ПЕЛАГОНЦИТЕ СЕ МАКЕДОНСКО ПЛЕМЕ, КОЕ ИМА БЛИСКИ КУЛТУРНИ, ЕТНОЛОШКИ И ЕТНОГРАФСКИ ВРСКИ СО НАЈСТАРОТО БАЛКАНСКО ПЛЕМЕ, ПЕЛАЗГИТЕ
Пелагонија е прастаро име со милениумски корени од праисторијата – период за кој немаме историски податоци и за кој сознанијата ги црпиме од археолошките истражувања, од преданијата и митологијата. Пелагонија во себе го носи тоа митолошко време и, опстојувајќи до денес под тоа име, таа заслужува најголемо внимание. Особено што на просторот кој е именуван со овој топоним се среќаваат исклучително голем број траги на човековата култура и цивилизација од непроценлива вредност. Овој простор крие уште голем број тајни од големо значење за растајнување на општиот развој на човекот на земјата. На некои од нив ќе бидеме сведоци и ние, а некои ќе бидат привилегија за генерациите по нас.
Најстарите регистрирани траги на човекот во Пелагонија датираат од старото камено време – палеолитот, но за тоа имаме сосема малку сознанија. Овде ќе ги изнесеме досега познатите остатоци од најстариот период на човештвото во Пелагонија и нејзините соседни области. Се работи за два артефакти од овој период, пронајдени за време на Првата светска војна од страна на еден француски војник, Етјен Пат, едно камено орудие кај селото Кристифорово (Крстоар) и едно кај Буково, двете во Битолско. Се работи за две камени орудија со груба изработка кои се датираат во старото камено време, и се чуваат во француски музеј.1
Следниот период од културата на човекот е мезолитот, кој започнува во 12-тото илјадолетие пред нашата ера и трае до 6-тото илјадолетие, кога започнува новото камено време, неолитот – новото камено време. Овој период не е археолошки документиран во Пелагонија, но познат е еден локалитет кај селото Десово, денес општина Долнени, на кој се најдени голем број орудија од кремен, а за кои има индиции дека потекнуваат од мезолитот. Тоа е локалитетот „Ламбичица“,2 кој за жал, не е археолошки истражуван и поради тоа не е потврдена претпоставката дека на ова место се наоѓале траги од човечко присуство во мезолитот, а можеби и постариот палеолит. Што се однесува до новото камено време, односно неолитот, тој е застапен на повеќе локалитети на оваа голема македонска рамнина. Во делот на Пелагонија, кој е предмет на оваа книга, се наоѓаат голем број локалитети со неолитска култура, а познати се и голем број населби од следните праисториски периоди, енеолитот, бронзеното време и железното време. Голем број од овие локалитети содржат аргументи за долг континуитет на опстојување на населбите кој се протега од праисторијата преку раната и доцната антика, па сè до средниот век. Забележлива е промената на структурата на населување во периодот на турското завладување на овие простори и поместување на некои од населбите (особено градските населби во кои се лоцирала власта на исламската империја) населбите од повисоките во пониските делови, односно во рамнините и долините.
Проследувајќи ги археолошките содржини кои ги чува Пелагонија под површината на својата плодна почва се добива впечаток дека овде во древното минато се развивала богата култура, односно вистинска цивилизација, која свои корени има во праисторијата, но посебен развој доживеала во бронзениот период и раната антика. Скудните пишани извори и археолошките сознанија јасно упатуваат на постоење на засебна пелагонска заедница, која се развила во бронзениот период, па дури и во периодот пред бронзеното време. За неа се смета дека опстојувала како посебно Пелагонско кралство на Балканот. Споменувањето на епонимниот јунак на оваа област кај Хомер, Пелегон (Пелагон), како татко на водачот на Пајонците Астеропај во Тројанската војна, упатува на фактот дека Пелагонците многу рано биле организирани во посебна заедница, кралство или кнежевство, односно уште во времето на Тројанската војна, која се одвивала во периодот од 1193 до 1183 година п.н.е. Нивните врски со племињата кои ја населувале Македонија се евидентни и широко распространети. Така, кај Хомер се вели дека Астеропај е син на Пелегон (Пелагон) кого, пак, го родила Перибоја со Аксиј, а Перибоја била Пиериска принцеза, ќерка на Акесамен, кралот на Пиерија.3 Преку ваквите сознанија, Пелагонија се поврзува со старата и развиена Пајонија која била западно од неа, но и со Пиерија која се наоѓала на најјужниот дел од древна Македонија. Овој податок, како и други слични податоци ги навело некои од авторите да тврдат дека во најстарите периоди под името Пелагонија се подразбирала и целата територија која подоцна ја зазеле Македонците.4 Од друга страна, не треба да се заборава дека старите автори, како на пример Тукидид и Полибиј, Пелагонците, Линкестите и другите племиња од Горна Македонија ги сметале за македонски племиња.5
