ПРЕТОЧУВАЊЕ ВО КРСТОТ

Храмот ореолен над црквите

Возвишен во небесата, пливнат во сјај,

Бдее над молитвата упатена

За божја милост и за вечност

Од устата на владиката,

Вознесен во зборот.

Силна желба гори во разбеснета толпа,

Низ магли и чад од силни огнови,

Сурови распламтени јазици на ништавилото.

Кревок е владиката, исцеден во напор,

Го крепи луда храброст пред ужасот,

Надојден од диви краишта,

На диви коњи, диви суштества

Жедни за крв ја носат смртта.

Го нема силниот водач на избраните,

Од безброј битки падна во бесознание,

Па во вечен сон,

Замина без порака по патот

На неговиот сакан бог

Со кого се поистовети во лудост.

– Господи помилуј! – молитви владиката

Со надеж и верба за спас

Од силната наезда и гневот.

Пламна храмот,

Се срушија силните ѕидишта

Градени во древност,

Се стркалаа глави со в џашени очи

Крваво по ридиштата,

Надежта се сокри во темни катакомби

И чекаше згоден момент

За да се претопи во крстот.

Светлината заборавена,

Ја газат недостојни чеда,

Слепи духови и повампирени јавачи

Вечно минат по исти патишта

За јанѕа на живите,

Препалени од неизвесноста.

Грее јасна месечина над храмот,

Ѕирка зад златното јаболко

Во ноќта со пречисто небо,

Полно со ѕвезди – небесни тела,

Светилки на вселенскиот бескрај.

Безброј молитви изнуди стравот,

Крик до небесата е молитвата на владиката

Злокобна песна е гласот на ветерот

Во вечна игра околу врвот божествен.

Слава е духот на храмот

И страв од казна на грешници,

Со казни страшни – родени во зла душа.

Луѓе, луѓе! Дигнете чело, дигнете глас,

На храмот, денес му треба спас

Од молитви лажни и ктитори некадарни,

Од богослужители од немајкаде дојдени

И верници лицемерни кон Господа.

Еј, Аполоне, сончев убавецу,

Еј, Артемидо, стројна стрелометке!

Најдовте ли место на небото,

Под сонцето вжарено во пламен,

Пред својот бог во заод?

Скриено во плодната рамнина,

Се смее злото – исукан меч над убавината.