КАРПА СО ДВА ВИНАРНИЦИ НА БРЕГОТ НА МАНАСТИРСКИ ПОТОК ПОД ЗЛАТОВРВ, ПРИЛЕПСКО, АТРАКТИВЕН СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД
Во долината на Манастирски Поток, кој протекува по падините на планината Бабуна, од источната страна на култниот Златоврв, во атарот на селото Дабница, Прилепско се крие лозјарски микрорегион, кој егзистирал уште во античкиот период. Всушност, овој простор е само дел од поголемата долина, на Дабничка Река, која доаѓа од падините на врвовите на планината Бабуна, Липа и Единак, минувајќи низ селото Дабница. Целата долина располага со остатоци од стари лозови насади и археолошки содржини, кои упатуваат на развиено лозјарство во минатото. Тоа, особено, го покажуваат големиот број винарници – објекти за гмечење на грозје и цедење на гроздов сок изработени во камен, кои се среќаваат по карпестите површини, кои ја опкружуваат долината.
Манастирски поток се слива од правецот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“, низ атарот на селото Дабница, Прилепско, приближно, од запад кон исток. Потокот се влива во Дабничка Река, која тече откај селото Дабница, приближно, во правецот север – југ. Долината покрај овој поток и Дабничка Река располага со земјоделски површини, на кои и денес, наместа, опстанале извесни земјоделски имоти од помал обем, меѓу кои и извесен број лозја.
Долината на Манастирски Поток во минатото, исто така, била богата со лозови насади, од кои опстанале само неколку, како потврда за условите за нејзиното одгледување. Дека во минатото таа била многу побогата со оваа култура говорат големиот број објекти изработени во камен, кои служеле за гмечење на грозјето и цедење на гроздовиот сок, кои се познати како камени винарници. Некои од нив, денес, претставуваат репрезентативни споменици на културата поврзани со производството на вино, оставени во широкиот простор на долината и, речиси, заборавени. Нив ги среќаваме на повеќе места во оваа долина, а местата во кои се распоожени упатуваат на фактот дека лозовите насади зафаќале и простори по стрмините падини на планината.
Можеби најрепрезентативен објект од производството на вино во долината на Манастирски Поток е една карпа со средна големина, расположена во близина на десниот брег на потокот, некаде во средината на оваа долина. Карпата има издолжена неправилна форма со извишен дел од западната страна и рамна површина од неколку m2 на пониско ниво, која се протега кон исток, на која се издлабени два добро оформени објекти за гмечење грозје – винарници со, приближно, иста димензија. Секој од објектите е со вкупна должина од околу 3,5 m, а во тоа спаѓа едно долго корито од западната страна, кое било сад за турање и гмечење на грозјето, ѕид со отвор при дното од кој истекувала течноста во третиот елемент – мало корито од источната страна. Двата објекта се целосно сочувани и со добро изразени форми. Првиот, кој се наоѓа од страната на потокот, зазема положба запад – исток, додека второто, лево од првото, е изработено во повисокиот дел на карпата и закосено во однос на првото, со положба, северозапад – југоисток. Околу двата објекта има и посебно издлабени канали за заштита од атмосферски води, а веројатно е дека во времето на нивната активна употреба објектите биле целосно заштитени со посебна конструкција со покрив. На тој начин, обработката на грозјето, односно, неговото гмечење и цедењето на гроздовиот сок можело да се прави и во понеповолни климатски услови, односно, за време на дожд, ветар и слични нестабилни временски услови.
На карпата се забележуваат и други помали или поголеми обработки и интервенции, а на столбестиот дел од неа има помали садови со неправилна форма кои, веројатно, имале своја практична или култна намена поврзана со богот на виното, Дионис. Самата карпа со винарниците не е осамена, туку се наоѓа во комплекс од други помали и поголеми карпи, како и зарамнети карпести површини, кои биле погодни за оставање на садовите или кошовите во кои се собирало грозјето и се транспортирало до карпата со винарниците.
Поблиската околината на објектот со двата винарници располага со интересен релјеф од карпи со разновидни форми, а подалечната околина создава исклучителен амбиент со околните ридови и врвови, почнувајќи со Златоврв, кој бдее над поширокиот простор од западната страна, Липа и Единак од северната страна, како и интересните карпести форми од локалитетот Баба – Кукул од источната страна. Освен неколкуте други камени винарници од блиската околина, во близина на опишаните винарници се наоѓа и локалитетот Падарница – помала тумба со грамадни карпи на врвот со остатоци од праисториска, античка и средновековна култура, како и поблискиот локалитет, на околу 300 m источно, на десниот брег на Манастирски Поток, кој располга со остатоци од населба од македонско-римскиот период. Веројатно е дека на второспоменатиот локалитет се наоѓала населбата чии жители одгледувале винова лоза и произведувале вино, користејќи ги и камените винарници од долината на Манастирски Поток.
Фактот што на локалитетот Трескавец под Златоврв во раноантичкиот (македонскиот) и римскиот период се наоѓала утврдената населба, Колобаиса, која била култно-религиски центар за пошироката област, никако не треба да се занемари, особено што објектите за кои станува збор се на, релативно, блиско растојание до неа. Всушност, нема сомнеж дека имало активен и содржаен однос меѓу двете места, односно, биле во заемен однос.