ГОЛЕМ ЅИД БЕЗ МАЛТЕР И ТРАГИ ОД ЦРКВА, „СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН“, НА ЛОКАЛИТЕТОТ, „КОЗАРНИКОТ“, НА БРЕГОТ НА ЦРНА РЕКА КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Црна Река (во антиката Еригон) со своите природни богатства постојано ги привлекувала луѓето и тие ги населувале просторите на двата нејзини брега. Траги од древно присуство на луѓе се наоѓаат и на една каменеста тумба над Црна Река, источно од селото Чаниште на локалитетот „Козарникот“, кој се наоѓа на околу 2 km јужно од локалитетот „Богданова Нива“, опишан во посебен материјал во Пелагон.1 Всушност, тој се наоѓа непосредно до местото на кое е планирано градење на браната „Чебрен“, над истражувачките тунели направени за таа цел. На споменатата тумба на високиот и стрмен брег на Црна Река, се наоѓа широк ѕид од камен, граден без малтер, за чија старост и намена жителите на селото Чаниште не можат да кажат, речиси, ништо. Тие ова место го сметаат како „вакавско“ и укажуваат на тоа дека на него не се работело ништо, освен напасување на добитокот. Ѕидот ја оградува целата тумба која од јужната страна паѓа косо надолу и завршува со рамнина на која има и големи карпи. Всушност, целата тумба е полна со карпи кои вертикално се надвиснуваат на врвот на високиот брег над реката со височина од 100 метри и повеќе. Оградениот простор зафаќа површина од околу 1,5 ха. Ѕидот е со дебелина од околу 1,2 м, а на некои места е зачуван и до 0,5 м височина. На највисокиот дел на тумбата на дел од рамните површини се среќаваат камени блокови кои би можеле да бидат остаток од некогашни градби, додека делот од јужната страна на тумбата е мошне стрмен и без посебни траги за градби. Дел од каменот од ѕидот бил искористен и за врме на Првата светска војна за топовски и митралески гнезда или слични воени објекти.

„Козарникот“

          Остатоци од извесна градба се среќаваат на крајниот јужен простор на тумбата, кој завршува со зарамнета тераса. Освен темелите кои се насетуваат на површината на земјата, тука се забележува и една современа икона со ликот на светецот св. Пантелејмон Чудотворец, која тука е оставена последниве неколку години. Дали донаторот на иконата има посебни сознанија за патронот на евентуалната црква која егзистирала на овој простор, немаме сознанија.

Параклисот од запад

          Од другите траги на локалитетот „Козарникот“ се среќаваат само траги од бела боја или вар на неколку места, како и некои задлабувања во карпите кои служеле за поставување порта на оградниот ѕид и за слични намени. Просторот на „Козарникот“, како и на соседниот локалитет „Рамните Трла“, кој се наоѓа западно од него, е скриен со поголем рид од западната страна и располага со зелени долинки и тревни рамнини меѓу карпите, па дури и цели ниви кои до неодамна биле обработувани. Токму затоа не треба да зачудува неговото користење и во постарите времиња.

Сочуван дел од ѕидот

          Овој простор постојано ги иритирал жителите на селото Чаниште со својата конфигурација и мистичност, како и со мистичните случувања кои, наводно се случувале во минатото, па така со него се поврзани две интересни преданија. Првото предание зборува за еден млад козар и се раскажува вака:

          – Некогаш одамна во местото Козарникот, некое младо козарче си ги пасело козите та, кога се почувствувало гладно, седнало на карпата која се надвиснува над Црна Река да јаде. Една коза постојано му мекала, барајќи од него да ѝ даде од лебот. Тоа не сакало да ѝ даде и се подбивало со козата па, таа, лута на него, се подиставила, се затрчала и буцајќи го со роговите двајцата се стрмоглавиле удолу од високата карпа и се отепале наместо. Оттогаш оваа карпа се вика Козарникот.

Параклисот од исток

            Второто предание, според раскажувањето на постарите жители на Чаниште, говори за случка во поново време и во знаење на раскажувачите. Тоа е поврзано со една мошне зачувана камена ограда која заградува стотина квадратни метри и која пред неколку децении служела како бавча. Таа се наоѓа во долинката од јужната страна на тумбата со големиот ограден ѕид. Над бавчата порано имало извор со вода и сопственикот решил да направи бавча под изворот за да му биде полесно да ги полева засадените растенија. Откако убаво го изѕидал ѕидот со кој ја заградил бавчата, изворот со вода на чуден начин се нашол долу под бавчата. Овој настан раскажувачите го објаснуваат со вакавот кој го чува својот имот на овој локалитет. Добро изѕиданиот ѕид, кој ја заградувал бавчата и денес е добро зачуван.2

 

1 Тренчо Димитриоски, „Богданова Нива“ кај селото Чаниште, Прилепско – локалитет со остатоци од населба од македонскиот период, но преполн и со праисториска култура, (https://www.pelagon.mk/2019/03/14/)

2 Двете преданија ни ги пренесе Димитрија Ангелески, кој потекнува од селото Чаниште.