АРИСТОКРАТСКИТЕ ГРОБНИЦИ ОД МАКЕДОНСКИ ТИП НА ЛОКАЛИТЕТОТ, ДИБЕК, СУВОДОЛ, ОПШТИНА НОВАЦИ
УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ (РЕК – БИТОЛА), ОПШТИНА НОВАЦИ (3)
Античката населба или, подобро, градот со непознато име кај селото Суводол, општина Новаци достигнал ниво на населба со повисоко општествено и културно значење уште во вековите пред нашата ера. Посебен доказ за тоа се три гробници со нагласени димензии издлабени во карпа на просторот на кој била расположена самата населба, а локалитетот на кој се наоѓаат е познат како Дибек. Тие се три гробници од аристократски карактер од македонски, односно, пелагонски тип и се само дел од неколку десетици од сличен тип откриени на просторот на Пелагонија.46 За аристократските гробници од Пелагонија, може да се каже дека се една од главните културни вредности, кои можат да се сметаат за културно наследство на античките Пелагонци, односно, дел од наследството на пелагонската култура.
Гробниците од локалитетот Дибек, кај Суводол се расположени на една падина, која се спушта благо кон рудникот во правец североисток – југозапад. Во нивната околина, денес, има остатоци и од извесни градби, како и разновиден археолошки материјал, главно од керамика, како фрагменти од тегули, садови, питоси и сл. За жал, овие репрезентативни антички објекти, кои во себе содржат идентитетски вредности за Македонците и Пелагонците во тој состав, по извршените археолошки истражувања, се оставени на забот на времето, на атмосферските влијанија и други деструктивни сили и, речиси, исчезнуваат од посочениот локалитет.
Според расположливите објавени материјали, гробниците од локалитетот Дибек за првпат се забележани во 1931 година од страна на споменатиот словенечки научник, Франце Месеснел, кој збележал една од гробниците, односно, забележал „исправен влез во еден гроб, издлабен во камен“.47 Месеснел изнесува информација и за втора таква гробница, која била во распаѓање, односно, нејзиниот кров бил распаднат. По негови инструкции, едната од гробниците ја исчистил месниот учител.48 За жал, немаме информации што било пронајдено во неа.
Подоцна, односно, по 60 години, во 1991 година, на гробниците од македонски (пелагонски) тип од локалитетот Дибек работел археологот Томе Јанакиевски и, притоа, биле обработени двете претходно споменати, како и уште една, трета, гробница од истиот тип.49
Томе Јанакиевски ни ги пренесува димензиите на посебните елементи на гробниците, дромос, влезови, преткомора и комора, а нè информира и за археолошките наоди од движен карактер во секоја од трите погребни објекти.
ПРВАТА гробница, која била „исчистена“ уште 1931 година има дромос долг 7,13 m, кој зафаќа трапезоидна форма, односно, на почетокот е широк 0,70 m, а пред влезот во гробницата 1,20 m. Влезот во преткомората има мал праг со димензии, 0,36х0,16 m. Влезот е висок 1,40 m, широк 0,80 m и длабок 0,48 m. Над горниот раб на влезот има врежана линија, која го означува надвратникот.50
Преткомората е помала од комората и е со димензии, 0,97 m должина и 1,70 m широчина. Од преткомората во комората води влез со димензии: ширина 0,60 m и длабочина 0,40 m. Неговата височина не можела да се измери, бидејќи поголемиот дел од кровот на гробницата бил срушен. Комората, односно, погребната просторија имала димензии, 2,28 m должина и 1,95 m широчина. На подот на комората била оформена посебна јама за положување на моштите, која од три страни – источната, западната и северната била заобиколена со три посебно оформени блокови, односно, ниши, а од јужната била отворена.51 Според нас, посебно оформените „блокови“, односно, нишите служеле за приложување на жртвени дарови за покојникот, а меѓу нив и оние, кои се пронајдени во гробницата при ископувањето и кои ги набројува археологот Јанакиевски. Во првата гробница биле пронајдени:
- Биста на божицата Афродита изработена од керамика, која ја споменавме во претходниот наслов од оваа тема.
- Амфора од керамика, со форма на крушка, без особено украсување, со две кружни, плитко врежани линии на горниот дел од мевот. Амфората е висока 0,45 m и со дно со пречник од 0,10 m.
- Керамички сад со крушковидна форма и низок цилиндричен врат. Рачките се со кружна форма и го надвисуваат венецот на садот, додека неговото дно е со конусоидна форма. Садот, заедно со рачките, е со височина од 0,163 m, само неговото тело е високо 0,132 m. На телото од садот нема посебни украсувања.
