НАЈГОЛЕМИОТ И НАЈЗНАЧАЕН ГЕНЕРАЛ НА ФИЛИП ВТОРИ И АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ, ПАРМЕНИОН, ВЕРОЈАТНО БИЛ ПОСЛЕДНИОТ КРАЛ НА ПЕЛАГОНСКОТО КРАЛСТВО

Кој е големиот Филипов и Александров војсководец Парменион?

Парменион по возраст бил постар и од татко му на Александар Трети  Македонски, Филип Втори Македонски, бил роден околу 400 година п.н.е и бил еден од најистакнатите генерали уште во војската на Филип. Тој водел голем број битки уште пред заминувањето во Азија, особено со Илирите, Дарданците и Трибалите, кои често вршеле напади во Македонија. Како што претпоставува Елис, тој изгледа имал големо искуство во војните со споменатите племиња, бидејќи потекнувал од кралството Пелагонија, чија територија се граничела со територијата на Илирите, а врз него напади вршеле и споменатите Дарданци, кои влегувале од север, преку превојот Барбарас и другите премини на планината Бабуна, Дервен и Плетвар кај Прилеп и преку други места.

Филип II римска копија од постар оригинал – Копенхаге

Од она што може да се дознае од античките автори, изгледа дека Парменион имал најмалку тројца синови,1 од кои двајцата се Филота и Никанор кои, исто така, биле војсководачи во војската на Александар Македонски,2 а името на третиот син не нѝ е познато. Имал и, најмалку, една ќерка, која во 337 година се омажила за Атал, македонски големец, кој и бил чичко на една од жените на Филип, Клеопатра.3 На едно место кај Аријан се споменува дури и син на извесен Филота, па доколку се работи за Филота, синот на Парменион, тогаш семејството се проширува и со еден од неговите внуци. Се работи за синот на Филота, Асандар, кој Александар го оставил во Лидија во Мала Азија да раководи со оваа област и „другите региони од управата на Спитридат“.4

Македонија во 336 г.п.н.е.

Кај Аријан, едниот од синовите, Филота, за првапт се споменува за време на битката на Александар против Тракијците кога пленот им го предава на Лисаниј и Филота за да го продадат.5 Филота, инаку, бил командант на македонските коњаници, кои биле 1500 на број.6 Со својата коњаница, тој е присутен, речиси, во секоја битка на Александар уште од битките на Балканот. Една од тие битки е и битката со Илирите од 335 година во која Александар ја води војската по течението на Црна Река (Еригон) до градот Пелиј кај денешниот Девол во Албанија.7

Една од првите задачи на Парменион во походот на Азија била да ги префрли мнозинството на пешадијата и коњаницата од војската од градот Сест на Балканот, во градот Абид, најјужното место на Хелеспонт.8  Парменион повторно го среќаваме во битката на реката Граник, каде го води левото крило на војската за напад. Пред битката на Граник се случила еден интересен разговор меѓу него и Александар. Имено, Парменион му се обратил со следниот предлог: „Мене ми се чини, кралу, дека би било добро – според сегашната положба – да удриме табор на брегот на реката вооружени, како што сме. Бидејќи непријателите со копнената војска се послаби, мислам дека нема да се осмелат да ноќеваат близу до нас. Затоа, во раните зори, војската лесно ќе може да прејде. Значи, ние ќе прејдеме пред тие да се постават во боен ред. А сега, мислам, дека не можеме без опасност да се зафатиме со таа работа, бидејќи не е можно со челото напред да се води војската низ реката. Имено, во реката се гледаат многу длабочини, а другиот брег, како што гледаш, е многу висок и стрмен. Ако пристапиме на брегот без ред и во колона, каде положбата е најслаба, ќе не нападнат непријателските коњаници во густо затворен ред. Првиот пораз е штетен не само за сегашните услови, туку е опасен и за решението на целата војна.9

Битката на реката Граник

На ваквиот совет од Парменион Александар одговорил: „Го гледам јас тоа Парменионе, но би се срамел, кога лесно го преминав Хелеспонт, тој мал поток – така, со презир се изразил за Граник – да не спречи да преминеме преку него без премислување. Сметам дека тоа не е во согласност, ниту со славата на Македонците, ниту со мојата храброст во опасностите. Мислам дека Персијанците ќе се охрабрат како да се рамни на Македонците во бојот, бидејќи досега не ги снашло ништо поради што би требало да се плашат.10 Потоа, го испратил Парменион на левото крило, а самиот го водел десното.11 Овде, ги среќаваме двајцата синови на Парменион како војсководачи. Имено, Алкесандар го поставил Филота на чело на десното крило со доверливите на коњи и со стрелците, како и агријанските копјаници, зад нив во стројот ги наместил Аминта, синот на Арабеј, со коњаниците и копјеносците, со Пајонците и коњаничката ила на Сократ, а близу до нив биле наредени штитоносците на доврливите со кои раководел вториот син на Парменион, Никанор.12  

