10 – 12. Б. Јосифовска, Водич низ лапидариум, 50, 51.

36 Б. Јосифовска, Водич низ лапидариум, 50, 51.

37 Исто.

38 Ленче Јованова, Македонија во римскиот период (Археолгија), 864, 865.

39 Исто, 861.

40 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua Macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 173.

41 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 10- 12.

42 Плутарх, Александар Македонски, 130, 131.

43 Исто, 138.

44 Аријан, Александрова војна (Анабаза), Матица хрватска, Загреб 1952, 92, 93.

45 Исто, 96.