ПРИЛЕП ВО ОКУПАЦИЈА СО ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ

По педесетина дена протест со блокада на патот за селото Ореовец, Прилепско, поради отворање на коп од страна на Јавното претпријатие за државни патишта и фирмата „Бехтел и Енка“ и загрозување на условите за живот во селото, повисоките инстанци на власт не издржаа и се заканија со насилно прекинување на протестот. Ова, наводно, било изнесено од извесен началник на униформа од Скопје преку полицијата во Прилеп. Тоа не упатува на помисла дека никакви аргументи изнесени од жителите на селото за оштетување на градби во селото, за вознемирување со силни експлозии од минирањето, кое ги тресе градбите во селото, загрозување на изворите за вода, загрозување на опстанокот на ендемскиот вид пеперутка, Лажна хазарка или Македонска Сивка и слично, не се земаат предвид. Јавното претпријатие за државни патишта и фирмата „Бехтел и Енка“, изгледа се решени да останат на своето, а маките на жителите на Ореовец продолжуваат со исцрпувачка блокада на рудникот, која трае веќе втор месец.

Во близина на селото Ореовец – голем ризик за изворите 2

            Свеста за загрозување на опстанокот на оваа населба, како и за заканите за опстанок на градот Прилеп, сепак, расте меѓу жителите на овој простор. Енормната експлоатација, која наликува на целосно исцрпување на резервите на мермер од околината на Прилеп се повеќе внесува немир меѓу нив и тие се вистиснки загрижени за животната средина во која опстојуваат. Во прашање е квалитетот на воздухот, квалитетот на водата и општите климатски услови во кои престојуваат, односно, во прашање е нивното здравје и здравствените услови во кои живеат. Тие се прашуваат на кој начин се издаваат концесии и одобренија за експлоатација, дали постои соодветен надзор на експлоатацијата, на заштитата на животната средина, на природниот амбиент и, воопшто, на природните и културните вредности при вршењето на ваквата дејност. Дали се почитуваат важечките закони како, Законот за природата, Зконот за животна средина, Законот за минерални суровини, Законот за водите и другите закони, кои содржат егулатива поврзана со оваа дејност. Всушност, овде, и ние се прашуваме дали се почитуваат овие закони и нормите пропишани во нив. Зашто, само еден поглед од повисоко на околината на Прилеп создава немир кај набљудувачот од големиот број копови и купови од јаловина, бројот и постојаните облаци прашина над коповите, кои создават катаклизмична слика околу градот. Дека се работи за сериозна загриженост говорат и информациите за зголемен број заболени во Прилеп од некои болести, како што се рак на дојка, астма и слично. Ваквите сомневања наведуват на потреба од сериозен пристап за истражување на квалитетот на животната средина на Прилеп, особено од аспект на загадувањата предизвикани со екаплоатацијата на рудните богатства во контекст на ружата на ветрови. Експерти за рударство и геологија упатуваат на фактот дека квалитетот на воздухот се менува и под влијание на ваквите експлоатации, односно, под влијание на деструктивните активности во геологијата околу Прилеп. Ова особено важи за просторот околу селата Ореовец, Крстец, Плетвар, Присад и Небрегово, околу кои се соочуваме со доломитска маса, подземни шуплини и слични појави, кои ја зголемуваат опасноста и од други деструктивни појави. Дали Министерството за животна средина ја следи оваа ситуација, односно, дали располага со соодветни информации за животната средина во прилепскиот простор? Каков воздух дишат прилепчани и на што се изложени од големата експлоатација на мермер во блиската околина на градот? Што значи тоа за иднината на овој град, кој важи за еден од најголемите градови во Македонија? Особено, поради фактот што Прилеп како град и целата општина нема особена полза од ваквата енормна експлоатација.          Според извесни информации од општината, годишниот прилив во општинската каса на годишно ниво е само, околу 300.000,00 евра, а заработката на некои од концесионерите се мери во десетици милиони евра на годишно ниво. Со создавање вистински планини од отпад, без соодветен пристап кон обврската од рекултивирање, често излевање на мермерна прашина во водите од околните водотеци, особено при дождови, загрозување на извори со вода за пиење, уништување на шумски и земоделски површини, уништување на културно наследство и природни реткости, уништување на традиционални локални патишта, како и уништување на условите за живот во блиските села (Присад) и слични штетни последици ваквата експлоатација некои од експертите и жителите на Прилеп ја карактеризираат како „окупациска“ и загрозувачка. Конечно, треба ли некој од системот, надлежен и обврзан со закон за тоа да ја преземе одговорноста за хаотичниот лик на експлоатацијата во прилепско? Во тој контекст, само ќе ги споменеме Министерството за економија, преку кое се издаваат концесиите, Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е надлежно за заштита и обезбедување здрава животна околина, Министерството за култура и, во негови рамки, Управата за заштита на културното наследство, со одговорност за заштита на културните вредности, кои во Прилепско се нападнати со експлоатација на минерални суровини и, притоа, се уништени голем број археолошки локалитети. Над сите овие, Владата, која е највисоко извршно тело на власта. Во тој контекст треба да се споменат надзорните органи, инспекциските служби и другите служби и институции, кои имаат законска обвраска поврзана со експлоатацијата или животната средина. Општината и општинските власти, Градоначалникот, Советот на оштината, општинските советници, стручни општински служби и слични буџетски субјекти, секако треба многу поангажирано и поодговорно да се зафатат со горливиот проблем. Сето ова поради фактот што има индиции за загрозена иднина на градот и општината, загрозен опстанок на значајни природни и културни културни вредности, кои се основа за определен развој на градот и општината, а во самиот центар на загорозување на иднината е необјективната експлоатација, со експлоатирање на енормни количества материјал придружено со енормни количества отпад, кој е посебен фактор на загрозување на гореспоменатите вредности.

