ВО ЦАРСТВОТО НА КАМЕНИТЕ ВИНАРНИЦИ И БОГОТ ДИОНИС – ТРОДЕЛЕН ВИНАРНИК ВО ЗАГРАД, КАЈ ПРИЛЕП (1)
Заград кај Прилеп е мал, би се рекло, микро земјоделски регион, но и простор, кој располага со впечатливи културни остатоци од стариот град Прилеп.1 Тука се среќаваат некрополи од различни периоди, остатоци од населби со помал обем, култни објекти со разновидна симболика од претхристијанскиот и христијанскиот период2 и многу други културни остатоци. Во богатите културни содржини на овој мал регион, особено, забележителни се објектите поврзани со античкиот бог на виновата лоза и виното, Дионис кој, во овј простор, во подалечното минато бил, особено, почитуван поради равиеното одгледување на винова лоза и производатво на производи од грозје, главно, вино. На тоа најмногу упатува големото присуство на објејекти издлабени во карпа, кои служеле за цедење на сокот од грозје, односно, објектите кои служеле за почетните активности во процесот за производство на вино, па затоа се познати и како винарници во камен.
Заград е, токму, област со најголема концентрација на такви објекти, односно, на тој мал регион можат да се избројат неколку десетици од нив, со различни големини и форми, со различна обработка, како и различни по бројот на елементите. Всушност, Заград е своевидно царство на камените винарници и царство на античкиот бог, Дионис. Особено е впечатлив дионисискиот амбиент во кој се расположени споменатите објекти за правење вино, односно, амбиент опкружен со разновидни и фасцинантни форми карпи, кои му даваат на просторот посебна естетика и го прават привлечен, но и мистичен. Тоа не може, а да не не „врати“ во времето на паганскиот култ на споменатиот бог и на раскалашните, диви и оргијастички процестии и ритуали посветени на овој бог, како бог на виновата лоза, на виното, на животот и смртта, односно на раѓањето, смртта и воскреснувањето и, воопшто, на животната радост поттикната од бујното оживување на природата секоја година во соодветниот период.
Иако повеќето од ваквите објекти се составени од два главни елементи – голем сад во кој се гмечело грозјето и помал сад во кој се цедел сокот, во Заград се соочуваме со неколку објекти – најмалку 3 кои, освен овие два елементи, имаат уште еден главен елемент. Тој е посебен сад, кој е изработен меѓу двата споменати кој, веројатно, служел за извесно прецедување на сокот пред да влезе во садот од кој се црпел и се турал во садовите за ферментација. Дури, според она што може да се збележи со негово набљудување и анализа, може да се каже дека тој е обработуван со посебно внимание и располага со впечатлив изглед.
Еден таков, троделен винарник, се наоѓа во подножјето на Златвоврв, поточно во подножејето на еден помал рид во Заград познат како Тетебуле, од неговата југоисточна страна, на една карпа на самиот раб на ридот. Тој е еден од двата троделни винарници на тој дел од Заград, кои се наоѓаат на растојание од стотина метри еден од друг и претставуваат вистинска културна појава поврзана со производството на вино во Заград. Во Катастарот на Македонија овие два винарници се водат под локалитетот Падарница или, попрецизно, едниот од винарниците, кој се наоѓа на понискиот простор, се води на локалитетот Падарница, додека вториот, кој е малку повисоко, се наоѓа на самата граница на Падарница и Бела Стена. Познато е дека на поширокиот простор, јужно и југоисточно од местото со винарниците, археолозите ископувале два локалитети со остатоци од некрополи. Едната некропола се наоѓа на локалитетот Попадин Дол и е датирана во железното време, а другата на локалитетот Калдрма и е датирана во железното и хеленистичкото време, односно, македонскиот период.3
Винарникот, кој овде ќе го претставиме, се наоѓа на една средно голема карпа, десно од патот кон подалечниот простор на Заград. Карпата од долната страна е висока околу 3 m, а од горната е ниска и има лесен пристап. На нејзината горна страна има околу 10 m2 благо закосена површина во која бил издлабен винарникот со насока север – југ. Големото корито се наоѓа на северната страна, а следните две се изработени во продолжение кон југ. Во средината е помало корито – специјално обработен елемент, кој е со најмали димензии и оработено на две нивоа, односно, на почетокот има проширен дел со димензии околу 0,60х0,50х0,20 m, отворен кон последниот елемент, односно, елементот (корито) од јужната страна. Второто ниво на средниот елемент е со помали димензии, 0,35х0,30х0,20 m и со првиот елемент, односно, големиот сад за гмечење на грозјето од северната страна, е поврзан со отвор при дното од кој се цедел сокот од грозјето и се сливал во него. Наше мислење е дека во овој среден елемент се вршело посебно прецедување и прочистување на сокот, пред да биде пуштен во последниот елемнт, односно, коритото на крајот од јужната страна од кое се собирал сокот и се турал во метални или керамички садови за натамошниот процес на подготовката на вино.
Големиот елемент е со димензии, приближно, 2,2х0,80х0,30-0,40 m, а најдолниот елемент е со димензии 0,60х1х0,30 m. Заедно со двете прегради меѓу трите елементи, кои се со дебелина од 0,20 m, целата должина на винарникот изнесува 3,8 m.
Освен наведените три главни елементи – големиот сад за гмечење, средниот за прецедување и последниот – за црпење на сокот, во нивната близина се забележуваат и други обработени форми по површината на карпата. Од источната страна на големиот сад, во неговата горна половина, на растојание од околу 0,30 m бил издлабен еден кружен сад – правилен круг, со димензии 0,25х0,10 m, а при работ на карпата од истата страна се забележуваат две кружни длабнатини со помали димензии, а од таа страна е издлабен плиток и тесен канал, косо во однос на аголот од големиот сад. Треба да се забележи и тоа дека од јужната страна на карпата, во нејзиното подножје се наоѓа и мал извор, кој веројатно служел при обработката на грозјето.
Треба да се напомене дека во околината на опишаниот винарник, како и на винарникот од неговата близина се наоѓаат значителен број фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и слични археолшки остатоци, кои упатуваат на извесна дополнителна материјална култура, односно, градби во поширокиот простор на падините на Тетебуле и Падарница. Од друга страна, на исток, запад и североисток од двата споменати винарници се среќаваат поголем број слични објекти, на некои места и по неколку на блиско растојание. Исто така, на карпите од околината можат да се видат разновидни симболи од старите периоди, кои упатуваат на извесни култни активности во различни периоди на минатото.4
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археолгија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 15 – 84 (41 – 44, 60 – 62)
2 Тренчо Димитриоски, Камени богови – мегалити и карпи со култни белези, Ризница, Прилеп 2013, 155, 156, 210, 217 – 219.
3 Благоја Китаноски, Некрополата Калдрма кај Прилеп, МАА бр. 1, Скопје 1975 (Стр. 89).Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I…, 41-44.
4 Тренчо Димитриоски, Камени богови, 155, 156, 210, 217 – 219.