ЗЕМЈА НА ПРАЗНИ ГРОБОВИ

Од рака, на рака, од плеќи, на плеќи,

Во мајсторски раце, стокмен камен,

Во несрушлив бедем, над поројна стерна,

Четириесет јунаци, подготвени за смрт,

Кон грамадните бедеми, најуначени,

Под кулите, во лудост, заклани,

Во крвта нивна, под сонцето во отсјај,

Бијат громовно, тапани на ветар Еолски,

Потсилени од крикот јуначки во агонија.

Нема жива душа во тврдината,

Стравот претворен во чудовиште,

Ја чува празнината со мудрост.

Клетва од старица, неодминлива,

Во силен јад и немоќ, изречена,

Камен на камен, да не се види,

Од градби со гревови подигнати,

На седумдесетиседум детски усти,

Жедни за мајчинско млеко

Од седумдесетиседум гради мајчински,

Пребликнати во напор да надојат

Сеумдесетиседум доенчиња премрени

Во плач по дојки мајкини, одземени,

Од раце старечки во крошни лулејни,

Осамена мајка во старост разгневена,

Од клетва во јад изречена, скаменета,

Заедно со доенчиња во крошни камени.

Ридот опседнат во митски приказни,

Во придружба на тајни звуци

Од лира Орфејска, за век и веков во камен,

Свири ветерот за љубов од насилие,

За кралско безумие од амбиција,

За моќен крал, во лудост заробен,

Во јунаштво незапирливо заблуден,

Со срце од љубов недопрено.

Царски дворец од исконски камен,

Изграден на рид безвременски,

Зјае празен во проклетството,

И бедеми царски, неосвоиви,

Во злокобен ветар завиен,

Запустен, без грмни тапани,

Од тешки зборови на скаменета старица.

Сал почивалишта низ камена тишина,

Чија е оваа земја на празни гробови?

Чии се овие запустени бедеми?

Сал глас таен се слуша,од празнина,

– Еј, верници, непокорно бедни,

– Еј, луѓе безверни – вечно грешни,

Дајте верба, покажете моќ,

За денот што иде од небото, свет,

За вечната правда, скриена горе,

Понесета верба, пред да зајдете в молк.

ххх

Се моли владиката, ем силно, ем плачно,

– Чеда мои, под небеснава капа, ем божја,

Гревовите ваши строшете ги со молитва,

Во рацете на Севишниот, судбината своја,

Оставете ја сега и во вјек и вјеков, амин!

Зашто ништо не можете да имате свое,

Ниту во кревката моќ, ваша,

Земјата своја гледајте ја со љубов,

Не трошете сила, ни зборови милни,

На блудни мисли и зли дела.

Од скришно глас, од вишно,

Згрме над височини чудни по образ,

– Стојте, на каков пат сте се вдале,

Туѓи патишта ве водат во матно,

Несмирени духови на покојници во неврат,

По лажно благо – во пропаст ве влечат.

Грми, татне, беснее и клокоти,

Ќе се отне заборавена стерна во ридот,

Ќе скапат дрвени колја, бруќе и бубаќ,

Наближува денот, судниот час,

Во библиска земја, на плодно тло,

Рʼти никулец на крајот од веков.

Исконски знаци, сјаат во камен,

Говорат на познат јазик, сепак туѓ,

Под стара мов, трепетни зборои,

Од прастара крв, впиена во камен.

Манастирот, луѓе, светилиштето небесно,

Црква древна, храм вознесен над златен врв,

Блудници се збрале, блудничат и пеат,

Нечисти думи расфрлаат скверно,

Се фрлаат во пламен, се заканува огнот,

Со горевина и пепел, ништавило бедно,

Од скраја, молитва тајна, со плачлив глас,

Буди надеж, за чиста верба, недопрена моќ.

Ечи грамадно сурова природа,

Натрупана при возбуда под светол храм,

Со бројни знаци за живот и смрт,

На сјајни ѕвезди и далечни планети,

Занемени цивилизации на суштества

Полни со надеж за вечност на мигот.

Ечи молебно гласот на владиката,

Подолу в гумно, празен гроб,

Зината уста за следна жртва,

Околу, тапани и зурли во светечка слава,

Ечат звуци од длабоки грла,

На музика и песна со незнаен корен,

Од суштества сродни на Орфеј.

 

Небото е широко гнездо,

Возвишено бдее над храмот,

Божја светлина, под миризливи треви,

Проникнува дух на свети тајни,

Меѓу камен и стебло од јасен,

Срамежлив и дробен, но бодар,

Во себе носи недопрена љубов.