Старите автори пишуваат и за фактот дека Пелагонците како племе многу рано го населиле просторот од овој дел на Балканот и дека тие, всушност, се староседелци на овој простор. Пелагонци се среќавале не само во областа која денеска зафаќа Пелагонија туку и во долниот тек на Црна Река, како и во долниот тек на Вардар, па дури и во областа Тесалија. Исто така, авторите не се сомневаат за врските на Пелагонците со старото племе Пелазги кое се смета за најстаро племе на Балканот. Всушност и самото име Пелагонци не е можно да се издвои од името на Пелазгите. Надоврзувајќи се на аргументите дека Пелагонците се староседелци, сосема е природно да претпоставиме дека тие имаат блиско сродство со Пелазгите, но потврдено е и нивното сродство со останатите познати племиња од тоа време, особено со Пајонците. Сосема е веројатно дека Тукидид добро бил запознат со таквата сродност на овие балкански етникуми и затоа племињата од Горна Македонија тој ги определува како македонски. Слична определба за горномакедонските племиња прави и Полибиј, исто така антички историчар од 2 век п.н.е. Имено, Полибиј како македонски ги определува Орестите, Пелагонците и Елимејците.6
Посебен белег на културата која се развивала во Пелагонија е примената на кругот во градбената традиција, особено во сакралните објекти, а посебно во објектите за погребување на покојниците. Оваа традиција во Пелагонија, како и на поширокиот простор, на Македонија, па и на Балканот и Мала Азија, постоела уште во бронзеното и железното време, а сосема е веројатно дека таа има подлабоки корени, т.е. во претходните праисториски периоди. Кружните конструкции на оваа традиција денес ги забележуваме на целата територија на Пелагонија, како и во областите кои некогаш биле во нејзин состав, а сега се граничат со неа под друго име. На овој простор, денес среќаваме голем број остатоци од древната традиција на погребување под тумули, кои претставуваат кружна форма на погребување на поголем број покојници од еден род, со централен гроб и радијално распоредени гробови на останатите покојници од родот. Притоа целиот комплекс од гробови, претежно од типот циста, се обградени со кружен ѕид од камен и целата конструкција покриена со дебел слој земја. Покрај некои од ваквите погребни објекти се среќаваат и празни кругови од камен, кои веројатно биле извесни култни простори поврзани со небесниот круг, култот кон сонцето и култот на мртвите. Вакви кругови се наоѓаат и на места каде не се забележуваат објекти за погребување што укажува на примената на кругот за одредени ритуални активности поврзани со небото, сонцето и, воопшто, небесниот круг на севкупното постоење. Тие се направени од помали и поголеми необработени камења, некогаш од камен белутрак или од камени плочи, а нивниот број е особено голем во планинските делови од работ на рамнината Пелагонија, како и во Мариово. Тоа е всушност кругот на животот и смртта поистоветен со кругот на вселената во взаемност со небото, земјата и воздушниот меѓупростор, како симбол на кругот на животот и смртта, односно подземниот, надземниот и небесниот живот. Освен кругот како симбол, сакрализирање и култно претставување на небесниот свод и небесните појави, на одредени релјефни претстави, но и како конструкција се среќаваат и спирални форми. Една таква градбена форма е констатирана и со археолошко истражување на локалитетот „Тридабици“ кај селото Крушевица во Мариово. Вакви градбени конструкции среќаваме во нискиот рамнински дел на Пелагонија, но и на сртовите на високите планини од нејзината периферија. Традицијата на кругот како сакрална форма продолжува и во следните периоди од културата на Пелагонците, односно во раната антика, кога гробните конструкции добиваат многу поизразена архитектонска и естетки повпечатлива форма, но присуството на кругот останува. Евидентен пример на тоа е кралската гробница од атарот на селото Подмол, која е заобиколена со кружен ѕид од големи, квалитетно обработени, камени монолити со пречник од 30 m. Кралската гробница кај селото Подмол претставува единствен објект од ваков вид на поширокиот простор, особено со ѕидот во форма на прстен со кој бил заокружен целиот објект.7
Аристократските гробници од македонски тип се уште една моќна карактеристика на културата на Пелагонија и Пелагонците. Овде, засега, челно место зазема споменатата кралска гробница од атарот на селото Подмол, но од тој тип се и гробниците кај селото Горно село, Прилепско, кај селото Суводол, Битолско, од подножјето на Маркови Кули кај Прилеп, од локалитетот „Марков Чардак“ кај селото Бело Поле, Прилепско, локалитетите „Кукул“ и „Караташ“ кај Прилеп, како и една гробница од атарот на селото Алданци, сите издлабени во големи карпи со аморфни форми. Таква гробница засечена во карпа се среќава и на локалитетот „Гумење“, под високиот култен врв Златоврв со остатоци од древни пагански светилишта и со големото христијанско светилиште со храмот „Св. Успение Богородичино“. Веројатно, уште голем број вакви гробници се кријат, на територијата на Пелагонија, бидејќи науката сè уште не им посветила заслужено внимание па голем број се условно именувани и познати само како разбојни дупки, мечкини дупки, пештери и сл., само од страна на локалното население.
