„ОЖИВУВААТ“ НЕПОЗНАТИ ЧЛЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛОЗА ФАРАОНИ ВО ЕГИПЕТ (1)

Се чини дека многу контакти и врски, кои се однесуваат на делови од историјата на светот, историски личности и настани, симболи и документи, кои се поврзани со македонскиот идентитет, историја и култура, официјалната светска историја долго време ги занемарувала, односно, не ги проучувала или не ги претставила и афримирала на соодветен начин. Дали таквите врски свесно се прикриваат од пошироката јавност од опредлни поилитички причини, амбиции за глорифицирање на определени светски етнитети и идентитети нема да навлегуваме, но фактот на непознатата и, речиси, прикриена историја поврзана со Македонија и Македонците останува и натаму. Сепак, поривот за откривање на вистината, за нејзиното аргументирање и афирмирање од страна на различни светски научници и истражувачи никој не може да го потисне и да го спречи.

Клеопатра VII – музеј во Алтес – Германија

            Овде, ќе се осврнеме на еден момент од крајот на историјата на македонската династија Птолемеи, кои се последна династија фараони на Египет, Македонци по потекло и владееле, речиси, три века, сè до освојувањето на оваа стара цивилизација од страна на Рим во 30 г.п.н.е. со последната и најславна кралица – фараон на Египет, Клеопатра VII. Во светската јавност, во различни текстови, зависно од земјите од кои доаѓаат, ова кралско, односно, фараонско македонско семејство различно е претставувано. Некои го нарекуваат, македонско, други хеленистичко, трети како династија формирана од македонскиот генерал и другар на Александар Македонски, Птолемеј I – Сотер и сл.

ПТОЛЕМЕИТЕ, КОИ ВЛАДЕЕЛЕ СО ЕГИПЕТ КАКО ФАРАОНИ ОКОЛУ 300 ГОДИНИ, БИЛЕ МАКЕДОНЦИ

            Без да се осврнуваме на современите односи и политички полемики на релација Грција – Македонија, можеме да констатираме дека во слободната енциклопедија, Википедиа на грчки јазик, оваа лоза фараони на Египет е, мошне, прецизно претставена: „Птолемејската династија (старо грчки: Πτολεμαῖοι) била македонско кралско семејство од хеленистичкиот период, кое владеело со Египет 275 години, од 305 до 30 п.н.е.“1 Слично е и на истата Енциклопедија на македонски јазик: „Птоломејската династија — македонско кралско семејство која владеела со Египет речиси 300 години, од 323 п.н.е. до 30 п.н.е.“,2 како и на српски јазик: „Птолемејиди (или Лагиди) су македонска (хеленска) династија, која је владала Египтом од 305. п. н. е. до 30. п. н. е. . Оснивач династије је Птолемеј, један од војсковођа Александра Великог – Птолемеиди (или Лагиди)  се македонска (хеленска) династија, која владеела со Египет од 305 п.н.е. до 30 п.н.е. . Основач на династијата е Птолемеј, еден од војсководачите на Александар Велики.“3

            Малку поинаку е претставена споменатата династија во истата енциклопедија на француски јазик, без нејзино карактеризирање како македонска, со потенцирање дека потекнува од „македонскиот генерал Птолемеј“: „La dynastie lagide (en grec ancien Λαγίδαι / Lagidai) ou ptolémaïque est une dynastie hellénistique issue du général macédonien Ptolémée, fils de Lagos (d’où l’appellation « lagide ») –

