ЕЛИНИТЕ ГИ МРАЗЕЛЕ МАКЕДОНЦИТЕ – ИНФОРМИРААТ АНТИЧКИТЕ АВТОРИ (1)

Има еден момент од проучувањето на македонската историја и кул­тура од предантич­киот и античкиот период на Македонија, кој во најмала рака звучи симптоматично. Значителен дел од писателите од антиката, кои пишувале за македонската историја и култура, за големите и помалите ма­ке­донски градови, како и за митологијата на овој простор за нас се загу­бени,1 веројатно засекогаш, бидејќи нема никаква трага од нив или има мали остатоци пренесени преку делата на подоцнежните автори. Голем дел од нив се однесувале на македонската историја и култура пред времето на Филип II и Александар III Македонски и нивниот период, односно, периодот на македонската независност и развиена државност и култура во кој Македонците одиграле голема улога врз развојот на светската цивилизација и култура. Значителен дел од старите дела за Македонија се насловени како „Македоника“, а македонскиот истражувач на културните остатоци од древноста на Македонија од Охрид Маргарит Димица наведува 14 автори, Македонци по род и уште 11 други, кои пишувале исклучиво дела за древниот период на Македонија.2

Маргарит Димица од Охрид
Маргарит Димица од Охрид

                Дури и оние автори од античкиот период, чии дела се сочувани, за проучувањето на античката македонска историја, култура и традиција не се многу податни, поради фактот што деловите од нивните дела, кои се однесуваат на Македонија се уништени, односно, не се сочувани. Така, делата на античкиот автор, Полибиј, кои се драгоцени за проучување на Македонско-римските војни, во делот кој се однесува на Македонија не е зачуван3 а, со тоа, изгубена е и можноста за добивање соодветни сознанија за значаен дел од историјата на Македонија. Слична е ситуацијата и со делото на Страбон, „Географија“, во кое среќаваме интересни информации за географијата, но и историјата на Македонија, особено, во VII-та книга но, за жал, најголемиот дел од неа, оној кој се однесува на Македонија, исто така е изгубен.4

            Токму ваквата состојба со делата на најстарите антички писатели, кои пишувале за почетоците на македонската историја и култура, како и за нивната етнографија и традиција, довеле до своевидна искривена слика за Македонците како посебна етничка заедница со своја историја, култура, традиција, но и цивилизација, која е создадена со нивното историско, политичко и културно дејствување. Од друга страна, читајќи ги делата на античките автори, кои се зачувани, како и нивниот третман на Македонците во нив, јасно е дека голем број од авторите со елинско потекло, на разни начини, се обидувале да ги омаловажат Македонците, опишувајќи ги со презир како варвари, како бескрупулозни и, што е особено важно, како најголеми непријатели на Елините, како нивни поробувачи и уништувачи, односно, како народ, кој им направил најголеми штети во историјата. Исто така, кај овие автори, јасно е изразена разликата меѓу, тн. Елини и Македонците, па и повеќе, македонците се претставуваат како најголеми непријатели на Елините, како нивни уништувачи, односно, носители на пропаста на Елада. Затоа, секој обид за претставување на Македонците од античкиот период како дел од некаква Грција (која во тоа време не се знае себе си под тоа име), односно, како дел од Елините, во крајна линија е тендециозно и може да се разбере како обид за нивна асимилација.

Филип II римска копија од постар оригинал – Копенхаге

            Старите автори, кои себе си се сметаат за Елини, многу отворено пренесуваат каков однос имале тн. Елини кон Македонците. Некои од нив јасно ја пренесуваат омразата на Елините кон Mакедонците и често употребуваат погрдни, па и вулгарни термини за да го изразат презирот или да ги претстават во лошо светло своите поробители. Всушност, и самите автори од елинско потекло не го кријат својот анимозитет кон Македонците, особено кон најславните кралеви, како што се таткото Филип II и негиовиот син Александар III Македонски, но и кон други македонски кралеви, нивни наследници. Ова особено важи за еден од, често, цитираните автори, Павсаниј, кој на многу места во својата книга „Водич по Елада“ принесува сведоштва за споменатата омраза. Секако, слични карактеризации на Македонците можеме да најдеме и кај други антички автори кои, на извесен начин, се надоврзуваат на негативните карактеристики за Македонците изнесени од познатиот атински говорник од времето на Филип II и Александар Македонски, Демостен.

