ИМИЊА НА БОГОВИ И КРАЛЕВИ И ПОСВЕТИ СО ХОМЕРСКИ СТИХОВИ НА НАТПИСИ ОД СУВОДОЛ

УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ (РЕК – БИТОЛА), ОПШТИНА НОВАЦИ (5)

5. .HN θεά έμόν δούλον80

            ………. на божицата отстапувам (подарувам) роб

            Во античката населба кај селото Суводол, општина Новаци, подарувањето робови на божиците било честа практика. Освен погореопишаниот споменик со натпис, од овој локалитет потекнуваат и други слични споменици со натписи ко сведочат за тоа. Таков натпис среќаваме и на еден мермерен столб пронајден на местото на кое е истражувана ранохристијанската базилика.81 Тој е пренесен во Музејот на Македонија во Скопје.82 За жал, на натписот идентификуван само терминот Теа (божица) и , додека името на божицата не може да се прочита. Сепак, знаејќи дека постојат дури три натписи на еден споменик со слична содржина, односно, подарување робови на божицата Пасикрата, може да се претпостави дека се работи за истата божица и на овој натпис. Во секој случај, овој споменик говори за една особена карактеристика на животот и односите во населбата кај Суводол, постапувањето со робовите поврзано со нивното ослободување преку подарување на некои од божествата. Освен, извесни поединечни случаи, се чини дека, вака нагласена културна појава тешко може да се забележи на друго место.

  1. Άδυμος Ποντίου ήρώς χαίρε83

            Адимос Понтиј, во чест на херојот

Стела на Адимос

            Следниот споменик претставува мермерна стела со краток натпис датиран во II век на нашата ера кој, исто така, е пренесен во музејот во Скопје.84 Во овој натпис среќаваме специфично име, Адимос, кое често го среќаваме на македонскиот простор, меѓу другото и во Пелагонија.85 Всушност, ова име е типично македонско име.86 Натписот е посвета на покојникот, Адимос Понтиј, со негово хероизирање, односно, возвеличување како херој. Второто име е со родово потекло. Ваквите видови кратки натписи со хероизирање на покојниците  се карактеризираат како културна појава во античкиот период на Пелагонија.87   

  1. Άντιγονος Διονυσίου έτών λά88

            Антигон Дионисиј на возраст …  

Стела на Антигон Дионисов

            Овој споменик претставува камена плоча со натпис, која се чувала во училишната зграда во селото, а денес се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје.89 Во натписот среќаваме име на покојник, Антигон Дионисиј. Двете имиња се со карактеристично медитеранско, односно, македонско потекло. Познато е дека Антигон е име, кое го носеле неколку македонски кралеви, а тоа е епоним на една од кралските македонски лози, односно, Антигониди. Оваа лоза е воспоставена со кралот Антигон I Едноокиот, кој живеел од 382 до 301 година п.н.е.90 и бил еден од генералите во војската на Александар Македонски. По доаѓањето на Александар со својата војска во Мала Азија и освојувањето на овој полуостров, Антигон бил поставен за сатрап на Фригија.91 По смртта на Александар во 323 година и династичките борби меѓу дијадосите – наследниците на Македонската Империјата, Антигон станал владетел на Мала Азија. После него, од истата лоза има уште двајца македонски кралеви, кои го носат името Антигон. Тоа се Антигон II Гонат роден 319 година п.н.е., а владеел од 283 до 239 г.п.н.е и Антигон III Досон роден 263 г.п.н.е, а владеел од 229 до 221 г.п.н.е.).92

            Второто име на покојникот од споменатиот натпис е Дионисиј, кое е име со божествено потекло, изведено од името на врховниот бог Дион или од името на богот на виното Дионис. Веќе сме пишувале дека поставувањето лични имиња со божествено потекло било традиција кај Македонците во античкиот период. Дионис, односно, име со основа Дион е едно од најчесто поставуваните имиња во Македонија во античкиот период.

  1. Γέω Διονυσίου έτών ι93

            Гео Дионисиу години i

            Една антропоморфна стела со натпис, изработена од гнајс, која се чува во Музејот во Битола, исто така, содржи име со основа Дион, односно, името Дионисиј. Се работи за извесен Гео Дионисиј, веројатно, покојник од населбата кај Суводол на чиј гроб стоел овој надгробен споменик. Тој е датиран во II век на нашата ера.94

  1. Έπίνεικοσ Άππίου έτών ό ερωσ χαίρε95

            Епиник (Епинејко) Апиј години на херојство за спомен

Стела на Епинејко

            На локалитетот Туриграв е пронајден и еден споменик изработен од гнајс со краток натпис во чест на Епиник или Епинејко Апиј, со зборови на хероизирање на покојникот и за негов спомен. Во натписот среќаваме инетресно име, Епиник или Епинејко, кое е од домашна потекло, а неговото второ име, Апиј, со латинско. Споменикот е датиран во II век на нашата ера.96

  1. Αίλία Νείκη ό πάτρων ευεργετίση μνήμης χάριν97

            Ајлиа Нике, татковата добродател за вечен спомен

            Уште еден споменик изработен од гнајс. Се работи за стела со натпис датиран во II-III век на нашата ера.98 Натписот е во четири реда, а во него се работи за посмртна посвета и се среќава име на граѓанка од населбата кај Суводол, Ајлија, со латинско потекло, но второто име, Нике, е со домашно божествено потекло, односно, името на божицата на победата.

