СКАМЕНЕТА МОЛИТВА

Чудата одамна ги нема,

Делови од приказни

Шепотат по ледини или

Меѓу древните карпи низ ридовите

Ги предизвикуваат духовите

На чудното време.

Митски суштества пиштат во немоќ,

Заробени во камени гробови.

х

Под врв од злато

Полупуст храм чмае,

Сраснат со природата

Од волшебна естетика,

Плискан од дождови,

Напуштен од игумени и монаси,

Самнее без литургии и молитви

На божји служители.

Гроб на мртви богови е храмот

И на време заглавено во вечност.

Изграден во напор

Со крв и пот,

Од камен делкан и дробен,

Со почит и љубов,

За волја на веќе мртви, но

Стамени суштества надземски,

Упокоени со крв и оган

Во мртво доба

Без сончева и

Без месечева виделина.

Грабале камен и гребеле малтер,

За одбраното место,

Под врвот со вонвременска светост.

Еј, Аполоне, убавецу сончев,

Еј, Артемидо, девице вечна,

Со каква ли љубов

Згаснавте во чемер?

Ситни божји творби,

Задумани суштества во стравот,

Треперат од невреме и злоба.

Заблудани низ карпите на

Возвишена Света планина,

Итаат забревтано колони

Кон молитва спасоносна.

Понизно молитви владиката

За спас на чедата

Родени во глуво време.

Вознесен е патрикот,

Стамен водач на денот,

Меѓу карпите извајани од вечност.