ШЛАКАНИЦА
(или за денешната трагедија и цементно-азбестните водоводни цевки во прилепската водоводна мрежа)
Едно е јасно: денешните едукативно-образовни и морални вредности, веројатно, изгубиле секаков контакт со нивните пандани од минатото. Еве, на пример, од пред 40-50 години. Порано често се користеше како пример (кога се работи за одговорноста) една воспитна „мерка“ , која има превентивно дејство за да не се случи грешка, односно, да се биде приправен и вистински да се одговори на задачата. Имено, кога таткото го испраќа детето на некоја задача, пред да се раздели од него, му удира една шлаканица. На прашањето зошто, тој му објаснува дека тоа е потребно за да внимава и да не згреши во извршувањето на задачата, зашто, доколку згреши, штетата може да биде далеку поголема од шлаканицата, а и казната може да биде далеку поголема од таа, една, шлаканица. Сепак, колкава и да е казната потоа, веќе е залудна. Грешката е направена, штетата е завршена работа. Денес воспитно-образовните мерки и моралните принципи се сосема поинакви. Децата, со право, се повеќе заштитени од нивните воспитувачи – учителите и родителите, зашто физичката казна како едукативна мерка е недозволива и санкционирана со закон. Сепак, нема ли потреба од шлаканица денес?
Горниот пример го изнесовме со друга намера. Имено, на тоа не наведе денешниот ден (23.11.2021 година) кога ме допреа две негативни информации. Едната беше за настан од кој беше трогнат, речиси, целиот свет – големата трагедијата со македонскиот автобус во Бугарија, во која загинаа дури 46 патници, а 7 завршија со потешки или полесни повреди. Никој не може да ги утеши директно погодените. Никој со душа не може да остане рамнодушен. Тешко е да се најде збор, а да биде доволно силен за утеха. Сепак, ништо не завршува тука. Тркалото на животот и настаните не застанува и останува одговорноста за лошо извршената задача. Во случајот, за трагично завршената. Прашањето е: Имаше ли шлаканица пред испраќањето на задачата? Или имаше гледање низ прсти, замижување, импровизирани технички прегледи, непоседување потребни документи и дозволи и слични неправилности? Некои медиуми објавија „лажни“ информации за канти со бензин – за практика на тргување со бензин во канти, кои се пренесувал во празните простори на автобусите – лажни ли се? Ете, една мала шлаканица, можела многу да ги смени нештата. За жал, таа отсуствува поради изменетите принципи изменетите морални вредности и воспитно-образовните методи. Променетите методи на проверка и контрола!!!
Вториот настан е од градот во кој живеам. Денес, 23.11.2021 година се санираше големо оштетување на водоводната мрежа во Прилеп. Некои од граѓаните бурно реагираа на повеќечасовното слабо снабдување со вода, со помалку или повеќе остри критики кон надлежните институции дека споро ги решаваат проблемите со водоводот и слично. Имаа ли право, нема да навлегуваме во тоа. Една збелешка поврзана со активностите за санација на проблемот многу повеќе не загрижи. Имено, известувачите за настанот, на повеќе пати споменаа дека на местто на кое се појавил проблемот се оштетени цементно-азбестните цевки од мрежата. Се досетувате ли што е предмет на нашето забележување? Азбестот, се разбира!
За отстранувањето на азбестните цевки од водоводната мрежа, меѓу другото, стануваше збор уште пред неколку децении, ако добро нѐ служи сеќавањето. Се говореше за потребата од замена на ваквите цевки во мрежата, зашто имаат опасно канцерогено дејство, но актуелната санација не потсети дека тоа не е направено. Можеби зашто е голем и скап зафат, можеби поради незалагање на големиот број гарнитури на власт, кои продефилираа овие неколку децении. Простете, малку сме запознати со оваа тема и нема повеќе да анализираме. Сепак, ќе потсетиме на штетноста на азбестот и сериозноста со која се однесуваат кон него во светот. Велат дека во некои земји, при неговото отстранување се преземале мерки, како при отстранување на експлозивни средства, авионски бомби или нуклеарни средства. Се лажеме ли? Какви последици имаат жителите на Прилеп од ваквиот однос кон азбестот кај нас ќе оставиме да се произнесат компетентни лица и компетентни надлежни институции. Нам, некако ни изгледа дека и двата споменати настани имаат допирни точки, меѓусебно и, секако, со споменатата шлаканица. Но таа за децата, не би ви ја препорачал, а оваа другата, која е во надлежност на граѓаните, на народот, може да биде препорачана. За веќе завршените работи, секако, е доцна, но за оние во иднина … .