ЧУДОВИШТЕ И КРВ
Чудовиште – ѕвер,
Ниту божјо суштество, ниту змеј,
Зината челуст, ненаситна и гнасна,
Голташе без мерка
Живот и љубов – милост и добрина,
И дух, и вечност, и убавина,
Творештво од благородни раце,
Создадени од бог,
Сè во неврат и ништавило,
Кошмарен сон.
Тресна гром од јаснина,
Од сонце крваво вжарено,
Крвта го обли каменот,
Олтарот го преполни,
Храмот пливна црвено,
Стана двапати свет, за вечност.
Чистете ја крвта монаси и
Вие божји светители и служители,
Чесни свештеници и верници,
Чистете ја крвта на ништавилото,
Пуштете ја по матните води,
По долиштата стрмни
Што стрмоглаво итаат по ридот,
Да не остане поштук
Од злото сештојадно,
Да светне храмот ореолно
Под врвот златен и свет.
Да се собере невиден свет,
Чудото да стане верба во Господа,
Во единствено царство – недогледно.
ххх
Храмот се вознесе на небото,
Тврдината зјае во празнина,
Конаците пустеат напуштени од светоста.
Еј, народе,
Следи го храмот во вознесот,
Твојот дух е заолтарен во него,
Во ископаните очи на светците
И дрвото обликувано со љубов,
Во совршенство.
Господи помилуј! – молитви владиката,
Молитви и храмот во небесата,
Еј, Аполоне, убавецу,
Еј, Артемидо, горделива божице,
Грми ридот со врв од злато,
Грми тишината вгнездена во каменот.