Битката кај Ис – мозаик – Национален археолошки музеј – Неапол

Нема дилема дека возрасниот и искусен војвководец Парменион бил еден од најзначајните генерали во војската на Александар Македонски, кој раководел со голем дел од војската и, речиси, секогаш бил на чело на левото крило во битките, особено, оние против Персијците. Тоа, сепак, не значи дека Александар секогаш се сложувал со мислењето на својот војсководач, Парменион, во однос на начинот како да се водат тие. Старите автори забележале повеќе интересни полемики, кои се воделе меѓу овие двајца славни Македонци пред започнување на битка.  Една таква полемика меѓу нив се води и за време на битката за освојување на градот Милет, кој се наоѓа на брегот на Анадолија, во чија близина биле лоцирани голем број персиски бродови. Притоа, Парменион му советувал на Александар да нападнат со бродови, односно, го убедувал на поморска битка. На тоа го наведувал и еден знак, односно, спуштањето на еден орел на брегот, кој останал мирен со поглед свртен кон бродовите на Александар. Перменион сметал дека, доколку ги победат персиските бродови, оваа битка би била од голема корист за Македонците, а доколку изгубат во битката, тоа сепак не би било од особена штета, бидејќи Персијците секако владееле со морето. Александар не се сложувал со ваквиот предлог, бидејќи сметал дека изложувањето на Македонците, искусни во копнени битки, на несигурно тло во поморска битка е непромислен потег, поразот би создал лош углед за оваа војна, а тој би ги поттикнал и Хелените на побуна.13

Македонската фаланга во напад

Во битката за Милет, посебна улога одиграл синот на Парменион, Филота, кого Алаксандар го испратил со коњаница и три одреди пешаци до Микала за да ги спречи Персијанците да слезат од бродовите. На тој начин тие биле нефункционални во битката и со бродовите отишле на островот Сам.14 Филота овторно го среќаваме и во битката за Халикарнас, каде неговите војници содејствуваат со војниците предводени од командантот Хеланик.15

Парменион го среќаваме и при апсењето на еден заговорник, кој во дослух со царот на Персија, Дариј, се нафатил да го убие Александар за што му било ветено дека ќе биде поставен за крал на Македонија и ќе добие илјада таланти во злато. Заговорникот бил Александар, син на Европ. За заговорот дознал Парменион и уловувајќи еден од заговорниците и испраќајќи го до својот крал, целиот заговор пропаднал, а бил уловен и главниот заговорник, Александар, синот на Европ.16

Се чини дека Парменион многу се грижел за животот на својот крал, Александар и преземал чекори за да го заштити. При едно тешко заболување на Александар во Киликија, кога Александар го мачат силни грчеви и болки во стомакот, а сите доктори сметале дека нема лек за него, се нафатил да го излекува неговиот искусен доктор Филип, во кого имал најмногу доверба. Тој сметал дека ќе го излечи со лек за прочистување, убедувајќи го да има доверба во него. Во таков момент на Александар му било доставено писмо од неговиот војсководец Парменион да не му верува на докторот Филип, зашто слушнал дека е договорен со Дариј за да го отруе. Александар, сепак, прифатил да ја испие течноста од чашата која му ја понудил неговиот доктор и успеал да оздрави.17

Претстава на болниот Александар и читање на писмото од Парменион

Во битката кај Ис, еден од синовите на Парменион, Никанор, со телесната стража и штитоносците, кои ги раководел тој, бил поставен на десното крило со кое раководел Александар, додека целото лево крило, повторно, било под команда на Парменион.18 Овој факт упатува на значењето на целото семејство на Парменион, односно на улогата на Парменион и неговите синови во војната на Александар против Персија и освојувањата во Азија.

