ПОБЕДАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ КАЈ ХЕРОНЕЈА, СПОРЕД ПАВСАНИЈ, НЕСРЕЌА ЗА СИТЕ ХЕЛЕНИ

ЕЛИНИТЕ ГИ МРАЗЕЛЕ МАКЕДОНЦИТЕ – ИНФОРМИРААТ АНТИЧКИТЕ АВТОРИ (3)

            Павсаниј на едно место во неговата книга нè информира за еден постар настан поврзан со една преселба на граѓаните на Микена во Македонија. Интересно е дека тој ова преселување на Микенците го објаснува со недостаток од храна, поради што дел од Миенците се преселил во Керинеја, а повеќе од половина од населението избегало во Македонија кај кралот Александар I, кому синот на Гобриј, Мардониј, му дал задача да им однесе порака на Атињаните, за време на Персиското освојување на Балканот.63

Лавовската порта во Микена

            Павсаниј, малку амбициозно се обидува да го обајсни ликот и делото на македонскиот крал Филип II за кого, од една страна, изнесува пофалби, од друга го нарекува нечесен, обвинувајќи го за непочитување на боговите и за кршење на постигнатите договори. „Може да се верува дека Филип направил поголеми дела отколку македонските кралеви пред него и после него. Меѓутоа никој со здрав памет нема да го нарече чесен војсководач, него кој секогаш ги кршел зададените клетви пред боговите, ги менувал договорите во сè и најмногу ја разнишал вербата во луѓето.“ За ваквото постапување, според Павсаниј, Филип не чекал долго за да биде казнет од боговите, односно, она што му се случувало на Филип, Павсаниј го објаснува како одмазда на боговите. „Гневот на божеството не го погоди доцна. Колку што знаеме ние овде најбрзо дејствувало. Филип не живееше повеќе од четириесетишест години кога се исполнило ророштвото од Делфи, кое велат го барал во врска со војната против Персијанците:

            ,На овенчениот бик му е крај, и крвникот стои до него.ʻ

            Малку потоа се покажало дека тоа не се однесувало на персискиот крал, туку на самиот Филип. По смртта на Филип, Олимпијада го одвлекла и во бронзен котел, под кој разгорела оган, го усмртила слабиот син на Филип заедно со неговата мајка Клеопатра, која била внука на Атал. По малку време Олимпијада го убила и Аридеј. Божеството сакало да го покоси и родот на Касандар. На Касандар му се родиле синови од Тесалоника, ќерка на Филип. На Тесалоника и на Аридеј мајките биле Тесалки. Судбината на Александар на сите му е еднакво позната. Да ја земел при срце судбината на Спартанецот Главк и при секое дело да се сетел на стихот:

            ,Подобар пород има оној кој зададените заклетви ги држиʻ

мислам дека немало некој од боговите така безмилосно да ги уништи заедно животот на Аександар и моќта на Македонија.64

Гробницата на Филип II, исто така, има форма на тумул        

Во врска со омразата, која владеела меѓу Аркадијците и Лакедемонците, Павсаниј констатира дка таа само ја зголемила моќта на Филип II и на Македонците, бидејќи Аркадијците поради тоа не учествувале на страната на Хелените во битката кај Херонеја.

            „Но омразата на Аркадијците кон Лакедемонците не направила малку за да се зголеми моќта на синот на Аминта, Филип и Македонците, па Аркадијците не ни учествувале на страната на Хелените во битката кај Херонеја и, повторно, во Тесалија.65

            Во натамошниот текст од книгата на Павсаниј среќаваме уште еден споменик посветен на Филип II, кој бил изграден во градот Мегалопол, во Аркадија. Како што пишува авторот, овој споменик не бил изграден од македонскиот крал, туку од самите граѓани на споменатиот град од почитта, односно, наклонетоста кон него, споменатата градба ја нарекле со неговото име.66 Малку подолу во текстот, Павсаниј споменува извесен трем, кој бил наречен според името на истиот крал. Интересно е дека овој автор, кралот Филип го именува со епитет „Македонски“. 

            „Зад тремот, кој го добил името според Филип Македонски …67

            Тоа дека постоела особена блискост меѓу Македонците и Аркадијците, особено со граѓаните на градот, Мегалопол, можеби го потврдува и фактот што во овој град се наоѓала и една куќа, која во времето на авторот ја поседувал некој приватник, а била градена за синот на Филип, Александар.68

Кралот Антиох Комаген со Херакле

            Повторно за омразата на Хелените кон Македонците. Опишувајќи го животот и делата на еден војсководец, Аракдаиецот Филопемен, Павсаниј пренесува информација дека македонскиот крал Антигон, дознавајќи за неговите воени вештини и храброста, сакал да го одведе во Македонија, но овој воин не бил ни малку заинтересиран за тоа.69 Токму Филопемен, според Павсаниј, бил причина Хелените да ги замразат Македонците. Еве што изнесува за тоа авторот: „Синот на Деметриј, Филип, кралот на Македонците, кој со отров го докрајчил Сикиоњанецот Арат, испратил луѓе во Мегалопол со наредба да го убијат Филопемен. Откако обидот пропаднал, Филип ја навлече на себе омразата на цела Хелада.70

