ДВА ВИНАРНИЦИ ВО КАМЕН НА ЛОКАЛИТЕТОТ КАРАКАМЕН ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО ВОЛКОСЕЛО, ПРИЛЕПСКО
– ВИНАРНИК 1
На околу 5 км југоисточно од Прилеп и околу 0,5 км југозападно од селото Волкосело, на југоисточните падини на ридот Каракамен, на ниска карпа, речиси на рамниште со теренот, се наоѓа винарник во камен – двојно корито чии садови се исполнети со земја обрасната со трева. Винарникот има вкупна должина од околу 3,5 м и ширина од 0,9 до 1 м. Расположен е во правецот северозапад – југоисток. Винарникот бр. 1 се наоѓа во интересен амбиент од специфични форми на гранитни карпи, особено од северната и западната страна.
– ВИНАРНИК 2
Винарникот бр. 2 – Каракамен, се наоѓа на околу 400 м западно од селото Волкосело, Прилепско, а на околу 300 м јужно од локалитетот Каракамен. Тој е оштетен во долниот дел, односно, малото корито е сосема уништено, а денес од објектот останала само големата форма на корито, која е сосема отворена од долната – јужна страна. Неговата насока е, приближно, север – југ, а остатокот од објектот има должина од околу 2 м. Ширината на коритото е од 0,8 до 1 м и е со очистено дно. Во негова непосредна близина, од неговата западна страна има остатоци од извесен објект, како градежен камен, тегули, фрагменти од керамички садови и сл. Веројатно е дека овој објект се наоѓал во близина на извесна градба со ѕид од камен и покрив од керамика, односно, тегули и имбрекси. Освен градежната керамика, се среќаваат и фрагменти од керамички садови, кои упатуваат на извесно постојано присуство на луѓе во римскиот период и доцната антика. Можно е дека оваа градба била дел од населбата на Каракамен, односно, на ридот со карпест врв и рамна површина од северната и северозападната страна.
Интересно е дека двата винарници, односно винарниците бр. 1 и 2 се наоѓаат во непосредно опкружување на материјална култура од македонско-римскиот период и доцната антика, како и праисторискиот период. Особено е интересен локалитетот Каракамен, кој се наоѓа од северозападната страна, а на кој се среќаваат археолошки остатоци од повеќе периоди, однсоно, праисторискиот, македонскиот и римскиот период. Од јужната страна на винарниците се наоѓа остаток од извесна градба од римскиот период и доцната антика, односно, остатоци од тегули, керамика од садови, градежен камен и слично во, особено, нагласени количества.
Во блиската околина на споменатите винарници можат да се констатираат остатоци од стари лозја и винова лоза на повеќе места, особено во пониските делови на падините на Каракамен, како од страната на винарниците, така и од спротивната страна на ридот каде некои од лозјата се зачувале и до денес. Тоа упатува на долга непрекината традиција на одгледување винова лоза во овој простор, која може да се мери со, најмалку, 2.000 години непрекинато негување на ова растение и изработка на производи од грозје, како вино, ракија и други производи.
Во атарот на Волкосело се среќаваат уште неколку винарници во камен, повеќето во сочувана форма. Два се на истакната површина, на ридот пред селото, а еден на горниот дел од селото, покрај долот, кој го дели на два дела. Речиси е сигурно дека на теренот околу селото можат да се најдат уште слични објекти, кои упатуваат на одгледување винова лоза на тој простор. Слична е состојбата и во атарите на соседните села, Чумово и Прилепец, каде можат да се набројат повеќе од 5 такви објекти со различна големина, но и различни елементи, како обработени форми од конструктивен карактер, своевидна симболика и слично.
На крајот, мораме да го потенцираме и фактот дека меѓу трите споменати села се крие поголема античка населба од градски карактер, а тоа не наведува на претпоставка дека винарниците во камен за кои овде станува збор им припаѓале на жители од неа. За жал, до денес не е познато името на населбата, иако се познати значајни наоди, како од движен, така и од недвижен карактер.