Според информациите добиени од Аријан, Парменион бил ангажиран и за собирање, односно, одземање на богатството на Дариј по битката кај Ис. Имено, Дариј добар дел од своето богатство, бегајќи од Ис, го испратил во Дамаск, од каде го одзел Парменион каде бил испратен со таква задача.19

Различните ставови кај Александар и Парменион во однос на војната со Дариј се потенцирани на повеќе места кај античките автори. Еден од таквите примери е и ставот во однос на еден предлог за мир од страна на Дариј. Имено, уште за време на повеќемесечната опсада на војската на Александар на градот Тир, Дариј испратил свои пратеници со писмо до Александар во кое, за својата мајка, жената и децата, кои Александар ги заробил во битката кај Ис, му нудел  дест илјади таланти злато, да му ја отстапи целата своја земја од оваа страна на Еуфрат, се до „хеленското море“, Александар да ја земе за жена неговата ќерка и да му биде пријател и сојузник. Кога ваквата понуда дошла во собранието на „доверливите“, се велело дека Парменион на Александар му рекол дека, кога би бил тој Александар, би ги прифатил понудените услови, би ја завршил војната и не би се изложувал повеќе на погибија. На ваквиот став на Парменион, Александар му возвратил дека и тој, Александар, кога би бил Прменион, би постапил како него, но бидејќи е Александар ќе постапи, како што му одговорил на Дариј, односно, дека не му требаат пари од него и дека нема  да прими дел од земјата место целата земја, а за да ја земе неговата ќерка за жена, тоа може да го направи и без тој да му ја даде.20

Битката кај Ис

Сличен е и примерот од битката кај Гавгамела, кога Парменион дошол во неговиот шатор и му дал совет да ги нападне Персијанците ноќно време, со што ќе им внесе поголем страв, кога не би очекувале напад . На тоа Александар му одговорил: „Александар мора да победи отворено и без лукавство. Срамота е да се украде победата.“ Како што вели Аријан, овој разговор, го слушнале повеќемина од блиските соработници на Александар.21

Во бојните редови на војската на Александар, семејството на Парменион, односно, тој и неговите двајца синови имале значајни улоги. Со целата коњаница од „доверливите“ командувал Филота, а до првата телесна чета од штитоносци била поставена четата штитоносци со која командувал Никанор, додека Парменион, вообичаено, командувал со целото лево крило на војската.22 Овде, од Аријан, добиваме еден податок, кој го среќаваме само на ова место, од кој дознаваме дека и таткото на Парменион се викал Филота, зашто споменувајќи го фактот за командата со левото крило, Аријан изнесува податок дека Парменион е син на Филота.23

Во екот на битката постоела активна врска меѓу левото и десното крило, па така, кога во еден момент, крилото на Парменион се нашло во незгодна положба, тој испратил гласник до Александар за помош, на што кралот брзо реагирал.24

Мапа на походите на Александар Македонски

Парменион и неговите синови учествувале и во следните битки на Александар, меѓу кои и во освојувањето на големата престолнина Персепол и на Пасаргада каде Александар запленил огромно богатство и го запалил кралскиот дворец, како и во походите против Дариј во Медија и Бактрија. Парменион во тоа време имал задача да го пренесе богатството до Егбатана и да му го предаде на Харпал, кој бил поставен да управува со кралското богатство, а потоа, на чело на платениците, Тракијците и други делови од војската, да замине за Хирканија.25

Во текот на 329 година п.н.е. Александар со својата војска оди кон Бактрија и токму во тоа време, според Аријан, односно во текот на 329 година, од извесна болест починал едниот син на Парменион, Никанор.26

Александар о битката кај Ис – мозаик од Националниот археолошки музеј во Неапол

Не бил далечен крајот ниту на преостанатите двајца од истото семејство, односно на Парменион и неговиот втор син, Филота. Набрзо по смртта на Никанор, Александар дознава за извесна завера против него во која бил заплеткан и Филота. Тој бил изведен пред суд, каде признал дека знаел за заверата и тоа било основа да биде осуден. Неговата вина произлегувала од фактот дека тој за заверата не го информирал Александар, иако двапати дневно влегувал во неговиот шатор. Така, Филота завршил со својот живот, а набрзо потоа Александар ги испратил Полидамант, Клеандар, Ситалк и Менид во Медија, каде се наоѓал Парменион, па тие го убиле и него, поради тоа што Александар сметал дека, веројатно, и тој е учесник во заверата или, пак, сметал дека е опасно да остане жив по убиството на неговиот син Филота.26 На тој начин, завршил со својот живот еден од најдоверливите генерали на Филип Втори, како и еден од најзаслужните команданти на Александар Трети за освојувањата на Истокот. За време на убиството, тој бил во повозрасни години, според некои, над седумдесет. Всушност, Парменион бил постар и од таткото на Александар, Филип и во војската поминал долг живот, полн со битки, победи и освојување територии и кралства.

