УРИВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА ОД РИМЈАНИТЕ БИЛО ПОЧЕТОК НА МАКИТЕ НА ЕЛИНИТЕ

ЕЛИНИТЕ ГИ МРАЗЕЛЕ МАКЕДОНЦИТЕ – ИНФОРМИРААТ АНТИЧКИТЕ АВТОРИ (2)

            Споменувањето на битката кај Херонеја во делото на Павсаниј е вистинска „опсесија“. Таа се споменува во повеќето негови книги и, главно, заедно со името на Филип II и Македонците. Во третата книга, Елида – Б, таков случај среќаваме во врска со еден споменик во Олимпија, посветен на еден повеќекратен победник на спортските игри, односно, две  во Олимпија, една во Делфи, четири на Истам и три на Немејските игри. Неговото име е Хилон, кој загинал јуначки во битка, а Павсаниј, не можејќи да дознае во која, изнесува претпоставка: „… или одел со сите Ахејци на пат за Херонеја или со сопствената храброст и смелост единствен од Ахејците се борел кај Ламија во Тесалија против Антипатар и Македонците.15 Додека битката кај Херонеја, како што е познато, била меѓу Атињаните и Филип II со неговите Македонци, битката кај Ламија била меѓу Хелените и Македонците предводени од Антипатар, кога Хелените кренале востание против Македонците, по веста за смртта на Александар III Македонски во која, исто така, доживеле голем пораз.16

Монета на кралот Филип II
Монета на кралот Филип II

            Веќе во следниот пасус, во истата книга, среќаваме уште едно споменување на на Филип II, поврзано со еден споменик во Олимпија посветен на извесен Ламп, кој потекнувал од последниот град, кој го основал Филип и го нарекол според неговото име. 

            „Покрај Еуант се наоѓа споменикот на еден одгледувач на коњи со неговата кола. На колата се качила и една млада девојка. Името на тој човек е Ламп, а роден град му е последниот основан град во Македонија, кој го добил името според својот основач Филип, синот на Аминта.17

            Дека пропаста на Хелените се должела на војната со Македонците, Павсаниј потврдува и во оваа книга, споменувајќи го случајот со уништувањето на градот Скотуса, од страна на тиранинот од Фере, Александар.18

            „Дел од жителите на Скотуса, кој го избегнал колежот, кратко време останал, но и тие повторно го напуштиле градот поради немаштија, кога лошата судбина по вторпат на сите Хелени им подготви пропаст во војната со Македонците.19

            Пишувајќи за Анаксимен, говорник и историчар од градот Лампсак, кој бил учител во дворецот на Филип II и му бил учител по реторика на Александар Македонски, Павсаниј изнесува неколку моменти од неговото творештво, како и една ангедота поврзана со Александар. Во неа се говори за намерата на Александар да ги казни граѓаните на родниот град на Анаксимен поради тоа што им биле наклонети на Персијците, а кои му се обратиле на Анаксимен, кој бил пријател и со Филип II, но и со Александар III Македонски за да појде и да измоли милост за  нив од кралот. „На овој начин тој го надмудрил синот на Филип, Александар, кој ни малку не бил благ крал, туку многу склон кон жестокост. Бидејќи жителите на Лампаск го подржувале персискиот крал или биле осомничени дека го подржуваат, вриејќи од лутина на нив, Александар се заканил дека ќе постапи со нив на најлош начин. Борејќи се за своите жени и деца и за својата татковина жителите на Лампаск, Анаксимен, кој од порано му бил познат на самиот Александар и на Филип, го испратиле да моли за милост.20

Александар Македонски на монета

            Павсаниј објаснува дека на веста за доаѓањето на Анаксимен кај Александар изјавил дека на неговата молба ќе постапи сосема спротивно. Анаксимен, дознавајќи за тоа применил мудрост, односно, место да го моли кралот за милост и да ги поштеди жителите на Лампаск, тој му се обратил со молба: „Кралу, укажи ми љубов, па жените и децата на жителите на Лампаск направи ги робови, разруши им го градот до темел, запали ги храмовите на нивните богови.21

            Држејќи се до својот збор, како што тврди Павсаниј, Александар навистина постапил обратно од молбата, која му ја упатил Анаксимен и го напуштил градот без да му нанесе каква било штета на неговите жители.22

            Анаксимен бил говорник и историчар и имал напишано стара историја за Хелените, како и историја за кралот Филип II Македонски и неговот син, Александар Македонски.23