Династија Лагиди (на старогрчки Λαγίδαι / Лагидаи) или Птоломеи е хеленистичка династија која потекнува од македонскиот генерал Птоломеј, син на Лагос (оттука и името „Лагид““.4 Дали на овој начин се прави обид за прикривање на вистинската карактеризација на ова фараонско семејство, односно, прикривање на вистинското потекло, кое не може да се нарече поинаку, освен Македонско? Слично претставување се појавува и на други јазици во споменатата енциклопедија. На руски јазик ја среќаваме следната карактеризација: „Птолеме́и (др.-греч. Πτολεμαῖοι или Лаги́ды (др.-греч. Λαγίδαι) династия фараонов Египта в IVI веках до н. э. — в эпоху эллинизма, основанная диадохом Александра Македонского Птолемеем Сотером – Птоломеј (старогрчки Πτολεμαῖοι или Лагиди (старогрчки Λαγίδαι) династија на фараоните на Египет во 4-1 век п.н.е. – во хеленистичката ера, основана од дијадохосот на Александар Македонски, Птоломеј Сотер.“5 Приближно таква е и карактеризацијата на германски јазик: „Ptolemäer (altgriechisch Πτολεμαῖοι Ptolemaíoi) sind die Mitglieder der makedonischgriechischen Dynastie, die seit dem frühen Hellenismus bis zur Eroberung durch das Römische Reich fast 300 Jahre lang – Птоломеј (старогрчки Πτολεμαῖοι Ptolemaíoi) се членовите на македонско-грчката династија, која постоела од раниот хеленизам до освојувањето од Римската империја речиси 300 години.“6 На англиски јазик, во истата енциклопедија, карактеризацијата на Птолемејската династија е речиси, прецизно, определена како македонска: „ Ptolemaic dynastyMacedonian dynasty of ancient Egypt founded by Ptolemy I Soter when he openly assumed the kingship of Egypt on November 7, 305 BCE – Птоломејска династија, Македонска династија на древниот Египет основана од Птоломеј I Сотер кога тој отворено го презел кралството на Египет на 7 ноември 305 година п.н.е.“7

Птолемеј I Сотер – како фараон – Британски музеј

            Во контекст на горенаведеното, особено, паѓа во очи несоодветното претставување на династијата на Птоломеите како „грчка“, како дел од грчката историја, грчката култура, како и честото збунувачко претставување како „грчка“ или како „македонска“ во исти трудови или медиумски настапи, но и како „македонско-грчка“ и сл. За жал, со ваква несоодветна карактеризација и претставување се среќаваме и во текстови, документарни емисии и филмови од високо научно ниво, па мораме да се запрашаме, кому му е од полза таквото идентификување и претставување. Затоа неминовно е прашањето зошто не се користат соодветните аргументации за соодветно и објективно изнесување на неспорната идентификација на едно вакво историско семејство, кое е неспорен и многу значаен фактор од огромно значење за светската цивилизација, историја и култура.           

            Најекспониран, истражуван и проучуван лик од династијата на Птоломеите е последниот фараон на Египет од ова македонско семејство, Клеопатра VII која, во голема мерка е позната во светот и, речиси, е прифатена како последен член на династијата на Птолемеите. Сепак, последниве години се преземени сериозни истражувања на светската историска сцена и се појавија и други членови на оваа династија, роднини и потомци на споменатата кралица, Клеопатра, кои „оживуваат“ по повеќе од 2000 години темнина во која се нашле од определени причини. Меѓу нив е и нејзината сестра, Арсиноја IV, која на Клеопатра и создала многу трауми, немир и несигурност за време на нејзиното владеење, сè до мистериозното и сквернително убиство далеку од Египет, во храмот на Артемида во Ефес. Се разбира, на своевиден начин, такви ликови се и другите браќа и сестри на Клеопатра VII а, особено, нејзините четири деца, кои се многу малку или се воопшто непознати.

АРСИНОЈА IV – СЕСТРА НА НАЈСЛАВНАТА КРАЛИЦА НА ЕГИПЕТ, КЛЕОПАТРА VII

            До неодамна светската историја, главно, знаеше за Клеопатра како најславна и последна кралица од големата македонска династија Птолемеи, која потекнува од генералот во војската на Александар III – Македонски, Птолемеј I – Сотер (305 – 283 п.н.е.), кој по смртта на Александар завладеал со Египет, носејќи го таму и саркофагот со телото на својот крал и другар. Историјата на оваа славна египетска кралица со македонско потекло во голема мерка е позната. Таа е родена во 70/69 г.п.н.е. како ќерка на кралот, односно, фараонот Птолемеј XII Авлет (80 – 58 и 55 – 51 п.н.е.), кој имал 5 деца – три ќерки – Береника, која била најстара, Клеоптра VII и Арсиноја IV, како и двајца синови, Птолемеј XIII и Птолемеј XIV. Клеопатра за првпат дошла на власт по смртта на нејзиниот татко, во 51 г.п.н.е.8 Всушност, Птолемеј XII, во својот тетамент власта му ја оставил на Клеопатра и нејзиниот постар брат Птолемеј III.

