МАРИОВО ГОРИ – ОГНОТ ПРЕД ВРАТИТЕ НА ПРИЛЕП И ПЕЛАГОНИЈА – ДИШЕМЕ ЈАГЛЕРОДЕН ДИОКСИД – „НЕМА ПРОСТОР ЗА ПАНИКА“

На 31.08, според жители на село Дуње, Прилепско, започна шумски пожар во атарот на селото Пештани, предизвикан од гром. Истиот ден, по пријава на жители до селото Дуње, пристигнале две возила – едно на Пограничната полиција – Прилеп и едно на Противпожарната станица – Прилеп.  Потоа штама, пожарот остана слободно да се шири и за ден-два се прошири на сите околни ридови. Никој не се обиде даго запре, жителите на околните села кои, за жал се малобројни, останаа во страв од опожарување на нивните домови, трла, црквите, манастирите и другите објекти. На 03.09 (вторник), жителите на селото Дуње сами го спасуваат селото и манастирот „Св. Петар и Павле“, нема никој од професионалните лица за гаснење пожари. Во селото Пештани, неколку поранешни жители, кои имаат свој имот во селото се организират и со помош на неколку пожарникари успеале да ја спасат црквата и двата манастири. Во селото Кокре, неколку жители сами се борат со пожарот. Огнот поминал низ селото, за среќа, црквата останала неопожарена.

31.08.2024 – почеток

            Во селото Кален, сопственик на поголемо стадо, одвај успеал да го зачува трлото во кое го затворил стадото. Селото Крушевица е нападнато од повече страни, огнот опасно се доближува до куќите.

            Пелагон тргна кон Мариово на 04.09 во 8,30 часот за да ја разгледа ситуацијата одблиску. Врвоите над селото Штавица беа веќе опожарени, а пламените јазици итаа кон Пелагонија од повеќе страни, кон селото Штавица, Чумово, Прилепец, Селце, Лениште. На линијата на огнот не забележавме никого. Погоре, на стотина метри од карпата Црвеница, кон превојот Слива, беа лоцирани повеќе возила, на противпожарни служби и други. Лево од патот, на две-три стотини метри од карпата Црвеница, по сртот на ридот забележавме неколку лица во обид да го спречат огнот да се шири, но поголем дел од ридот од таа страна беше сосема црн од огнот, кој го поминал целиот терен. Продолжувајќи нагоре, јасно се гледаше дека огнот ги поминал сите ридови лево од патот и превојот.

Огнот слегува од планината кон Пелагонија 4

            Чадот веќе беше преминат во Пелагонија и ја затемни уште во утринските часови на 04.09, а огнот зaбрзно слегуваше по падините на Дренска и Селечка Планина кон Прилепско. Ридовите околу селата Пештани, Кокре, Кален, Дуње, Крушевица, Селце, Беловодица, Лениште, Прилепец, Чумово, Штавица, Бонче, речиси, целосно поцрнети од огнот, кој поминал преку нив без никој да го запре. Огнот продолжува во атарот на селото Дуње, кон манастирот „Св. Ѓорѓија“, кон Црна Река и селото Чаниште.

СИСТЕМОТ НЕ ФУНКЦИОНИРА

            Нашите проблеми се повеќекратни, наталожени со години, без сериозен пристап за решавање од страна на надлежните институции. Возиме кон превојот и размислуваме: Политичарите и лицата со амбиции за власт се однесуваат како божества. Сами си знаат се, сами можат се, тие знаат најубаво што е добро за нас, затоа не примаат никакви совети од страна, никакви сугестии, ниту знаење. Еден таков политичар, при еден наш обид за разговор и консултација во однос на Мариово, дури и ни советуваше да не го споменуваме името на Мариово. „Зашто тоа е нешто многу вредно, сега не е време, па ако слушне некој за него ќе ни го грабне и ќе ни го однесе некаде.“          Ништо не го разбравме тој амбициозен политичар, висок партиец и успешен кариерист, но знаеме дека проблемите во Мариово не мрдаат од мртва точка, во моментов половина од областа гори, а огнот му се заканува и на Прилеп, на Пелагонија, па и на Битола и пошироко. Дали можеше да се спречи на планината над Пештани, ако сериозно се пристапеше, со знаење на стручњаци за пожари, како и со посериозен ангажман на надлежните институции и функционери во општината и во државата? Функционира ли системот?

Преку превојот Слива, десно од патот врвовите во црно

            Кризен штаб се формира дури неколку дена по избувнувањето на пожарот на мал дел од планината над селото Пештани југоисточно од врвот Градиште. За тоа време огнот ги освои и околните врвови и ридови, во атарите на погоренабројаните села, заедно со долините. Сериозона битка со него беше започната, дури, по неколку дена од избувнувањето, огнот премина атари, врвови, превои, патишта, реки. Остави грозно црнило зад себе, а каква е штетата, не знаеме. Штетите на растителниот и животинскиот свет, на имотите на жителите на Мариово, на здравјето од постојано вдишување јаглероден диоксид и сл.