- Мал сад со биконусен мев, со рачки од двете страни, висок 0,052 m, а пречникот на венецот му е 0,117 m. И овој сад нема украсување.52
ВТОРАТА гробница е истражувана, односно, „исчистена“ уште 1931 година, во времето кога овде истражувал споменуваниот Франце Месеснел, па Томе Јанакиевски нѝ го пренесува описот на словенечкиот истражувач. Таа имала дромос со должина од 8,40 m, со трапезоидна форма, односно, на почетокот имал широчина 0,80 m, а пред влезот во гробните простории 1,05 m. Од дромосот се влегувало преку влез со широчина 0,60 m, длабочина 0,67 m во преткомората, која била со димензии 0,75 m должина и 1,55 m широчина. Комората е со димензии, 2,50 m должина, 1,90 m широчина. Височината на сводот во погребната просторија – комората, достигнувал 1,80 m.53
Томе Јанакивески, упатувајќи на тоа дека наодите од оваа гробница ги дознаваме од извештајот на Ф. Месеснел, наведува само еден наод, амфора, која била идентична со еден од садовите – амфора од првата гробница.54
ТРЕТАТА гробница е новопронајден објект, по претходни сознанија, при археолошките активности во 1991 година. Таа се наоѓа во близина на претходните две, северозападно од нив.55 Оваа гробница има дромос со должина 7,10 m и, исто како и на претходните две гробници, зафаќа трапезоидна форма, односно, на почетокот е со широчина пд 0,75 m, а при влезот во просториите 0,95 m.56
Влезот во просториите на гробницата, односно, во преткомората бил затворен со камена плоча, прицврстена со ситен камен и глина со димензии, 1,31Х0,74Х0,8 m.57 Влезот е со димензии, 0,73 широчина, 0,34 m длабочина и 1,20 m височина. Над влезот се среќава врежана линија, која обележува архитрав, односно, надвратник. Преткомората е со форма на неправилен правоаголник, со димензии, широчина на едниот крај 1,43 m, а на спротивниот 1,20 m и должина 1,00 m. Највисокиот дел од сводот, во централниот дел на просторијата, е 1,70 m.58
Од преткомората, преку посебен влез издлабен во карпата, се влегува во комората, односно, главната просторија во која се вршело положувањето на посмртните останки на покојникот. Влезот е со димензии, 0,80 m широчина, 0,37 длабочина и 1,25 m височина. Има и праг, висок 0,12 m. Комората е со неправилна правоаголна форма и има димензии: широчина на едниот крај, 1,96 m, на другиот 2,17 m, должина, 2,34 m. Најголема височина има во централниот дел на просторијата, која изнесува 2,5 m.59
Како наоди, предмети во гробницата, Јанакиевски наведува 6 керамички садови.
- Сад со крушковидно тело, ниско прстенесто дно и кус врат со венец извлечан кон надвор, како и две рачки со кружен пресек, кои го надвисуваат венецот на садот. Садот е висок, заедно со рачките 0,212 m, без рачките, 0,193 m, а венецот е со пречник од 0,097 m.
- Помал керамички сад со благо конусоидно тело, со рачки со кружен пресек, кои го надвисуват венецот на садот и се украсени со по еден украс во форма на брадавица. Височината на садот заедно со рачките е 0,135 m, а само телото е високо 0,120 m. Венецот на садот е со пречник од 0,085 m.
- Сад со височина 0,120 m, пречник на венецот 0,088 m. Има биконусна форма, со рачка во форма на јазик со откршен дел. Телото на садот, во горниот дел, е украсено со три рамнокраки триаголници со темето надолу, а меѓу нив има крвчиња и испупчувања во форма на брадавица.
- Сад со биконусно тело, висок 0,210 m, со пречник на венецот од 0,070 m.
- Мала паница со височина од 0,038 m и пречник на венецот од 0,100 m. 6. Капак од земјен сад со конусоидна форма и рачка со кружна форма со височина од 0,037 m и пречник 0,110 m.60
Гробниците од македонски (пелагонски) тип од локалитетот Дибек кај селото Суводол, општина Новаци, сега во работниот простор на РЕК-Битола, се само дел од големиот број слични гробници од повеќе локалитети во областа Пелагонија, кои се расположени по работ на големата рамнина, на простор со геолошки состав од вулканско потекло. Меѓу нив се гробниците од селото Горно Село, општина Долнени, Маркови Кули кај Прилеп – Мечкина Дупка, Крклари, Караташ, Разбојна Дупка кај селото Алданци, Марков Чардак кај селото Бело Поле, Баба кај Прилеп,61 а најрепрезентативна и најзначајна гробница од тој тип среќаваме на локалитетот Павла Чука, меѓу селата Бонче и Подмол, Прилепско.62
Според археолошките наоди и културните белези, гробниците од локалитетот Дибек се датираат во доцниот хеленизам, односно, македонскиот период, втора половина на II век п.н.е.63
Присуството на, дури, три вакви гробници, кои можеле да си ги дозволат само жители со повисок статус во античката населба, упатува на тоа дека во неа имало поголем број семејства од повисокиот слој, односно, од богатата аристократија. Фактот што овие објекти се пронајдени, главно, случајно и без сериозен аналитички, научен и истражувачки пристап, може да значи дека на просторот на кој била расположена античката населба се можни и други слични наоди, доколку не се уништени со деструктивните активности при експлоатацијата на јагленот во споменатиот рудник. Сепак, и со досегашните такви наоди, заедно со другите археолошки остатоци од тој период, можеме да констатираме дека античката населба од споменатиот простор била со нагласено значење уште во македонскиот период.
46 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница -Прилеп, Прилеп 2009, 21-23, 31, 32, 138 – 144, 158 – 160.
47 Франце Месеснел, Ископавања…, 203.
48 Томе Јанакиевски, Три доцнохеленистички гробници…, 149.
49 Исто.
50 Исто.
51 Исто, 150, 151.
52 Исто, 151 – 153.
53 Исто, 153, 154.
54 Исто, 154.
55 Исто.
56 Исто, 156.
57 Исто.
58 Исто.
59 Исто, 157.
60 Исто, 157 – 159.
61 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 31, 32.
62 Исто, 21 – 23.
63 Томе Јанакиевски, Три доцнохеленистички гробници…, 160.