КУЛТНАТА ХИДРОЦЕНТРАЛА „ЧЕБРЕН“ И АКТУЕЛНАТА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА

Нема сомневање дека планираната хидроцентрала на локалитетот „Чебрен“ на Црна Река во Мариово стана вистински култ. Со најновата енергетска криз во Македонија се актуелизира проблемот со нејзината (не)изградба. Култот за неа живее повеќе од половина век. Како амбициозен проект, кој ќе биде основа и поттик за развој на пошироката област, па и проект кој е значаен за целата држава е започнат уште во педесеттите години и уште тогаш се направени покрупни зафати, при кои биле потрошени и завидни средства за пробивање патишта по бреговите на Црна Река, како и ископ на неколку тунели во бреговите, кои биле почетен зафат за изградба на хидроенергетскиот комплекс. За жал, уште тогаш, некој од факторите затаил или не бил на ниво на задачата, па проектот и денес е во таа почетна, па дури и во пониска фаза.

            На почетокот се најавуваше како навистина амбициозен проект, како една од највисоките брани во Европа (197,5 m), со акумулација од завидни размери и должина, проект кој ќе ја подобри енергетската состојба во Македонија и ќе значи севкупна економска промена во областа Мариово, како и крупен проект на ниво на Македонија. Беа планирани сите потребни ресурси за изградба, придружни објекти населба за големиот број работници и сл. „Култот“ продолжи да живее и да се развива во текот на следните децении, одвреме-навреме се креваше на висок пиедестал, речиси, пред реализација, но остана на самиот почеток.  Во поновиот период беа направении извесни измени на проектот, па од „една од највисоките брани“ стана брана со средна висина, околу 145 m. Како таква ја „градеа“ неколку последователни власти. Освен стручни, во јавноста кружеа и голем број народни и паушални информации, а со тоа „култот“ доби на „значење“.

            На еден Конгрес на Комитетот за големи брани на Македонија одржан во хотелот Дрим во Струга, посебна распарава предизвика настапот на еден од учесниците, Василе Соколоски од Прилеп, кој презентираше сосема поинакво решение на хидроенергетските потенцијали на Црна Река. Имено, тој се обиде да образложи една своја визија за изградба на поголем број помали брани и хидроцентрали со помал капацитет, како  најсоодветно решение и искористување на водите на оваа река. Во расправата се вклучија голем број стручњаци од Македонија, но тоа беше само уште една епизода, повторно, дел од „култот“ „Чебрен“ и остана на тоа.

Поглед кој местото определено за изградба на браната „Чебрен“ откај селото Манастир

            „Чебрен“, особено, станува актуелен пред изборите, во изборните кампањи, без да биде изоставен како „ресурс“ на политичките ангажмани и ветувања, кога „култноста“ на овој проект доживува врв. За време на овие кампањи, хидроцентралата „Чебрен“, како и „Галиште“ (двете хидроцентрали беа ставани во пакет), речиси, беа „изградени“. Тоа се случи и за време на кампањата на сегашната власт која, всушност, ја „градеше“ за цело време на своето владеење, односно, овој проект беше еден од крупните проекти за реализација за време на нивното владеење, но сѐ остана на почетно ниво, со пробиените патишта по бреговите на Црна Река меѓу селата Манастир и Бешиште од десната и селото Чаниште од левата страна на реката. На местото планирано за браната останаа да зјаат неколкуте тунели пробиени по двата брега, долги и по стотина метри. Останаа покусо за еден крупен роект и областа Мариово, но и Македонија, која често се соочува со недостаток на енергија и е приморана да троши стотици милиони ева за да го надомести недостатокот. Којзнае, ако се направи есап, што било поисплатливо – да вложи средства до буџетот за да го изгради „култниот“ проект или да се трошат тешко заработени пари од буџетот за купување струја од странство.  Тоа им го оставаме на подобро запознатите и стручните во оваа област и затоа застануваме тука.

            Актуелната енергетска криза, која е една од најсовремените кризи, кои ѝ се случуваат на Македонија го актуелизира „култот“ „Чебрен“ и не предизвикува на размисла што ќе беше со неа ако „култот“, место „ресурс“ за доаѓање на власт станеше реалност многу порано, но нема да продолжиме со такви претпоставки, зашто „Чебрен“ е „жив“ и, секако ќе биде еден од столбовите и на идните кампањи на пропагандистите за власт.

Манастирот „Чебрен“ си Црна Река