Птолемеј XIII

            Односите меѓу двајцата совладатели не биле добри, односно, меѓу нив постоела голема омраза предизвикана од желбата за присвојување на кралскиот трон.9 Многу брзо, Птолемеј XIII, кој имал и свој возрасен старател – регент, Потин, успеал да ја симне од власт својата сестра и да се наметне како единствен владател, а Клеопатра морала да се засолни во соседната Сирија. Меѓутоа, Птолемеј XIII, братот на Клеопатра, не бил толку мудар. За да ја добие наклоноста и подршката на моќниот римски император Јулиј Цезар во останувањето на тронот, Птолемеј XIII, направил непоправлива грешка. Јулиј Цезар, во тоа време, бил во соперништво со уште еден моќен Римјанин, генералот Помпеј. Птолемеј, сметајќи дека на тој начин ќе му направи услуга и ќе ја добие наклоноста на Цезар, го убил Помпеј, кој имал доверба во него и побарал помош во врска со споменатото соперништво, му ја пресекол главата и му је однесол на Јулиј Цезар како подарок. Јулиј Цезар бил згрозен од таквиот чин и застанал на страната на Клеопатра, која мудро ја искористила таквата можност.10 Дошла со војска, која ја собрала во Сирија и го нападанала својот брат.

Остатоци од храм на Серапис во Александрија – Египет

            Во тој историски момент на сцена ја среќаваме најмалата сестра на Клеопатра, Арсиноја IV. Таа застанала на страната на Птолемеј и, во прво време, братот и сестрата воделе успешна војна. За тоа време, во 47 година п.н.е., неколку месеци, Арсиноја и нејзиниот брат Птолемеј, всушност, биле владетели во Египет како фараони, но здружената војска на Јулиј Цезар и на Клеопатра победила, а Птолемеј се фрлил во бегство и се удавил во водите на реката Нил.11 Арсиноја била заробена и во 46 година, Цезар ја однесол во Рим како трофеј на победата во Египет, окована во златни сиџири. Сепак, Јулиј Цезар, решил да не ја погубува, иако тоа го посакувала нејзината сестра Клеопатра, која неа ја гледала како закана за египетскиот престол. Арсиноја била испратена како заложничка да служи во еден од најголемите храмови на божицата Артемида во градот Ефес во Мала Азија, кој важи за едно од светските градителски чуда. Всушност, таа играла улога на свештеничка, која ќе ѝ служи на божицата Артемида, можела да се движи секаде низ големиот храм, но не смеела никогаш да го напушта.12 Веројатно е дека, како потомок на моќната династија на Птолемеите, Арсиноја немала намера да се откаже од наследството на тронот, но чекала погоден момент за тоа. Нејзината сестра Клеопатра останала неприкосновен владател во Египет со голема подршка на Јулиј Цезар со кого била и во љубовна врска, а како плод на таквата љубов се родил и Птолемеј Цезар, кого во Египет го викале, едноставно, Цезарион. Клеопатра настојувала кај Цезар за погубување на Арсиноја, но Цезар избегнувал да го направи тоа за да не се изложува на непријатна политичка ситуација и компромитација.

Остатоци од храмот на Артемида во Ефес

            Тоа што не ѝ успеало кај Јулиј Цезар, на Клеопатра и успеало кај неговиот генерал Марко Антониј, по убиството на Цезар во Рим. Имено, по смртта на Цезар, според тестаментот што го оставил, негов наследник станал неговиот посвоен син Октавијан Август, но на почетокот Октавијан немал амбиции да биде владателнад целата Римска Империја, туку се договориле тој да владее со западниот дел, Марко Антониј источниот дел на Империјата. Клеопатра, по смртта на својот љубовник и заштитник се нашла во несигурна позиција, односно, нејзиното останување на престолот на Египет, станало неизвесно. Затоа, таа презела чекори да ја зајакне позицијата на својата земја, а таква можност видела во постигнувањето на сојузништво со римскиот генерал Марко Антониј.