Всушност, сите овие објекти за погребување се експонати од древното минато на Пелагонија, оттука и на Македонија, што укажуваат на бројната аристократија во времето на раната антика, која живеела по бројните градови распоредени на разни места по нејзината територија. Притоа, треба да се нагласи дека еден од најпознатите, најголемите и најбогатите градови бил оној кај селото Чепигово, Прилепско, но тука се и нему блиските градови, како што биле Алкомена кај селото Бучин, градот со непознато име, кој се крие на локалитетите меѓу селата Прилепец, Волково и Чумово, оној кој бил расположен на локалитетите „Висока“ и „Старо Бонче“ меѓу селата Бонче и Крушевица, Прилепско, градот од локалитетот „Марков Чардак“ кај селото Бело Поле, Прилепско и голем број други градови од античкиот период на Пелагонија, особено сè уште неидентификуваниот Пелагонија, градот посветен на последниот антички крал на Македонија Персеј, Персеида и други, а во овој комплекс посебно место заземаат и древниот Прилеп, како и Хераклеја кај Битола. Некои стари автори,во Пелагонија го сместуваат и големиот антички град Стоби кај Градско, упатувајќи на славното древно минато на оваа голема македонска област.
Резултат на густата населеност на Пелагонија, силниот развој и развиената култура се и големиот број тврдини распоредени по возвишенијата околу рамнината на Пелагонија градени, особено во времето на Филип II и во следните периоди на македонската империја, за заштита на населението и територијата од нападите на северните и западните племиња како што се Дарданците и Илирите, кои често преземале воинствени и ограбувачки походи врз пелагонските и македонските градови, во кои живеела богата аристократија. Такви тврдини среќаваме, речиси, кај сите поголеми населби од тоа време, непосредно до нив или на некое од поблиските возвишенија и ридови со помалку или повеќе погодни платóа. Тие, особено се присутни во Пелагонија, која била прва на удар на споменатите напади. Освен околу поголемите населби и градови, се среќаваат и голем број помали утврдувања на помалите и поголемите превои за влез во Пелагониската рамнина. Остатоци од ваквите помали утврдувања се среќаваат на превојот Барбарас кај селото Дебреште, на превојот Дервен, северно од Прилеп, крај стариот пат за Велес, на малите превои, како оној на патот за Горно Село, потоа на локалитетот Кале кај Десово, Кале Небрегово и уште голем број локалитети со слични утврдувања кои се дел од системот на тврдини за одбрана на територијата на Пелагонија и пошироко, територијата на големото античко кралство Македонија. Сосема е веројатно дека дел од ваквите утврдувања биле изградени уште во постарите периоди, како што се железното или уште постарото бронзено време.
1 Паско Кузман, Податоци за палеолитските култури во Македонија, ЦИВИЛИЗАЦИИ НА ПОЧВАТА НА МАКЕДОНИЈА, книга 2, МАНУ 1995 г. стр.11.
2 Прилеп и Прилепско низ историјата, Институт за национална историја – Скопје, Прилеп 1971, 15.
3 Хомер, Илијада, Рапсодија Ф, Македонска книга, препев, предговор, увод и објасненија Михаил Д. Петрушевски, Скопје 1982, 358, стихови: 140 – 143.
4 Гаврилъ И. Кацаровъ, Пеония – приносъ къмъ старата география и история на Македония, Българското географско дружество, София 1921, 9 (види: Фуснота 3, стр. 8 и 9)
5 Tukidid, Povjest peloponeskog rata, prevod Stjepan Telar, Matica hrvatska, Zagreb 1957
6 Полибиј, Истории, книга XVIII, 47, 6. Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqva macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 94.
7 Ѕидот во форма на прстен околу кралската гробница кај селото Подмол беше откриен со последните археолошки истражувања, кои се вршеа во текот на 2007, 2008 и 2009 година од страна на Институтот за археологија во Скопје и Заводот и Музеј од Прилеп