„Планина“ од рудникот „Сивец“ 2

            Доколку е така, не е ли тоа окупациска експлоатација, експлоатација која сè повеќе заличува на ограбување на природните ресурси без водење сметка за идните генерации и, сето тоа, проследено со минорно учество на општината, па и на државата во огромната заработка на концесионерите. Особено на концесионерите – магнати во рударската дејност кои, главно, потекнуваат од странски држави и, главно, извезуваат во странство, често и не споменувајќи дека производот кој го нудат на пазарот е македонски, плашејќи се од последиците од истакнување на таков идентитет. Некои од нив вршат забрзана и, според експертите, необјективна експлоатација, со желба за изнесување на се поголеми количества квалитетен материјал, најмногу мермер, кој го трупаат во своите стоваришта и создаваат сопствена иднина на сметка на иднината на Прилеп, па и Македонија. Се разбира, вината не е нивна, зашто некој во државава им создал услови за тоа. По која цена?!!

„Планина“ од рудникот „Сивец“

            Ќе се изнајде ли „јунак“ да внесе ред во хаосот од окупациската експлоатација за да се намалат неограничените штети кои им се прават на природата, природните вредности, природните реткости, природните води, на природниот ембиент, кој секојдневно исчезнува пред нашите очи, на културните вредности и, особено, на жителите на населбите во близина на огромните експлоатациски („окупациски“) копови или ќе продолжи хаосот и забрзаниот грабеж на рудното богатство во името на нечие енормно збогатување, а на сметка на Македонија и македонскте граѓани?

            Што се однесува до квалитетот на животната средина во општина Прилеп, веројатно е неопходно да се направи сериозна студија за него, а тоа треба да го направи надлежното министерство со формирање комплексен тим од експерти за животна средина. Според нас, тоа е приоритетна обврска на Министерството за животна средина и треба да биде приоритетна заложба на Општина Прилеп, односно, на органите на општината, Градоначалникот и Советот на општината, зашто од тоа зависи иднината на градот Прилеп и населбите кои се во близина на експлоатацискиот хаос.   

            Веќе пишувавме дека едно од прилепските села е, веќе, „блокирано“ од високи купови јаловина од експлоатација на мермер, „нападнато“ со мермерни блкови, кои се истовараат во непосредна близина на селото, со отворање на патишта за пристап и слично и престојот во него е невозможен. Сега, се чини, имаат намера истото да го направат со селото Ореовец, во чија близина отворија нов коп и го „нападнаа“ со отоврање патишта со тешка технологија, отворање поголем коп во кој се користи и минирање, а при вршењето на минирањето вербално ги „известувале“ жителите.  