Октавијан Август во гробницата на Александар – Buland

            Марко Антониј, како центар на своето владеење со Истокот го одбрал градот Тарс во Анадолија и неколку пати и испраќал покани за средба на Клеопатра, кои таа ги одбивала. Во 41 г.п.н.е. решила да појде на средба во Тарс и тоа го направила на многу помпезен начин, доаѓајќи со брод полн со девојки облечени во посебно избрана облека, која покривала само мали делови од нивните тела, а самата се појавила во раскошна и многу привлечна облека, со појава на која Марко Антониј не можел да ѝ одолее.13 На покана да слезе од бродот, Клеопатра одговорила дека ќе го чека на бродот, заедно со неговата придружба. Ваквата понуда, Марко Антониј, „не можел“ да ја одбие, па средбата се случила на бродот од Клеопатра и траела цели три дена со раскошна забава и расположение, а Антониј силно се вљубил во кралицата и бил воспоставен посебен сојуз крунисан со брак. Истата година, сестрата на Клеопатра, Арсиноја, била пронајдена мртва пред влезот на храмот во кој служела, односно,  на влезот на импозантната градба на храмот на Артемида во градот Ефес, во Мала Азија.14 На тој начин, Клеопатра се ослободила од заканата за нејзината власт во Египет, која доаѓала во лицето на нејзината сестра, Арсиноја IV.

КОЈА Е АРСИНОЈА IV, ПОМЛАДАТА СЕСТРА НА КЛЕОПАТРА VII

            Арсиноја била најмладата ќерка на фараонот Птолемеј XII – Авлет. Најстара од трите ќерки на овој македонски фараон во Египет била Береника IV, која во 58 г.п.н.е. станала царица на Египет зедно со нејзината мајка Клеопатра V Трифена. Во 57 година п.н.е., мајка и умрела и, кратко време, Береника била сама на египетскиот престол. За тоа време Береника IV двапати се мажела. Еднаш за Селевк VII Кибиосакт, од династијата на Селевкидите, а во 56 година за Архелај, син на Македонскиот генерал Архелај. Во почетокот на 55 година п.н.е., со помош на Римјаните, на власт во Египет се вратил Птолемеј XII, во битките поврзани со тој настан загинал Архелај, a Птолемеј XII наредил егзекуција на својата ќерка Береника IV.15

Береника IV – најстарата сестра на Клеопатра VII

           

Биста на Клеопатра – кралски музеј во Онтарио

Клеопатра VII имала и двајца браќа, Птолемеј III и Птолемеј IV и најмала сестра, Арсиноја. Првиот, Птолемеј III, владеел со Египет по смртта на неговиот тако во 51 година п.н.е., заедно со својата сестра, Клеопатра VII, женејќи се со неа, но врската брзо била раскината, откако Птолемеј III успеал да ја симне од престолот својата сестра и жена, која покажала големи амбиции да владее сама. Веќе истакнавме на почетокот дека неговиот живот и владеење со Египет завршил со доаѓањето на Јулиј Цезар во Египет и неговата врска со Клеопатра, која дошла на престолот и, формално, владеела заедно со помалиот брат Птолемеј XIV, кој бил уште дете. Токму со паѓањето на Птолемеј XIII, во неговиот судир со Клеопатра VII, се појавува најмалата сестра, Арсиноја, која застанала на страната на Птолемеј XIII против римската војска на Цезар и војската на Клеопатра. По здружувањето на Јулиј Цезар и Клеопатра, Арсиноја морала да побегне од главниот град на Птолемеите, Александрија и, иако на само 15-16 години (годината на нејзинто раѓање не е прецизна, и се смета дека е родена околу 68 година п.н.е.), со помош на нејзиниот старател, кој бил евнух, Ганимед, ја презела командата над египетската војска и успеала да го зароби Јулиј Цезар со војската во Александрија. Тој момент од историјата на Египет е клучен, како за Арсиноја и Птолемеите, така и за самиот Јулиј Цезар. Положбата на Цезар била критична, па тој морал дури и да го соблече оклопот за да се сапаси со пливање бегајќи од Александрија. Состојбата се променила со предавство на некои од генералите на египетската војска, кои не биле задоволни од Ганимед, кој исто така презел самоволни чекори преговарајќи со Јулиј Цезар за да му ја предаде Арсиноја за да биде ослободен Птолемеј XIII. Според историските податоци, по повеќе превирања, Птолемеј XIII и Арсиноја, ја загубиле битката, во обидот за бегство преку Нил, Птолемеј се удавил во реката, а Арсиноја била заробена од страна на Римјаните и однесена во Рим, како своевиден трофеј.16 Потоа следи нејзино префрлување во храмот на Артемида во Ефес, каде останала до крајот на својот живот. Споменот за неа долго време е „потиснат“ во времето.