Империјата на Александар Македонски

КАРАКТЕРОТ НА ФИЛОТА

За карактерот на едниот од синовите на Парменион, Филота, посебно внимание посветил Плутарх. Тој го опишува како човек, кој „меѓу Македонците уживал голема почит“, бидејќи важел за храбар и истраен војник, но и многу дарежлив како човек кој поседува богатство. При еден случај, кога еден негов познаник побарал од него пари и наредил да му се даде, а неговиот ризничар рекол дека нема, Филота му се обратил: „Што зборуваш, зарем нема некаков пехар или наметка?“ Плутарх изнесува и една друга особина од неговиот карактер, односно, дека бил многу „подуен и се гордеел со своето големо богатство, се расфрлал со облекување и однесување, така неугледно, како што не му доликува на обичен човек.“ Поради тоа, еднаш, го опоменал и неговиот татко, Парменион, кој му рекол: „Синко, биди ми малку поскромен!27

Претстава на Филота

Плутарх раскажува и еден случај при кој Филота немарно и со потценување се однесувал и кон самиот крал Александар, кого го нарекувал дерле, кое само ним, нему и на неговото семејство треба да им заблагодари за своето кралско име. Вака се изразувал фалејќи се пред извесна Антигона, која потекнувала од Пидна и се нашла меѓу зробениците од битката со Дариј во Киликија, кога кај Дамаск персиската комора паднала во рацете на Македонците. Таа била симпатична и Филота ја задржал за себе. Токму преку неа гласот стигнал до блиските луѓе на Александар, како што бил Кратер, па тој ја довел пред Александар. Откако ја сослушал, Александар ѝ наредил и натаму да се дружи со Филота, но да го известува за сѐ што е оврзано со него. По подолго такво следење, се случило да биде разоткриен извесен човек по име Лимно, кој ковал завера за убиство на Александар. При обидот Лимно да биде фатен, тој се бранел и притоа бил убиен. По овој случај сомнежот дека во заверата учествувал и Филота бил подгреан, особено со подгревање од страна на блиски луѓе на кралот, кои го мразеле Филота и најпосле бил фатен и измачуван. Потоа следело и неговото судење и извршување на смртната казна.28

ПОТЕКЛОТО НА ПАРМЕНИОН ОД КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО НА ПЕЛАГОНЦИТЕ – Парменион како име во Пелагонија

Користејќи извесни историски податоци поврзани со животот и дејноста на античкиот македонски војсководец Парменион, Р. Џ. Елис упатува на можност за негово потекло од кралското семејство на Пелагонија.29 Елис не ја исклучува, дури, и можноста дека Парменион бил крал на Пелагонија до Филип,30 а со Филип, значи по 359 година, тој станал еден од неговите главни стратези и вој­ско­водачи и учествувал, речиси, во сите поважни битки. Се претпоставува дека, некои големи и успешни битки, се всушност, негово дело. Една таква се смета битката на Филип II со Илирите во 356 г. п.н.е., која се водела токму некаде во Пелагонија, во до­лината на Еригон (Црна Река),31 значи во татковината на Парменион, во која загинале 7 000 Илири. Илирите, како племе, кое живеело на запад од Пелагонија, се граничеле со оваа област и сосема е веројатно дека Парменион имал и поранешно искуство со нив. Во времето на споменатата битка крал на Илирите бил Граб, кој влегол во соју­зот кој го предводела Атина, а во кој влегол и пајонскиот крал Ликеј и тракискиот крал Кетрипор. Вештиот дипломат и воен стратег, кралот на Македонија, Филип II, не му дал време на овој сојуз да собере војска против него, туку веднаш го испратил неговиот голем војсководач Парменион против Илирите и кралот Граб. Овие инфор­ма­ции ни се познати, пред се, благодарение на античкиот автор Диодор.32 Дали и успехот во битката не се должи на познавањето на теренот од страна на Парменион, како и неговото претходно искуство во одбраната на Пелагонија од западните племиња?33