            На друго место, во седмата книга, посветена на Ахаја, Павсаниј само информира за извесен настан поврзан со градовите Колофон и Ефес, односно, за преселувањето на жителите на Колофон во градот Ефес, кога Колофон останал пуст град. Всушност, Ефес е град, кој го формирал кралот Лисимах (361 – 281 п.н.е.), кој е еден од другарите на Александар Македонски роден во Пела, а владеел по смртта на Александар со дел од Македонската империја, во Тракија, Македонија и Мала Азија. Градот Ефес го населил со жители на веќе споменатиот град, Колофон и жители на градот Лебед. „Го основал сегашниот Ефес крај морето и тука ги довел како доселеници жителите на Лебед и Колофон откако ги разрушил нивните градови, така што, јамбскиот поет Феникс од Колофон го оплакал освојувањето на својот град.24

Остатоци од храмот на Артемида во Ефес

            Од оние кои биле преселени во Ефес, според Павсаниј, се спротиставиле само жителите на Колофон, односно, тие се бореле против Лисимах и Македонците. Што се однесува до вториот споменат град, Лебед, во книгата на Павсаниј е забележано: „Лисимах, градот Лебед го срамнил со земјата како би пораснало жителството на Ефес.25

            На сличен начин, Лисимах го формирал и градот Лисимахија во Тракија, рушејќи го градот на Кардијанците.26

            Во своите историски описи, Павсаниј често упатува на последиците на Атињаните и Ахајците од големиот пораз во битката кај Херонеја. Поради тој пораз, според него, тие не учествувале и во некои подоцнежни судири на хеленските градови и племиња со Македонците. Така, на едно место во седмата книга, Павсаниј, пишува: „Во подоцнежните војни, кои хеленскиот сојуз ги водел против Македонците кај Херонеја, Ахејците учествувале, но признале дека не отишле во Тесалија во таканаречената Ламијска војна, бидејќи уште не заздравеле по поразот во Беотија (битката кај Херонеја, зм.).“27

            Малку подолу, во истата книга, среќаваме: „Александар толку го испразнил градот на Тебанците, та и после неколку години, кога Касандар повторно ги вратил, не биле во состојба да ги бранат своите огништа. Атињаните уживале наклонетост од хеленскиот сојуз, најмногу поради последните потфати, но не биле во можност да се повратат од војната со Македонците.28

            Хелените немале страв само од, често, споменуваните Филип и Алекснадар Македонски, туку и од други македонски кралеви. Особено, на сите Хелени им внесол страв кралот Филип (Филип V (221 – 179 п.н.е.), зм.). За него авторот пренесува драматична слика на голем апсолутист, чиј „пример“ бил синот на Аминта III, Филип II.

Филип V

            „Кога синот на Деметриј, Филип достигнал машка зрелост и кога со принуда од Антигон ја зел власта над Македонците, му втерал страв на сите Хелени. Тој, однесувањето на синот на Аминта, Филип, кој не му е предок, но навистина му бил пример за деспот, го имитирал, меѓу другото, и во тоа што му се умилкувал на оние кои биле подготвени да ја предадат својата татковина поради лична корист. Да им ги полни вешто и пријателски чашите, не со вино, туку за луѓето смртоносен отров, што ми се чини дека никогаш не му паднало на памет на синот на Аминта, Филип, тоа на синот на Деметриј, Филип, му била најлесно изводлива работа.29

            Старите автори, оние кои пишуваат за времето на римското освојување на Балканот, односно, за војните меѓу Рим и Македонија, даваат бројни и јасни информации за тоа дека голем број од хеленските племиња и градови држави многу брзо станале нивни сојузници, а против Македонците. Македонците не успеале да ги придобијат најсилните Хеленски градови и племиња, а со тоа им ја олесниле војната на Римјаните против себе, бидејќи таквите градови држави и племиња преминале на страната на Римјаните и постојано ги подржувале во војната против Македонците. Под мотото да им помогнат на хеленските градови и племиња против Македонците, Римјаните искористиле силна подршка во војната, но тоа го искористиле и како подлога да можат да ги следат состојбите во Македонија и движењето на Македонската војска. Особено, силна помош во војната против Македонците, Римјаните добиле од Хелените, кои заедно со Атињаните се дигнале против Филип V и Македонците.

Кралството Македонија со посебните области

            „Уште во моето излагање за Атика споменав кои од Хелените и варварите заедно со Атињаните се дигнаа против Филип и како поради слабоста на сојузниците Атињаните се приклониа кон Римјаните и нивната помош. Римајните малку пред тоа испратиле некои привидно да им помогнат на Етолците против Филип, а всушност да ги набљудуваат настаните во Македонија. Тогаш Риманите им испратиле една војска на Атињаните под команда на Отилиј.30

            Од друга страна, Хелените сватиле дека Римјаните не дошле за да им помогнат, туку за своите интереси за да завладеат со овој дел од светот, преку победата над Македонците.

