АНТИЧКАТА НАСЕЛБА КАЈ СУВОДОЛ РАСПОЛАГАЛА СО ЕКСКЛУЗИВНА РАНОХРИСТИЈАНСКА БАЗИЛИКА СО ПОДНИ МОЗАИЦИ

УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА И АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО СУВОДОЛ (РЕК – БИТОЛА), ОПШТИНА НОВАЦИ (6)

Населбата која, според Франце Месеснел, зафаќала големи размери, а чие откривање, тој го споредува со откривањето на античкиот град Стоби, односно, најпрво со откривање на христијанска црква, а потоа на другите делови на градот, се наоѓала на левиот брег на Ореовска Река, околу 3 километри од селото, кон запад.112 Наодите, кои потекнуваат од овој простор се бројни и се резултат на стражувањата на археолозите, кои успеале да истражат извесен дел од локалитетите пред да бидат уништени со експлотацијата на јаглен од страна на РЕК – Битола. Со рудникот за јаглен и акумулацијата, која е изградена над големиот коп, сосема се уништени локалитетите, Бртви, Ума, Ѓорчева Воденица, Музги-населба, Музги-некропола и Ќерамидница.113

Поплочен двор од Ќерамидница

            На повеќето споменати локалитети се пронајдени бројни археолошки наоди од движен и недвижен карактер, а со позначајни наоди располагаме од локалитетот Ќерамидница кој, освен градбите располага и со извесни ексклузивни археолошки наоди од движен карактер. Овој локалитет се наоѓал меѓу Ореовска Река и потокот Синевир, на падините на Селечка Планина, под селото Долно Ореово.114 Од археолозите, од овој локалитет, имаме опис на еден поплочен и заграден двор од куќа со димензии, 15х15 m, кој бил заграден со вертикално исправени плочи.115 При ископувањето биле пронајдени бројни фагменти од керамички садови, кои се датирани во 3 и 4 век на нашата ера а, посебно, се нагласува еден фрагмент со претстава на божицата Изида Фортуна,116 чиј култ се раширил во Македонија и Медитеранот со воспоставувањето на македонската лоза фараони во Египет, која започнала со Александар III Македонски и продолжила со неговиот генерал Птолемеј I Сотер (323 – 283 п.н.е.).

РАНОХРИСТИЈАНСКА БАЗИЛИКА НА ПЕРИФЕРИЈАТА НА АНТИЧКАТА НАСЕЛБА

            Ако имаме предвид дека од античката населба кај селото Суводол потекнуваат споменици со натписи и без натписи, кои се датирани и до 4 век на нашата ера, а кои содржат симболика, која упатува на религијата и култовите од претхристијанскиот период, може да се констатира дека христијанството меѓу нејзините жители допрело и се развило малку подоцна, односно, во петиот и шестиот век на нашата ера. Од друга страна, спомениците со потекло од ранохристијанскиот период, кои потекнуваат од локалитетот на кој била расположена населбата, нѝ даваат до знаење дека таа активно продолжила со својот живот и во тој период. Еден од таквите објекти, пронајден на источниот крај на селото, на локалитетот Сланец или Манастирец, е особено атрактивен. Се работи за ранохристијанска трикорабна базилика со голем број добро обработени мермерни елементи со разновидни украсувања и со мозаичен под на површината на делот од градбата, кој го претставувал просторот на олтарот, оделен од другиот простор со ограда од мермер, односно, мермерни плочи со богата орнаментика во релејф.117 Првите археолози, кои ја истражувале базиликата заклучиле дека таа потекнува од првата половина на VI век и дека се работи за објект со средна големина од ваков карактер, кој се наоѓал на периферијата, односно, „на крајот од градот“.118

 СПОМЕНОТ ЗА БАЗИЛИКАТА БИЛ СОЧУВАН ВО НАРОДНОТО ПРЕДАНИЕ

            Може да се каже дека местото на ранохристијанската базилика е сочувано од народното предание, кое било живо меѓу жителите на селото. Преданието говори за тоа дека на тоа место постоел некој стар манастир, кој бил срушен од Турците, а притоа направиле колеж на голем број деца. Поради тоа манастирот се викал „Дечов Манастир“. Местото на кое се наоѓал манастирот го дознала некоја жена од селото, која го сонила во сон. Верувајќи дека сонот и пренесува вистинска информација, жената побарала мајстори, дури, од градот Струга и започнало ископување за потрага по остатоците на градбата. Во таквата потрага помогнал и селскиот учител, Спасоје Орман.119

Делот од Базиликата во Суводол – олтарот

            Ископувањето на местото набрзо го потврдило преданието и сонот на споменатата жена. Ѕидовите од градбата се појавиле веднаш по започнувањето со копање, а мајсторите копале околу „најдлабокиот“ ѕид, па брзо се појавил и полукружен ѕид, кој укажувал на апсида од стара црква, која ја препознал споменатиот учител и случајот го пријавил кај властите, кои забраниле натамошни активности на местото додека не дојдат соодветни стручњаци. Работата ја презел Музејот на Јужна Србија во Скопје на чело со неговиот управник, д-р Радивоје М. Груиќ.120 Веднаш биле препознати остатоци од ранохристијанска базилика, која била во почеток на ископување, кое го извршиле споменатите мајстори од Струга.

