МАКЕДОНСКИОТ ГРАД АМИДОН (АБИДОН) – ИСЧЕЗНАТИОТ ГРАД НА ПАЈОНЦИТЕ
Еден древен македонски, односно, пајонски град, од долината на реката Аксиј (Вардар) егзистирал како своевиден центар на македонското племе, Пајонци уште за време на легендарната, Тројанска војна. Тој се споменува во Илијадата на Хомер, но неговата локација не е идентификувана ни денес. Некои од археолозите и историчарите се обиделе да ја идентификуваат неговата локација но, до денес, ништо не е потврдено. Градот Амидон, своевиден центар на Пајонците од времето на Тројанската војна, односно, од крајот на бронзеното време е споменат на две места во Хомеровиот еп, Илијада. Првото споменување е во насловот во кој се набројуваат корабите и четите, „Каталог на корабите“ во стиховите, 848 – 850:
„Од Амидон, одскраја, од Аксиј широкострујната река,
Аксиј, кој прекрасни води по земјата разлева в шир,
Криволаките Пајонци ги водеше јунакот Пирајхме.“1
На тој начин, Хомер ни посочува дека во војната за градот Троја учествувале и Пајонците, кои живееле во долината на реката Аксиј (денешен Вардар), а ги водел Пирајхме од градот Амидон. Според тоа, може да се извлече заклучок дека Амидон, во тоа време, бил центар на Пајонците, веројатно престолнина на Пајонското кралство, а Пирајхме, секако, бил истакнат Пајонец, близок на кралот, во чие име водел пајонска војска за да им помогне на Тројанците во одбраната на градот.
Хомер, градот Амидон, го споменува уште на едно место, во насловот, „Долонеја“, во стиховите поврзани со загинувањето на водачот на Пајонците, Пирајхме. Пирајхме загинал многу брзо по неговото доаѓање под ѕидините на Троја, од раката на Птрокло, најверниот пријател на големиот јунак, Ахил. Тоа го пренесува во стиховите 284 -292:
„Од раката прв Патрокло сјајното копје го метна
И тоа в средина, кај беше најголем метеж
(Кај бродот беше тоа, на храбриот Протесилај при крмата)
Го кутна јунакот Пирајхма, – коњиците Пајонци тој ги
Водеше од Амидон, од Аксиј со широките води;
Во десното рамо го згоди, во прашината наназад тој
Се сруши лелекајќи луто, неговите Пајонци другари
Се разбегаа сите, зашто страв Патрокло им влеа на сите
Убивајќи го нивниот водач, што предничеше во бојот.“2

Така загинал Пирајхме од Амидон на реката Аксиј во Пајонија. Вториот водач на Пајонците, Астеропај, Хомер го споменува подолу во својот еп, Илијада, но за него наведува поопшт географски простор на потекло, без да спомене конкретно место или град. Самиот Астеропај во дијалогот со неговиот противник, Ахил, упатува на своето потекло од долината на реката Аксиј, претставувајќи ја оваа река како бог, кој го родил „гордиот копјеносец, Пелегон“, а овој Астеропаја. Астеропај е смел водач на Пајонците, кој по единаесеттиот ден откако дошол под Троја од „грутчестата Пајонија“ , се соочил во бојот со Ахил и така го изгубил животот.3 Астеропај е претставен како вешт борец, кој подеднакво ги користи и десната и левата рака и може да исфрли две копја во еден миг, но тоа не му помогнало во дуелот со силниот јунак, Ахил. Ценејќи дека и овој Пајонец е претставен како водач на пајонска војска, може да се изнесе претпоставка дека и неговото потекло е од споменатиот град, како потомок на висок род но, со оглед на фактот дека не располагаме со ниту еден доказ, нема да се занимаваме со тоа. Единствено, ќе посочиме на стиховите кај Хомер, кои нè упатуваат на земјата од која потекнувал Астеропај, како и на роднинските врски на, дури, три македонски племиња, односно, Пелагонците, Пајонците и Пиеријците, од кои потекнувала Перибоја, мајката на Пелегон, а која била ќерка на кралот на Пиерија.

