ШУТАКОВЦИ – Раскажување за непокорноста и борбеноста на едно семејство од селото Лопатица, Прилепско

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

 Во борбата кај Алинската корија1 учествувале дури петмина со презиме Шутаковски. Тоа биле таткото и четворицата синови Шутаковци, кои успеале сите заедно да ја преживеат оваа крвава битка. Овде ќе запишам за сите на едно место, зашто за секој поединечно не знам многу. Ќе пишувам по редоследот по кој се запишани претходно.

Комитите Шутаковци, таткото Тале и неговите синови Веле, Миле, Наумче и Миајле потекнуваат од селото Лопатица, Прилепско. Во Лопатица Шутаковци живееле како рајатини и имале доста имот, добиток и земја во ова село, но исто така, располагале со земја и во соседното село Подмол. На Турците не им се бендисувало што рајатините Шутаковци биле толку богати и затоа често ги напаѓале качаци и арамии кога тие оделе на пазар во Прилеп или Битола. Шутаковци биле храбри луѓе и давале отпор на секој напад од турските арамии како што биле Муса Питуличарот, Арнаутите од селото Ореово, Мариовско и др. Шутаковци биле поврзани со браќата Ристе и Божин Степаноски, со Грујо Шијакот, со четата на Толе Паша и групата на Најдо Кормак од селото Маково во Мариово. Турските качаци неколкупати го напаѓале селото Лопатица во ноќните часови. При еден таков напад селото било половина изгорено.

Селото Лопатица, Прилепско

Заради отпорот кој го давале лопатичани и Шутаковци турските арамии им го запалиле домашниот имот на Шутаковци. Притоа им изгореле житото, сламата, трлото, говедарникот и др. „Кога гореше покуќнината на Шутаковци ноќта носевме вода боси по чорапи во снегот за да го гаснеме огнот“ – раскажуваше баба ми Трајана Степаноска. По пакоста која им била направена од турските зулумќари, Шутаковци се преселиле на нивниот имот во селото Подмол. Арно ама, откако лопатичани потпомогнати од четата на Толе Паша го притиснале Муса Питуличарот и тој не можел повеќе да дејствува во Лопатица, се настрвил на Подмол. Тука тој фаќа пријателство и конак кај расипани христијански семејства по душа и по карактер и повторно доаѓа во конфликт со семејството Шутаковци. Муса се поврзал и со канатларчани и почнале да им прават заседи на Шутаковци за да ги ликвидираат. Главата на семејството, Тале Шутакоски видел дека нема спас, го продал имотот во Подмол и се преселил во Прилеп.

Селото Подмол, Прилепско

Во Прилеп, Шутаковци, како бунтовници и борци против неправдата која турската власт им ја нанесувала на незаштитеното македонско население не седеле со скрстени раце. Тие се зачлениле во Револуционерната организација и поради тоа повторно биле гонети од турската власт, па за да си го спасат животот, таткото Тале и четворицата синови заминале комити во четата на прилепскиот војвода Христо Оклев. Во оваа чета останале се до борбата кај Алинската корија на 07.06.1902 година2 кога војводата Христо Оклев загинал. По оваа битка Шутаковци преминале во четите на Крсте Гермов – Шакир и Никола Каранџулов. По давањето амнестија од турската власт за време на Младотурската револуција во 1908 година Шутаковци се вратиле дома во Прилеп. Подоцна Шутаковци купиле земја во Алинци, Битолско и се преселиле таму. Веле Шутакоски останал во Прилеп и отворил дуќан за правење народни музички инструменти. Посебно бил прочуен како мајстор за правење гајди и бил одличен свирач на гајда. Затоа бил познат како Веле Шутакоски – Гајдаџијата. Веле Шутакоски – Гајдаџијата има свое потомство во Прилеп.

Христо Оклев – Попето и Мирче Ацев – Симоноски
Никола Каранџулов

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Има една приказна која се раскажува за семејството Шутаковци која, наводно, се случила за време на Првата Балканска војна. Кога српската војска се појавила кај Бакарно Гумно гонејќи го Петиот корпус на турската војска кон Битола марулскиот бег Амдија Лазески задоцнил да замине со него и останал поназад, па за да ја спаси главата го фатил за пријател со пари марулецот Стојан Колески. Дали од страв или за пари Стојан го одвел бегот до селото Алинци, Битолско. Понатаму не можело да се оди, па бидејќи Стојан Колески бил пријател со Шутаковци, небаре Амдија се сокрил кај нив заедно со целото злато и кај нив останал три месеци, сè додека не дошло до примирје меѓу завојуваните страни кое се случило при крајот на декември 1912 година. По склучувањето на примирјето бегот Амдија Лазески им платил пари на Стојан Колески и на Шутаковци и со останатото злато си заминал за Турција. Доколку ова што се раскажува меѓу Марулци е вистина, може да се рече дека Шутаковци лесно се продале за пари, но не ќе има многу вистина во оваа приказна зашто Шутаковци во селото Алинци биле меѓу сиромашните селани.

Крсте Гермов – Шакир

За време на Првата светска војна селото Алинци било иселено во Прилеп. По завршувањето на војната алинчани и Шутаковци се вратиле во Алинци. Во ова село Шутаковци имале и свое потомство, а како најстари од денешните Шутаковци кои ги знам во Алинци се Трајан и Киро Шутаковски со нивните семејства. Од ова семејство потекнува и Благоја Шутаковски, учител, син на Трајана Шутаковски од Алинци, Битолско. Ете тоа е племето (потомството) на старите комити Шутаковци.

1 Се работи за битка, која ја водел војводата Христо Оклев – Попето од Прилеп со неговата чета против многуброен турски аскер на 08.06.1903 година меѓу прилепските села, Алинци, Штавица и Марул. Таа била неговата последна битка, зашто загинал заеднсо со уште неколкумина негови соборци – комити.

2 Битката во која загинал Христо Оклев – Попето се случила на 08.06.1903 година.