  1. Αμύντα Κέλερος καί Μαρκία Σατρία ήρωσι99

            Аминта Келер и Маркија Сатрија херој

Стела на Аминта

            Една фрагментирана стела, споменик од мермер носи натпис датиран во II-III век на нашата ера.100 На него, најпрво среќаваме едно типично македонско име на граѓанин на населбата, Аминта. Овде само ќе упатиме на фактот дека Аминта е име, кое многу често се употребувало меѓу Македонците во антиката, а такво име носеле и неколку македонски кралеви, почнувајќи од Аминта I. Всушност, четворица македонски кралеви го носеле тоа име, но тоа било популарно и кај обичните граѓани, Македонци.101 Второ име на Аминта од Суводол е Келер, а на истиот натпис среќаваме име на уште една личност, Маркија со второ име Сатрија.

  1. – —- ΙΙος Αλεξάνδρος ΈΓΞΙΜΗΠΕƱƟΜΕΝ — —Ιατω τήδ άλόχω κέ ΔΙ  – — ΤΟΙ μίμνησκε102      

—- Александар…………………………………………………… за спомен.

Мермерен блок со натпис со името Алаксандар

            Еден споменик од камен, пронајден на просторот на истражуваната ранохристијанска базилика кај Суводол содржи натпис во кој го среќаваме името Александар, додека другиот дел од текстот е тешко разбирлив. Споменикот и натписот се датирани во II-III век на нашата ера.103 Појавата на споменатото име е уште еден пример на неговата честа примена на просторот на Македонија. Тоа упатува на неговата популарност, особено по големите воени подвизи на Александар III Македонски и освојувањето на поголем дел од, тогаш, познатиот свет, кога неговото име станало светски познато и многу популарно.

  1. κέ κλυθί, τέκνων έμόν, kai άνάστεο σοίσι γονεύσιν / τιπτε λιπών φάος έδύ είς τήν σκοτίαν άφικνείσε / πώς άν Εύγενίου μού έγώ θείοιο λαθοίμεν ο]ς πέρί μέν νόον έσχες βροτών, πέρί δ είρά θεοίσιν / τοίην γάρ κεφαλήν τε καί όμματά καί φρένας αίσθλάς / έσχης νύν δέ μοι όδύνας άπρήκτους ένβαλες θυμώ / άλλ ούδ ώς σου έγώ έπιλήσωμε όδυρόμενος καί άχεύων / πένθος λυγρόν έχων ως ώφελον αύτός όλέςθαι / άλλά μοι Εύγενίων μού δαίφρονος δείετε ήτορ δυσμόρου όσ δή τεθά γονέων άπο πήματα πάσχεν / άλλ άπόλοιτο καί άλλος όσστις τω [σώ] θανάτω έπέχαιρεν ω Μοίρης κερσάσες ωλέο χερσίν έμαίσιν / ος δε τυθθόν έόντα καί κεδίστω απέδωκεν / όστις ένί σπλάνχνωσιν σθενεράς φρένας ημερόωσεν / καί γάρ έκείνου φημί τελευτήσεσθαί άπαντας  / τις δ οίδ είκε καί αύτός τήλε φίλων άπόλετε / νύν δ ό μέν ώς άπόλωλε —104

Пренесуваме само една реченица како пример: Но, мил мој Евгениј, ја гледаш приказната за страдањата на родителите

Плоча со натпис со „хомерски стихови“

            Една мермерна плоча со подолг натпис, исто така, е пронајдена во рамките на истражуваната ранохристијанска базилика кај Суводол. Таа е датирана во III век на нашата ера, а денес се чува во Музејот на Македонија во Скопје.105 Во натписот се споменува извесен Евгениј, кого го оплакува неговиот татко, изразувајќи силни чувства на тага и страдање. Во својот тажен текст, таткото ги споменува богот на смртта, Танат(ос) и тн. Мојри. На тој начин, населбата кај селото Суводол во античкиот период станува уште поинтересна, збогатена со присуството на уште две антички божества – Танат и Мојрите. Додека Танат е бог на смртта, Мојрите се сметале за божици на судбината, Наречници (Наречнички). Божиците на судбината, кои биле три на број, имале и свои песебни имиња, Клота, Лахеса и Атропа.106 Тие ја определувале судбината на секое човечко суштество.