Коповите од РЕК – Битола

            Во објавениот труд за извршените ископувања на споменатата базилиа се споменуваат голем број споменици од постариот антички период на истото место, па следи и заклучок дека „пред базиликата постоела античка градба, а можеби и храм“.121  

            При првичното копање од страна на жителите на селото биле откопани и голем број гробови од различни периоди, а на најгорниот слој биле гробови од 19 век. При тоа копање биле пронајдени и мали камчиња со правилна форма, остатоци од мозаичен под, а во просторот на олтарот бил пронајден и зачуван дел од мозаикот. По ваквиот наод, ископувањето било преземено од надлежниот музеј, а за раководител бил определен Франце Месеснел.122 Констарирано е дека се работи за градба со три брода, односно, трибродна базилика. Во делот со апсидата бил откриен мозаичен под. Всушност, целиот под во заградениот простор на олтарот бил со мозаичен под од ситни камчиња.123 Откриени се и елементи од преградата на олтарот од мермени елементи со украсување.124 Од зооморфните украсувања на мозаикот биле сочувани само една опашка од птица и една нејзина нога, додека другите делови од мозаикот биле со геометриски и растителни украсни форми.125 При ископувањерто се откриени и други споменици, кои биле употребени во базиликата од постара градба.126

Делот од Базиликата во Суводол – олтарот – Археолошки музеј на Македонија 4

            Од мермерната пластика се споменува еден столб со капител, кој служел во преградата на олтарот, еден фрагмент од архитрав (греда) од мермер украсен со крст, како и плочи од мермер, кои биле делови од оградата на олтарот. Една плоча од мермер, која на едната страна била украсена со полукружни форми, кои изгледаат како крлушки од риба, а на другата со едноставен крст со проширување на краците.127 Други две плочи од мермер од олтарната преграда, кои се пронајдени во рамките на градбата, се со посложена орнаментика. Од внатрешната страна содржеле крст, сличен на претходно споменатиот, додека од надворешната страна имале украсувања со листови во форма на срце, листови од акантус и слични форми а во средината на среќава доминантна форма на рамка со ромбоидна форма, која го симболизира влезот во рајот. Била пронајдена и четврта плоча од оградата на олтарот, но многу фрагментирана и тешко можело да се утврди каква декорација поседувала.128

Делот од Базиликата во Суводол од Археолошкиот музеј на Македонија – олтарот 6

            Особено се интересни мермерните елементи, односно, фрагменти од чесната трпеза (менса). Дел од нив биле украсени со форми на крлушка, додека на едниот фрагмент, кој потекнува од лицето на светата маса, бил сочуван фрагмент од човечка фигура – рака со добро сочувана дланка, за која се претпоставува дека била дел од фигура, која го претставувала светителот. Оваа претстава на главниот објект од олтарот се смета за редок наод како украсување на слични објекти во поширокиот простор и се карактеризира како „нов прилог кон историјата на старохристијанската скулптура на теренот кој лежи меѓу Рим и Ориентот“.129 Од чесната трпеза се пронајдени и делови од столбови со помал пречник, како и два капитела со едноставни форми.130

Делот од Базиликата во Суводол од Археоошкиот музеј на Македонија – олтарот 2

            При ископувањето била откриена целата градба на базиликата, односно, целиот нејзин дел сочуван во основата. Основите на пиластрите, кои го разделуваат централниот брод од страничните бродови биле сочувани до 0,70 m. Франце Месеснел набројува голем број разновидни споменици вградени во базиликата. Голем број од нив биле со потекло од други постари градби. Ѕидовите на базиликата биле градени со камења со природна форма и малтер, а ѕидот бил дебел 0,70 m.131

            Вкупната должина на градбата е измерена на 25,50 m, ширината на страничните бродови на 2,85 m, а на централниот брод 6,10 m, односно, ширината на целата градба била 11,80 m. Споредена со други слични градби, базиликата се смета за градба со средна величина од овој тип.132 Според наодите на археолозите, базиликата била запалена и срушена со сила, а подоцна, над неа биле погребувани покојници од поновите периоди, дури, до 19 век.

            Ископувањето на оваа интересна христијанска градба било вршено во 1931 година и неколку години потоа, односно, од 1931 до 1933 година.133 Делот од неа, олтарот со мозаикот и неговата ограда е реконструиран и денес е еден од атрактивните експонати од ранохристијанскиот период во Археолошкиот музеј на Македонија. За жал, местото на кое се наоѓала базиликата, заедно со, речиси, целиот простор на некогашниот антички град е сосема уништен со рудникот на РЕК-Битола.

Делот од Базиликата во Суводол – олтарот 4

            Дека во раното христијанство населбата на овој простор продолжила активно да живее потврдува уште еден наод на локалитетот Бројанец, кој се наоѓал од северната страна на селото. Имено, на овој локалитет е откриена уште една ранохристијанска градба, помала црква градена со камен и кал.134

 

112 Томе Јанакиевски, Археолошки комплекс Суводол локалитет Керамидница и прашањето за убикација на античката населба Пелагонија, Macedonia acta arheologica, бр. 5, 1879, 75. Франце Месеснел, Ископавања…, 203, 204.

113 Томе Јанакиевски, Археолошки комплекс Суводол …, 75.

114 Исто, 77.

115 Исто, 77, 78.

116 Исто, 78, 79.

117 Франце Месеснел, Ископавања…, 206 – 210.

118 Исто, 212.

119 Исто, 202, 203.

120 Исто, 203.

121 Исто, 212.

122 Исто, 204, 205.

123 Исто, 205, 206.

124 Исто, 205 – 210.

125 Исто, 206.

126 Исто, 205.

127 Исто, 206, 207.

128 Исто, 206 – 210.

129 Исто, 209, 210.

130 Исто, 210.

131 Исто, 210, 211.

132 Исто, 211, 212.

133 Археолошка карта на Република Македонија, 45.

134 Исто, 43.