УБИСТВОТО НА КАТИЉ ШЕРИФ ВО ЧУМОВО

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

 

Овој злобен Турчин чие име го заборавив родум бил од Трновци близу селото Бучин. Тој својот живот го поминувал, главно, како полјак, но бил многу близок со прилепските турски власти. По убиството на крвожедниот Арнаутин од Кичевско Јашар–бег, според кажувањето на Стојче Танески, на турските власти им требала личност која ќе внесува страв меѓу незаштитеното македонско население и за таа цел го одбрале токму Катиљ Шериф кого го поставиле за полјак во селото Мало Рувци. По извесно време Катиљ Шериф бил назначен за полјак на три села, Мало Рувци, Чумово и Сарандиново. Полјакот Катиљ Шериф се однесувал нечовечки. Кога поминувал низ полињата на трите села Катиљ Шериф сè што ќе сретнел, било воловари, било аргати, копачи, овчари или патници тепал и за тепањето наплаќал парична казна. Тој направил една чардак–колиба од чукана ’ржаница на синорите меѓу селата Чумово и Штавица, на брегот кај местото Клетовник близу до патот Прилеп – Мариово, од народот наречен Горниот пат. Катиљ Шериф често доаѓал кај колибата и доколку сретнел некој патник, без разлика дали одел за Прилеп или се враќал од градот му наплаќал патарина затоа што поминувал низ синорот што го чувал тој како полјак. Исто така, кога ќе сретнел некој христијанин Македонец со женско да поминува по патот крај колибата, Катиљ Шериф го присилувал патникот да го остави за да му ја исчисти колибата, а кога ќе се враќа назад да си го земе и женското. При ваквите случаи често имало и физички пресметки. Некои од патниците се пожалиле кај турските власти, кај кадијата во Прилеп, но тој на оние што се жалеле им велел: „Ако синко, нека му поможат, тој не можи да стигни секаде, сам е.“ Така, ден за ден полјакот Катиљ Шериф станувал се понеподнослив. Во близина на неговата колиба во штавичките угари, никнала една семка од лубеница и за време на одморот за ручек ги собирал штавичките аргати и ги терал да носат вода со грсти од кладенецот Клетовник за да ја завадуваат ластунката од лубеницата само за да не им дава мир на луѓето и да не ги остава да се одморат од големите летни горештини. На некој младинец од Штавица по име Ѓорѓија (мислам дека бил од Бутевци) му дошло преку глава и еден ден се слекол гол и со лазење низ угарите отишол до ластунката и ја искорнал. Кога видел Катиљ Шериф дека ластунката е искорната збеснал од лутина и за да си олесни веднаш отишол во селото Штавица, ги собрал селаните и вршел притисок врз нив за да кажат кој ја скинал ластунката. Селаните никого не издавале, а можно е и да не знаеле кој го направил тоа. Поради тоа Катиљ Шериф три дена не ги пуштил да одат на работа в поле. На крајот тој им рекол на штавичани дека ластунката била во нивниот синор и дека тие ќе ја платат. Ги казнил со 75 лири само за една ластунка од лубеница.

Селото Штавица - поглед од - север
Селото Штавица – поглед од север

За сите неправди кои му ги правел Катиљ Шериф на незаштитеното христијанско население народот се пожалил кај комитите, а тие го осудиле за ликвидација. Пресудата требало да ја изврши Толе Паша со неговата чета. Оваа одговорна задача Толе Паша ја презел и поради тоа што Катиљ Шериф им правел големи зулуми на неговите Мариовци кои оделе во Прилеп на пазар и се враќале оттаму. Освен другите неправди кои им ги правел, тој посегнувал и по нивните жени со што сосема ги понижувал. Еден ден четата на Толе Паша се замешала со пазарџиите и заедно со нив дошле кај колибата на Катиљ Шериф, но него не го нашле таму и му ја запалиле колибата. По овој настан Катиљ Шериф повеќе внимавал и дење повторно се силел, но за навечер уште со сонце се прибирал во кулата во Мало Рувци. Сепак, продолжил да прави исти злодела како и порано. Комитите направиле уште еден обид со измама да го фатат Катиљ Шериф. Една ноќ тие ја запалиле кулата на бегот Фаик во селото Старо Лагово и биле повикани селани од околните села да земаат жито од амбарите и тоа многумина го сториле, па и нашите марулци отишле и зеле жито од кулата на бегот Фаик во Старо Лагово. Катиљ Шериф претчувствувал или точно знаел што е работата и само „фрлал“ пушки од кулата во Мало Рувци, но не отишол во Лагово.

