НАСЕЛБАТА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САДОИ“ КАЈ СЕЛОТО ПЛЕТВАР, ПРИЛЕПСКО ЗАФАЌАЛА ЗНАЧАЕН ПРОСТОР, А ИМАЛА И ПРАИСТОРИСКИ КОРЕНИ

За локалитетот „Садои“ кај селото Плетвар, Прилепско сме пишувале повеќе пати, но тој постојано не иизненадува со нови откритија.Неодамна, при една обична прошетка, откривме дека неговите граници се протегаат на поширок простор од оној за кој пишувавме порано.1 Имено, освен еден помал рид со остатоци и тврдина на брегот на долот, кој се спушта од правецот на превојот кај Плетвар, како и еден рамен дел од северната страна, во вдлабнат простор меѓу падините на врвот Козјак и коритото со стрмни брегови на долот откај превојот, забележавме дека локалитетот ги шири своите граници и кон исток, во просторот под рудникот за мермер, познат како „Чашка“. Тоа не наведе на помислата дека населбата имала поголеми размери, како и тоа дека нејзините жители биле вклучени во активностите за експлоатација на мермер. Всушност, сосема е веројтано дека овој рудник бил активен уште во античкиот, односно, во македонско-римскиот период. По падините од источната и североисточната страна на ридот со утврдувањето и рамнината во вдлабнатиот дел на левиот брег на споменатиот дол, се среќаваат мноштво од фрагменти од керамички садови, питоси, тегули, имбрекси и сличен археолошки материјал, а ценејќи го периодот на кој упатува тој, не се исклучени и наоди од метал.

Просторот под рудникот „Чашка“

            Освен погорекажаното, меѓу фрагментите, кои ги забележавме на теренот, се чини дека има и фрагменти од праисторискиот период, односно, бронзеното и железното време. Секако, за потврда на овој факт се потребни посериозни археолошки истражувања и анализи, но првичните наоди упатуваат на тој дел од културата на човекот. Тоа упатува на уште еден можен факт, односно, дека рудникот за мермер на л. „Чашка“ бил активен многу порано од антиката.

            Ваквите наоди упатуваат на обемот и значењето на споменатата населба, која се наоѓала во близина на значајниот превој кај селото Плетвар, преку кој минувал значаен пат уште во античкиот, па и постариот период. Од науката знаеме дека токму тука минувал патот, кој водел од источниот кон западниот дел од Балканот, односно, од Пауталија, и Сердика (Софија), па до античкиот Хераклеја, кај денешниот град Битола. Тој водел преку Стоби, кај Градско и Евдарист кај селото Дреново, Кавадаречко, низ атарот на денешното селот Беловодица, преку превојот Плетвар, па Керамија кај Прилеп, и преку големиот антички град Стибера, сè до Хераклеја, каде се спојувал со познатиот пат, Виа Игнација.2

Свежо искршен дел од споменикот на Дион од задната страна

            Имајќи го предвид значајниот превој во чија близина се наоѓала населбата од локалитетот „Садои“, како и индициите за нејзиниот долг континуитет на постоење, се доближуваме до нејзината улога и значење, како населба на важен превој, како и населба, која располагала со значаен рудник за мермер за градба, но и за изработка на споменици, кои во антиката биле, особено, практикувани. Фактот што археолошките наоди од локалитетот упатуваат на егзистенција на храм посветен на врховниот бог Дион со епитет Агорајо, односно, Дион, заштитниот на Агората (Dii Agorajo), чие име го среќаваме на споменик во рамките на самиот локалитет,3 како и остатоците од градба, која има исклучителна позиција на помала тумба над самиот локалитет, а која упатува на тоа дека била, токму, храмот посветен на врховниот бог, кој кај Македонците најчесто се среќава како Дион или Диј. 

1 Тренчо Димитриоски, Се уништуваат ли споменици на културата во Македонија стари и по неколку илјади години (https://www.pelagon.mk/2018/06/30/)

2 Табула појтингеријана. Фанула Папазоглу, Македонски градови уримско доба, Жива антика, посебна издања, Скопје 1957,

3 Тренчо Димитриоски, Античка населба со централен јавен простор – агора на ликалитетот „Садои“ кај селото Плетвар, Прилепско (https://www.pelagon.mk/2019/09/27/)

КЕРАМИКА И АМБИЕНТ