ОБНОВЕНИОТ ДЕЛ ОД ПАТОТ СЕ РАСПАЃА ПОРАДИ НЕДОВРШУВАЊЕ НА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА

            Возиме полека над селото Штавица, кон превојот Слива. По којзнае којпат забележуваме како се распаѓа новиот асфалт на делот од патот, кој беше реконструиран пред неколку години. Реконструкцијата не беше комплетно завршена, односно, не беше заштитен десниот раб на патот, па атмосферските води го поткопуваат и веќе има опасни деструкции со отпаѓање на цели делови од асфалтот. Тоа се случува и покрај големиот број писмени известувања и обраќања, како и директни обраќања на жители на Мариово и членови на Иницијативниот одбор за поттикнување на развојот на Мариово. Овој однос со патот за Витолиште не потсетува на актуелниот момент со споменатиот пожар, кој ќе биде изгаснат со божја милост, односно, со милоста на Господа, доколку наведе дождоносни облаци над пламените јазици на огромната површина, која е опфатена со нив. Со ова им се извинуваме на чесните пожарникари, кои се обидуваат да се снајдат во обидот за контрола на широко раширениот пожар, а кои зависни од системот, кој функционира на ист начин како и за погореспоменатиот дел од патот.

            Во меѓувреме слушаме силни изјави за тоа дека нема место за паника, за грижа и сл. Одговорните од кризниот штаб трубат по медиумите дека силни екипи ги држат под контрола пламените јазици што ги завија ридовите во црно. Особено е интересна изјавата дека дишеме чист воздух и покрај силниот чад, кој ја покрива, речиси цела Пелагонија. Ваму се жалат и жители на селата во Мариово дека тешко се дише од облаците чад, кои постојано напаѓаат од пламнатите ридови. Баш и не е за верба.

ВО ЦЕНТАРОТ НА ОГНОТ

            Продолжуваме преку превојот Слива, па надолу. Од левата страна сè е во црно, а пламенот влегува во атарите на селата од периферијата на Пелагонија, Штавица, Чумово, Прилепец, Селце, Лениште и се движи кон атарот на селото Плетвар. Од десната страна, се до атарот на селото Бонче, се уште не стигнал. Бонче е веќе нападнато од огнот, жителите се обидуваат да ги спасат куќите и добитокот. Еден од жителите одвај ги спасил своето стадо говеда и, нормално, силно е растревожен. Всушност, сите во селото се растревожени и загрижени, зашто гори многу близу до нивните куќи. Огнот брзо се движи по планината, па стигнува и накај селата Лопатица и Орле, а зафатената површина се мери со десетици илјади хектари.

Шлеперите со богатство од Мариово кон Прилеп

            По патот нѝ се јавува наш соработник и прашува дали е добро да се обиде да воспостави контакт со надлежните институции за гаснење на пожарот и да им понуди помош со доброволци. Подоцна нè информира дека, речиси, грубо бил одбиен со објаснување дека не е потребно мешање на цивили во оваа акција. Тоа не потсети на слично јавување од жител на селото Кокре, кого најпрво го прашале дали огнот бил дојден до неговата куќа, а кога им рекол дека сè уште не е, речиси, го прекориле за јавувањето поради тоа што тие имале „работа преку глава“. Ова не тера на размисла, зошто повиканите успеваат да се организираат за гаснење, дури неколку дена од почетокот на пожарот. Ние сме лаици и не треба да ни биде забележано, ама состојбата е драматична, опасна, речиси, апокалиптична. Наша констатација е дека и стручните служби се во незавидна положба во која ги доведе системот на „самобендисани“ функционери, па и окрај големата желба да бидат на ниво на задачата, тоа не им успева.

Помош и од Охрид

Се наметнува лаичко прашање зошто не беа изнајдени сили пожарот да биде опколен и „заробен“ уште на делот од планината со местото на првото жариште и да се спречи ширењето до „епски“ размери? Ова ги поттикнува шпекулациите за некакви намери, за намерно палење, намерно пустошење и сл. Иако, доколку нешто се изјавува треба да се поседуваат аргументи. Ова важи и за изјавите на надлежните од типот: „Нема простор за паника“, “Се е под контрола“, „Нема потреба од цивилно население во гаснењето на пожарот“, „Воздухот за дишење е во нормалните граници“ и слични изјави, кои не се поткрепени со содветна аргументација, туку паушални конастатции, кои личат на продолжена политичка кампања. Кон крајот на денот, на враќање кон Прилеп, надолу од превојот Слива, забележвме густ чад околу градот и поширокиот дел од Пелагонија. Тоа ли е чист воздух, за нормално дишење? Можеби!!!

ПРИКАЗНИ И СОСТОЈБИ

            Во меѓувреме, жителите на Дуње сами гаснат, еден жител на Кален одвај го спасил своето стадо, жител на селото Дуње бил доведен во опасност по неговиот и животот на неговото стадо кози кога се нашол во услови на пламен и чад, па паднал онесвестен, а козите се разбегале да се спасат од огнот. Среќа, во близина се нашле лица од полицијата или противпожарната служба, па го кренале човекот и го ставиле на безбедно во манастирот „Св. Илија“ – Писокал. Козите останале сами, која каде, неколку дена, зашто сопственикот не бил во состојба да ги собере. До денес е вистинска среќа што не се случила поголема трагедија и тоа може да се земе како единствен позитивен аспект на оваа неконтролирана огнена стихија.