            Интересен е еден момент во книгата на споменатиот автор, при кој изнесува став на споменатиот Аркадиец, Филопемен, кој подршката на Римјаните од страна на Ахајците ја сметал за пропаст на Хелада. „Кога Римјаните под Маниј го поразиле Антиох, потомокот на Селеук, наречен Никатор, а со него и Сиријците, во Термопилите, па кога Мегалополецот Аристен им советувал на Ахајците во сè да ги исполнуваат желбите на Римјаните и во ништо да не им се противат, Филопемен налутено го погледнал Аристена и изјавил дека тој брза за да ја пропасти Хелада.71

Монета на кралот Филип Монета на кралот Филип V
Монета на кралот Филип V

            Дека Хелените и Македонците имале различни интереси, и дека не се сложувале меѓусебно, односно, дека биле различни и дека Хелените не се сметале себе си како дел од кампањата за големото освојување на Александар Македонски и Македонците, покажува и еден момент од пишувањето на Павсаниј поврзан со времето од почетокот на освојувањето на Мала Азија. Пишувајќи за заслужните Хелени, авторот изнесува: „Во заслужните луѓе за сите Хелени ги вбројувам Леостен и Арат. Леостен и против волјата на Александар, пет илјади хеленски платеници, кои се спуштиле до морето, од Персија со бродови ги спровел назад во Хелада и ги спасил.72 

            Меѓу другото, опишувајќи ги спомениците во градот Теба во Беотија, Павсаниј го споменува фактот дека Филип II, по победата кај Херонеја поставил посада и во Теба и „направил и други потези за уништувањето на Теба“. Имено, во претходниот период, Тебанците го разурнале целиот град Платеја, освен светилиштата, Платејците се спасиле бегајќи во Атина, бидејќи Атињаните ги примиле во нивниот град, а Филип, откако го освоил Теба, на Платејците им дозволил да се вратат дома.73

Монета на кралот Антигон Гонат
Монета на кралот Антигон Гонат

            Павсаниј, во разни форми и на повеќе места, постојано истакнува дека битката кај Херонеја и поразот на Хелените од Македонците е вистинска несреќа за сите Хелени. Меѓу другото, на едно место, поразот во споменатата битка, тој го нарекува „несреќа за сите Хелени“, напоменувајќи дека тоа најмногу ги погодил Тебанците.

             „Во својата историја за Атика, веќе реков дека поразот кај Херонеја стана несреќа за сите Хелени. Тебанците тоа ги погоди уште повеќе, бидејќи во нивниот град е доведена и една посада. Кога Филип умре и кога кралската власт премина на Александар, на Тебанците им успеа да ја истераат таа посада. Но само што го направиле тоа, божеството веднаш ги опоменало на пропаста, која ќе ги стигне и во светилиштето на Деметра Зконодавката се појавиле спротивни знаци од оние пред битката кај Леуктра. Имено, тогаш пајаците исплетиле бела мрежа над вратата на светилиштето, а кога се приближувал Александар со Македонците, оставиле црна мрежа.74

Кралот Касандар на монета – 2

            Авторот известува за постапката на Александар по покорувањето на Теба, изнесувајќи дека тој ги истерал Тебанците од градот, а тие се засолниле во Атина. Исто така, тој нè информира дека подоцна, Тебанците ги вратил во градот Касандар, кој бил негов зет за сестрата Тесалоника, а дека тоа го направил од омраза кон Александар. Исто така, авторот тврди дека Касандар му се одмаздил на Александар на многу суров начин, уништувајќи го целото негово семејство. „Олимпијада ја препуштил да ја каменуваат оние Македонци, кои гореле во најголема омраза кон неа, а синовите на Александар, Херакле роден од Барсина и Александар роден од Роксана ги убил со помош на отров.75

            Според пишувањето на Павсаниј, ниту Касандар не го завршил среќно својот живот. „Него го подула водена болест (болест на бубрезите, која предизвикува полнење на ткивото со вода, зм.), а како последица на водената болест, уште жив, го изеле црвјата. Неговиот најстар син Филип го напданала и го однела од овој свет сушица (туберкулоза, зм.), веднаш по неговото стапување на престолот. Антипатар, слдниот син на Касандар според годините (возраста, зм.), ја убил својата мајка Тесалоника, ќерката на Филип и внука на Аминта (Аминта III, зм.) и Никасиполида. Ја убил обвинувајќи ја дека покажува поголема наклоност кон Александар, кој бил најмлад од синовите на Касандар. Добивајќи подршка од синот на Антигон, Деметриј, Александар со негова помош го симнал и казнил својот брат Антипатар, но се покажало дека во Деметриј пронашол убиец, а не сојузник. Така некој бог го казнил Касандар.76

Александар македонски во борба со персиски војници – фрагмент од саркофагот во Истамбул – Турција

            Авторот, го споменува и заедничкиот гроб на оние, кои се бореле против Александар и Македонците, кој се наоѓал близу до вратата на храмот на Исменискиот Аполон.77

            Според предание, кое го пренесува Павсаниј, откако Александар, „по победата, ја запалил самата Теба и целата тебанска земја, некои Македонци влегле во светилиштето на Кабирите, бидејќи тоа бил во непријателска земја, но биле уништени со громови и молњи од небото.78

63 Павсаниј, 363. 

64 Исто, 380.

65 Исто, 403.

66 Исто, 406.

67 Исто, 408.

68 Исто.

69 Исто, 426.

70 Исто, 427.

71 Исто, 428.

72 Исто, 429

73 Исто, 442.

74 Исто, 448.

75 Исто.

76 Исто.

77 Исто, 450.

78 Исто, 467.