НЕБЕСЕН ХРАМ
Под златниот врв, осамен во стројност,
Деца претворени во камен од жед
За мајчинско млеко, од гради мајчински,
Во камени крошни, со скаменет плач,
Крај камена старица од јад.
О, Македоне, волчји сине,
Прататко на избрано племе,
И, ти, Херакле, божји јунаку,
И, ти, Ахиле, брзоног бојнику, одмазднику,
Незаборавени во судбинска вечност,
Во трошни храмови, сред гнили ѕидишта,
И мермерни столбови, истркалани,
Под грамадни врвови во широки полиња,
Замревте во храм духовен
Со мисла осветен, на народ посветен,
Во гордоста срамежлив, исправен
Меѓу силници и крвници,
Довтасан од прометејска судбина.
Блескаат крвави молњи над сурова природа,
Трештат громови низ распламтен оган,
Незапирливо се влечат колони верници,
Кон врвот со храмови начнати од трошност,
Заборавена молитва тлее на потсушени усни,
За божја милост по тешко неверство.
Господи помилуј,
И ти, Богородице, безгрешна родилке!
Молитви владиката со засипнат глас,
Гордоста му ја разјадува молитвата,
Зборовите му ја сечат утробата.
ххх
Крвта од дамарите се преточи,
Во земјата многуродна, по нивите,
Се роди ново време на прелага,
Крикна измамата од широко грло,
На светот прероден во сладострастие.
Лажни верници и лицемерни божји слуги,
И, најсрамно, во лудост понесени,
Самопрогласени, смртни богови, испоганети,
Без лик величествен и љубов божја,
Груба мисла им ја вжештила главата,
Ја поганат верата и споменот безвремен,
Ниту божјо име им е во срцето,
Ниту верници да утешат им е намерата,
Само гради испрчени пред кревки души,
Соблазниви и поткупливи, без чувство за вечноста,
Еј, Аристотеле, предоку на мудрата мисла,
Твоите вонвременски дела
Од пропаста се надеж за спас,
Ниту мермерни, ниту од метал благороден,
Цврсти во духот, со нескршлива моќ,
Толку далечни во времето,
А толку блиски на спасот.
Мислата е надмоќна кога е чиста,
Како храмот ореолен, на небото вознесен,
Растреперен високо, над земната страст,
Над скаменети чеда во камени крошни,
Бдее мајчински, со надземска љубов.
ххх
Слушнете, вие, изгубени чеда на горд народ,
Слушнете песна, музика божествена,
За богови и смртни, за живи и мртви,
Песна од харфа Орфеева, во храм небесен.