            Одиме надолу, кон селата Кален и Крушевица. Токму во тој простор, огнот успеал да се префрли преку патот Прилеп – Витолиште и да го освојува просторот од неговата десна страна. Гори во Крушевичко, во Каленско, Дунско. Селото Крушевица е нападнато од повеќе страни, односно, од североисток, од север и северозапад. Се вклучивме во една мала екипа составена од жители на селото и се обидовме да го сопреме напредувањето на огнот од североисточната страна. Со обични лопати по пламените јазици, кои ја „голтаат“ сувата трева. Во еден момент ни се придружи еден помлад човек, по потекло од селото, со обична рачна помпа за прскање, со 15 литри вода и нашата работа стана многу поефективна. Додека ние со постојано мавање со лопати по пламенот успеавме да изгасиме околу 100 m од огнената линија, Далибор Рситески со својата помпа силно не изненади прскајќи млаз по линијата на огнот, кој брзо го снемуваше пред нашите очи. За нас беше вистинско изненадување, но и освестување дека примената на обична помпа за прскање течности може доведе изнандувачки ефект. Заедно со нашите примитивни алати, лопатите, за пократко време успеваме да неутрализираме линија на огнот од неколку стотици метри. Околу 4 и 30 часот, ние моравме да се враќаме кон градот, а на патот кон Крушевица беа собрани поголем број и од другите учесници во гаснењето на пожарот, поголемиот број со лопати, мотики и сличен алат. На нашето прашање дали не им било предложено употреба на грбни помпи со вода при гаснењето, не добивме потврден одговор, а не успеавме да видиме дека некој од големата група располагаше со таков скромен апарат. Тоа, нека ни простат професионалците, кои секако си ја вршат својата работа, нам ни стана чудно, а во моментот и помисливме дека нешто не е на ниво на ситуацијата, но можеби како лаици, немаме право на коментар, особено, немаме право да изнесуваме критика.

Далибор Ристески со својата грбна помпа – прскалка

            Горе, северно од врвот Висока, по сртот на ридот Гранчарица огнот беснееше. Особено по неговите падини, кои паѓаат кон селото. Големата екипа од пожарникари од Прилеп, Скопје, Охрид и други места, заедно со поголема група војници на АРМ, успеваше да смири делови од огнот, а помагаше и еден авион за гаснење пожари, но во некои од доловите со густа шума, полна со треви, шипје, капини и

Околу селата Прилепец, Чумово, Волкосело, Лагово темно од чад

трње, огнот посебно беснееше. Сепак, до приквечер, забележавме дека делумно беше запрено напредувањето на огнеата стихија. За жал, преку ноќта, огнот пронашол и други патишта и повторно опасно му се заканил на селото. Во гаснењето, покрај професионалците, активно учесто зеде и голем број од жителите на селото, како и лица со потекло од ова село. Се надеваме дека, заедно со професионалците, нема да дозволат да дојде до поголема катастрофа.

ШЛЕПЕРИ СО БОГАТСТВО ОД МАРИОВО

            За два часа, колку што возевме до селото Крушевица, по патот Прилеп Витолиште поминаа 5 големи камиони – шлепери товарени, кој со два, кој со три блокови, оникс, мермер, травертин, гранит, вкупно, 12 или 13 блока. Мирно, со бревтање, заминаа кон превојот Слива и натаму, кон пазарот на кој ќе ја реализираат сопствената цена. Според некои непрецизни проценки се работи за стока вредна од 100.000 до 300.000 евра. Само за два часа, од Мариово, кон останатиот свет. Некои од политичарите, често знаат да изјават дека Мариово нема доволно ресурси за да опстане како посебна територијална единица, дека во Мариово нема луѓе и слично, па така и избегнуваат да вложуваат во оваа општина, ги оставаат жителите на селата без пат, без вода, без струја, без здравство. Повиците дека тој однос треба да се промени заглавуваат во глуво. Ни веруваме дека вкупниот однос на надлежните кон оваа област е еден од главните фактори и за последната катастрофа, чија штета е немерлива со нумерички инструменти. Таа, секако, ќе биде уште едно големо разочарување и причина за депресивно размислување за опстанок во овој крај. Сепак, ние му даваме можност само на позитивните идеи, на идеите за вистински опстанок и напредок, иако нашето скромно патување до центарот на „пеколот“ внесува револт во нас и не наведува да ги повикаме „самобендисаните“ да се погледаат во огледало и да се симнат на земја, зашто живеат, создаваат имот, некои и дебело се богатат на грбот на „обичните“ создавачи на вредностите, на буџетот и сите придобивки, кои тие, често, обилно ги користат, без да си ги извршуваат обврските преземени со закон.

Богатството на пат кон светот 2