„Беше син на Пелегон, а Пелегон широкострујниот Аксиј
Со Перибоја го роди – ќерка на Акесамен
Таа беше најстара, а богот ја обљуби,
Речниот Аксиј со длабоките вирови.“4
И самиот јунак, Астеропај, при дуелот со Ахил, се претставува на сличен начин, изнесувајќи неколку карактеристики за неговата земја и за Пајонците, кои ги водел под Троја.
„Јас сум од грутчестата далечна Пајонија; со себе водам
Во бој Пајонци со долги копја; ова ми е
Единаесетто утро, откако во градот Илијски дојдов.
Мојот род потекнува од Аксиј широката река,
Аксиј, кој по земјата разлева најубава вода;
Тој Пелегон го роди гордиот копјеносец, а овој
Мене. А сега, горд Ахиле, да сʼ удриме!“
Така, со закана, прозбори синот Пелегонов, а Ахил
Го подигна пелијското копје, но истовреме метна јунакот
Две копја Астеропај бидувајќи и деснак и левак:“5
Градот Амидон или Абидон, го споменува и античкиот автор Страбон, кој ги коментира стиховите од Хомер во кои, овој град, се лоцира на реката Аксиј, „Аксиј, кој прекрасни води по земјата разлева в шир“. Страбон прави една мала анализа, упатувајќи на фактот дека реката Аксиј (Вардар) своето корито го полни од многу реки и водотеци, а тоа придонесува неговите води да не бидат бистри, како што се карактеризирани водите на местото на кое се наоѓал градот Амидон, во стихот од Хомер. За да го објасни споменатиот стих од Хомер, Страбон упатува на своевиден извор на самиот брег на Аксиј, близу градот Амидон кој, извирајќи на самото место, излевал „најчиста“ вода. Всушност, Страбон се повикува на извесен географ, кој споменатиот стих на Хомер, го чита на поинаков начин, па утврдува дека не се работи за тоа дека најчиста вода од Аксиј се разлева на земјата, туку дека во водата на Аксиј се излева „најчистата“ вода на Аја, а притоа Аја е наречен споменатиот извор. Всушност, како што тврди Страбон, географот упатува на тоа дека кај Хомер под терминот Аја (Аии), треба да се подразбере името на споменатиот извор, а не земја.6

Еве го целиот цитат од Страбон, кој говори за опишаното погоре:
„А на реката Аксиј е расположено местото, кое Хомер го нарекува Амидон, кога објаснува дека оттаму Пајонците тргнале на помош на Троја: ,Со чест обдарениот град Амидон до широкиот Аксијʻ.
Но тоа дека Аксиј е матен и тоа дека во Амидон извира еден извор и внесува во него ,најчиста водаʻ, затоа е следниот стих: ,Аксиј, чија вода се разлева над Ајаʻ го менуваат на: ,Аксиј, над кого се излева најчистата вода на Ајаʻ;
Зашто не ,најчистата водаʻ на Аксиј се излева над земјата, туку таа на изворот над Аксиј.
Во фразата ,разлеваат над Ајиʻ или ,Ајаʻ (зашто се пишува и на двата начина), некои мислат дека ,Ајаʻ ја означува земјата, а не определен извор, како што е јасно од исказот на Географот, всушност: Амидон кај Хомер подоцна бил наречен Абидон, но бил уништен; и близу до Амидон има извор наречен ,Ајаʻ, кои излева сосема чиста вода во Аксиј; а таа река, поради тоа што се полни одмногу реки, тече матна. Поради тоа, вели тој, сегашното читање ,најчистата вода на Аксиј се разлева над Ајаʻ е погрешно, зашто е јасно дека не водата на Аксиј се разлева над изворот, туку обратно. Потоа Географот малку отсечно ја истакнува грешноста на мислењето дека Аја се однесува на земјата и е склон целсно да го отфрли таквото читање од епот на Хомер.“7
Значи, остатоците на градот Амидон, еден од најстарите центри (престолнини) на Пајонците и Пајонското кралство треба да се бараат на место покрај реката Врадар (Аксиј) каде извира издашен извор со бистра вода, кој во времето на Хомер се викал Аја. Знаеме ли такво место?