Портрет на Птолемеј XIII

            Може да се каже дека приказната за Арсиноја IV „оживеала“ во 1904 година, кога во рамките на урнатините од големиот храм на божицата, Артемида во Ефес, во дел од градба со октогонална форма, биле пронајдени коски од човечки скелет.17 Коските долго време стоеле без да бидат проучувани, со многу претерување преку разни раце и дури во 1990 година, д-р Хилке Тур, од Академијата на науките на Австрија, пронашол дел од нив, без главата и ги проучувал со ДНК-анализа, па излегол со тврдење дека се работи за заборавената сестра, потомка на македонската династија фараони во Египет, Птолемеите.18 Некои од научниците, историчарите и истражувачите гледаат со сомнеж на ова тврдење на Хилке, но Арсиноја IV почнува да ги бранува духовите на голем број истражувачи последниве децении.

ГРОБОТ НА АРСИНОЈА ВО ЕФЕС

            Освен, пронајдените остатоци од скелет, археолозите кои вршеле археолошки истражувања во центарот на градот Ефес, откриле и специфична градба на гроб во рамките на урнатините на храмот на Артемида во Ефес. Специфичната и импозантна градба веднаш била карактеризирана како гроб на исклучително висока личност од августовскиот период. Таа информација, како и тоа  дека оваа македонска фараонка била заложник во споменатиот храм, одат во прилог на тврдењето на австрискиот научникм Хилке Тур. Истражувачите и познавачите упатуваат на архитектонските карактеристики на октогоналната форма на споменатиот гроб, кој потсетува на архитектурата на уште едно светско архитектонско чудо, Светилникот од Фар, во градот Александрија во Египет, кој е главниот град на Птолемеите, нивно седиште, место на нивните дворци и на нивните почивалишта, иако до денес не е откриен ниту еден гроб на овие македонски фараони.  Всушност, се тврди дека има неверојтна сличност меѓу двете градби,19 па упатуваат на тоа дека и архитектонската форма на гробот упатува на египетско влијание, односно, на тоа дека овој гроб, за птолемејската принцеза и фараонка, Арсиноја, го изградиле нејзините роднини, Птолемејците, веројатно, нејзината сестра Клеопатра VII, иако копнеела по нејзината смрт, како нејзина сестра и член на исто семејство, за углеот на семејството и за нејзиниот личен углед како кралица, изградила гроб достоен за личност од таков род. Археолозите тврдат дека погребување во ваков простор од градот Ефес, не било обичај во претходниот период, па и тоа се зема како аргумент поврзан со кралското достоинство и престојот на Арсиноја во храмот на Артемида.

Реконструкција на октагонот – мавзолеј на Арсиноја во Ефес – 2 – Извор: https://turkisharchaeonews.net/object/octagon-ephesus

ИДЕНТИФИКУВАЊЕТО НА АРСИНОЈА IV

            За скелетот и гробницата, особено се заинтересирал археологот Петер Шерер од Универзитетот во Грац, заедно со неговиот колега Ернст Рудолф. Двајцата дошле до заклучок и тврдат дека се работи за скелетот и гробот на Арсиноја IV.

