ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА НА КЛЕОПАТРА VII – ПТОЛЕМЕЈ XV – ЦЕЗАРИОН, БЛИЗНАЦИТЕ, КЛЕОПАТРА VIII – СЕЛЕНА И АЛЕКСАНДАР ХЕЛИОС И ПТОЛЕМЕЈ ФИЛАДЕЛФ
„ОЖИВУВААТ“ НЕПОЗНАТИ ЧЛЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛОЗА ФАРАОНИ ВО ЕГИПЕТ (2)
Најпознатата светска кралица од македонската династија Птолемеи во Египет, Клеопатра VII, по нејзината смрт, која е вистинска мистерија, односно, настан завиен во мистика, зад себе оставила, дури, четворица потомци на нејзиното кралство, односно, четворица потенцијални наследници на фараонската титула на оваа древна цивилизација. За нејзините потомци, до скоро, речиси не се знаеше ништо. Единствено, познато беше само нејзиното дете со Јулиј Цезар, Птолемеј XV Цезар или Цезарион, но тој беше ликвидиран набрзо по смртта на Клеопатра, зашто Октавијан Август во него гледал опасност по власта на Римската империја бидејќи Цезарион, како син на Јулиј Цезар, бил наследник по закон, не само на египетскиот престол туку, многу повеќе, и на Рим. Неговата владетелска улога започнала во 44 година п.н.е., кога совладателот на неговата мајка, Клеопатра VII, нејзиниот брат, Птолемеј XIV умрел (според историчарите, Птолемеј XIV бил убиен од неговата сестра), па Клеопатра продолжила да владее заедно со својот син Цезарион.24 Тоа значи дека Цезарион владеел како фараон на Египет, заедно со неговата мајка. На таа положба бил до 34 година п.н.е. Есента истата година, Марко Антониј и Клеопатра во Александрија организирале голема свеченост во градот Александрија, насловена како „Донации за Александрија“ на која се појавиле тој и Клеопатра на златни престоли поставени на постамент од сребро, а нивните деца, исто така на престоли на пониско ниво од нивните. Токму на овој настан, Антониј го претставил Птолемеј XV, односно, Цезарион, како син на Јулиј Цезар со што на Октавијан Август, кој бил посвоен син на Цезар, му го оспорил местото император на Рим. Освен тоа, тој ја претставил Клеопатра како кралица на кралевите, а Цезарион како крал на кралевите.25 Поради ваквата постапка, Октавијан Август бил силно вознемирен и започнал активности за елиминација на своите противници од Египет и претенденти на престолот. Го убедил Сенатот на Рим дека треба да се преземе решителна акција против Египет и Антониј, но не сакајќи да предизвика незадоволство меѓу римските граѓани, меѓу кои имало и голем број приврзаници на Марко Антониј, тој и објавил војна на Клеопатра како кралица на Египет, а не на конзулот Антониј. Против него искористил и наводен тестамент, кој Антониј го доставил на чување во храмот на Весталките и во кој имало повеќе наводи за наследството на Рим во корист на Клеопатра и нивните деца, како и тоа дека центарот на империјата од Рим ќе биде преселен во Александрија.26
Од историјата е познато дека Клеопатра и Антониј биле поразени од Октавијан во битката кај Акциј, а набрзо потоа, двајцата завршиле трагично, со самоубиство. По нив останале нивните деца, кои биле 3 на број, како и синот на Клеопатра со Јулиј Цезар, Цезарион.
Според податоците од старите автори, Цезарион по смртта на својата мајка се обидел да замине за Индија, но бил предаден од неговиот учител, бил фатен од римската војска и убиен.27 Секако, убиството било по наредба на Октавијан Август кој, на тој начин, се ослободил од конкуренцијата на престолот на Римската империја.
