ГРАЃАНИ И БОГОВИ ОД АНТИЧКАТА НАСЕЛБА КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ
УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ (РЕК – БИТОЛА), ОПШТИНА НОВАЦИ (4)
Населбата кај селото Суводол имала долг живот, односно, постоела најмалку десетина века. На тоа упатуваат бројните споменици кои, и покрај деструктивните активности, кои ги доживеал просторот на кој била лоцирана, останале до денес како живи сведоци за нејзината долга одисеја низ вековите. Уште повеќе, како што беше напоменато уште на почетокот на овој материјал за културата на просторот на уништеното село Суводол, постоењето на оваа населба може да има имногу постари корени и многу подолг континуитет, ако се земат предвид завидните остатоци на материјална култура од неолитот (локалитетот Ѓорев Рид) и енеолитот (Шуплевец), кои имаат значајно место во праисториската култура во Македонија, па и пошироко.
Ако, на кој било начин, успеавме да создадеме каква-таква слика за животот и значењето на споменатата населба до римскиот период, за неколкуте векови римски период, на своевиден и воочлив начин, говорат големиот број споменици со натпис на кои се среќаваат имиња на граѓани на оваа населба со непознато име, како и имиња на божества, кои биле нивни „сожители“ од особено значење, а кои им го определувале начинот на живот и општото однесување и култура на живеење на „обичните“ жители.
Ќе започнеме со еден, за нас, особено значаен споменик, односно, од натписот за кој сметаме дека е значаен за идентификување на момент од животот на мистериозната античка населба кај селото Суводол, денес избришан дел од животната историја на тој простор, претворен во црна маса, како цена за нашиот развој и „полесен“ опстанок.
- – έτους δλύ μηνός Δίου έγώ Διονύοσ ίερόδουλος θεάς Πασικράτας άνέθεκα υίόν μου κέ δούλον ονόματι Φιλετον όν ηγόρασα μετά κέ τής θεάς εις τήν χρήσιν αύτού ώς τόν ζωής χρόνων64
Во втората година од месецот на Зевс, јас, Дионис, на свештеничката на божицата Пасикрата, го оставив во аманет мојот слуга по име Филетон, кој ѝ го оставив на божицата за да го користи за време на неговиот живот.
Овој натпис се наоѓа на споменатата ара со три натписи со посвета на божицата Пасикрата. Натписот е датиран прецизно, односно, во октомври 286 година на нашата ера.65 На натписот ги среќаваме името на богот Ѕевс, со форма „Дион“, која во Македонија ја среќаваме на многу други натписи, меѓу кои, поголем број и во Пелагонија.66 Тоа нè упатува на размисла дека врховниот бог кај Македонците бил почитуван под тоа име, а потврда за тоа може да биде и македонскиот град Дион, кој се наоѓа од северната страна на планината Олимп, седиштето на боговите. Се разбира, не е случајно што во овој град имало светилишта посветени на главните божества, кои ги почитувале Македонците во тоа време.
По името на врховниот бог, следи името на жител на населбата кај Суводол кој, исто така, има име со божествено потекло, Дионис, односно, неговото име е изведено од името на главниот бог, Дион, или го носел името на богот на виното, Дионис. На натписот се говори за тоа дека Дионис, во името на богот Дион, го посветил својот слуга (роб), Филетон на божицата Пасикрата (Семоќна или Севладателка), за да ѝ служи додека е жив.
Овој натпис, како и другите три натписи на истиот споменик, нè доближуваат до извесни општественосоцијални, религиски и културни моменти на граѓаните на населбата од просторот на селото Суводол, чии остатоци ги среќаваме денес во сосема раскопан терен, во хаотичен амбиент. Може да се каже дека во натписите се соочуваме, дури, и со некои интимни моменти на жители на населбата, поврзани со меѓусебниот однос меѓу сопствениците на робови и робовите, како и моќната божица, Пасикрата, која била закрилничка на робовите, а можеби и покровителка на античката населба за која станува збор.
- έτους θκύ Δεσίου ένάτη έορτησ αγομένης θεάς Πάσικράτας τής καθιδρυμένης έν κώμη Ίουνία Αύρηλία έχουσα τριών τέκνων τό δίκαιον άνέθηκα θέά Πασικράτας δούλην μου όνόματι Κοπρυλλω, ής κέ τήν ώνήν καί τήν κατοχήν παρέδωκα έάν τις άνάπτη, δωσί τωω ιερωτάτω ταμείω . μυριάδες πέντε Ίουνία Αύρηλία μετά τής θρεπτής κέ πεδίον Ζωείλον67
Во годината на Десиј, на деветтиот празник на божицата (Теа) Пасикрата, Јунија Аврелија, од овдешната населба (коме – заедница, зм.), која има три деца ѝ дава на услуга робинка со име Коприла на Теа Пасикрата. Оној кој ќе ја грабне да исплати казна на светата благајна. Јунија Аврелија по задушница со детето Зоил(он)
Овој натпис, кој е на една од страните на жртвеникот посветен на споменатата божица Пасикрата, е датиран во мај 282 година68 и е, особено, значаен. Тој упатува на тоа дека тие што имале три деца, како што имала споменатата во натписот Јунија Аврелија, имале посебни привилегии, кои се донесени уште од страна на императорот Октавијан Август (27 г.п.н.е. – 14 г.н.е.).69 Освен тоа, во натписот се споменува и населба – коме, чие име, за жал, не е наведено, а говори и за ослободувањето на робови во тоа време преку нивно подарување и посветување на некои од божествата, како што е примерот изнесен во овој натпис, односно, подарување на робинката Коприла на божицата Пасикрата од страна на нејзината сопственичка Јунија. Натписот упатува и на фактот дека во населбата кај Суводол постоел храм на божицата Пасикрата, каде се принесувале жртви и подароци, како што е и споменатиот споменик – жртвеник од мермер. На самиот крај на натписот среќаваме име, Зоил(он), кое е старо античко лично име, често применувано на македонскиот простор.70
- έτους γνυ Αύρηλία Ματιδία άνατίθειμε θεά Πασικράτα δούλην μου όνόματί Πρίμαν71
…годишната Аурелија Матидија, го подарувам на божицата Пасикрата, мојот слуга по име Приман
Третиот натпис на споменатиот жртвеник посветен на божицата Пасикрата е пронајден на локалитетот Туриграв и е датиран најдоцна од трите натписи на жртвеникот, односно, 305/6 година.72 Според овој натпис, Аврелија Матидија, граѓанка на античката населба со непознато име кај селото Суводол ѝ подарува свој роб, кој треба да и служи на божицата.