Александар Македонски – биста од римскиот период Blenheim_Palace_Oxfordshire_UK

            Во книгата, „Водич по Елада“ од Павсаниј, негативниот однос кон Македонците е присутен на голем број места во текстот. Најпрво, уште на почетокот, односно, во неговата прва книга, Атика, во делот под број 4, среќаваме јасно изразен став дека Македонците им нанесувале тешки штети на Елините во минатото, па дури и ги „уништиле“. Поради ваквите „штети“ од страна на Македонците, Елините, во знак на одмазда кон нив, не учествувале во одбраната од ограбувачите, Гали, кои презеле ограбувачки поход на Блаканот во 279 година п.н.е.. Грците, односно, Елините, според Павсаниј, особено биле револтирани поради старите „недела“, кои ги претрпеле од Македонците и кралевите Филип и Александар, како и од нивните наследници.

Еве го цитатот, кој јасно говори за каков однос се работи:

            „Кога собрале војска (Галите, зм.), тргнале кон Јонското Море и ги покориле илирските народи и сите оние кои престојувале таму до Македонците, па и самите Македонци. Продреле и во Тесалија и кога дошле близу до Термопилите, повеќето Грци мирно се однесувале кон упадот на варварите, затоа што, веќе, порано претрпеле многу зла од Филип и Александар. Подоцна, хеленската нација ја уништиле Антипатар и Касандар така што секој за себе поради слабост сметал дека не е срамно да изостане неговата помош.5

            На друго место, Павсаниј, опишувајќи го полуостровот,  Атика, односно спомениците, кои биле поставувани по повод на различни настани и ликови, изнесува став на лицемерно подигнување споменици на македонски кралеви од страна на Атињаните.

            „Зад Египќаните (се мисли на Птолемеите од Египет, зм.) стои Филип и неговиот син Александар. Нивните дела се премногу големи за да има потреба од споменување како додаток на раскажувањето за другите работи. На египетските кралеви им се поставени дарови од вистинска почит како на доброчинители, а на Филип и Александар повеќе за додворување кон народот, бидејќи и на Лисимах му го направија тоа не од наклоност, туку затоа што тоа го сметале за корисно во тоа време.

            Овој Лисимах, по народност беше Македонец и член на телесната стража на Александар.6

            Ваквите сведоштва кај Павсаниј упатуваат на своевидна омраза кон Македонците и нивните истакнати личности, особено кралевите, кои долго време владееле со тн. грчки свет, односно, со градовите полиси, како што се Атина, Теба, Коринт, Спарта и други.

Филип V

            На извесна омраза упатува уште еден сегмент од делото на Павсаниј, во кој пишува за особините на македонскиот крал Филип V (221 – 179 п.н.е.). Имено, авторот, изнесувајќи податоци за неговите дела, истакнува:

            „Истата работа, Филип му ја направил на Атињаните, Евриклид и Микон. И тие говорници, кои имаа влијание на народот, тој ги убил со отров. Токму тој убиствен отров требало да биде случај и за самиот Филип. Помладиот син Персеј го отрул син му Деметриј, а тоа ја предизвикало смртта и на скршениот татко. Ова го изнесов присетувајќи се на оној божествен стих на Хесиод: ʻзлото му се враќа прво на оној, кој му смислува зло на другʼ.7

            За познатиот говорник од Атина, Демостен, Павсаниј тврди дека бил најомразениот човек на Александар8 (Македонски, зм.), а од познатите Филипики, кои се собрани говори на Демостен против таткото на Александар, Филип II Македонски, знаеме каков бил неговиот однос кон Македонците, односно, дека нив ги сметал за недостојни и варвари.