Другите деца на Клеопатра, односно, нејзините три деца со Марко Антониј не биле убиени, туку биле однесени во Рим како трофеј од победата над Египет и Клеопатра. Всушност, Октавијан имал голема желба во Рим да ја однесе самата Клеопатра VII, но таа извршила самоубиство пред да дојде до неа и, на тој начин, му го скратила задоволството да биде искористена како трофеен предмет во чест на победата над Египет, па затоа нејзините деца биле употребени за тоа, како утеха. Со Марко Антониј, Клеопатра живеела подолго, односно, од 41 до 30 година п.н.е. и во тој брак имале три деца. Првите биле близнаци, машко и девојче, кои се родиле во 40 година и Клеопатра ги крстила Александар Хелиј (Хелиос) и Клеопатра Селена. Најмал бил синот Птолемеј Филаделф, чие второ име го поврзува со еден негов многу постар предок, односно, со Птолемеј II Филаделф,28 кој дошол на фараонското место како втор од семејството на Птолемеите, односно, како син на Птолемеј I Сотер, кој бил генерал во војската на Александар Македонски, негов близок другар па, дури, бил сметан и за негов брат. Овде не може да не се забележи евидентната асоцијација на имињата на децата на Клеопатра на нивните далечни претци. Поставувањето име Птолемеј, секако е иницирано од намерата за поврзување со најстарите претци на династијата Птолемеи, односно, како нивни потомок, која започнала со најстариот, Птолемеј I Сотер, а Клеопатра е име на поголем број женски потомци на оваа династија. Александар, кое е името на едно од децата близнаци на Клеопатра, асоцира на уште подлабоките претци на Птолемеите, по народносна линија, односно, како Македонци, а веројатно е дека желбата на Клеопатра е поврзување со најславниот предок, Македонец и крал, Александар III Македонски. На сличен начин треба да се толкува и второто име, кое го носат нејзините деца. Близнаците Александар и Клеопатра, како второ добиле име на богови, односно, Хелиј (сонцето) и Селена (месечината), а знаеме дека и двете биле почитувани како божества со посебно место во религијата на Македонците во антиката.
За децата на Клеопатра со Марко Антониј, до скоро, малку беше познато. Тие станаа актуелни по идентификувањето на два лика од една статуа, која претставува две деца, близнаци пронајдена во Дендера – Египет, каде се наоѓал комплекс од храмови. Статуата била пронајдена уште во 1918 година во храмот на Хатор и била пренесена во Музејот во Каиро,29 но идентификацијата на ликовите претставени на неа е направена многу подоцна, односно, дури пред неколку години од страна на Џузепина Каприоти, египтолог од Националниот истражувачки совет на Италија. „За да ги идентификува близнаците, Каприоти се потпираше на стилска и иконографска анализа развиена од Полскиот центар за медитеранска археологија на Универзитетот во Варшава (Centrum Archeologii Śródziemnomorskiej Uniwersytet Warszawski).
Конкретно, истражувачот забележал дека момчето има соларен диск на главата, додека девојчето има лунарен диск и полумесечина. Двата диска се украсени со антички грчки (македонски, зм.) симбол во облик на очи познат како ваџет. Двете змии кај нозете на децата, веројатно кобри, се поистоветуваат и со сонцето и месечината.“30
Споменатата скулптура се наоѓа меѓу спомениците со потекло од Дендера, кои се наоѓаат во музејот во Каиро, а на неа се претставени две голи деца, машко и женско, поставени на постамент, со две змии во основата на фигурите, кои го обвиткуваат долниот дел од нивните тела – нозете до натколениците. Скулптурата е заведена под број, JE 46278). „Првото има сончев диск на главата, додека другото има полумесечина и лунарен диск; и двата диска се украсени со удат-очи (симбол поврзан со египетската религија, со боговите Хорус и Озирис – окото на Хорус, зм.). Секоја фигура има рака над рамото на другата, додека со другата рака фаќаат змија. Во египетскиот мит, Шу и Тефнет се близнаци и можеби ги претставуваат двете космички очи, сонцето и месечината. Змиите, можеби две кобри, би биле различни форми на сонце и месечина. Групата е направена од египетски скулптор во периодот на Птоломеј. Можеме да ја споредиме скулптурата со статуата на Пахом, гувернер на Дендера (50-30 п.н.е.): двете фигури имаат тркалезни лица, мали бради и големи очи; Покрај тоа, стилот на косата на женската фигура е сличен на „Melonenfrisur“ и наликува на оној на Клеопатра VII во нејзините портрети. Како заклучок, можеме да претпоставиме дека децата ги претставуваат близнаците Александар-Хелиос и Клеопатра-Селена, деца на Клеопатра VII и Марко Антониј.“31