Кула од турскиот период во с. Прилепец, Прилепско

Комитите и по трет пат се обиделе да го намамат Катиљ Шериф и во тоа успеале. На самиот ден Св. Никола летен на стригот на овците во манастирот „Св. Никола“ кај Прилепец биле присутни и четите на Крсте Гермов – Шакир и Толе Паша. Откако ги остригле овците четите фатиле позиции во близина, а на манастирскиот овчар Трајан Вишиноски од Прилепец му рекле да ги пушти овците во Чумоечкото во местото Честак. Штотуку навлегле овците во Честак, рувчаните кои биле мешани во таа работа го виделе Катиљ Шериф на кулата и му рекле: „Ага, Прилепечкиот манастир денес ги острижи овците, тебе не те поканија на стригот, а веќе ги пуштија овците да пасат во Честак во Чумоечкото.“ Ова му го направиле старите русечки (рувчански) куметаши Крсте Ширко и Никола Пажески. Полјакот Катиљ Шериф како да подзаборавил на претходните провокации, се налутил, го јавнал коњот и со зборовите „сега ќе видат тие кој сум јас” го боднал коњот и преку Русечкото и Чумоечкото, низ селото Чумово ги пречекал манастирските овци во Честак и му се боднал на овчарот да го тепа. Овчарот не бил истиот што го знаел Катиљ Шериф, Трајан Вишиноски, туку бил комитата Ице Филипчето од четата на Христо Оклев дојден во четата на Крсте Гермов. Преправениот комита под сакмата ја носел пушката. Тој го подлагал Катиљ Шериф бегајќи кон долот во Честак каде биле во заседа комитите од четата на Шакир. Тие отвориле оган врз Катиљ Шериф, но и тој возвратил. Од пукањето на комитите се исплашил коњот на Катиљ Шериф и летнал да бега за над селото Чумово низ местото Само Дрво, кон Штавичкото, но таму веќе била поставена четата на Толе Паша распоредена во заседа по брегот од местото Волкојца, до чумоечката корија. Само што наближил со коњот комитите од четата на Толе Паша отвориле оган, коњот на Катиљ Шериф, а и самиот Турчин се исплашиле и се вратиле назад да бегаат за в поле. Таму повторно го пречекале комитите на Крсте Гермов – Шакир со стрелба и комитата, прилепчанецот Спасе Дограмаџијата го зел на нишан и го турнал од коњот. Паднал Катиљ Шериф од коњот и уште со неколку пушки го убиле, а коњот со бегање се вратил на кулата во Мало Рувци. Комитите на Катиљ Шериф за одмазда му ја отсекле природната „нареда” меѓу нозете. Пукањето се слушнало надалеку и агите во Мало Рувци му јавиле на аскерот во Прилеп, но додека стигнал тој на местото комитите преку Волкојца си заминале за Каленско и Кокречко.

Селото Чумово

Стигнал аскерот во Чумово, го свикале кметот Гоце Аџиоски, му ја дале книгата да потпиши дека во Чумово немало комити, а аскерот му рекол дека немало во Чумово, ама имало во синорот чумоечки и го убиле кметот Спасе на сретсело во Чумово. Оттука аскерот отишол во потера по комитите во местото Честак, но ништо не нашол и заминал во Прилепец. Селаните на Прилепец се исплашиле и пред да стигне аскерот во селото се разбегале над село. Турскиот аскер во Прилепец го начекал брат му на убиениот кмет на Чумово Спасе, Божин Аџиоски и го отепале за одмазда. Божин Аџиоски можел да избега, ама си рекол„ јас не се тепав и не сум виновен за ништо“ и така во еден ден паднале убиени двајцата браќа чумовчани Спасе и Божин Аџиоски. Кога се повлекол во Прилеп аскерот го зел со себе и телото на Катиљ Шериф за да му го предадат на неговите роднини. Ситуацијата некако се смирила од страна на турската власт, но роднините на отепаниот полјак Катиљ Шериф тајно се организирале за да го запалат селото Чумово.

Крсте Гермов – Шакир

Чумовчани, пак, биле добро организирани и преку својата селска организација имале добра соработка со комитите. Еден од организираните чумовчани бил Диме Мустрески кој преку организацијата научил дека трновчани се подготвуваат да му се одмаздат на селото Чумово. Селаните во Чумово добро се наоружале и повторно ги повикале на помош четите на Крсте Гермов, Петре Ацев и Толе Паша. Еден ден стасале со коњите триесетмина трновчани, но нивниот напад бил одбиен. Неколку пати се обиделе да влезат со јуриш во Чумово, но не им успеало. Затоа пак, четата на Толе Паша заробила двајца од напаѓачите, ги зеле со себе и во местото Волкојца, на брегот наспроти Кокречкото војводата Толе Паша ги осудил на смрт. Според кажувањето, комитите на Толе Паша ископале гробови и живи ги закопале во нив. Дали било навистина така јас не верувам, така сум чул, а не научив дали таму останале нивните коски. Другите напаѓачи трновчани се вратиле назад во Трновци. Откако се расчуло пукањето турскиот аскер повторно дошол во Чумово, го сардисал селото и го нападнале со оружје при што биле убиени неколкумина. На Алавантиовци им ја изгореле куќата и ковачницата, а имало и некој убиен од нивното семејство, а им била изгорена куќата и им загинале луѓе и на Апостоловци. Имало и други семејства на кои аскерот им направил штета. По завршувањето на нападот аскерот ги собрал чумовчани на сретсело и сите помлади биле земени на одговорност. Како што раскажуваше дедо ми Митре Писокалски (1872–1957), татко на мајка ми, сите биле измачувани и тепани и преку кошулите им течела крв. Биле врзувани и бесени на една круша со главата надолу, до половина голи, со лицето свртени кон сонцето, потурувани со матеница за да се собираат мувите на нив на горештината.