Во близина на селото Ореовец – голем ризик за изворите

            Експлоатацијата на минерали и минерални суровини во Прилепско, а се чини и пошироко во Македонија и на Балканот добива вознемирувачка димензија на бескрупулозно исцрпување на природното богатство без хуман однос кон основните природни вредности, кои се услов за безбедно живеење, па и за опстанок на човекот. Нападнати се цели планини и се изложени на целосно бришење од географската карта на која се евидентирани. Ова особено важи за Прилепско, каде опстојуваат дури 33 концесии, кои се повеќе го заобиколуваат прилепскиот ареал и се закануваат по здравјето на жителите на Прилеп и околните населени места. Властите до денес не „кренале“ глас поврзан со овој факт, а тоа упатува на нивната немоќ или на некаква нефункционалност на соодветните институции, надзорни органи, инспекции, заводи и сличните на нив.

Долината со селата Ореовец и Крстец заобиколена со рударски копови

            Уште повеќе, некои информации говорат за фактот дека надлежни лица и институции својата обврска ја исполнуваат „со врзани очи“, па дури и не знаат за издавањето на некои од симптоматичните концесии и симптоматичните експлоатации од блиската околина на Прилеп. На прашањето како било дозволено да биде отворен коп на еден од најубавите планински врвови во Прилепско, познатиот врв Козјак на планината Бабуна, едно надлежно лице одговара дека таму „нема рудник“. Можете да замислите што зџначи тоа за начинот на исполнување на обврските на еден надлежен органи или лице. Тоа оддава впечаток дека тие немаат ниту елементарна информација за определени концесии, експлоатации и рударски копови. Со таквиот ангажман, за соодветно инспекциско следење и заштита на природната и животната средина и природниот амбиент, не можеда стане, ниту збор.

Блокада на патот за Ореовец поради „катаклизмата“

            Интересно е дека во последно време започнува да се буди свеста за животната средина кај жителите на Прилеп и околните наслеби, кои се сериозно згрижени за условите за живот во нивниот град и населбит, односно, за исправноста на воздухот кој го дишат, за водата која ја пијат, за плодовите кои се нивна основна храна, односно, кои се одгледуваат во прилепскиот простор, како и за природниот амбиент, чија естетика се менува со забрзано темпо. Коповите околу Прилеп никнуваат, речиси, преку ноќ, експлоатацијата се врши со разновидна моќна технологија, со минирање и сл., а процентот на материјалот кој се изнесува, во однос на јаловината е вистинска енигма. Единствено растечките планини од насип од јаловината упатуваат на несразмерност меѓу она што се експлоатира за трговија и она што останува за јаловина. Многумина се сложуваат дека може да се спореди со заклан бик од кој се користи само срцето, а другото оди во отпад.

Градата слика на планината меѓу селата Плетвар и Ореовец

            Зрак светлина дава недамнешниот Извештај, кој го објави Државниот завод за ревизија, во кој посебно е нагласена експлоатацијата на мермер, под наслов: „ЕФИКАСНОСТ НА ПОСТАПКИТЕ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА  ПРАВОТО ЗА ВРШЕЊЕ НА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ И  РЕАЛИЗАЦИЈА НА  СКЛУЧЕНИТЕ ДОГОВОРИ, СО ПОСЕБЕН ОСВРТ НА МЕРМЕРОТ”, но ќе има ли тој влијание на органите надлежни за посочените проблеми во вска со експлотацијата на минерални суровини, особено на мермерот?  

„Сивец“ - просторот на експлоатација 1
„Сивец“ – просторот на експлоатација 1

            Иако експлотација вршат и домашни фирми, може да секонстатира дека најголема експлоатација вршат странски фирми, од Грција, Турција, Италија и други места, кои експлоатираат огромно количество минерални суровини, особено мермер, а зад нив оставаат цели планини од јаловина, која не се користи, речиси, за ништо и останува како загрижувачки сведок на нашата негрижа и немоќ, односно, на своевиден пустош. Од таквите планини, дел се слива по птоците и реките и доаѓа кон градот, ги загадува водите и изворите, а не е исклучено дека со длабоките копови и минирањето ги менуваат и правците и издашноста на изворите, кои во извесен дел се користат и во градската водоводна мрежа. Минирањата во рудниците за мермер околу Прилеп се секојдневни, а прашините, кои често се креваат и до небото, а потоа со ветровите се разнесуваат во животниот простор на Прилеп и блиските населби се уште еден сериозен проблем, кој им создава грижа на жителите на овој простор.