СЕЛОТО НОВ ПРИСАД, ПРИЛЕПСКО, УНИШТЕНО ВО ИМЕТО НА „НАПРЕДОКОТ“

Од Прилеп до селото Нов Присад има околу 8 km. Патот кој води до него е, речиси, по истата траса  на прастариот и значаен пат, кој минувал преку превојот Дервен и продолжувал кон градот Велес, па по долината на реката Вардар, се до градот Солун во егејскиот дел на Македонија. По него се движеле војски, каравани со трговски стоки и патниции патот бил многу користен и жив. Крај него, на извесни растојанија, биле подигнати градби за обезбедување, со присуство на полициски служби, градби за одмор, сместување и закрепнување на патниците – анови и сл., а нивните остатоци денес лежат од неговата лева или десна страна, сосема разурнати и обраснати во шума, капини и трње, па ретко кој знае за нив. Патниците не можеле да бидат мирни, зашто биле постојано под будното око на разните ограбувачи и арамиските банди, за чии ограбувачки акции и злодела и денес се раскажува меѓу населението од населбите од двете страни на патот. Таквите преданија и приказни патот преку Дервен денес го прават мистичен, зашто просторот низ кој минува е полн со минато, со скриени градби и минати настани.

ПО ДРЕВНИОТ ПАТ НА КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО, МИСТИКАТА И НАШАТА НЕГРИЖА

            Тргнувајќи од Прилеп по овој пат и денес ќе се соочите со бројни и разновидни содржини, а ќе ја почувствувате и мистиката за која придонесуваат тие. На самиот излез од градот, од неговата лева страна ќе забележите една нова ниска, но цврста кружна градба, која служи како современ „склад“ на информации, а веднаш потоа, на истата страна наидувате на големо поле со отпад, кое најчесто го „красат“ и високи кули од темен, односно црн чад од запалени отпадоци. Чадот, извишувајќи се високо кон небото, најчесто се упатува кон градот и ги дразни ноздрите на неговите жители. Малку понатаму и неколку стотици метри погоре, се наоѓа локалитет со богата култура од праисторијата,1 а уште понатаму, недалеку од патот и една поголема карпеста тумба со остатоци од утврден дел и други културни остатоци од античкиот период.2 Само што ќе ја поминете малата кривина кон лево, веднаш ќе го забележите исклучителниот локалитет Баба со Кукул, кој крие значајна тврдина од антиката, култура од праисторијата, доцната антика и средниот век,3 а самиот рид го красат своевидни и неповторливи форми на карпи од вулканско потекло во чиј центар е една огромна карпа, која со својата форма потсетува на баба па, веројатно, затоа и го добила споменатото име.4 По падините на Баба со Кукул се среќаваат бројни објекти од минатите времиња, како од праисторијата, така и од периодите на човечката култура од подоцнежен период, а во самото подножје се кријат и два репрезентативни објекта – гробници од македонски тип изработени во карпа.5 За жал, малку нешто од сето тоа е истражено, а уште помалку зштитено, односно, постојано е на ударот на разновидните штетни чинители.

Апокалиптична слика непосредно до градот

            Наидувате на вештачката акумулација, позната како Прилепско Езеро, во кое и околу кое се кријат остатоци од две праисториски населби, градби од доцната антика, односно, раното христијанство, некрополи и сл.6 На десната страна од патот, одејќи кон Дервен, односно, на левата страна на Присадска Река, малку подалеку „стрчи“ истурен дел од планината Бабуна, со врвовите Градиште и Ќаве, и двата со остатоци од утврдувања од римскиот период и доцната антика, а во нивното подножје се кријат остатоци на непозната населба со значајни наоди од керамика, камен, метал и слично во голема мерка раскопана со различни активности.7 Потоа наидувате на рудникот „Сивец“, лево од Дервенскиот пат, со огромни „планини“ од насип од постојаната експлоатација на мермер со континуитет, најмалку од раната антика. Оттука потекнува и еден бронзен меч, пронајден во гроб  во рамките на самиот рудник и тој е, речиси, единствен предмет на старата култура од овој рудник, во чии рамки, секако се кријат остатоци од многу побогата култура, кои нашите културни и научни институции не успеале да ги евидентираат. Меѓу работниците, односно, рударите кои работеле во овој рудник можат да се слушнат различни раскажувања на разновидни археолошки наоди, како за гробови, дел од меч, керамички садови, железни копја, черепи од возрасни и череп од едно дете пронајден во керамички сад со специфична форма, веројатно урна, и слично.8

