СЕ УНИШТУВААТ ЛИ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА ВО МАКЕДОНИЈА СТАРИ И ПО НЕКОЛКУ ИЛАЈДИ ГОДИНИ

НАПАДНАТ ЅЕВС ЗАШТИТНИКОТ НА АГОРАТА (СОБРАНИЕТО) НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САДОИ”, КАЈ СЕЛОТО ПЛЕТВАР, ПРИЛЕПСКО

Локалитетот „Садои“
Локалитетот „Садои“

Споменикот се наоѓа на помалку од еден километар источно од селото Плетвар, на локалитетот познат како „Садои“. Локалитетот е расположен на левиот брег на потокот кој се спушта од превојот кај Плетвар, кој тука оформил вистинска мала клисура со стрмни брегови. Левиот брег е целиот со карпи кои се издигаат високо и стрмно над рекичката. На локалитетот, веднаш на брегот има една поголема тумба, висока триесетина – 50 метри, која во римскиот период била утврдена со силен ѕид од камен, особено од нејзината северна страна, каде јасно се забележуваат формите на обѕидието, обраснати во дабова и лескова шума. Северно од тумбата се наоѓа поголема земна тераса, денес ливада на која се забележуваат голем број археолошки траги – керамика, тегули, градежен камен, обработени и полуобработени камени блокови и сл. На многу места на локалитетот, кој зафаќа површина од 1-2 ха, се среќаваат помали и поголеми јами копани во различни времиња.

Споменикот кај Плетвар - фотографија пред оштетувањето (INSCRIPTIONES...)
Споменикот кај Плетвар – фотографија пред оштетувањето (INSCRIPTIONES…)
Фигурата на богот и натписот по оштетувањето

На северната страна на рамниот простор, на падините на ридот се наоѓа карпа со претстава на Ѕевс Агорајо – релјеф во мала ниша и натпис во основата на нишата. Овој интересен споменик го забележале и документирале уште во минатото Leon Heuzey (испратен од Франција за време на Наполеон Бонапарта), како и од Никола Вулиќ. Споменикот е датиран, веројатно според имињата од натписот во 167/8 година на нашата ера.1 Карпата има форма на неправилен трапез. Кон исток има рамна закосена форма и на повисокиот дел била изработена помала ниша во која во релјеф бил изработена фигура на Ѕевс Агорајо. Под долниот раб на нишата има натпис посветен на богот, Дии Агорајо и име, Публиј Ајлиј Фестиано Прокло, веројатно на тогашен жител на населбата, која се наоѓала на локалитетот „Садои“. Населбата, како што споменавме, располагала со утврден дел, кој бил расположен на тумбата покрај брегот на потокот, кој се слива од превојот на Плетвар. За жал, пред дваесетина години некој трагча по скриени богатства со тврд предмет го исчукал делот со фигурата и натписот и речиси целосно ги уништил. Сепак, и во ваква форма не може да не се забележи фигурата на богот и натписот, веднаш под него.Богот во левата рака држи нешто како голем стап или жезол, а извесен неидентификуван предмет има и во десната рака. Ова големо оштетување не е единствено, во скорешно време е напдната целиот локалитето со изградбата на трасата за гасоводот, кој треба тука да поминува. Малку е чудно, но трасата поминува токму на делот на кој се наоѓа споменикот со фигурата и натписот. Трасата е делумно завршена и продолжува кон селото Плетвар, а споменикот се наоѓа на северната половина од неа. Просторот околу него е целосно раскопан и не е познато (барем за нас) дали карпата со релејефот и натписот ќе биде уништена. Познато ни е само дека работата на трасата ја следи Заводот и Музеј од Прилеп.

Фигурата на богот по оштетувањето
Фигурата на богот по оштетувањето
Фигурата на богот по оштетувањето 2
Фигурата на богот по оштетувањето 2

Со активностите за подготовка на трасата се раскопани и делови од поширокиот локалитет и на теренот можат да се забележат голем број разновидни археолошки остатоци, како фрагменти од керамички садови, тегули, градежен камен и сл.

Интересно е дека на околу 3 м северно од споменикот и локалитетот „Садои“, на повисока тумба, веднаш крај стариот пат за Скопје се наоѓаат остатоци од извесна градба, како архитектонски елементи од мермер, голем број тегули, цигли, фрагменти од керамички садови и сл. Речиси, неминовно е да се претпостави дека на оваа повисока позиција се наоѓала извесна градба, која била од извесно значење за населбата од споменатиот локалитет, па дури и дека тука се крие вистински храм, можеби повторно поврзан со Зевс, кој е присутен на култната карпа од „Садои“.

Присуството на овој антички бог на просторот на Пелагонија, како и пошироко во Македонија, е евидентирано на многу места, особено со името и атрибутот кој го среќаваме на споменикот од Плетвар. Таква форма на името на овој бог среќаваме во селото Бучин,2 општина Крушево, но и на други места. Атрибутот „Агорајо“ упатува на извесно значење на богот поврзано со Агората (Собранието), односно како заштитник на Собранието. Во Варош кај Прилеп среќаваме форма на Ѕевс „Дии Олимпио“ на една ара, која денес се наоѓа во Заводот и Музеј во Прилеп.3 Дали на локалитетот „Садои“ се крие ивесна позначајна населба во овој дел од Македонија? За една населба, која била станица на патот Софија – Хераклеја веќе знаеме.4 Овде нема повеќе да коментираме за односот кона ваквите споменици на култура и археолошките локалитети, но мораме да потенцираме дека долината, низ која поминува трасата за гасоводот, особено во атарот на соседното село Беловодица, но и блиското село Тројаци, крие многу археолошки содржини, за кои површно знаеме по нешто од старите истражувачи, како погоре споменатите.

Поглед на трасата на локалитетот
Поглед на трасата на локалитетот
Култната карпа во опсаност 2
Култната карпа во опсаност 2

Освен од Никола Вулиќ, кој направил и фотографија на споменикот од Плетвар, тој е регистриран и од страна на познатиот истражувач и професор Маргарит Димица5, кој живеел во 19 и почетокот на 20 век и по потекло бил од Охрид.

 

 

 

 

Постаро диво раскопување
Постаро диво раскопување
Од дивото раскопување
Од дивото раскопување

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Димензии

– карпа

висина:     1,6 м

ширина:    од 0,60 м до 1,6 м

– ниша

висина:     0,35 м

ширина:    0,30 м

длабочина: 0,15 м

– фигура

висина:     0,26 м

АРХЕОЛОШКИ ОСТАТОЦИ:

[1] INSCRIPTIONES GRAECAE EPIRI, MACEDONIAE, THRACIAE, SCYTHIAE, PARS II, INSCRIPTIONES MACEDONIAE, GAULTERUS DE GRUYTER, BEROLINI – NOVI EBORACI, MIM, 119.

2 INSCRIPTIONES GRAECAE EPIRI, MACEDONIAE,…, 171

3 INSCRIPTIONES GRAECAE EPIRI, MACEDONIAE,…, 103

4 Табула појтингеријана

5 Никола Вулиќ, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 169.

Дел од стрмниот брег на локалитетот
Дел од стрмниот брег на локалитетот