СУДБИНАТА НА ДЕЦАТА НА КЛЕОПАТРА ПО НЕЈЗИНАТА СМРТ И НИВНОТО ПОВРЗУВАЊЕ СО НАЈСТАРИТЕ МАКЕДОНСКИ ПРЕТЦИ

„ОЖИВУВААТ“ НЕПОЗНАТИ ЧЛЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛОЗА ФАРАОНИ ВО ЕГИПЕТ (3)

            По смртта на Антониј и Клеопатра, нивните деца станале трофејни „предмети“ на Октавијан, кои биле прикажувани пред масите во Рим. Во Рим биле однесени близнаците Клеопатра Селена, Александар Хелиј и Птолемеј Филаделф, сите три деца на Клеопатра со Марко Антониј и, таму, оковани во златни синџири биле на чело на процесијата на Октавијан Август за да го истакне значењето на победата над Клеопатра и завладувањето со Египет.34 Сепак, како што потврдуваат историските документи и археолошките наоди, иако тоа било обичај по слични победи, односно, првенците на победените да бидат задавени или ликвидирани на друг начин, со децата на Клеопатра решил да постапи поинаку. Некои од историчарите велат дека децата ги заштитила неговата сестра, Октавија, која му била втора жена на Марко Антониј, барајќи од својот брат Октавијан Август таа да ги изгледа и воспитува. Октавијан го дозволил тоа и тие биле одгледувани, воспитувани и образувани во семејството на Октавија. Всушност, познавачите тврдат дека таа ги одгледала како свои деца.35

План на Александрија во Египет

            За судбината на машките потомци на Клеопатра, Александар Хелиј и најмалиот син Птолемеј Филаделф, се знае многу малку и, главно, се смета дека тие починале уште како деца од некаква болест,36 додека нејзината ќерка, Клеопатра VIII – Селена доживеала многу подобра судбина и достигнала слава, која е достојна на потомок на кралското, односно, фараонското семејство на Птолемеите, како и на уште постарите претци, Херакле, Филип, Александар, станувајќи кралица на престижно кралство и постигнувајќи фасцинантни успеси во неговиот развој. Денес за тоа сведочат голем број градби и културни феномени поврзани со неа и кралството со кое владеела и кое се наоѓало на територијата на денешна Либија.

Монета со ликот на Александар претставен како Амон

            За времето во кое децата на Клеопатра се наоѓале во Рим, во семејството на Октавија, во Рим имало и други личности од високо потекло од кралствата освоени од Рим. Меѓу нив бил и Јуба II, принц од освоеното кралство Нумидија во Африка. Одгледан во Рим, тој се стекнал со завидно образование и денес е познат и како автор на историски текстови, кои ги користат подоцнежните историчари, Плутарх, Апијан и други, како извори за своите дела.37

 КЛЕОПАТРА СЕЛЕНА И АЛЕКСАНДАР ХЕЛИОС И НИВНАТА ВРСКА СО НАЈСТАРИТЕ МАКЕДОНСКИ ПРЕТЦИ

            Да почнеме од почеток!

            Во 41 година п.н.е. започнува силна врска меѓу римскиот конзул Марко Антониј и Клеопатра VII, односно, склучување сојуз за соработка меѓу  споменатиот конзул и Клеопатра или, поточно, меѓу Рим, претставуван од Антониј и Египет, претставуван од Клеопатра. Речиси, во исто време започнала и силна љубовна врска меѓу двајцата претставници на силните царства, односно, претставникот на Римската империјата и претставникот – владетелката на Египет. 

Мермерната плоча со Херакле и Атина
Мермерната плоча со Херакле и Атина – с. Небрегово, општина Долнени