Сивец

ПЛАНИНИ ОД ОТПАД

            Рудникот, денес е огромен, раскопан во длабочина и широчина, речиси, непристапен за какво било истражување на евентуална постоечка стара култура во негови рамки. За име на вистината, немаме информации дека кој било од културните и научните институции се обидел да направи таков зафат, односно, да се обиде да ги истражи евентуалните остатоци на материјална култура во рамките на издадената концесија. Околу рудникот постојано растат високи „планини“ од отпадниот дел од експлоатацијата, која дене стигна до огромни размери. Речиси, веднаш до Сивец, се соочуваме со уште еден голем ридник за мермер на фирмата Фимар Балкан, кој е отворен пред неполна деценија, но со „планините“ од насипи како да има намера да го престигне претходноспоменатиот. Направија ли надлежните институции за заштита на материјалната култура соодветен увид на теренот на кој е отворен овој рудник немаме соодветни инфромации. Дека таква култура е уништена или е во опсност од уништување, тоа сме сигурни. Еден локалитет со некропола од северната страна на селото Нов Присад се наоѓа во близина на големиот насип, кој секојдневно расте и се шири, покривајќи го теренот, кој е полн со шума. Според предание, токму тука се наоѓало селото Присад во постариот период, некаде, во средниот век, а локалитетот е познат како Старо Село. Нема никакво истражување на локалитетот, па ништо сигурно не може да се каже, освен тоа дека остатоците на некрополата се присутни и денес, многу од гробовите се диво раскопани, со испревртени надгробни плоча и големи и длабоки јами крај нив, односно, отворени и раскопани гробни јами. Два исправени камења, кои претставуваа добро обработена плоча со рамни профили и плоча со плитко корито на едната страна,9 денес се однесени од местото. Поранешен жител на селото и сегашен сопственик на имот, тврди дека една од плочите била товарена во возило од непознати лица и однесена пред неговите очи. Особено е интересно дека на една од плочите, според тврдењето на постари жители од селото, на еден од профилите имала цртеж со приказ на св. Богородица, кој со тек на време избледел. Според раскажувањето, овие два објекта од камен биле товарани и носени на друго место и порано, но од некакви причини повторно биле враќани назад. Денес некрополата е сосема обрасната во шума, тешко се забележува и е многу повеќе раскопана од трагачи по вредни предмети. Уште повеќе, насипот од нејзината јужна страна постојано се заканува со нејзино целосно покривање, а не е исклучено дека со него се покриени и други културни остатоци, кои се поврзани со жителите чии покојници биле погребувани во споменатата некропола, односно, со старата населба, позната како Старо Село.

„Сивец“ - просторот на експлоатација 1
„Сивец“ – просторот на експлоатација 1

ИСТОРИЈАТА НА СЕЛОТО НОВ ПРИСАД Е ЗАВРШЕНА

            Едно е сигурно. Селото Нов Присад, кое се наоѓаше во близина на првиот рудник Сивец, сега е, речиси, дел од вториот рудник на фирмата Фимар Балкан и, како што тврдат некои од неговите поранешни жители и сопственици на куќи и земни површини, со концесијата бил зафатен и поголем дел и од просторот на кој е расположено самото село. Всушност, слободно може да се констатира дека историјата на ова село е завршена. Уште погрубо кажано, ова село е уништено, а сопствениците на куќите во него се оневозможени да ги користат, иако последниве децении, некои од нив се обновени, а има изградено и неколку нови. Со постојана прашина, силна бучава од тешката технологија, која често работи и ноќно време, престојот во селото е сосема оневозможен. Неколку жители и натаму се упорни во својата намера да го користат својот имот, со чување добиток – говеда и коњи или со одгледување пчели, но ситуацијата е јасна. Едно семејство се обидува да опстане оформувајќи мал бизнис со дробење камен, кој го набавува од споменатата фирма, Фимар Балкан, чија концесија опфаќа парцели земјиште на нивното семејство, па проблемот со откупот се обидуваат да го решат и со компензација со материјал за нивната работа. Селото Нов Присад нема иднина.  Рудникот за мермер отворен пред неколку години во негова близина, веќе е „покриено“ со насипи од бел мермер и мермерни блокови, како и од тешка машинерија и громогласен звук. На прашањето дали можат да ги користат своите имоти и какогоправат тоа сопствениците креваат раменици со укажување на фактот дека се немоќни било што да направат, освен да се сложат со она што се случува зашто „против сила нема правина“.