Мало Рувци

Откако се вратил од Америка дедо ми Митре повеќето од животот го поминал со овците во местото Честак. Кога ќе дојдеше кај нас на гости, дедо ми Ристе (татко на татко ми), често го прашуваше во разговорот: „Свату Митре, не се плашиш од сенката на Катиљ Шерлф?“ Дедо ми Митре на тоа ќе одговореше: „Силен беше Катиљ Шериф додека беше жив. Откако падна отепан и овците газеа и пасеа на местото каде што падна тој непрокопсан Турчин.“ За жал, не научив која година биле крвавите настани во селото Чумово поврзани со убиството на Катиљ Шериф.

Раскажано од:

Ристе Јовчески (1888–1962), Марул.

КУЌАТА НА АПОСТОЛОВЦИ ВО ЧУМОВО, ПРИ ПАЛЕЊЕТО НА СЕЛОТО, ЈА БРАНЕЛЕ САМИТЕ ТУРЦИ

При крајот на 19 век, меѓу 1880 и 1890 година, турската власт во прилепскиот крај фатила четворица турски качаци, разбојници. Тие биле предадени на суд и осудени на доживотна робија, а казната ја лежеле во скопскиот затвор. Не е познато од каде биле качаците родум, а во затворот лежеле со години и од никого не биле посетени.

Нашинецот, Македонецот христијанин, Богоја Дурлески од Волково Село, не е познато дали ги познавал качаците од порано, но отишол при кадијата во Прилеп и побарал изим да ги посети во затворот во Скопје. Исто така, не е познато дали прилепскиот кадија имал контакт со качаците, но веројатно е дека имал, зашто ако немал немало да му даде виза на Богоја Дурлески за да ги посети, туку и него ќе го затворел кога ја побарал. Прилепскиот кадија му напишал потврда на Богоја Дурле и со неа тој отишол во скопскиот затвор и ги посетил турските качаци затворени таму. При посетата качаците му кажале не Богоја Дурле дека во беловодичкиот синор, во некоја шуплива бука, во овчи кожи биле скриени сите пари што ги краделе. „Оди таму, половината од парите земи ги, а половината остави ги за нас“ – му рекле четворицата турски разбојници.

Селото Беловодица
Селото Беловодица

Кога се вратил дома во Волкосело, по посетата на скопскиот затвор, Богоја Дурле, како најверен пријател, за помош при барањето на парите го побарал чумовчанецот Никола Апостолоски. Заедно со него отишле во синорот на Беловодица. Шетале овде–онде низ атарот на селото, но никако не можеле да ја пронајдат шупливата бука и се вратиле дома со празни раце.

По извесно време се договориле повторно да одат во Беловодичко, но сега со нив го зеле и чумовчанецот Илија Аџиоски – Џингоски. Отишле на определеното место и како што рекле качаците дека парите се скриени во највисоката бука, Илија Џингоски уште од далечина ја забележал и рекол дека мора да е таа. Отишле кај неа и ги пронашле парите. Колку пари имало во шупливата бука не е познато, но Богоја Дурле, Никола Апостолоски и Илија Аџијата зеле многу пари. Богоја Дурле зел најмногу, нешто помалку зел Никола Апостолоски, а Илија Аџијата зел најмалку.

Дурлевци и Апостоловци одеднаш станале големи богаташи, го купиле најплодното земјиште во атарите на нивните села, направиле куќи, купиле добиток и станале најбогати во тие краеви. Тие и денес располагаат со извесно богатство.

Колку пари останале во шупливата бука и кој ги зел тие пари, како и кога излегле качаците од затворот не се знае. Само се знае дека кога горело Чумово, самите палачи ја бранеле куќата на Никола Апостолоски за да не се запали. Дали атер за Богоја Дурле, кој му бил голем пријател на Никола и кој ги посетил качаците во затворот или самиот Никола Апостолоски тајно соработувал со турските власти не се знае.

Кажувано од:

  1. Неда Бошеска – Писокалска (мајка ми)
  2. Цветан Бошески – Писокалски (брат на мајка ми)
  3.  
  4. Илија Трипуноски, сите од Чумово.