УБАВО СОЧУВАН КУЛТУРЕН СПОМЕНИК НА ЛОЗЈАРСТВОТО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ВАЛЈЕТО“, КАЈ СЕЛОТО ПЕШТАНИ, ПРИЛЕПСКО
На локалитетот „Валјето“, кој се наоѓа на околу 1,5 km јужно од селото Пештани, во близина на помала вештачка акумулација, на југоисточните падини на една поголема карпеста тумба, на површината на една ниска и рамно закосена карпа со издолжена форма бил изработен винарник – двојно корито, кој се наоѓа во исклучително зачувана форма. Винарникот е поставен во правец југоисток – северозапад. На југоисточниот дел се наоѓа помалиот елемент на винарникот, а на северозападниот поголемиот и заедно се во вкупна должина од околу 3,5 m, со ширина од околу 0,80 m и длабочина од 0,30 до 0,35 m.
На северозападниот дел, на околу 0,20 m од големото корито, симетрично на него е изработен помал сад со кружна форма со пречник од околу 0,20 и длабочина од околу 0,10 m. Две, слично, издлабени форми се наоѓаат и од југоисточната страна, но со понеправилна кружна форма. Може да се каже дека по една мала кружна јама, со слични димензии и на симетрична позиција во однос на двата главни елементи на објектот се наоѓаат од двете страни по должина на објектот. Веројатно е дека тие служеле како основа за поставување на дрвени столбови, кои биле носачи на конструкцијата, која го заштитувала објектот од климатските влијанија, односно, ги заштитувала лицата кои го гмечеле грозјето и го цеделе сокот при врменески непогоди.
Во околината на објектот се наоѓаат карпи со интересни денудациони форми, кои на просторот му даваат специфичен амбиент и го прават, особено, привлечен и интересен за љубопитните посетители. Престојот на ова место, во амбиент на објекти од вулканско потекло, кои претставуваат вистински експонати на природниот творечки потенцијал го прават, особено, содржаен и пријатен, полн со мистичност и топлина.
Локалитетот „Валјето“ се наоѓа на блиско растојание до локалитетот „Пештера“, кој располага со исклучителни наоди од праисторискиот и римскиот период,1 како и на малку поголемо растојание до локалитетот „Грмот“, кој се наоѓа на ридот од јужната страна и кој располага со остатоци од населба со археолошки материјал, кој упатува на рисмкиот период.2 На самиот локалитет „Валјето“ има остатоци од керамички садови и други наоди од римскиот период. Така е датиран и од страна на археолозите.3
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002, 189 – 193.
2 Исто, 196. Археолошка карта на Република Македонија.
3 Археолошка карта …