МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ПОСТАВУВАЛЕ ТРОФЕЈНИ СПОМЕНИЦИ ПО ПОБЕДИТЕ ВО БИТКИТЕ

ЕЛИНИТЕ ГИ МРАЗЕЛЕ МАКЕДОНЦИТЕ – ИНФОРМИРААТ АНТИЧКИТЕ АВТОРИ (4)

            Посебно внимание привлекува и пренесувањето на Павсаниј за настанокот на тн. Музи, кои ги поврзува со „Македонецот Пиер“, а според кого е на речена и областа Пиерија од северната страна на планината Олимп, како и македонското племе, кое живее во неа, односно, Пиеријците.

Остатоци од градот Дион
Остатоци од градот Дион

            „Раскажуваат дека подоцна во Теспија дошол Македонецот  Пиер, по кој во Македонија се нарекува една планина и дека воспоставил девет Музи, та им ги променил дотогашните имиња. Пиер мислел така, бидејќи му се чинело дека е така попаметно или затоа што така му наредило некое пророштво или тоа го научил од некој Тракиец. Тракискиот народ одамна и во друг поглед изгледал поподвижен од Македонците и не толку рамнодушен по прашањата на верата. Некои велат дека самиот Пиер имал девет ќерки и дека имале имиња како и божиците, та дека оние кои Хелените ги нарекувале деца на Музите биле внуци на Пиер.79

            Со Музите, како што известува Павсаниј, поврзано е и името на митскиот музичар, Лин, кој се сметал за син на Музата Уранија, а за кого Тебанците тврделе дека е закопан кај нив, а дека по поразот на Хелените, македонскиот крал Филип, ги зел неговите коски и ги однесол во Македонија, но набрзо повторно ги вратил. Сето тоа го направил поради видение во сон.80

Деветте Музи - релјеф - Thorvaldsen_Musernes_dans_ANG_Berlin
Деветте Музи – релјеф – Thorvaldsen_Musernes_dans_ANG_Berlin

            Споменатиот автор, со Македонците го поврзува и вториот славен музичар, Орфеј. Имено, опишувајќи ги музичките вештини и патешествието на овој славен митски музичар, како и местото на неговото погребување, Павсаниј изнесува: „Македонците, кои живеат под планината Пиерија, и во градот Дион, велат дека смртта овде го затекнала Орфеј од рацете на жените. Кога одиш од Дион кон планината и кога ќе поминеш по патаот дваесет стадиуми (мерка за должина, зм.), десно ќе дојдеш до еден столб, а на столбот како гробен споменик се наоѓа една урна во која, според тврдењето на жителите на тој крај се наоѓаат коските на Орфеј.“ Подолу во текстот, Павсаниј пренесува и една друга приказна, која ја слушнал во градот Лариса (град во Тесалија), „…дека на Олимп, каде планината е свртена кон Македонија, има град Либетра и дека во близина на тој град е гробот на Орфеј.“ На истата страна од книгата среќаваме уште една информација поврзана со коските на Орфеј: „Кога Либетра веќе била уништена (била полавена од река, после силен дожд, зм.), Македонците од Дион, според раскажувањето на мојот пријател од Лариса, коските на Орфеј ги пренесле во нивниот крај.81 

Орфеј – од Музејот во Атина

            Дека македонските кралеви често се мешале во работите на тн. хеленски градови потврдува и една историска информација кај Павсаниј за време на македонскиот крал Филип II. Овојпат се работи, повторно, за градот Теба и градот Орхомен.

            „Кога Тебанците ги истераа од градот (Орхомен, зм.), синот на Аминта, Филип, повторно ги вратил во Орхомен.82

            Павсаниј, исто така, изнесува дека Македонците немале обичај да поставуваат трофејни споменици по успешните битки над своите непријатели, односно, по извојуваните победи. Тоа не го правеле поради фактот што таквите трофеи биле штетни за натамошните односи со победените, особено, доколку со нив сакале да воспостават добри односи.