Насипите му се закануваат на градбите во Нов Присад 10

            Рудникот за мермер располага со концесија и од другата страна од тој дел на планината Бабуна во чие подножје се наоѓа селото Небрегово, па дотаму е изграден широк и добро изграден пат со тампон кој води до рудникот и фабриката за преработка на мермер кај Небрегово. Тој минува крај вечното почивалиште на жители на Стар и Нов Присад, кои починале до средината на минатиот век, а кое се наоѓа на самиот превој меѓу двете села. Гробиштата се делумно зачувани, но извесен број раскопани од слични причини како и оние од погореспоменатата стара некропола. На тој начин, без соодветна грижа, исчезнуваат и корените на селото Присад, кое неколку пати ја менувало својата местопоожба зафатено од разновидни несреќи и притисоци низ долгата историја на постоење.10

Од некрополата на Старо Село 4

НАШЕТО БОГАТСТВО И НАШАТА СКРОМНОСТ

            На крајот, неминовно е да се запрашаме, дали начинот на уништување на цели населби и оневозможување на престојот во нив со ваков начин на експлоатација, на оневозможување на жителите, без пречки, да располагаат со својот имот е начин, кој води кон напредокот? Кога се оди во посета на селото Нов Присад и манастирот „Св. Ѓорѓија“ кон Дервен, јасно се забележува дека патот до рудникот на фирмата Фимар Балкан е добро оспособен со тампон и со нагласена ширина на коловозот, а патот кој продолжува кон манастирот, како и оној кон селото е со многу оштетувања и недоволно безбеден за возење. Да не говориме за оној за Стар Присад, кој е сосема оштетен и тешко прооден. Нашата размисла води кон тоа, дека од едната страна се два големи рудници и две големи компании, кои важат за едни од најмоќните и најбогати во Прилеп, а од другата нашата „скромност“ во однос на нашето богатство, кое сме им го отстапиле да го ползуваат. Заслужуваме ли ние, „обичните“, барем елементарни услови за живот покрај таквото богатство, кое патем, е резултат на лесно издадените концесии за исцрпување на нашето природно богатство и се причина за уништувањето на населбите околу Прилеп? Дали по Нов Присад на ред се селата Ореовец, па Плетвар, па Крстец, околу кои концесионерите се доближија на опасно растојание? А Прилеп? Каде е Прилеп во овие услови на „грамадна“ експлоатација со рушење на цели планини, со напади врз изворите и реките, со облаци прашина и окупациска експлоатација?

Насипот кај Нов Присад со врвот Козјак

            Го чека ли и градот судбината на „напредокот“, скраја било?

            Ние мислиме дека градските татковци треба да се охрабрат да застанат на браникот на нивниот град и на нивните штитеници – жителите и да на замижуваат пред апокалиптичната слика, која е се поблиску и доаѓа од планините со богатство. Култивирањето на експлоатацијата на минерални суровини е крајно потребно, доколку сакаме да градиме здрава животна средина, која е предуслов за иднината и развојот. Сегашниот момент на енормна експлоатација, која е вистинска сурова експлоатација и окупација и деструкција на просторот со уништување на основните и неопходни природни ресурси може да не доведе во незавидна положба, која ќе ни го отежне опстанокот, ако веќе не се случува тоа. Селото Присад, колку и да се правдаат дека немало жители, дека било иселено и слично, ни го покажува тоа. Таму природата е доведена во хаос, културните остатоци се уништуваат и опстанокот е оневозможен. Тоа ли е цена на напредокот, уништувањето на основите и исцрпувањето на природните ресурси, кои се успов за развој и за нашата иднина?

 

1 Б. Китаноски, Прилеп и Прилепско низ историјата. Археолошка карта на Република Македонија, 308. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија,преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 136 – 138. Истиот автор, Остатоци од населба од новото камено време на локалитетот Каменица во близина на прилепската касарна, (https://www.pelagon.mk/2019/04/16/)

2 Тренчо Димитриоски, Интересен локалитет со утврдување крај патот Прилеп – Велес преку превојот Дервен (https://www.pelagon.mk/2021/02/26/)

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 138 – 142.

4 Исто.

5 Тренчо Димитриоски, Аристократска гробница од македонски тип – Горни Чаир – Баба – Прилеп, (https://www.pelagon.mk/2018/07/13/)

6 Благоја Китаноски, Драгица Симоска, Јован Тодоровиќ, Населбата Пештерица и проблемот на раниот неолит во Пелагонија, МАА бр. 6.

Тренчо Димитриоски, Најстарата населба на Пелагонија на дното на Прилепското Езеро, (https://www.pelagon.mk/2018/05/17/). Истиот автор, Завидно културно наследство околу Прилепското Езеро и под водената маса, (https://www.pelagon.mk/2019/02/25/)

7 Тренчо Димитриоски, Непознат град од античкиот период се крие во атарот на селото Ореовец, Прилепско, (https://www.pelagon.mk/2018/09/28/). Истиот автор, Две антички тврдини на еден рид кај селото Ореовец, Прилепско, (https://www.pelagon.mk/2020/02/25/)

8 Истиот автор, Бронзен меч од времето на Тројанската војна од рудникот „Сивец“ кај селото Присад, Прилепско, (https://www.pelagon.mk/2018/08/03/)

9 Истиот автор, Древна цивилизација I…,160, 161.

10 Истиот автор, Судбината и преданијата на селото Присад, Прилепско не враќаат неколку милениуми назад, (https://www.pelagon.mk/2020/05/17/)