ЕГИПЕТСКИОТ КРАЛ (ФАРАОН) ПТОЛЕМЕЈ СОТЕР ОД МАКЕДОНСКАТА ЛОЗА СЕ ИЗЈАСНУВАЛ КАКО МАКЕДОНЕЦ

Својот идентитет, Македонец, Птолемеј I го врежал на камен споменик во Олимпија

По смртта на Александар III Македонски и поделбата на Македонската империја меѓу неколку негови генерали, кои станале кралеви на делови од Империјата, со Египет завладеал еден од неговите најблиски другари и генерал во неговата војска, Птолемеј, познат како Птолемеј I Сотер. По смртта на Александар, тој успеал да завладее со Египет како крал, а од 07.11.305 година пред нашата ера до 283 г.п,н.е. владеел како Фараон. Всушност, тој е родоначалник на македонската династија Птолемеиди, кои владееле со Египет близу три века, односно до 30 година пред нашата ера, до кога со Египет владеела Клеопатра VII, која е последниот потомок на Птолемаидите – фараон на Египет. Птолемеј бил син на Лаг (Страбон, книга 7, глава 3, 8 … ) и Арсиноја. Според античките автори, на кралевите на Египет од македонско потекло,  „им се допаѓало да ги нарекуваат Македонци, што всушност и биле“.1 Исто така, некои од авторите тврдат дека освен последниот од Птолемеидите, кои владееле со Египет, Клепатра VII, другите македонски кралеви во Египет не се ни потрудиле да научат египетски јазик.2

Карта на Империјата по поделбата – по смртта на Александар

Првиот од египетските кралеви од македонската лоза Птолемеиди, Птолемеј I, бил еден од блиските другари на Александар III Македонски, кој бил воспитуван заедно со него во македонскиот кралски двор, а Македонците тврделе дека тој е и негов брат по мајка, бидејќи татко му на Птолемеј, Лаг, се оженил со Арсиноја, конкубина на Филип II.3 Имено, како што тврделе Македонците, мајката на Птолемеј, Филип му ја дал за жена на Лаг кога таа веќе била трудна.4

Птолемеј I Сотер – Лувр

            Птолемеј е еден од најверните другари на Александар кого, по смртта на Филип II, го поставил за врховен телесен чувар.5 Птолемеј направил големи подвизи во битките во Азија, а во некои од нив му го спасил и животот на кралот. По смртта на Александар, тој вложил посебни напори за присвојување на Египет и одиграл голема улога во поделбата на Империјата. По смртта на Александар, Птолемеј го убил сатрапот на Египет, Клеомен, кој бил поставен од Александар, бидејќи сметал дека Клеомен му е наклонет на Пердика и дека, поради тоа, не му е верен.6 Македонците, кои биле определени да го однесат мртвото тело на Александар во кралските гробници во Еге (Ајга) во Македонија, ги наговорил да му го предадат телото. Мртвото тело на Алаксандар, тој го погребал според македонските обичаи во градот Мемфис.7 Во битките, кои ги водел, со другите македонски првенци, Пердика, Антигон, Деметриј и други, Птолемеј успеал да го сочува Египет како свое кралство.8 Павсанија го споредува Птолемеј со Филип II, таткото на Александар, упатувајќи на тоа дека и тој бил љубител на жени, слично на Филип. Имено, Павсаниј пишува: „Ако Птолемеј навистина бил син на синот на Аминта, Филип, сигурно од татко му ја наследил неумерената страст кон жените. Додека бил оженет со Евридика, ќерка на Антипатар, со која имал деца, се заљубил во Береника, која Антипатар ја испратил со Евридика во Египет. Од оваа жена му се родиле деца и кога му се наближувала смртта, кралството во Египет му го оставил на Птолемеј, по кого една фила во Атина го добила името, и кој бил син на Береника, а не на ќерката на Антипатар.“9

Птолемеј I Сотер – како фараон – Британски музеј

            Својата определба како Македонци, некои од кралевите на Египет од лозата на Птолемеите ја врежувале и на камен. Тоа, особено, се однесува на првиот крал од таа лоза, Птолемеј I Сотер. Кога се работи за самоспознанието на македонската лоза кралеви, односно, фараони во Египет, интересен е еден споменик за кој пишува Павсаниј. Тој се наоѓа во Олимпија. Еве што пренесува Павсаниј: „Многу блиску до Дамиск стои некој човек, чие име не се споменува, а тоа е дар од Птолемеј, синот на Лаг. На натписот Птолемеј себе си се нарекол Македонец, иако беше крал на Египет.“10

Александриската библиотека основана од Птолемеите

            Кога се работи за традицијата на името Птолемеј, тоа е изгледа многу често име кај Македонците. Имено, во македонската војска на Александар имало, дури, шестмина со име Птолемеј. Такво име носи и еден од кралевите на античка Македонија,11 кој владеел кратко, некаде на почетокот на 4 век пред н.е.12  

Претстава на Птолемеј I во Египет

1 Pauzanija, Vodič po Heladi, logos, Split 1989, 504.

2 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua macedonica, Skopje 1997, 82.

3 Pauzanija, Vodič …, 25. Страбон, Географија, , книга 7, Белешки, 131 и 132.

4 Pauzanija, Vodič …, 25.

5 Arijan, Aleksandrova vojna (Anabaza), Matica hrvatska, Zagreb 1852, 112.

6 Pauzanija, Vodič …, 25.

7 Исто.

8 Исто.

9 Исто, 26.

10 Pauzanija, Vodič …, 291.

11 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, македонска цивилизација, Скопје 1994, 36.

12 Диодор, Фрагмент 15.