            Додека Клота, предејќи на фурка, го замотувала конецот што го предела, Лахеса го одмотувала и го мерела за да ја определи должината на животот, а Атропа, која била најмала по раст, го сечела по мерката, која ја определувала.107 На тој начин, добиваме податок за тоа дека жителите на населбата кај Суводол верувале во овие божества, како и во претходно споменатите во овој материјал.

            Интересно е тоа што во една од гробниците од македонски тип од локалитетот Дибек е пронајдена биста од керамика со претстава на божицата Афродита108 која, како Афодита Уранија, била сметана за најстара од трите мојри. Дали тоа значи дека оставањето прилог со фигура на оваа божица било поврзано со верувањето дека оваа божица го определувала денот на смртта, односно, должината на животот?

Богот на смртта, Танат(ос) од храмот на Артемида во Ефес

            Целиот текст на споменикот за кој станува збор овде содржи и други моменти од животот на жителите на споменатата населба. За жал, поради неможноста да пренесеме посоодветен превод, овде само ќе наведеме дека во натписот се говори и за почитта на потомците кон своите покојни претци, односно, родителите, како и за светлината и темнината, односно, тагата и радоста на животот. Всушност, овој текст е, особено, интересен поради тоа што е предаден со посебен стил, со „Хомерски стихови, кои тешко се читаат и рабираат“,109 односно, преку своевидна поетска форма, полна со израз на чувства за тагата, радоста, светлината и темнината. Тоа нè упатува на повисоки форми на култура во оваа населба, односно, своевидно негување на начинот на изразување на своите чувства и на постоењето на лица со дарба за уметничко изразување, кое го користеле при разновидните животни активности, поврзани со празнувањето, славењето на божествата, како искажувањето тага и почит и славењето на своите блиски покојници.

  1. Ζώσιμος καί Κασσάνδρα Εύτύχω τω υίώ καί Ζωσίμη τή θυγατρί μνήμης χάριν110

            Зосим и Касандра од синот и ќерката Зосима за вечен спомен

            Последниот од спомениците со потекло од античката населба (град) кај селото Суводол, уништена со рудникот за јаглен на РЕК – Битола, која ќе ја претставиме во овој материјал е пронајдена во селото и денес се чува во Музејот на Македонија во Скопје. Овој споменик претстваува стела од бел мермер скршена на два еднакви дела, украсена со гравура, чиј десен дел е изгубен, додека на левиот дел се претставени маж и војник облечени во химатиони (наметки).111

            На споменатата стела среќаваме интересни имиња со македонско потекло, односно, имиња со потекло од Македонија и Медитеранот. Првото име е Зосим, кое е име на граѓанин на античката населба кај Суводол, еден од покојниците на кои се однесува споменикот. Другото име, Касандра го носи сопругата на Зосим. Касандра е многу старо македонско и медитеранско име, кое го среќаваме во најстарите пишани дела, како што е епот Илијада од Хомер. Во ова дело, Касандра е име на една од ќерките на кралот на Троја, Пријам, која била пророчица. Женското име Касандра го среќаваме на многу натписи од античкиот период во Македонија. Касандра се викал и еден град од античкиот период на Халкидик, кој е основан од македонскиот крал, Касандар, а ова име го зачувал до денес и станал центар на општина на полуостровот Халкидик.  споменатиот крал, Касандар, бил син на намесникот на Александар III Македонски во Македонија, Антипатар, бил зет за ќерка на Филип II, а зет за сестра на Александар. Градот Солун (Тесалоника) е формиран, токму, од него и е наречен со истото име, кое го носела неговата сопруга, Тесалоника, односно, тој е формиран во нејзина чест.

80 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, …, 12.

81 Исто.

82 Исто.

83 Исто, 12, 13.

84 Исто, 12.

85 Исто, 13.

86 Исто, 110.

87 Исто, 13.

88 Исто.

89 Исто.

90 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје 1994, 76, 79, 167.

91 Аријан, Александрова војна (Анабаза), Матица хрватска, Загреб 1952, 63.

92 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите…, 167 – 169 и 170.

93 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, …, 13, Tabula IV, 22.

94 Исто, 13.

95 Исто, 13, 14, Tabula IV, 23.

96 Исто.

97 Исто, 14. Tabula V, 24.

98 Исто, 14.

99 Исто. Tabula V, 25.

100 Исто, 14.

101 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите…,33-50.

102 Исто, 14, 15, Tabula V, 26.

103 Исто, 15.

104 Исто, 15, 16. Tabula VI, 27.

105 Исто, 15.

106 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 42.

107 Исто.

108 Томе Јанакиевски, Три доцнохеленистички гробници во стена од лок. „Дибек“, с. Суводол – Битола, Macedoniae acta arheolgica, бр. 13 (1993), 151, 152.

109 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, …, 16.

110 Исто, 16.

111 Исто.

 (Продолжува)