ПОД ЗЛАТНОТО ЈАБОЛКО

Златно јаболко и лав од камен,

Во скаменети ѕидишта заборавени,

Свети редмети – реликвии од камен

И воздух со мирис на свети тајни,

Под врвот, близу небесата,

Безброј монаси, светители

Аскети во камени легла замолитвени,

Убиваат вечни искушенија,

Со енергија небесна.

Тишината, ем морна, ем вознесна,

Вонвременска љубовница на небото,

Покрив на врвот и златното јаболко,

И на храмот заборавен – скаменет.

Царска свита се молкне

Забревтано по угорнината,

По древен пат со цврста калдрма,

Ѕвецка оружје и накит,

По китната руба на патниците,

Со гордост од царско достоинство,

Полни со надеж за божјата милост.

Патот од камен  подмолна змија,

Крие стапици во празнините,

На времето заборавено од немарност,

Се заканува ноќта,

Навестува злокоба.

Еј, Аполоне, невиден убавецу,

Еј, Артемидо, горда божице,

Заколната девице,

Кај отидовте од храмот,

Растурена света градба

Меѓу Земјата и небото,

Заробен во лажна светост

Под врвот позлатен,

Обѕидан со цврсти ѕидишта.

Небесна вода по грамадни плочи

Плиска потсилена од ветришта

Со злокобен свиреж по стрмнината,

Ја троши последната сила

На старите богови,

Навестува зло и опоменува,

Создава јанѕа во душата.

Има ли јунак да ја спречи смртта

Секогаш да го грабне најубавото,

Ненадејно и во момент најнадежен.

Да ја спречи да ја уништи радоста,

Да ја строши среќата

Во миг на полна моќ и елан за животот,

На суштества слепо заитани кон иднината.

Има ли јунак да ја спречи да внесе страв

Непотребно во срцата полни со љубов,

Да ги замагли желбите со сомнеж,

Да ја згмечи волјата за освојување

На нови стремежи на духот.

Да ја спречи смртта

Да биде толку несмасна и грда,

Да внесува ужас во топли огништа,

Да остава студени постели зад себе,

Во походот на пустошот и пропаста.

Има ли јунак да ја спречи

Во ова заитано време,

Кое не признава слабост и кревкост

И, упорно, притиска кон напор

По секоја цена,

Кон иднина од ништавило – смрт.