ГРЕВОТ НА ВЛАДИКАТА

Сам е владиката на дожд и ветар,

Лудо плаче над својата судбина,

Солзи му ја поливаат молитвата,

Јад ко грамаден камен му натежнал на срцето,

Од долгите векови на пропаста.

Е, Господи, боже премили, на небо високо,

Ти сегледен си и со глас премоќен,

Одмазда за вакво ли дело ми испраќаш,

На искушение претешко, мене клет,

Во раце блуднички ме предаваш?

Од блуд го чував храмот свет со саможртва,

Во крв и оган, баш, сега пропаднат,

Во ден светлина, за смрт што не одговара,

Во време, мудрост што не трпи.

Лудоста, еве, и под врвот позлатен

Стигна без мака видлива, ненадејно,

Со ужасна казна за храмот божествен,

Светоста, за миг, ја снема во ништавило,

Грозно го нагрди просторот величествен,

И млади тела на монаси, со души невини,

Ги покри темнина, во крв завиена.

Триста златни момчиња, многубожни,

Верни слуги господови – Христови,

По земјата карпеста, крваво послани,

Замрени за вечност по божја повела.

ххх

Оваа земја е света од раѓање,

Овој народ е избран за страдање

По пат од трње и кал,

По ветришта, бури и беспаќе,

Под ропства, крв и тага,

Љубовта му е закрила за спас,

Смртта му е притаена во топли пазуви

На тажни старици крај древни ѕидишта.

Еее, владико, многулетен и многустраден,

Молитвата ти пресуши заедно со солзите,

Усните подзинати, без глас,

Немаш кому крик да му упатиш,

Само вербата во тебе завива,

Вреска фрлена во агонија, се опира,

Има ли божја вистина?

Има ли божја височина?

Божја светлина и просветление,

Созерцание, божја љубов од душата

И милосрдие плод на човечност,

За да екне молитва од пресушено грло,

Од длабока бездна на искреноста,

За гревот на владиката непрокопсан,

За храмот испустен, во крв завиен?