            „Тие (Ахајците, зм.) предвиделе дека место Филип и Македонците кај нив ќе додјат Римјаните и ќе им се наметнат како господари на Хелада.31 

            Сепак, откако одржале собрание со бурна расправа и спротиставени ставови, било изгласано да се приклучат кон Римјаните. Така Ахајците, заедно со римскиот водач Фламиниј, се приклучиле во опсадата на Коринт, кој бил во власт на Македонците со Филип V. Откако бил освоен Коринт и бил убиен Персеј, кој бил поставен од Филип V за командант на воената посада и Коринтјаните се приклучиле кон Ахајскиот сојуз и кон Римјаните.32 Заедно со Римјаните, членките на Ахајскиот сојуз, особено, Ахајците учествувале во голем број битки заедно си Римјаните, не само во Македонија, туку и подалеку, во војните со кралот на Селеукија, Антиох.

            „Оттогаш Ахајците се нарекуваа сојузници на Римјаните и им биле верни во сè. Тие ги следеле Римјаните во Македонија против Филип, учествувале во војната против Етолците и, трето, тие заедно со Римјаните се бореле против Антиох и Сиријците.33

            Сојузот со Римјаните, односно, приклучувањето кон римските освојувачи, Ахајците го искористиле и за пресметка со своите неистомисленици и непријатели од своето опкружување, како што се Етолците, особено Лакедемонците. Всушност, искористувајќи ја таквата моќ, го срушиле до темел градот Спарта, а ги измениле и дотогашните закони на Лакедемонците.34

            Токму во тоа време, била скршена и главната сила на Филип V, особено по битката кај Киноскефала. За тоа, Павсаниј наведува и извесно пророштво на познатата пророчица Сибила:

Гордоста ваша, Македонци, тие кралеви од аргивскиот род,

Владеејќи со вас Филип, и добро и зло ќе ви наметне.

Имено, првиот водачи на земјите и градовите ќе им поставува,

Помладиот целосно, угледот и честа ќе ја загуби своја

Совладан од западните луѓе и од оние од исток што ќе дојдат.35           

            Се разбира, новиот господар, Римјаните, тргнувајќи од својот интерес и своите намери, почнале да им поставуваат и свои услови на своите сојузници меѓу Хелените. Така, на Ахајците им станало јасно дека добиле нови господари и дека нивното учество во војаната против Македонците, против Етолците и против Антиох, не им било од никаква корист. 36

            Павсаниј наведува дека меѓу Хелените имало голем број предавници, кои своите им ги предале своите земји, најпрво на Филип II Македонски, а потоа и на другите македонски кралеви, како и на Римјаните, по победата над Македонија.

            Еве што вели за тоа споменатиот автор: „За време на владеењето на синот на Аминта, Филип, може да се рече дека само Лакедемон од хеленските градови не бил предаден.37 Состојбата со предавства родолжила и за време на Антипатар, а тоа дека Македонците владееле со Хелените како вистински господари, Павсаниј го потврдува со случајот поврзан со Атињаните и нивниот пораз во битката на Херонеја во Беотија. Еве што пишува тој: „По поразот во Беотија Атињаните не станаа поданици на Филип, иако имаа две илјади заробени и илјада загинати, откако биле совладани. Кога, пак, во Ламија, кога загинаа не повеќе од двесте, Македонците ги направија робови.38 Според авторот, слично било и за време на Римјаните, кога Ахајците целосно ги предал на Римјаните, Ахаецот Каликрат, а тој момент бил почеток „на нивните јадови“. „Почеток на нивните јадови бил Персеј и уривањето на македонската држава од страна на Римјаните.39

            Дека Римјаните не се „подоброто зло“ за Ахајците и другите хеленски племиња, брзо се покажало. Со помош на разни личности меѓу Ахаците, кои биле склони кон предавство, биле обвинети многумина меѓу Ахајците и другите племиња, а за да им се суди, биле испраќани дури во Рим. На тој начин, нивната мака се зголемила уште повеќе, зашто, според Павсаниј, тоа не го правеле ниту најмоќните македонски кралеви: „Ни најмоќните меѓу Македонците, синот на Аминта, Филип и Александар, не ги присилувале своите противници меѓу Хелените да дојдат во Македонија, туку им дозволувале да се бранат пред амфиктионското собрание.40             

15 Исто, 294.

16 Во тн. Ламиска војна, која хелените ја започнале за ослободување од доминацијата на Македонија, македонците победиле во местата Кранон и Амонг (Види: Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 286.

17 Pauzanija, Vodič, 294. – Веројатно се работи за градот Филипи, кој се наоѓал кај денешна Кавала.

18 Исто, 295.

19 Исто.

20 Исто, 312

21 Исто.

22 Исто.

23 Исто.

24 Исто, 29.

25 Исто, 332.

26 Исто, 29.

27 Исто, 337.

28 Исто.

29 Исто, 338.

30 Исто, 339.

31 Исто,

32 Исто,

33 Исто.

34 Исто, 339, 340.

35 Исто, 340.

36 Исто, 341.

37 Исто, 342.

38 Исто.

39 Исто.

40 Исто, 343.