Погореистакнатото, Страбон го објаснува на уште едно место во неговата Географија, истакнувајќи дека градот се наоѓа на реката Аксиј, но не прецизира на кој дел по течението на реката. Тој пишува како да го знае местото, тврдејќи дека тука има едно „укрепено место“, кое некогаш било градот Амидон, во негово време познат како Абидон, а него го уништиле Аргеадите:
„Аксиј се влива (Во Егејско Море) меѓу Халастра и Терма, а на таа река има едно укрепено место, кое денес се нарекува Абидон, иако Хомер го нарекувал Амидон и вели, оттаму Пајонците тргнале на помош на Троја, ,далеку од Амидон, од широкострујниот Аксијʻ. Градот е уништен од Аргеадите.“8

Во следните редови, Страбон упатува на тоа дека Аксиј е река со матни води, а дека Хомер споменува „најчиста вода“, веројатно мислејќи на блискиот извор, Аја. Тоа го поврзува со „погрешното читање“ на тие стихови кај Хомер во негово време.
„Аксиј е матна река, но Хомер го нарекува ,најчиста водаʻ, можеби поради изворот наречен Аја, кој откако влива најчиста вода во Аксиј докажува дека сегашното читање на пасусот (делот со односните стихови, зм.) кај поетот е погрешно.“9
Конечно, каде се крие местото на кое се наоѓал градот Амидон? Дали поблиску до вливот на Вардар (Аксиј) во Егејското Море или во погорното течение на оваа река? Според Гаврил Кацаров, Пајонците за кои говори Хомер во епот Илијада живееле при вливот на Аксиј во морето област, која порано ја владееле Мигдонците.10 За градот Амидон, Кацаров упатува на тоа дека кај Хомер се карактеризира како Пајонски, но дава можност дека тој бил основан од Мигдонците, повикувајќи се на мислење на еден друг автор, Томашек.11
Според Наде Проева, градот Амидон бил разурнат од Аргеадите (македонска кралска лоза), по долгото спротиставување на Пајонците за нивно влегување под власта на Македонското кралство, а за тоа се повикува на податокот, кој го среќаваме кај античкиот автор, Страбон.12 Според Проева, по уривањето на Амидон, дел од Пајонците се повлекле на север од Демир Капија, а тоа се потврдува од археолошките извори.13 Од белешките во книгата на Проева, добиваме информации дека С. Кесон, Амидон го лоцирал кај селото Аматово, денес Аспрос, Кукушко, на левиот брег на Вардар, на 25 километри југозападно од градот Кукуш и 43 километри северозападно од градот Солун, а Хамонд кај селото Вардаровци, денес Аксиохорион.14

Интересно е да се забележи дека информациите поврзани со исчезнатиот град Амидон, кој во схолијата од Илијада, XVI, 288 е објаснет како македонска тврдина на Аксиј,15 упатуваат на меѓусебни културни и етнографски врски меѓу поголем број етнички зедници од македонскиот етнички простор. Имено, упатувањето на фактот дека тој се наоѓал во област, која во постарите периоди ја владела етничката заедница, Мигдонци, со давањето можнос дека тој е изграден од Мигдонците, и оваа етничка заедница влегува во кругот на заедници поврзани со Пелагонците. Од друга страна, знаеме за врските на Пелагонците, Пајонците и Пиеријците, на што упатуваат некои од стиховите во Илијада, кои се однесуваат на потеклото на епонимниот јунак на Пелагонците, Пелегон (Пелагон) од таа област, кој е наведен како предок на Пајонецот Астеропај, но и потомок на Перибоја, пиериска принцеза, ќерка на кралот на Пиеријците, Акесамен. Фактот што се смета дека во постарите периоди Пелагонците владееле со пошироката област, која се подразбира како територијата на етничките Македонци, односно, цела Македонија во тоа време се нарекувала Пелагонија,16 упатува на извесна можност дека племињата, кои ги споменавме во претходните редови се дел од најстарата пелагонска заедница. Докажувањето на тоа, сепак, ќе му го оставиме на идните истражувачи, историчари, археолози, етнолози и антрополози, кои би посветиле сериозно и стручно внимание на споменатите етнички, историски и културни врски.

1 Хомер, Илијада, „Каталог на корабите“, стих: 848 – 850.
2 Исто, „Долонеја“, стих: 284 -292.
3 Исто, Ахил го убива Астеропаја, стих: 136 – 199.
4 Исто, стих: 141 – 144.
5 Исто, стих: 154 – 163.
6 Страбон, География – кн. 7 – фрагменти, Седма книга, фрагменти, 23.
7 Исто, 23, 23а.
8 Исто, 20.
9 Исто, 21.
10 Гаврил Кацаров, Пеонија, принос кон старата етнографија и историја на Македонија, Географска библиотека, Софија 1921, 3.
11 Исто и белешка 3 на истата страна.
12 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia Antiqua Macedonica – посебни изданија, Скопје 1997, 105.
13 Исто.
14 Исто, белешка 121.
15 Исто, 105.
16 Гаврил Кацаров, Пеонија,…, 8 и 9, белешка 3.