Кралската гробница меѓу селата Бонче и Подмол, Прилепско

По смртта на Филип, Парменион е еден од главните војсководачи во војската на неговиот син Александар Македонски. Кралството Пелагонија како самостојно или со де­лум­на автономија, опстојувало од непознат датум кој допира во праисторијата до неговото завладување од страна на Аргеадите, маке­дон­ска­та кралска династија од времето на кралот Филип II Македонски (359–356 г. п.н.е.). Доколку се потврди прет­поставката дека Парменион е Пелагонец од кралската куќа на Пелагонците, може да се претпостави дури и дека гробницата кај селото Подмол може да има врска со оваа личност, Особено со неговите претци. Според податокот од Аријан, во кој Парменион е претставен како син на Филота,34 може да се претпостави дека тој, всушност, е еден од кралевите на Пелагонското кралство. Доколку се прифати како можен факт, Филота би бил крал на Пелагонското кралство во времето пред доаѓањето на Филип, а во негово време, кралот на ова кралство би бил неговиот син Парменион. Особините на личноста на Филота, синот на Парменион и војсководец на Александар, за кои пишуваат античките автори, односно, надменоста, горделивоста и слободното однесување,35 дури и пред самиот крал, Александар, одат во прилог на високото потекло на семејството на Парменион.

Традицијата на поставување имиња на претци кај македонските кралски династии е познат и докажан факт. Всушност, таа традиција е присутна и кај обичните семејства, не само кај Македонците. Сепак, во недостаток на други податоци за постоење на личност со такво име, поврзана со историјата на Пелагонците, постоењето на крал на Пелагонското кралство со име Филота, останува само на ниво на претпоставка.

Монета на Филип II

Дека, пак, гробницата меѓу селата Бонче и Подмол им припаѓала на највисоките претставници на Пелагонското кралство не треба да се сомневаме, како што не треба да се сомневаме дека и самиот центар на Пелагонците и нивното Пелагонско кралство бил во нејзина близина. Исклучителниот потенцијал материјална култура кој се крие на двата локалитети, „Висока” и „Старо Бонче“, како и археолошката слика од пошироката околина се голем аргумент во прилог на оваа констатација.36 Археолошката разработка на овој простор може да доведе до откривање на такви вредности на материјална култура, кои би можеле да бидат вистинско културно и цивилизациско откритие, но и податоци за животот во тоа старо кралство, како и за значајни личности во тоа општество и во таа култура.

Кога сме кај археологијата, интересно е едно мало истражување, кое го направивме со разгледување на имиња на натписите на епиграфските споменици од Пелагонија од античкиот период. Добивме интересни информации за тоа дека името Парменион претставува своевидна традиција на примена во оваа област. Лица со такво име, односно граѓани на антички населби, среќаваме на повеќе места во Пелагонија. Лице со тоа име Парменион, се среќава на натпис од мермерен споменик со потекло од селото Прилепец, кај Прилеп, каде се констатирани остатоци од античка градска населба.37 Целото име на овој граѓанин од римскиот период во Македонија е Маркијан Јулијан Парменион и потекнува од римскиот царски период.38 Граѓанин со такво име живеел и во античкиот град кај Прилеп, кој според извесни податоци се викал Керамија. Споменикот со натпис на кој се среќава име Аурелиј Парменион е пронајден во Прилеп и се чува во Музејот на град Скопје. Тој претставува надгробен споменик на споменатиот граѓанин, а од натписот се дознава и тоа дека тој бил воено лице, старешина со титула стотник, односно, водач на единица од сто војници.39

Златен статер на Александар Македонски од 323 п.н.е. – Мемфис

Повеќемина граѓани со име Парменион среќаваме и во античкиот град Стибера, кој се наоѓал на просторот меѓу денешните села Чепигово и Тројкрсти, Прилепско. Таму вакви имиња има на два споменика со список на имиња, кои денес се наоѓаат во Музејот на град Скопје. На првиот споменик, покрај големиот број други имиња, се среќава граѓанин на Стибера со име Зоил(ос) и презиме Парменион(ос), датирано во 107/8 година на нашата ера.40 На вториот споменик се среќаваат дури две слични имиња, кон средината на списокот Парменион Теогејтон(ос),41 а при крајот само едно име Парменион(ос).42 На истиот споменик, во списокот на имиња се среќава и лице со име Филота(с) Никархон,43 кон втората половина на списокот, како и едно Филота, при крајот на списокот.44 И овој споменик се датира во првиот век на нашата ера.45

Среќавањето повеќе имиња кои го носат името на големиот војсководец Парменион, како и на неговиот син Филота, претставува извесна индиција за можноста дека тие воделе потекло од Пелагонија, односно, биле Пелагонци, а со тоа, се доближуваме и до можноста дека биле членови на кралската куќа на Пелагонците, чија кралска улога прекинала со припојувањето на нивното кралство кон кралството Македонија со доаѓањето на власт на Филип Втори Македонски. 