На крајот, во ова скромно претставување на овој жртвеник посветен на божицата Пасикрата, мораме да констатираме дека тој претставува редок културен споменик, бидејќи сличен пример е тешко да се најде на друго место, особено, како споменик посветен на божица со име Пасикрата. Тоа нè наведува на претпоставка дека оваа божица била автентичен и автохтон култ, карактеристичен за просторот во кој е пронајден споменикот, односно, се работи за божество, кое било почитувано под тоа име во областа Пелагонија, односно, кај етничката заедница Пелагонци, а со тоа е своевиден експонат од пелагонската култура.
- έκ της Άνεικετου τειμης τόν στύλλον καί τόν βωμόν73
од светилиштето Аникето, столбот и олтарот
Овој краток натпис, кој се наоѓа на споменик во форма на жртвеник (ара) е пронајден на локалитетот Туриграв и е датиран во II-III на нашата ера,74 на своевиден начин нè поврзува со претхристијански култ на просторот на Македонија и нѝ овозможува поширока размисла и анализа за културата на овој простор. Тој нè поврзува со еден од култовите, кои имаат особено значење за античка Македонија, односно, со митскиот јунак Херакле, кој во Македонија е почитуван и славен како бог и се сметал за еден од митските кралеви на Македонија, односно, основач на кралската македонска лоза, позната како Хераклиди.75 Всушност, на натписот не го среќаваме името на овој митски предок на Македонците, туку еден од неговите педесетина синови, Аникет(о). Аникет е еден од двајцата синови на Херакле, кои му ги родила божицата Хеба. Неговиот брат се викал Алексијарх, а тие се единствените негови синови родени од брак со божица, зашто сите други негови деца се родени од обични мајки.76
Приказната за бракот на Херакле и Хеба пренесува дека тој се оженил со оваа божица по неговата смрт, кога неговиот татко Ѕевс го однесол на Олимп и побарал од неговата жена, Хера да го посвои, со тоа што повторно ќе го роди. Така и се случило, Херакле станал еден од дванаесетте богови, а Хера му ја дала за жена нејзината ќерка, Хеба. Таа му ги родила синовите, Аникет и Алексијар.77 Во овој натпис се споменува светилиште, името на Аникет, како и столб и олтар, што упатува на извесен храм, кој постоел во античката населба кај Суводол, веројатно, храм на Херакле во кој имало и посебни жртвеници, посветени на неговите потомци, особено, на потомците родени со божицата Хеба, Аникет и Алексијар. И двете имиња упатуваат на македонска ономастика, односно, Аникет има силна асоцијација на имињата Ана, Аниа, Аниос, кои се женски имиња од постаро бригиско потекло,78 па може да се констатира дека и етимологијата на името Аникет има слично објаснување, односно, потекнува од сличен корен. Што се однесува до името Алексијар, тоа многу потсетува на македонското, но и бригиско име Александар, кое го среќаваме уште кај Хомер, во неговиот еп, Илијада, односно, тоа е име, кое го носи грабнувачот на Елена, Парис. Всушност, во епот на Хомер, името Парис го среќаваме на 26 места, а Александар на четириесетина за истиот лик.79
64 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, …, 11, 12, Tabula III, 18C.
65 Исто, 11, 12.
66 Овде ќе споменеме само неколку натписи на кои врховниот бог се појавува под формата „Дij“ (Dii): Плетвар, Прилепско, л. Садои, Бучин, општина Крушево, Варош, Прилеп (Тренчо Димитриоски, Се уништуваат ли споменици на културата во Македонија стари и по неколку илјади години (http://.pelagon.mk/2018/06/30/))
67 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, …, 11, Tabula III, 18А.
68 Исто. Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум,…, 50, 51.
69 Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум,…, 50, 51.
70 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002, 169.
71 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, …, 11.
72 Исто.
73 Исто, 10, Tabula III, 17.
74 Исто.
75 Плутарх, Александар Македонски, 101. Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua Macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 162.
76 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 435.
77 Исто.
78 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, археолошки, етнолошки и историски, Скопје 1996, 181.
79 Хомер, Илијада.
(Продолжува)