            Во текот на 40 година се родиле двете близначиња Клеопатра VIII и Александар.38 Неспорно е дека нивните имиња се резултат на волјата и намерата на нивната мајка да ги поврзе со двете силни македонски владетелски семејства – она на Птолемеите, по женска линија – Клеопатра, кое го носи и самата и она на Хераклидите, односно, Аргеадите, чиј најпознат претставник е Александар Македонски, создавачот на најголемата светска империја. Потоа следи второто име, кое близнаците ги поврзува со старите традиции и верувања, па на Клеопатра VIII, нејзината мајка и додава име Селена и ја поврзува со месечината, односно, со божицата на месечината, а на Александар му додава име Хелиј (Хелиос)39 и го поврзува со стариот македонски култ, култот кон сонцето, односно, богот Хелиј. Дека сонцето е голем култ кај Македонците потврдуваат голем број споменици со претстава на сончевиот диск. Тој се среќава на македонскиот штит, а штитот го среќаваме и на македонските монети, на накитот, на оружјето и на други предмети.40 Најстар приказ во шематизирана форма, засега, среќаваме на бронзена дијадема од IX век п.н.е. од некрополата во Кутлеш, се среќава на бронзените „пафти“, на монетите од пајонските кралеви од VI век п.н.е., на монетите од Филип II, на Касандар, монетите на градот Уранопол, на познатиот саркофаг на Филип II,41 а од поново време познат е сончевиот диск на штитовите од селото Бонче, на локалитетот „Старо Бонче“, Прилепско,42 како и на златен предмет од VI век п.н.е. пронајден во најново време кај селото Ракошиште, во Охридско-струшкиот регион.43

Претстава на Хелиј – во Брисел

            Дека сонцето кај македонските племиња бил значаен култ добиваме информации и кај старите автори. Тоа го потврдува максим од Тир од II век н.е., кој за Пајонците вели: „Пајонците го слават Хелиос носејќи лик (agalma) на пајоснкиот Хелиос во вид мал диск на долга мотка“.44 Особено интересен е податокот, кој го добиваме од Херодот, а кој се однесува на почетоците на Македонското кралство, односно, за потеклото на македонската кралска лоза Аргеади. Во оваа легенда, најмалиот брат, Пердика прифаќа да прими плата од кралот на Лебаја, која била во форма на сончеви зраци, кои паѓале на подот во куќата на споменатиот крал, а која му ја понудил споменатиот крал. Пердика со кусиот меч ја нацртал формата, која ја создавале сончевите зраци, кои го осветлувале подот и трипати ги нацрпил во својот скут.45 Со тоа се пренесува симболиката дека македонскте кралеви ја примиле власта од богот сонце, со што се потврдува нивното божествено потекло, односно, божественото потекло на кралската власт. Оттаму сонцето и станало симбол на кралската власт на Македонците.46 Како што пренесува големата македонска историчарка, специјалист за античката историја на Македонија, Наде Проева, богот Хелиос се споменува и во договорот меѓу Филип II и жителите на Халкидик од 356 г.п.н.е., потоа во договорот на Филип V со Ханибал.47 Од старите автори е познато дека македонските кралеви на Сонцето како бог му принесувале жртви, му поставувале споменици,48 а според една анегдота, поетот го нарекол македонскиот крал Антигон „рожба на Хелиос“.49

Фрагмент од папирус – оригинал од Херодотовата историја

            Доследна на својата мајка, Клеопатра VII, и Клеопатра VIII  Селена, во себе го носела чувството за своето македонско потекло, поврзано со најголемиот македонски крал Александар III Македонски, со нејзините директни претци, Птолемеите, но и со митските претци, како Херакле, Темен, Каран и другите ликови, кои на еден или друг начин се поврзуваат со потеклото на кралството Македонија и Македонците.50

(Продолжува)

34 Исто. Енциклопетија Британика

35 Исто.

36 Исто. Опознана статуя детей Клеопатры и Марка Антония – Идентификувана статуа на децата на Клеопатра и Марк Антониј (https://argumenti.ru/world/2012/04/173373)  

37 Енциклопедија Британика

38 Исто. Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,…

39 Исто.

40 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua maceonica – посебни изданија, Скопје 1997, 182, 183.

41 Исто, 183, 184.

42 Душко Темелкоски – Пјер Жуел, Антички македонски штитови од Пелагонија, Прилеп 2007, 14-27. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 37 – 40.  

43 За наодите од Охридско-струшкиот регион од селото Корошиште неодамна беше објавено во голем број медиуми, а нив ги претставија и археолозите, кои вршеа ископување на локалитетот, „Расница“.

44 Наде Проева, Студии за античките Македонци, …, 184, (Max. Tyr., Philos., II, 8).

45 Херодотова историја, превод од грчки Милан Арсениħ, Матица српска, Нови Сад 1988, 279, 280.

46 Исто. Наде Проева, Студии за античките Македонци, …, 184.

47 Наде Проева, Студии за античките Македонци, …, 184, 185, (Polyb. VII, 9).

48 Исто, 185, (Аријан, Anab. III, 76; Диодор., XII, 89; Q. Curt. Ruf., IX, 1), Филип V (Т. Лив., XI.,22)

49 Исто, (Плут. Мор. 360).

50 Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,…