МАКЕДОНЦИТЕ „НА ВОЈНАТА Ѝ СЕ РАДУВААТ КАКО НА ГОЗБА“

ЕЛИНИТЕ ГИ МРАЗЕЛЕ МАКЕДОНЦИТЕ – ИНФОРМИРААТ АНТИЧКИТЕ АВТОРИ (3)

            Кај еден од најплодните антички автори, Полибиј, чие дело, „Истории“ е сочувано, среќаваме бројни сведоштва за војувањето, политиката и односите на Македонците и македонските кралеви со племињата на Хелада. Интересно е дека и кај него, како и кај други антички автори, на многу места среќаваме јасно идентитетско одвојување на Хелени и Македонци41 или на Хелада и Македонија.42

Македонија околу 200 г.п.н.е

            Интересно е како се произнесува Полибиј за Македонците во врска со нивната војничка способност, издржливост и расположение за војна: „Макеоднците спремно ги исполнуваа неговите наредби (на Филип V): Тие се најхрабри во регуларните битки на копно, многу се способни за акција на море, кога ќе се појави таква потреба, многу се вредни кога мора да се ископа ров и да се подигне палисада и, воопшто кажано, најиздржливи во сите слични работи, слични на Еакидите за кои Хесиод вели: ʼНа војната ѝ се радуваат како на гозбаʻ.43

Филип V Македонски – биста – Palazzo_Massimo_Rome

            Интересна е една забелешка на Полибиј во однос на хеленската и македонската историја. Имено, тој му забележува на историчарот Теопомп, кој започнувајќи да пишува историја за Хелените започнувајќи со настаните со кои завршил Тукидид, во еден момент сосема ја отфрлил хеленската историја и се зафатил со македонската историја поврзана со делата на кралот Филип (Филип II, зм.). Еве што вели Полибиј за тоа: „Имено, би било многу подостоинствено и поправедно Филиповите дела да ги вклучи во хеленската историја, отколку хеленската историја да ја претстави како додаток на делата на Филип.44

Македонскиот крал Персеј (179 – 168 п.н.е.)

                Значи ли тоа дека Полибиј ја започнал пропагандата за асимилација на Македонците, односно, за негирање на македонскиот идентитет, историја и култура? Зашто, инаку, зошто би се произнесол на таков начин, односно, со потценување на неколкувековното постоење како кралство со посебен идентитет и култура и владеење на Македонците со поголем дел од светот, со нивната доминација над племињата и градовите на географскиот простор на денешна Грција и со нивната улога во обединувањето на тн. грчки свет. Од друга страна, и од пишувањето на Полибиј е јасно дека споменатите племиња и градови од тој „грчки свет“ Македонците ги сметале за варвари, односно, како заедница со поинаков етнички, културен и историски идентитет и го користеле секој погоден момент и слабост за да се ослободат од македонската доминација. Голем дел од нив, речиси, со раширени раце ги дочекале Римјаните за да им се приклучат во војната против Македонците, иако и во рамките на Рим нивните меѓусебни недоразбирања и војни продолжиле со несмален интензитет.   

Гробницата на кралот Персеј во Алба, Италија

 

            На едно место во делото на Полибиј, авторот, опишувајќи го војните на Македонците со Римјаните, особено за време на кралувањето на Филип V (221 – 179 п.н.е.), се обидува да го оправда постапувањето на некои од хеленските племиња, односно, Ахајците, кои го напуштиле сојузот со Македонците и им пристапиле на Римјаните. „Имено, ако Аристон не ги одвоеше навреме Ахајците од сојузот со Филип и не ги приклучеше кон Римјаните, јасно е дека сојузот ќе пропаднеше. Вака и моментно на сите им обезбеди сигурност, а владееше и општо мислење дека и тој и неговиот совет донесле пораст на ахајската моќ. Затоа никој не го сметаше за предавник, туку сите го почитуваа како доброчинител и спасител на земјата. Истото би можело да се рече и за другите кои во критичните ситуации се одлучуваат на слични мерки.45 Што значи таквата постапка, лесно е да се претпостави.

Родното село на Мисирков, Постол, со дел од градот Пела во преден план

            За тоа дека Македонците уживале посебен углед, како со својата борбеност, издржливост и способност во битките, односно, по својата мажевност, така и по начинот на нивното општо однесување, облекување и слично, зборува еден пасус ка Полибиј, кој говори за доаѓањето на еден македонски принц од Египет, односно, Птолемеј, син на Сосибиј, крал на Египет од времето на Филип V. „Во ова време (по 221 година п.н.е., зм.) од дворот на Филип се вратил Птолемеј, син на Сосибиј. Уште пред да исплови од Александрија, бил вообразен заради својата способност и богатството кое му го должел на својот татко. Кога стигнал во Македонија и дошол меѓу момчињата на дворот, помислил дека македонската мажевност се содржи во сјајот на облеката и обувките и во Египет се вратил облечен како Македонец и убеден дека станал маж благодарејќи му на ова патување и дружење со Македонците, а дека Александријците останале робови и будали.46