            „На подрачјето на Херонеја има два трофеја кои ги постави римскиот командант Сула, како спомен за победата над војската на Митридат со која командувал Таксил. Напротив, синот на Аминта, Филип, не поставил трофеј ни тука, ниту по која било друга победа постигната над варварите или над Хелените. Имено, Македонците немале обичај да поставуваат трофеи. Сепак, Македонците раскажуваат дека македонскиот крал Каран го победил во битка Кисеј, кој владеел во соседна земја. Каран тогаш подигнал споменик во чест на победата на аргивски начин. Но, натаму раскажуваат дека тогаш од Олимп дошол некој лав, кој го превртил трофејот, а потоа исчезнал. Каран, тврдат тие, тогаш сватил дека тоа не било добро решение да се изложиш на непомирлива омраза кај соседните варвари, па се востановило правило ни Каран, ни македонските кралеви по него да не подигаат трофеи ако сакаат некогаш да постигнат наклоност кај соседните народи. Ова го потврдува и Александар, кој не подигнал трофеј ни по победата над Дариј, ни по своите победи во Индија.83

Походите на Каран

            Пишувајќи за Питијските игри во Делфи, Павсаниј изнесува една интересна информација за победа на Македонецот Птолемеј (се работи за Птолемеј I) во трката со коли со два коња, која била воспоставена на 65-те игри. „Во првата трка за победник е прогласен Ликорма од Лариса, а на втората Македонецот Птолемеј. Имено, на египетските кралеви им се допаѓало да ги нарекуваат Македонци, што всушност и биле.84

            Според Павсаниј, Хелените се плашеле од Македонците, а тоа го изнесува на разни начини и на повеќе места во неговата книга, Водич по Хелада. Ова го изнесува и при описот на спомениците во Делфи: „Наброените статуи ги изработил Фидија и навистина биле десетти дел од пленот на таа битка (битката на Маратон, зм.). Статуите на Антигон и неговиот син Деметриј и на Египќанецот Птолемеј Атињаните подоцна ги испратиле во Делфи, Египќанецот го испратиле од наклоност кон него, а Македонците од страв кон нив.85

Карта на Македонското кралство во времето на Филип V – околу 200 година

            Додека владеењето на Македонците со Хелените за Павсаниј е несреќа и терор, владеењето на Римјаните го опишува како носење на слобода. Сепак, некои постапки на самите Хелени, за кои самиот пишува, упатуваат на нереален приказ на едните и другите завладувачи на Хелада, односно, на тенденциозност во изнесување на „добронамерноста“ на Римјаните и „злонамерноста“ на Македонците. 86

            „На Елатејците им успеало да ја истераат војската на Македонците со која командувал Касандар, а успеале и да ја избегнат војната која ним им ја подготвувал војсководачот на Митридат, Таксил. Поради таквото нивно однесување Римајните им дарувале слобода и им дозволиле да живеат на својата земја без плаќање данок.87

            Подолу, Павсаниј нè убедува дека Римјаните се „носители на слобода“, а Македонците на „несреќа“.

            „Некои несреќи Елатејците ги доживеале заедно со другите Фокијци, но некои страдања злата судбина им ги долелила посебно на Елатејците со помош на Македонците. Во војната што ја започнал Касандар, на Олимпиодор му припаѓа најголема заслуга што Македонците морале да ја напуштат опсадата. Синот на Деметриј, Филип, на жителите на Елатеја им наметнал најголем терор и во исто време со подмитување ги придобил најмоќните од градот. Римскиот управител Тито, кој од Рим бил испратен на сите Хелени да им даде слобода, му ветил на Елатејците да им го врати старото уредување и преку гласник им порачал да се отцепат од Македонците. Но тие или како народ во целина или нивното раководство биле неразумни и му верувале на Филип, па Римјаните ги притиснале со опсада.88

Македонски музеј во Кутлеш (Вергина) 2

            Ете, јасно се гледа контраверзното тврдење на Павсаниј за „слободата“ од Римјаните и „несреќата“ од Македонците. Имено, додека им е ветувано слобода, Елатејците, имале сосема поинаков став, па повторно добиле опсада и терор, но не од Македонците, туку од „носителите на слободата“, Римјаните.

