АктуелноСостојби

ЗЛОСТОРНИКОТ СЕ ВРАЌА НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО – КАРАКАМЕН КАЈ СЕЛОТО ШЕЛЕВЕРЦИ, ПРИЛЕПСКО, ПОВТОРНО, ПРЕД УНИШТУВАЊЕ

Пелагон го отвори прашањето за богатството на локалитетот кај селото Шелеверци, Прилепско, кој е карактеризиран како светско чудо со голем број ретки минерали, меѓу кои новооткриениот редок минерал, македонит, уште на крајот од 2020 година,(https://www.pelagon.mk/2020/12/12/), а на почетокот на 2021 имаше второ продолжение. (https://www.pelagon.mk/2021/06/02/) Соочувајќи се со исклучителното богатство на овој локалитет, особено со фактот што тој е познат на голем број научни институции, посебно од областа на геологијата во светот, како и на голем број поединци геолози и минералози, кои организирано или поединечно го посетувале и истражувале на него, не можевме, а да не искажеме разочарување поради незаинтересираноста на македонските институции од областа на геологијата и културата, односно, крајно индолетното однесување кон ваквите вредности и препуштањето на ништавилото, без да се преземат потребните активности и мерки за негова заштита. Или, да бидеме поблаги кон некои поединци од соодветни области и институции, на кои им е познат овој локалитет, па и се произнесле за неговото значење, сепак биле особено „млитави“ во својата реакција поврзана со неговото доуништување со експлоатација на материјал, наводно, за подлога за патишта. Имено, нивниот глас, речиси, не допре до пошироката јавност, туку остана во кругот на некои интересни групи од соодветната област, преку кои дојде и до нас, а тоа не нè увери дека тие ги вложиле сите свои капацитети, средства и компетенција за постигнување на соодветната цел. Најновите случувања поврзани со Каракамен ни го потврдија тоа.

Минерал од Каракамен (Црн Камен) кај селото Шелеверци

            Ние сметавме дека некои авторитети од областа на геологијата и минералогијата, посебно ќе го дигнат гласот за ова „светско чудо“ и ќе се заложат со сите средства и сили за негова заштита, но мораме да констатираме, дека нашето мислење било наивно, зашто нивниот глас не се слушна со особена нагласеност во јавноста. Нашите информации се дека некои такви авторитети им сугерирале на соодветните институции дека локалитетот е значаеен и треба да биде заштитен, но тоа, очигледно, не беше доволно. Ова, посебно, важи за подоцнежното случување на овој локалитет.     Веќе на крајот на 2023 година, без предупредување, без соодветни документи за таа намена, беше нападнат со тешка машинерија и за брзо време раскопан во еден негов дел. Пелагон, повторно, остро реагираше на бескрупулозниот чин и со неколку написи ја алармираше македонската, дури три,( https://www.pelagon.mk/2023/10/31/, https://www.pelagon.mk/2023/12/09/, https://www.pelagon.mk/2023/12/21/) па и светската јавност, се создаде општа реакција од страна на поединци и групи, беше формирано, дури и посебно тело, Комитет за заштита на природното и културното наследство на Македонија во Прилеп кој, под мотото Спас за Каракамен, со организирање протести, „Со љубов и песна за Каракамен“ реализираше голем број протести за прекинување на злосторството и, по големото обнародување пошироко во Македонија, но и надвор од неа, конечно, некој се „сожали“ и експлоатацијата беше прекината. Машините беа повлечени па, дури, беше извршена и своевдина рекултивација (која, за име на вистината, иако е законска обврска на концесионерите, ретко може да се забележи на коповите низ Македонија). Имено, раскопаните делови од локалитетот беа зарамнети со враќање на материјалот во нив, а беше организирано и пошумување со ангажирање на ученици од основните училишта во Прилепско.

Праисториска керамика од делот на Каракамен кај Шелеверци 2

            Нешто, сепак, нè спречи да ја пофалиме таквата активност, веројатно, инстинктот и нашето искуство поврзано со несериозноста на домашните институции. Деновиве, до нас допреа инфромации дека „горе“ во власта и институциите се врши притисок врз геолошките институции и геолозите да потпишат соодветен елаборат за враќање на машините на Каракамен и продолжување со злосторството. Замислете: не излагаа нас, ја излагаа целата македонска јавност, ги излагаа светските струќњаци и институции, на кои им е познат овој редок локалитет, а ги излагаа, или ги изманипулираа, па иискористија најмладите – учениците од основните училишта, кои учествуваа во рекултивацијата, односно, во пошумувањето на ридот. Просто, сите не излагаа и решија да продолжат со прекинатиот злостор, па веќе на очетокот на оваа година се качија на локалитетот, повторно раскопаа неколку јами, товарија неколку камиони материјал, наводно за извесно тестирање, а деновиве, веќе преземаат активности за експлоатирање, веројатно, сметајќи дека стручните лица – геолозите од содветната институција во Македонија, ќе мораат да попуштат и да стават потпис на фамозниот документ, елаборат за да продолжи уништувањето на овој исклучителен придоден и културен феномен.

Изградба на пат кај селото Шелеверци со Каракамен во позадина – стара фотографија

            На крајот, како да им веруваш, кога треба да претставуваат највисок авторитет, а ги манипулираат, дури, и најмладите. И што сега? Злосторникот се врати на местото на своето злосторство, уништувањето на Каракамен продолжува!!! Треба ли да бидеме мирни при уништувањето на неповторливо богатство, како природно, така и културно? Ние сметаме дека тоа треба да се запре!!! Како?

Една од машините Каракамен на дело