            Во својата втора книга, Павсаниј, ги споменува Македонците, како и некои од македонските кралеви, на повеќе места. Меѓу другото, тој ги споменува Филип и Александар во врска со градот Теба во Бојотија. Упатувајќи на фактот дека Бојотија ја освоил Филип II, пренесува информација за уништувањето на Теба од страна на Александар, а обновувањето од страна на неговиот зет и подоцнежен крал на Македонија, Касандар.9

Монета на кралот Персеј
Монета на кралот Персеј

            Павсаниј наведува и случаеви за извесни добри односи меѓу некои од племињата на југот и кралството Македонија. Таков е еден пример со градот Месена и Месенците, кои стапиле во сојуз со Филип II, пред битката кај Херонеја па, поради тоа, не учествувале во неа, но одбиле да учествуваат и против Хелените. Сепак, по смртта на Александар, кога Хелените започнале војна против Македонците и Месенците учествувале во неа.

            „На крајот (по извесни собитија поврзни со Лакедемонците и Тебанците, зм.) Месенците склопиле сојуз со синот на Аминта, Филип и со Македонците. Велат дека тоа ги спречило да учествуваат во битката кај Херонеја со Хелените. Сепак, тие одбиле да земат оружје против Хелените. Кога, по смртта на Александар, Хелените започнале втора војна против Македонците, и Месенците учествувале во војната, …10

Штит од Бонче, Прилепско – фрагмент 3

            Дека Филип II им нанесувал многу „зла“ на Хелените, Павсаниј често повторува во своето дело. Овојпат споменувајќи едно, кое им го „направил“ на Елејците: „Елејците, во старите времиња, од сите Пелопонесци најмногу биле приврзани кон законитоста, но кога синот на Аминта, Филип, на Хелените им ги направи и оние други зла, кои ги споменав, тој ги поткупил и водечките луѓе на Елида.11

            Пишувајќи за Елејците, споменатиот автор, изнесува уште една информација поврзана со нив и Филип II.

            „Кога синот на Аминта, Филип, не сакал да ги дигне рацете од Елада, Елејците му се придружиле на Македонците како сојузници зашто претрпеле зло во меѓусебните борби, но не се сложиле да се борат против Хелените кај Херонеја. Тие му се придружиле на Филип во нападот на Лакедемонците поради стара омраза кон нив, но по смртта на Александар се бореле заедно со Хелените против Антипатар и Македонците.12  

Остатоци од градот Дион
Остатоци од македонскиот град Дион под Олимп

            Според Павсаниј, освојувањето на Елада од страна на Филип и Македонците, односно, поразот на Елините во битката кај Херонеја, значело „пропаст“ за неа, односно, тој така ја нарекува, а во врска со тоа го опишува и големиот кружен споменик наречен Филипион, кој Филип го озградил „по пропаста на Хелада“ во Олимпија, во светилиштето Алтис. Филипионот е  единствена градба во ова античко свето место, која била посветена на човек.13

            „Метроонот (храм на Мајката на боговите, зм.) е внатре во Алтис (светилиште во Олимпија, зм.), а исто така кружната зграда, која ја нарекуваат Филипион (Споменик на Филип). На врвот од Филипионот се наоѓа афион од бронза, кој ги поврзува гредите на покривот. Оваа зграда е на излезот од Алтис, на левата страна, крај Пританејот. Направена е од печени цигли, а околу не има столбови. Неа ја изградил Филип по пропаста на Хелада кај Херонеја. Тука се поставени скулптури на Филип и Александар, а со нив и скулптура на таткото на Филип, Аминта. И тие се дела на Леохарес од злато и слонова коска, а исто така и скулптури на Олимпијада и Евридика.14

Филипионот во Олимпија – делумно реконструиран

1 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, Скопје 1957, 15, 16. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизција I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ-Прилеп, Прилеп 2000, 9 – 12.

2 Фанула Папазоглу, Македонски градови, 16.

3 Исто, 17, 18.

4 Исто, 19 – 20.

5 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 23.

6 Исто, 28.

7 Исто, 102.             

8 Исто, 134.

9 Исто, 226.

10 Исто, 227.

11 Исто.

12 Исто, 247, 248.

13 David C. Young, A brief history of the Olympic games, 125

14 Pauzanija, Vodič, 271.