            ПОГОВОР

            Интересно е да се изнесе еден факт поврзан со, овде, цитираниот труд на античкиот автор Павсаниј, кој живеел во вториот век на нашата ера, а своето дело, „Водич по Хелада“, го сработил во втората половина на истот век, поточно, од 143 година до 175 година на нашата ера.89 Тоа е географскиот опсег на спомениците на културата на античкиот свет, кој се совпаѓа со географскиот простор на тн. градови држави на античка Елада, додека не среќаваме споменици од северната страна на митската планина, Олимп, која се сметала за седиште на боговите, а северно од неа живееле Македонците, односно, се наоѓало Македонското Кралство. Тоа не упатува на фактот дека и самиот автор, воовдушевен од културата на античкиот свет од кој потекнувал своето внимание го посветил токму на градовите и местата, кои ги сметал за дел од тн. елински свет, додека за земјите и кралствата и градовите, кои се граничеле со него добиваме само споредни информации. Што се однесува до Македонија, иако имаме голем број корисни информации од историски, културен и религиски карактер, не среќаваме соодветни описи на споменици, градби и светилишта од просторот, кој се сметал за македонски, односно, оној географски простор, кој се наоѓал северно од планината Олимп, тргнувајќи од областа Пиерија, која и самиот автор ја смета за македонска, заедно со познатиот македонски град Дион, во кој се наоѓале светилишта на сите божества, кои ги почитувале Македонците. Тоа, на извесен начин, јасно ни дава до знаење дека за овој автор Елини и Македонци биле два различни етнички иднтитети, особено во контекст на неговите чести истакнувања дека Елините на Македонците им ги припишувале најголемите „заслуги“ за нивното страдање и „пропаста на Елада“. Освен тоа, во неговото дело, на повеќе места при споменувањата Македонци, македонски кралеви (Особено Филип II, Александар Македонски и Филип V) и подвизи на Македонците во светот на Елада, јасно се забележува непријатен однос, односно, омраза кон нив од страна на Елините и во контекст на фактор на „пропаста на Елада“ и „страдањето“ на тн. Елини. Фактот што голем број од племињата и градовите држави, кои себе си се сметале за Елини го користеле секој момент за да се ослободат од доминацијата, односно, од власта ма Македонците е многупати аргументиран кај античките автори, како и кај Павсаниј. Уште повеќе, доаѓањето на Римјаните на Балканот многу од тн. грчки племиња го дочекале со раширени раце и ги вклучиле сите свои сили за да помогнат во победата на Римјаните на овој простор и рушењето на Македонското кралство, кое ја завршува својата историја со битката кај Пидна, која е последна Македонско-римска битка и која резултира со победа на Римјаните и освојување на Македонија.

Документ од времето на Александар Македонски од Бактрија

            На тој начин, мораме да констатираме дека сите обиди за претставување на Македонците како дел од Елинскиот свет, односно, како Елини, паѓаат во вода на еден јасен и недвосмислен начин. Сепак, мораме да констатираме дека делото на Павсаниј е, особено, драгоцено за проучување на македонската античка историја и култура, како и религијата, односно, божествата и култовите во кои верувале тие. Последново, особено, од фактот што главните автори за проучување на македонската култура, историја и религија се, главно, со тн. грчко потекло и, особено, атинско потекло,90 а делата на авторите, кои пишувале исклучиво за македонската култура и историја, за жал, не се сочувани.91 За поткрепа на овој факт само ќе изнесеме еден мал цитат од делото на Р. Џ. Елис, Македонскиот империјализам, поврзани со времето на македонскиот крал Филип II Македонски. „Во поширока смисла расположливите податоци од времето на владеењето на Филип не се македонски туку грчки; притоа главно атински; и притоа антимакедонски.“92 Понатаму во својот воведен дел, Елис ќе констатира: „На четвртиот век пред Христа му е потребно македонско гледиште“.93 Имаме ли до денес македонско гледиште на македонската историја и култура од античкиот дел на историјата на светот? Според нас, тоа не постои, а евидентна е тенденцијата за нелогичното, во голема мерка грубо и агресивно идентификување на цивилизацискиот и културниот придонес на Македонците во историјата на светот, како елински и, уште понелогично, како грчки, а на сличен нашин се прикажува и евидентниот македонски идентитет од тој период кое, за жал, има бескрупулозни импликации и на современото живеење на Македонците и нивната борба за изградба на своја суверена и независна држава.                    

79 Исто, 470.

80 Исто, 470, 471.

81 Исто, 472.

82 Исто, 480.

83 Исто, 485.

84 Исто, 504

85 Исто, 510..

86 Исто, 544, 545.

87 Исто.

88 Исто, 545.

89 Исто, Ненад Цамби, Паузнија и класична археологија, 656.

90 Р. Џ. Елис, Македонскиот империјализам, Мисла, Скопје 1988, 5

91 Фанула Папазоглу, Макеонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, Скопје 1957, 15. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 9 – 12.

92 Р. Џ. Елис, Македонскиот империјализам, 5

93 Исто, 7.