Скулптура на римски цар од Стибера
Скулптура на римски цар од Стибера

                Во контекст на опишувањето на односите во кралската куќа на Филип V, односно, односите меѓу неговите синови Деметриј, постариот и Персеј, помладиот син и неговиот однос кон нив, како и описот на пропаста на ова кралско семејство. Особено добро објаснува каква личност бил постариот син на Филип V, Дметриј, кој бил ликвидиран од страна на неговиот татко, откако бил наклеветен од помалиот брат Персеј дека е предавник и дека треба да биде ликвидиран. Полибиј дава и подолг опис на самиот Филип, како крал со многу „гревови“, кои на крајот биле причина и за пропаста на неговото семејство. Деметриј, инаку, го опишува како многу напредно и способно момче, кое стекнало голема доверба кај Римјаните, па Филип го испраќал во Рим секогаш, кога требало да се исправи некоја грешка, која самиот ја направил кон нив, прекршувајќи некои од постигнатите договори или слични постапки.47

            За пропаста на семејството на Филип V, но и на Македонците и нивното кралство, меѓу другото, Полибиј ќе наведе: „Во ова време почнуваат страшните несреќи за Филип и цела Македонија, што заслужува цлосно внимание и увид. Имено, како Тихе да сакала одеднаш да го казни за сите безбожни и злсторнички постапки, кои ги направи за време на целиот живот, му прати некои еринии, мачители и духови одмаздници на неговите жртви, кои го следеа и дење и ноќе и толку го мачеа сè до самата смрт, така што сите луѓе признаа дека, како што вели пословицата, постои некое ʼоко на правдатаʻ кое не смееме да го презреме, бидејќи сме само обични луѓе.48

            Меѓу другото, како голем грев на Филип V, Полибиј му го препишува насилното иселување на граѓаните од најважните приморски градови во областа Ематија и населувањето на нивно место, во истите градови, Тракијци, како и убиството на некои од најбогатите и најугледни Македонци и фрлањето во затвор на нивните синови и ќерки. Меѓу таквите Македонци, Полибиј наведува и неколку имиња, како што се Адмет, Пирих и Сам.49

Споменик во чест на битката кај Херонеја

            Извесни наводи, кои личат на обвинување на Македонците како виновници за лошата состојба кај некои од племињата на Хелада, среќаваме и кај овој антички автор (Полибиј), кој е современик на Македонско-римските војни и пропаѓањето на Македонското кралство, односно неговото освојувањеод страна на Рим. Така, во еден пасус Полибиј ќе наведе: „Областа (Ахаја, зм.) не можеше да роди водач, достоен за таква политика и секој, кој се обидуваше да ги изнесе нејзините предности, беше затемнуван и ограничуван од силата, било на Лакедемон, било, уште повеќе, на Македонија.50

Александар во лов – мозаик од Пела

            Полибиј смета дека главна причина за растурањето на сојузите меѓу хеленските градови биле македонските цареви. „По Александар и за време на гореспоменатата олимпијада, меѓу нив се појавија недоразбирања и заемна омраза, главно заради македонските цареви, при што градовите се разделија и започнаа да дејствуваат против своите интереси. Како резултат на таа расцепканост во некои од нив се поставени гарнизони на Деметриј и Касандар и после тоа на Антигон Гонат, а на некои им беше наложено дури тиранско управување.51

            Според Полибиј, непријателството, меѓу Македонците и некои од хеленските племиња било особено нагласено и, постојано, се правеле напори за ослободување од македонската доминација. Ова, особено важи за Пелопонез, каде Ахајците бил едно од најсилните племиња и, според него, најблагородното, чии водачи вложувале големи напори за обединување на градовите на Пелопонез и за зачувување на нивната слобода.

            Според Павсаниј, главна причина за последната војна меѓу Римјаните и Македонците, во која Македонците ја изгубиле својата земја, е непочитувањето на договорот постигнат меѓу Римјаните и кралот Филип V од страна на Персеј. Имено, Персеј, спртивно на постигнатиот договор од неговиот татко Филип, го погазил договорот со тоа што ги нападнал Сапејците и нивниот крал Абрупол и ја опустошил нивната земја, иако тие биле сојузници на Рим.52

 

            По покорувањето на Македонците и на кралот Персеј, Римјаните испратиле, дури, десет римски сенатори за да ги средат состојбите во Македонија. Притоа, еден Ахаец со име Каликрат, кого Павсаниј го нарекува предавник, постојано им се умилкувал на римските

Александар македонски во борба со персиски војници – фрагмент од саркофагот во Истамбул – Турција

сенатори, а дури го убедил еден од нив да дојде и во Собранието на Ахајците. Таму, овој рисмки сенатор, сосема отворено настапил изнесувајќи дека најбогатите Ахајци го помагале Персеј со пари, како и со други средства и дека тие треба да се осудат на смрт. Токму ова собрание, на кое присуствувал и римски сенатор, предизвикало првенците на Ахајците да бидат испратени на судење во Рим.53

