СКВЕРНА ЦАРИЦА

Од никаде, по ридот со пат поплочен,

Се зададе војска повеќестотна,

Водена од царица со свита опкружена,

Од туѓа вера допрена, оскверната,

За чест таткова во зловреме.

Пред порти манастирски, осилена,

Затропа свита царска во светли одори.

Се стресе става владикова и срце човечко,

Не смее предавничка на вера Христова

Во црква христијанска, храм

Со корени исконски и светост преблажена

Да погани олтар пресветол, фрески и икони,

Свети порти црковни и плочници,

Поради грев непростлив, преголем.

Ни праг манастирски да престапи,

Ни свет камен да допре рака скверна,

Камо порти манастирски да раскрили

Со раце блудни, испоганети

И блудна душа, неверничка – зладуша.

Анатема фрла, бесен, владиката

На стамени порти навален,

Од дворои староѕидни, манастирски,

Над пагански зданија надѕидани.

Огнен гнев ја фати царицата Цариградска,

По света причест желна неповратно,

Преморена од долг пат низ гора камена,

Од дворци царски, сопружнички,

До храмот светол, со светост небесна.

На трон од камен седната, скокна силовито,

Стројно тело и се затресе над карпите,

И глас продорен пушти до војските,

По ширни полјани, крај гробишта,

Исполегнати на одмор пладневен.

Еј, војски, силни, ем немилосрдни

Верни царски поданици и мои служители,

На царот да му се намилите, мој посинок,

На портите од манастирот удрете,

И се што е живо зад портите – внатре,

Под сабја ставете, студен челик, наострен,

Како вода крвта од клетници нека потече,

Та и карпите прастари, во крв натопени,

Нека светнат црвено, под сонце жаровно!

Вашата царица, царска штитеничка,

Од беден владика, суштество ништожно,

Дробен слуга царски и некадарник

Е понижена до срце, омаловажена,

Одмазда и најстрашна за него е прелесна,

Та еден жив да не остане

Зад портиве дрвени,

Ни душа најситна, да не слушнам,

Да клука тивко во градите на ништожник,

Сал бедниот владика да не го допрете,

Зашто на судбината што демне под ридот

Јас го оставам бедникот бесрамен,

На родот негов и царската заповед.

ххх

Во јаснина сонцето, ненадејно пресекна,

Во темнина ридот стамен пропадна,

Во сиви страшила карпите се престорија,

За миг, пред кобниот глас на високостојничката.

Скокна силна војска на портите прецврсти,

Падна владиката зад порти, на калдрма,

Се струполи во немоќ, пред царска сила,

Се слушна силен ѕвекот на сабји сјајнолики,

Студен челик изострен до совршенство,

Се зари во кревки тела, монашки,

Потекоа крвишта низ ридови,

Небесна клетва – божја прокоба,

Над храмот без корен во времето,

Од карпи земјоутробни зароден,

Од слабост вечна, човечка,

На божја немилост изложен.