ХРАМ НА ВОДАЧОТ НА АРГОНАУТИТЕ, ЈАСОН, ВО АБДЕРА ИЗГРАДЕН ОД ПАРМЕНИОН

   Дека Парменион е исклучително значајна личност во македонското општество во времето на Филип Втори и Александар Трети, освен неговите високи позиции во војската на овие македонски кралеви, може да се поткрепи и со други аргументи кај античките автори. Така, кај Страбон е заведен еден податок дека Парменион му изградил храм во Абдера на митскиот јунак Јасон, водачот на трагачите по златното руно, односно, „капетанот“ на бродот Арго, со кого тие отишле во потрага, поради што се познати како Аргонаути. Нивниот пат зпочнува од Јолк, во кралството на таткото на Јасон, Ајсон, а завршува во Колхида, кралството на неговиот чичко, Пелиј, син на Посејдон, кој ова кралство со итрина го зел од таткото на Јасон. Во придружбата на Јасон биле 50 ДО 60 јунаци, меѓу кои Херакле, Орфеј и други митски јунаци од просторот на југот на Балканот.

Документ од времето на Александар Македонски од Бактрија

Веројатно е дека Парменион живеел со приказните за овие митски јунаци и нивните подвизи, па од почит кон еден од нив, односно, кон нивниот водач Јасон, му подигнал Храм во градот Абдера, кој се наоѓал на брегот на Егејското Море во Тракија. Денес, на местото на овој познат антички град постои село Абдера.

„За тој поход на Јасон сведочат и спомениците на Јасон, од кои некои биле подигнати од господарите на областа, исто како храмот на Јасон во Абдера, кој е изграден од Парменион.“46

 

1 Аријан, 39, 40. Плутарх, Александар Македонски, 165.

2 Аријан, 39, 40.

3 Р.Џ. Елис, 303, 304.

4 Аријан, 45.

5 Аријан, 19.

6 Исто, белешка 12.

7 Исто, 24.

8 Исто, 35.

9 Исто, 38, 39.

10 Исто, 39.

11 Исто.

12 Исто, 39, 40.

13 Исто, 47, 48.

14 Исто, 49.

15 Исто, 53.

16 Исто, 57, 58.

17 Исто, 69, 70.

18 Исто, 75, 76.

19 Исто, 81.

20 Исто, 100.

21 Исто, 117, 118.

22 Исто, 120.

23 Исто.

24 Исто, 125.

25 Исто, 131 – 137.

26 Исто, 144.

27 Плутарх, 162, 163.

28 Исто, 163 – 165.

29 Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, превод Свето Серафимов, Мисла, Скоп­је 1988, 81.

– Елис посочува еден необјавен истражувачки ракопис на Ц. Ф. Едисон под наслов “Кој бил Парме­нион?” во кој овој автор сугерира дека Парменион потекнува од владејачкото семејство на Пелагонија.

– Имајќи ги предвид историските и археолошките податоци, Елис изведува заклучок дека некои високи личности од Пелагонското кралство не се сложиле со анектирањето на Пела­гонското кралство кон Македонија и затоа во следниот пери­од се нашле во други кралства, значи избегале. Така, споменатиот Менелај Пелагон, чие име се среќава на еден натпис на мермерна плоча, во 350 г. п.н.е. веќе не живее во Пелагонија. Тоа укажува на фактот дека тој не се сложувал со анектирањето на Пелагонија во Македон­ското кралство.

30 Исто.

31 Исто.

32 Елеонора Петрова, Историја на Пајонија и нејзините односи со античка Маке­донија, Маке­дон­ско наследство, списание за археологија, историја, историја на умет­носта и етнологија, Македонска цивилизација, Скопје 1996, 14.

33 Исто, 78, 79.

34 Види белешка 23.

35 Види белешка 27.

36 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 140 – 143. Истиот автор, Древна Пелагонија I, Рзиница – Прилеп 2009, 15 – 58.

37 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 69 – 90.

38 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiac, Pars II, INS­KRIP­TIONES MACEDONIAE, Ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Sualterus de gryuter, Berolini.Novi Eboraci MIM, 90.

39 Исто, 101.

40 Исто, 156.

41 Исто, 158.

42 Исто, 159.

43 Исто, 158.

44 Исто, 159.

45 Исто, 157 – 159.

46 Страбон, Географија, книга 11, глава 14, 12.