            Римјаните често испраќале сенатори за решавање на спорови меѓу месните племиња. Сенаторот Гал бил испратен да реши и еден спор за земја меѓу Лакедемонците и Аргивците. Тој, откако добро ги изнавредил Хелените, а посебно Лакедемонците и Аргивците, судењето му го препуштил на Лакедемонецот, Каликрат, кого Павсаниј го опишува како голем предавник.54 Ваквиот однос на Римјаните кон хеленските племиња продолжил и подоцна, а односот бил сличен како погореопишаниот.55

Филип VI Андриск – монета

            Племињата во Хелада, кои и пред доаѓањето на Римјаните, постојано биле во меѓусебни расправии и воени судири, продолжиле со таквиот однос и за време на Рим. Особено, долго време траел судирот меѓу Ахајците и Лакедемонците и во него активно се вклучил и самиот Рим, користејќи го за свои цели, давајќи насоки или забрани, односно, за својата политика на овој дел од Балканот. За разлика од нив, Македонците и натаму не можеле да се сложат со ропството, кое им било наметнато од туѓата власт и дигнале востание на чело со тн. Филип Андриск, кој се претставувал како син на Персеј, а внук на Филип V. Него, историчарите го нарекуваат Лажниот Филип, односно, го оспоруваат неговото потекло од македонската кралска лоза, претставувајќи го како, своевиден манипулатор. Павсаниј, во своето дело, не објаснува за било какво лажно потекло, туку пишува:„…Андриск, син на Персеј и внук на Филип, кој се одметнал од Римјаните.56 Токму во времето на востанието на Филип Андриск, Ахајците се подготвувале за војна со Лакедемонците, но римскиот војсководач, Квинт Цецилиј Метел, кој успешно го загушил востанието интервенирал кај судрените страни да не преземаат воени акции, туку да ги чекаат пратениците од Рим, кои ќе дојдат за да го решат спорот.57

                Овој водач на востанието, односно, Филип VI Андриск (Лажниот Филип), можеби многу поангажирано го опишува историчарот Полибиј, кој го нарекува со крајно лоши зборови, како „одвратен човек“ или слично. Може да се забележи дека Полибиј отворено застанува против обидот на Македонците за ослободување од Римјаните убедувајќи не дека: „Имено Римјаните им направија многу големи добородетели (на Македонците, зм.): целиот народ е ослободен од кралските наредби и порези, по сопствено признание, од ропство прејде во слобода, а македонските градови Римјаните ги ослободија од големите немири и меѓусебните убиства.58 Од ваквите описи на Полибиј, се добива впечаток дека римското ропство е подобро од македонската независност и слбода што, самото по себе, е своевидна иронија. Што се однесува до востанието на Филип Андриск, Полибиј изнесува аргументи дека тој не може да биде Филип, синот на Персеј, зашто тој починал во Алба, во Италија, две години по неговиот татко Персеј.59

Спомени на Персеј во Скопје

            За самото востание под раководство на Андриск, Полибиј пишува: „Оние кои војуваа со Деметриевиот (син Филип) и со Персеј против Римјаните претрпеа пораз, а сега храбро се бореа на страната на овој одвратен човек и ги победија Римјаните.60 Самиот Полибиј како да не може или не сака да го прифати фактот на победата на Македонците предводени од Филип Андриск, па прибегнува кон објаснување на овој историски настан како дело на боговите. „Кој не би се зачудил на ова? Тука тешко би можела да се најде причина, па затоа би можело да се рече дека целата работа е лудост испратена од боговите и дека на сите Македонци се срушил божји гнев.61

            Можеби во сличен контекст е и споменувањето од страна на Полибиј на уништувањето на градот Теба од страна на Александар Македонски и Македонците, односно, треба да се разбере како критика на постапувањето на Александар и Македонците, па дури и како израз на апатија кон нив. „… Александар при планирањето за преминување во Азија помисли дека со казнување на Тебанците ќе постигне Хелените место со гарнизони да ги чува со страв додека тој се занимава со други работи. И тогаш сите ги сожалуваа Тебанците, кои неправедно страдале, а никој не ја оправдуваше постапката на Александар.62

41 Полибиј, Истории, I, Матица српска, Нови Сад 1988, I дел, 194.,

42 Исто, 195.

43 Исто, 384.

44 Исто, 554.

45 Исто, II дел, 241.

46 Исто, 219.

47 Исто, 333 – 340.

48 Исто, 340.

49 Исто.

50 Полибиј, Истории

51 Павсаниј, 342.

52 Исто, 342, 343.

53 Исто, 341 – 344.

54 Исто, 343, 344.

55 Исто, 346.

56 Исто.

57 Исто.

58 Полибиј, II дел, 516.

59 Исто, 512.

60 Исто, 516.

61 Исто.

62 Исто, 520.