Марко Антониј ги признавал децата со Клеопатра како свои и, не само тоа, туку тој ги прогласил за владетели, односно, кралеви (фараони) доделувајќи му земја со која ќе владеат, секој посебно. „На Клеопатра Селена и биле дадени Крит и Киренаика (Кирена, зм.), двете територии кои биле особено поврзани со семејствата на Антониј и Клеопатра. Неговиот дедо (на Марко Антониј, зм.), Марко Антониј Критјанец, добил наредба да го ослободи Крит од пиратите, а Птоломејците некогаш ја контролирале Киренаика. На Александар Хелиос, облечен во традиционална партиска (од областа Партија, зм.) носија, му беа дадени кралствата Ерменија и Медија (тој исто така беше свршен за принцезата Јотапе од последното кралство) и целата територија источно од Еуфрат до Индија, во суштина Партиската империја што Антониј сè уште ја немаше освоено. На Птоломеј Филаделф, облечен во традиционална македонска носија, му беа дадени сириските територии, кои Клеопатра неодамна ги поврати со цел да ја обнови Птоломејската империја, и беше прогласен за господар на блискоисточните царства на клиентите западно од Еуфрат. Сè уште многу мали деца, ниту близнаците ниту Птоломеј Филаделф не биле во позиција да ја преземат контролата над нивните земји во тој момент, но беше јасно дека и Антониј и Клеопатра сакаа да го сторат тоа во рок од неколку години.“32
На споменатата манифестација „Донации за Александрија“, всушност, била изразена намерата на Клеопатра VII за обнова на македонската империја, која била како нејзин „аманет“ од нејзините најстари претци, особено на Александар Македонски, чиј генерал, Птолемеј, е основач на македонската династија во Египет од која потекнува и самата Клеопатра. Овој план, Клеопатра имала намера да го оствари со помош на најмоќниот римјанин, Јулиј Цезар, а синот Птолемеј Цезар, кој го добила со него ѝ овозможил да продолжи со таквите напори, бидејќи добила наследник со право на наследство на престолот во Рим, како и на престолот на Египет. Додека на манифестацијата, „Донации за Александрија“, Келопатра се појавила во облека и симболи на божицата Изида, Антониј бил претставен како Дионис, а таквото претставување на кралевите било стара македонска традиција.33 На настанот им биле доделени и кралските титули и земјите со кои ќе владеат и на децата на Клеопатра и Антониј, заедно со синот Цезарион, кој Клеопатра го родила со Јулиј Цезар. Всушност, на Цезарион му била доделена највисока титула, рамна на титулата на неговата мајка, како крал на кралевите, односно, како владател со универзумот, а другите три деца добиле територии кои ги владееле египетските фараони од династијата на Птолемеите во најдобрите периоди на Египет (Види: цитат во претходниот пасус). Ваквиот приказ и поделба на териториите на владеење на потомците на Клеопатра, на извесен начин, не бил променет, ниту од Октавијан Август, по смртта на Антониј и Клеопатра.
24 Енциклопедија Британика.
25 Исто. Jane Draycott, Cleopatra’s Daughter, (https://www.historytoday.com/miscellanies/cleopatras-daughter).
26 Енциклопедија Британика.
27 Исто. Jane Draycott, Cleopatra’s Daughter, …
28 Исто.
29 Исто. Дмитрий Целиков, Описана статуя детей Клеопатры и Марка Антония (http://historic.ru/news/item/f00/s10/n0001047/index.shtml).
30 Дмитрий Целиков, Описана статуя…
31 Исто.
32 Jane Draycott, Cleopatra’s Daughter,…
33 Исто.
(продолжува)