ХРАМОТ И ЦАРОТ

Храмот, вознесен над пламенот,

Се појавува на небото како фенер

Опкружен со светилки, мали, а силни,

Нивната светлина продира длабоко,

Просветлува,

Влегува зад подотворени врати на свеста,

Допира до совеста, опоменува и плаши,

А над се, вжарен обрач како сач,

„Убавото е неуништливо“,

„Тоа уништува“,

„Убива“.

ххх

Царот е пронижен од јанѕа,

На пат кон врвот и храмот ореолен,

Брза, вџашен, со богат дар.

Тој е само човек под небесната шир,

Господар на парче извојувана земја,

А околу крвници чекаат згоден момент

За да нагрвалат со крвничко оружје.

„Господи, чувај го овој народ,

Верен на храмот, со круна од светлина“,

Народ зароден под храмови недобројни,

Храмови вознесени до небото,

Храмови расеани по земјата,

Храмови на мртви богови

И храмови над гробови од мртви богови,

Во душата длабоко, вгнездени

како заборавено богатство

Во ризница, зад тешки челични порти,

Неповратно закатанети и замандалени,

Вечен предизвик на живите,

За вознес во лудост.

Колони од поклоници итаат

Кон врвот од злато и

Крадци, заобиколно по беспаќа.

Рика тишината под светата планина,

Плаче храмот заборавен од молитва,

Исплашен за опстанокот.

Вознесен е владиката и молитви,

Седнат на гола карпа на врвот,

Осамен пред исплашени очи на толпа,

Храмот сонува вечност

Во небесно царство.

Мигот се молкне, станува вечност,

Крвав пир на камена трпеза,

Величество обликувано од камен,

Оставен на слепи светци,

Со мирис на храна и вино

Во глинени садови расфрлени по подот.

Трпезата има свет олтар,

Свети садови и свети ѕидови

Во распад од немилост,

Храмот сонува, за вечност на мигот,

Стамена градба, раскрилена под небесата,

Над свети черепи и коски на светци

Што темнеат жедни за светлина

На очи полни со верба

И молитва од искрена човечка душа.

Пее владиката, молитви,

Од небото се слуша глас,

Еј, Аполоне, убавецу,

Еј, Артемидо, горделива божице,

Паднавте во занес, заскитавте,

Кога небото ве повика

Во небесното царство.

Остана земниот цар,

Заробен во преодно време.