ЗАМИРАЊЕ НА ДРЕВНИТЕ БОГОВИ

Изгниени коски на паднати претци

Го збогатуваат земниот плод

И понесени од спомени, ги дразнат духовите

На смртници, кои сонуваат смрт

Под врвот и оставаат неостварлив завет,

Коските и мршата да им бидат пренесени

Поблиску до небесата

До вознесениот храм

За да се прочистат

Пред да стигнат пред Господа.

Е, владико, благоглаголив,

Што ли сакаше да пренесеш

Преку молитвата покајничка?

Пламна храмот пред твоите очи,

Пламени јазици се вивнаа до небото,

Во напор да ја изгорат красната градба,

Заедно со светците збрани во неа,

Со мракот во нивните очи.

Ангел во бело застана пред огнот,

Вечен чувар на божјиот храм,

Граден врз безброј храмови,

Разурнати од наезда на диви орди.

ххх

Самнее врвот со крик од птица

Исплашена од неограничена слобода,

Од живот без закана

На човечки суштества пронижени со злоба.

Пука вжарен ден во осама,

Трепери ноќта од златни зрна,

Небото ја голта убавината

Во мракот од бескрај.

Во мугрите ранобуден монах

Стуткан во дом ископан во камен

Скриен под врвот во надеж,

Чека ново искушение од Бога.

Храмот вознесен и народ понесен,

Под вршник небесен,

Над свети планини

И земја света

Од светци газена,

Бликната во крв исконска,

Скаменета во древност

Од митски тајни

И митски корени за возбуда,

На простор ген од јадра природа,

Под милно сонце и крваво

На плодна почва, многуродна,

Со стерни расклокотени

Под древни ѕидишта,

Вгнездени во сурови ридови

Полни разрушени храмови од варвари

И бедеми неосвоиви без измама,

Нерстајнети покојници,

Во гробови под црковни прагови

И гробови отворени со камени окна,

Вечно говорат за смртта,

Незаситна челуст, на утроба без дно.

Во тајна подземна гробница,

Библиско семе р҆ти вечност,

Р҆ти сон за бесмртност,

Под златен врв и

Стамна камена осаменост.

Еј, Артемидо, брзонога божице,

Еј, Аполоне, моќен убавецу

Залаган во мудрост,

Посејдоне, грамаден браноноснику,

Ѕевсов брате, па Деметро родоносна и

Ти, Атино, мудра воинко,

Дионисе, раскалашен, Аресу, Хермесу

И ти Еоле ветроносник,

И сите богови, од мисла одминати,

Замревте пред Тихе, судбоносна,

На смртници и на богови.

ххх

Сред постела, мека, родна и пространа,

Подадени кон небото, дојки мајчински,

Вечно носат надеж

За деца незаситени,

Жедни за мајчинско млеко.