            „Отсекогаш се сомневавме дека посмртните останки во овој гроб ѝ припаѓаат на Арсиное IV, помладата сестра на познатата Клеопатра VII Двете жени имале различни мајки, но ист татко“ – се произнесува Петер Шерер.20

            Интересно е дека двајцата истражувачи, во декември 2022 година, успеле да пронајдат и еден череп  од соодветниот период во колекцијата на Катедрата за еволутивна антропологија на Универзитетот во Виена и да го идентификуваат врз основа на стари фотографии. Издвојувањето на соодветни примероци од него за испитувањето на ДНК може да доведе до интересни информации, а стручната јавност упатува на можностите што ќе ги даде овој череп, доколку се потврди дека е од Арсиноја IV. Според нив, тоа ќе отвори можности за идентификување и на други личности од Птолемејската династија, особено, на нејзината сестра, Клеопатра IV.21

Птолемеј XIII и Арсиноја IV

            Што се однесува до местата и објектите на погребување на фараоните и членовите на семејството од династијата Птолемеи, речиси, е чудно како до денес не е познато каде е погребан ниту еден од нив. На тој начин, доколку е сигурно дека скелетот пронајден во храмот на Артемида во Ефес, односно, во октогоналната градба – гроб, и ѝ припаѓа на Арсиноја IV, тогаш оваа принцеза и фараон од споменатата македонска династија во Египет прва се појави пред јавноста, по повеќе од 2000 години. Значи ли тоа дека се доближуваме и до откривањето на гробовите и останките на други фараони и членови на ова славно македонско семејство. И, да, на светската научна јавност, па и на пошироката, треба да и се порача да не се „срами“ да каже отворено, гласно и јасно, дека Птолемејската династија е со македонско потекло, дека нејзините членови се Македонци, всушност, како што и сами се произнесувале и ставале записи на камен за тоа.22

Клеопатра VII – Изида

                Во прилог на тоа можат да се сретнат бројни научни потврди, кај разни научници и истражувачи. Овде ќе цитираме еден од нив, кои јасно го изразува своето тврдење за Клеопатра VII, дека има македонско потекло.„Клеопатра имала македонско потекло и имала малку или, воопшто, немала египетска крв.“23

1 Википедиа – Слободна енциклопедија, грчки јазик.

2 Исто, македонски јазик.

3 Исто, српски јазик.

4 Исто, француски јазик.

5 Исто, руски јазик.

6 Исто, германски јазик.

7 Исто, англиски јазик.

8 Енциклопедија Британика – Enciklopedia Britanica.

9 Исто. Википедиа, Германски, Cold Case in Ephesos: Archäologen auf der Spur von Kleopatras Schwester

10 Исто.

11 Исто. (Women in History: Arsinoe – Cleopatra’s Treacherous Sister – Catherine Cavendish: Arsinoe – Cleopatra’s Treacherous Sister) (https://hookofabook.wordpress.com/2017/04/06/women-in-history-arsinoe-cleopatras-treacherous-sister/)

12 Исто.

13 Карен Мурдараси, Другата девојка (ќерка, зм.) на Птолемеј – Арсиноја IV, (David Stuttard and Sam Moorhead (2012), 31BC: Antony, Cleopatra and the Fall of Egypt, British Museum, London, https://dangerouswomenproject.org/2016/07/08/arsinoe-iv/)

14 Исто. Енциклопедија Британика.

15 Women in History: Arsinoe – Cleopatra’s Treacherous Sister – Catherine Cavendish: Arsinoe

16 Википедиа на турски јазик. Енциклопедија Британика.

17 Women in History: Arsinoe – Cleopatra’s Treacherous Sister – Catherine Cavendish: Arsinoe

18 Исто.

19 Исто. Википедиа на турски јазик. Octagon in Ephesus, (https://turkisharchaeonews.net/object/octagon-ephesus).

20 Википедиа на германски јазик.

21 Исто.

22 Тренчо Димитриоски, Египетскиот крал (фараон) Птолемеј Сотер од македонската лоза се изјаснувал како Македонец (https://www.pelagon.mk/2021/10/07/)

23 Енциклопедија Британика.