ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАМАЃЕТО“, СО ОСТАТОЦИ ОД РИМСКИОТ ПЕРИОД И ДОЦНАТА АНТИКА, БИЛ СТАРОТО СЕЛО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО
Може сосема слободно да се констатира дека местата кои и денес располагаат со плодни површини, зелени долини и помали или поголеми извори вода, биле заштитени со извесни возвишувања и ридови од студените ветришта, односно со својата местоположба биле изложени на сончевите зраци, биле постојано населувани или барем користени за некаква намена од блиски населени места. Во таквите места се вбројува и локалитетот „Грамаѓето“, кој се наоѓа на околу 1 км северно од селото Крушевица, во подножјето на Селечка Планина, на делото со кој доминира врвот Висока (Ќаве), кој располага со остатоци од монументална градба изградена ос големи камени блокови, како и со силна тврдина од камен и малтер и разновидни остатоци на култура од повеќе периоди, почнувајќи од 6 век пред нашата ера. „Грамаѓето“ е расположен во ниските делови на планината, на понизок рид крај кој се среќаваат и благи падини иливади од десната страна на патот кој води за селото Крушевица, Прилепско.
На овој локалитет, на површината на нискиот рид, кој се спушта во правецот запад – исток, како и по нивите кои и денес, делумно, се обработуваат, во заветна долина, се наоѓаат фрагменти од керамички предмети, монети, мермерни споменици и друг вид археолошки остатоци од римскиот период, доцната антика и средниот век, и тоа, од керамички садови, питоси, градежна керамика и сл.1 Освен тоа, на повеќе места се забележуваат грамади од камења од старите градби, а голем број од камењата се вградени во оградите кои подоцна биле правени за заштита на нивите или за изградба на трла. Меѓу камењата се среќаваат и поголеми камени блокови кои биле дел од старите градби, а се среќаваат и фрагменти од извесни камени обработки, кои биле дел од рачни мелници или некоја слична камена направа. Тоа, пред сè, се однесува на еден полукружно обработен камен, кој по сè изгледа е дел од кружна форма со убаво нагласен венец и со дупка на страничниот дел во која можат да се стават 2 до 3 прста и веројатно служела како држач. Слични фрагменти кои се од специфичен камен, кој со својот состав и боја потсетува на бетонски елемент, се среќаваат и на други локалитети. Материјалот од кој е направен овој елемент потсетува некаква смеса направена од човек или на специфичен вид камен а, со оглед на нашите сознанија за слични предмети и на други места, можеме да констатираме дека ваквите предмети секогаш биле изработувани од сличен материјал.
На горниот дел на локалитетот, на почетокот на карпестиот дел од ридот, на една помала карпа, се среќаваат две убаво изработени камени корита (сл. 140) со издлабени лежишта за поклопување, кои веројатно претставувале гробови. Денес, овие два гроба, кои веројатно не се осамени на поширокиот простор, издигнати на висина од околу 1,2 м на рамната површина на карпата, претставуваат своевиден споменик на древното време. Имајќи предвид дека едното корито од долната страна има отвор, кој води во мал кружно задлабен сад, може да се претпостави дека тоа е и секундарно употребено за гмечење грозје или слично овошје.2 Освен споменатите наоди, значајно е и раскажувањето на еден од сопствениците на трло на самиот локалитет, Ристе Петкоски, кој тврди дека во нивите што ги орал околу трлото, пронашол повеќе монети за кои, за жал, не знаеме од кое време потекнуваат, бидејќи пред неколку децении во селото дошол човек, кој се претставил како музејски работник од Скопје и му ги откупил монетите. Освен ваквите наоди, Ристе споменува и една мермерна икона со девојка со долга коса изработена во релјеф која, исто така, била пронајдена на овој локалитет и Ристо му ја продал на споменатиот „музејски работник“.3
По предание, од ова населба потекнуваат дел од жителите, односно, неколку смесјтва, кои први го заселиле денешното село Крушевица. Доколку може да м се верува на преданието, а со огледна културниот материјал застапен на локалитетот „Грамаѓето“, жителите, кои потекнуваат од оваа стара населба и се доселиле во новото село, имаат традиција на постоење подолга од 1 милениум, односно, околу 1,5 милениуми, ако не и повеќе. Ова, со оглед на фактот дека на овој локалитет, особено на нему соседниот локалитет, познат како „Орлето“, се среќаваат археолошки остатоци и од постариот, македонски период, односно, од раната антика.
Преданието за населбата која егзистирала на локалитетот „Грамаѓето“ ни го раскажа Јован Кочов, по потекло од Крушевица, а тој го запаметил од раскажувањето на своите постари предци. Тоа гласи:
– Некогаш одамна селото Крушевица се наоѓало во Грамаѓето, но жителите на селото немале црква и за празниците оделе дури до црквата кај денешното манастирче Св. Недела, под денешното село. Така, на еден празник, додека жителите биле кај црквата Св. Недела, која од Грамаѓето е оддалечена 3–4 км, нивното село се запалило од заборавена фурна или црепна со неизгасната горевина и бидејќи немало кој да го изгаси пламенот, а куќите биле покриени со слама, многу брзо изгорело целото село. Кога се вратиле во уништеното село, договарајќи се што да прават, жителите констатирале дека на овој простор намалила и издашноста на изворите за вода и немало доволно вода за нивните потреби, па така решиле да го населат просторот во долината на околу 1,5 km јужно од „Грамаѓето“ во која течат три помали реки, односно местото во кое и денес се наоѓа селото Крушевица. Најпрво се доселиле семејствата Кривошиовци и Јовевци, а подоцна се населиле и другите жители од старото село, како и некои нови доселеници од разни места на Македонија.4
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 151 – 153.
2 Исто.
3 Исто.
4 Исто.